Репродуктивно здравје

Од Википедија — слободната енциклопедија

Во рамките на дефиницијата за здравје на Светската здравствена организација според којашто здравјето е дефинирано како состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или деформитет, репродуктивното здравје или сексуалното здравје/хигиена обрнува внимание на репродуктивните процеси, функции и на репродуктивниот систем во сите фази од животот. Според тоа, под репродуктивно здравје се подразбира дека луѓето можат да имаат одговорен, задоволувачки и побезбеден сексуален живот и дека се способни да се размножуваат и притоа ја имаат слободата да одлучат дали, кога и колку често. Под ова се подразбира дека мажите и жените имаат право да бидат информирани и да имаат пристап до безбедни, ефективни, достапни и прифатливи методи за контрола на раѓањето по сопствен избор, како и правото на пристап до соодветни здравствени услуги коишто ќе им овозможат безбедна бременост и породување на жените и ќе им ја дадат на двојките можноста да имаат здраво новороденче.

Според Светската здравствена организација: - Сексуалните заболувања како и заболувањата на репродуктивните органи изнесуваат 20% од вкупните заболувања кај жените и 14% кај мажите. -

Сексуално здравје[уреди | уреди извор]

Според една неофицијална работна дефиниција сексуалното здравје е „состојба на физичка, емоционална, психичка и социјална благосостојба во однос на сексуалноста, а не само отсуство на болест, нарушена функција или деформитет. Сексуалното здравје налага позитивен пристап кон сексуалноста и сексуалните односи полн со почит, како и можност за пријатни и безбедни сексуални искуства, без принуда, дискриминација и насилство. За да може да се постигне и одржува сексуалното здравје, потребно е да се почитуваат, штитат и исполнуваат сексуалните права на сите луѓе.“ Меѓутоа, ова не е официјален став на Светската здравствена организација и притоа не треба да се цитира како нејзина дефиниција.

Едукација за јавно здравје имајќи ја предвид заштитата од ХИВ/СИДА во сесија за стручно образовање во Ангола.

Раѓањето деца и здравјето[уреди | уреди извор]

Раното раѓање деца како и други однесувања можат да имаат ризици врз здравјето на жените и нивните новороденчиња. Здравјето на мајката и на детето може да се подобри така што жената нема да има деца, додека не наполни барем осумнаесет години. Доколку постои желба за уште едно дете, тогаш се смета дека е подобро за здравјето на мајката како и за здравјето на наредното детето да се почека најмалку две години по раѓањето на претходното пред да се обиде да зачне. Во случај на пометнување или абортус во поглед на здравјето подобро е да изминат најмалку шест месеци.

Според проценките на Светската здравствена организација, секоја година умираат 358.000 жени поради компликации поврзани со бременоста и породувањето, од кои 99% се кај економски најобесправените групи на население коишто живеат во најсиромашните земји во светот. Поголем број од овие смртни случаи може да се избегнат така што ќе се подобри пристапот на жените до квалитетна нега од страна на обучена бабица пред, за време на и по бременоста и пораѓањето.

Меѓународна конференција за население и развој (ИЦПД), 1994 година[уреди | уреди извор]

Меѓународна конференција за население и развој (ИЦПД) беше одржана во Каиро, Египет од 5 до 13 септември 1994 година. Во преговорите за утврдување на Програмата за акција за население и развој за наредните 20 години, учествуваа делегации од 179 држави. На Конференцијата се собраа околу 20.000 делегати од бројни Влади, агенции на Обединетите нации, невладини организации и медиуми за да разговараат во однос на многуте прашања поврзани со населението меѓу кои беа имиграцијата, намалувањето на смртноста на новороденчињата, контролата на раѓањето, планирањето семејство и школување на жените.

Во Програмата за акција од Меѓународна конференција за население и развој, репродуктивното здравје е дефинирано како:

- Состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба и... не само отсуство на болест или деформитет во однос на сите прашања поврзани со репродуктивниот систем и неговото функционирање и процеси. Според тоа, под репродуктивно здравје се подразбира дека луѓето можат да имаат задоволувачки и безбеден сексуален живот и дека се способни да се размножуваат и притоа ја имаат слободата да одлучат дали, кога и колку често. Под последниов услов се подразбира дека мажите и жените имаат право да бидат информирани и да имаат пристап до безбедни, ефективни, достапни и прифатливи методи на планирање семејство по сопствен избор, како и да имаат пристап до други методи на контрола на раѓањето коишто не се противзаконски, како и да имаат право на пристап до соодветни здравствени услуги коишто ќе им овозможат безбедна бременост и породување на жените и ќе им ја дадат на двојките можноста да имаат здраво новороденче.-

Изгледа дека ова е единствената дефиниција за репродуктивното здравје во меѓународен документ. Меѓутоа, иако Програмата за акција од ИЦПД доби поддршка од поголем број земји-членки на Обединетите нации, таа не ужива статус на меѓународен правен инструмент и според тоа, таа не е правнообврзувачка.

Програмата за акција поддржува нова стратегија којашто ги нагласува бројните врски помеѓу населението и развојот и којашто повеќе е насочена кон задоволување на потребите на поединечни жени и мажи отколку кон постигување демографски цели. На Меѓународната конференција за население и развој беше постигнат консензус во однос на четири квалитативни и кванитиативни цели за меѓународната заедница, од коишто последните две се од особена важност за репродуктивното здравје:

  • Намалување на смртноста на родилките: Намалување на стапките на смртност на родилките, како и намалување на разликата на смртност на родилките во рамките на земјите и меѓу географските региони, социоекономските и етничките групи.
  • Пристап до услугите за репродуктивно и сексуално здравје, вклучувајќи го и планирањето семејство: Советување во врска со планирањето семејство, пренатална нега, безбедно породување и постнатална нега, спречување и соодветно лекување на неплодноста, превенција од абортус и справување со последиците настанати од него, лекување инфекции на репродуктивниот тракт, сексуално преносливи болести и други болести на репродуктивните органи, соодветна едукција и советување за човековата сексуалност, репродуктивното здравје и одговорностите на родителот. Услугите во однос на ХИВ/СИДАТА, ракот на дојка, неплодноста, пораѓањето, хормонската терапија и терапијата за промена на полот и абортусот треба да станат достапни. Активно одвраќање од осакатувањето на женските гениталии.

Она што е клучно во овој пристап е еманципацијата на жените и повеќето избори коишто ќе им бидат овозможени по пат на зголемен пристап до образование и здравствени услуги, промовирање развој на вештини и вработување. Програмата се залага до 2015 година или порано, планирањето семејство да стане достапно насекаде и за сите како дел од еден зголемен пристап до репродуктивното здравје и репродуктивните права, да дава проценки за нивоата на националните ресурси како и за потребната меѓународна помош и исто така, ги повикува Владите да ги направат овие ресурси достапни.

Милениумски развојни цели[уреди | уреди извор]

Остварување универзален пристап до репродуктивното здравје до 2015 година е една од двете цели од целта бр.5 којашто е дел од осумте Милениумските развојни цели, а тоа е подобрување на здравјето на мајките. Обединетите нации се согласија на следните индикатори заради следење на глобалниот напредок во насока на постигнување на оваа цел:

  • стапка на распространетост на контрацептивните средства
  • стапка на наталитет кај адолесцентите
  • степен на користење пренатална нега
  • незадоволени потреби во поглед на планирањето семејство

Според извештајот за напредок на Милениумските развојни цели, регионалните статистички податоци за сите четири индикатори или се подобриле или останале стабилни во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Меѓутоа, во повеќето земји во развој напредокот е слаб, особено во потсахарска Африка којашто и понатаму е регионот со најслаби индикатори за репродуктивното здравје. Според Светската здравствена организација во 2005 година, се проценува дека 55% од жените не добиле доволна пренатална нега, а 24% немале пристап до услугите за планирање семејство.

Репродуктивно здравје и абортус[уреди | уреди извор]

Во една статија на Светската здравствена организација се вели дека безбедниот, легален абортус е „основно право на жените, независно од тоа каде живеат“, а небезбедниот абортус е „тивка пандемија“. Во статијата се вели дека „итна нужност во однос на јавното здравје и човековите права е да се стави крај на тивката пандемија на небезбеден абортус.“ Исто така, во статијата стои дека „ пристапот до безбеден абортус го подобрува здравјето на жените и обратно, како што е и документирано во Романија за време на администрацијата на претседателот Николае Чаушеску“ и исто така, се вели дека „легализацијата на абортусот на барање е неопходен, но недоволен чекор кон подобрување на здравјето на жените“, цитирајќи дека во некои земји како што е Индија каде што абортусот бил легален со децении, пристапот до стручна нега и понатаму е ограничен поради други бариери.

Во Глобалната стратегија за репродуктивно здравје на Светската здравствена организација којашто во мај 2004 година беше донесена од Светското здравствено собрание беше укажано на тоа дека „како причинител на смртност на родилките и морбидност којшто може да се спречи, небезбедниот абортус треба да биде третиран како дел од Милениумските развојни цели за подобрување на здравјето на мајките и други меѓународни развојни цели.“ Посебната програма за развој и обука за истражување на човековата репродукција (Special Programme of Research, Development and Research Training in Human Reproduction ) на Светската здравствена организација којашто е насочена кон истражување на сексуалното и репродуктивно здравје и животи на луѓето има сеопфатна стратегија којашто содржи четири меѓусебно поврзани активности за тоа како да се бори против небезбедниот абортус, а тоа се:

  • прибирање, синтетизирање и создавање научно, цврсти докази за распространетоста и практиките на небезбедниот абортус;
  • развивање подобрени технологии и спроведување на интервенциите со цел да се направи абортусот побезбеден;
  • претворање на доказите во правила, алатки и насоки;
  • помагање при развојот на програми и политики за намалување на небезбедниот абортус и подобрување на пристапот до безбеден абортус и висококвалитетна нега по абортусот.

За време на и по Меѓународната конференција за население и развој, некои заинтересирани страни се обиделе да го толкуваат терминот „репродуктивно здравје“ во смисла на тоа дека подразбира абортус како средство за планирање семејство или секако, право на абортус. Меѓутоа, овие толкувања не го отсликуваат консензусот којшто беше постигнат на Конференцијата. За Европската унија каде што законодавството во однос на абортусот е несомнено помалку рестриктивно за разлика од каде било, Претседателството на Советот јасно се изјасни дека промовирањето на абортусот не е дел од заложбата на Советот за промовирање на „репродуктивното здравје“. Исто така, Европската комисија во својот одговор на прашањето на една земја-членка на Европскиот парламент појасни дека:

- Обединетите нации во 1994 година на Меѓународна конференција за население и развој во Каиро го дефинираа терминот „репродуктивно здравје“. Сите земји-членки на Унијата ја поддржаа Програмата за акција којашто беше донесена во Каиро. Унијата никогаш нема донесено друга дефиниција за „репродуктивното здравје“ освен дадената во Програмата за акција во којашто не е споменат абортусот. -

Што се однесува до САД, само неколку дена пред Конференцијата во Каиро, Шефот на делегацијата на САД, потпретседателот Ал Гор, официјално изјави дека:

- Лажниот проблем треба да се тргне. САД не се обидува да создаде ново меѓународно право на абортус и ние не сметаме дека абортусот треба да биде поддржуван како средство за планирање семејство. -

По неколку години, на состанок на Комисијата за статусот на жените на Обединетите нации, амбасадорката на САД во Обединетите нации, Елен Соербреј го потврди ставот на амдинистрацијата на САД по однос на ова прашање велејќи:

- Невладините организации се обидуваат да покажат дека Пекинг на одреден начин создава или придонесува кон создавањето основно право на абортус коешто ќе биде признато на меѓународно ниво. Основно право на абортус не постои. Но, сепак тоа постојано се спомнува главно, предводено од невладините организации коишто се обидуваат да го искористат терминот за свои цели и да го преточат во дефиниција.