Религија и наука

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Природните науки и религијата во хармонија - Луис Комфорт Тифани, обоен прозорец насловен Едукација

Односот меѓу науката и религијата е предмет на расправа на демаркацискиот проблем. Донекаде поврзано е тврдењето дека науката и религијата би можеле да се здобиваат со знаење користејќи различни методи. Научниот метод се потпира на разумот и емпиризмот, додека религијата ги признава откровението, верата и светоста. Некои учени велат дека науката и религијата се одделни, како на пример Џон Вилијам Дрејпер (во неговата теза на конфликти) и Стивен Џеј Гулд (во неговите непреклопувачки магистерии), а некои предлагаат нивна заемна поврзаност.

Гледни точки[уреди]

За видовите на заемодејства кои би можеле да се наметнат меѓу науката и религијата постојат неколку гледни точки кои условно би можеле да се поделат во четири типови:[1]

  1. Конфликт, според кој овие дисциплини се противречни и несовпадливи;
  2. Независност, односно двете се мошне одделни сфери на спознание;
  3. Дијалог, според кој секое од овие две полиња има што да каже едно на друго во врска со феномените за кои нивните интереси се преклопуваат;
  4. Интеграција која цели да ги обедини двете полиња во еден дискурс.

Конфликт[уреди]

Средновековна уметничка илустрација на сферичната Земја, од копија од 13 век на L'Image du monde (ca. 1246).

Постојат многу историски, философски и научни аргументи кои ја поддржуваат идејата дека науката и религијата се во конфликт. Историски примери на религиозни тврдења кои му противречат на современиот научен консензус се креационизам и интелигентен дизајн. Од 1616 до 1757, Римокатоличката црква го прифаќала старогрчкиот геоцентричен модел[2] (систем на Птоломеј) и се противела на хелиоцентризмот, кој најпрво бил пропагиран од католичкиот свештеник Никола Коперник. Приврзаник на хелиоцентризмот бил и Галилео Галилеј, но подоцна под притисок на црковните власти го напуштил ова гледиште и го означил како неточно (види Процесот Галилео). Длабоко вкоренетите религиозни тврдења секогаш биле предизвикувани од научните истражувања како на пример истражувањето STEP,[3] кое ја испитувало ефикасноста на молитвата. Некои научници, меѓу кои и Џери Којн,[4] истакнуваат дека постои философска несовпадливост меѓу религијата и науката. Нил Деграс Тајсон[5] презентира аргумент за конфликтот меѓу религијата и науката кој ги комбинира историските и философските приоди. Според него, религиозните научници, каков што бил Исак Њутн, би можеле да постигнат многу повеќе доколку не ги прифатиле религиозните одговори на нерешените научни прашања.

Независност[уреди]

Современото гледиште опишано од Стивен Џеј Гулд како „непреклопувачки магистерии“ или "non-overlapping magisteria" (NOMA) гласи дека науката и религијата се справуваат со фундаментално различни аспекти на човечкото искуство, така што кога секоја од нив стои во својот домен, тие коегзистираат совршено. Додека Гулд зборува за независност од научна перспектива, Волтер Теренс Стејс ја опишува независноста од перспективата на философијата на религијата. Според Стејс, кога науката и религијата се гледаат во својот сопствен домен, тие се и двете конзистентни и целосни.[6]

Науката и религијата претставуваат различни начини на приближување на искуството и овие разлики се извор на дебати. Науката е тесно поврзана со математиката, која е многу апстрактно искуство, додека религијата е повеќе приврзана со обичното искуство на животот. Како интерпретации на искуството, науката е описна, а религијата е прескриптивна.[7] Ако науката и математиката се концентрираат на тоа каков би требало да биде светот на начин како што тоа го прави религијата, би можело да биде несоодветно и да доведе до неточно припишување на својства на природниот свет (како што се случило со следбениците на Питагора во шестиот век п.н.е.).[7]

Обратната ситуација, кога религијата се обидува да биде описна, може исто така да доведе до неточно припишување на својства на природниот свет. Забележителен пример е денес напуштеното верување во Птоломеевиот планетарен модел кое владеело сè додека не настанале промени во научното и религиозно размислување (донесени од Галилео и следбениците на неговото гледиште).

Дијалог[уреди]

Свештеници учат астрономија и геометрија.
Франција, ран 15 век.

Одредена согласност меѓу науката и религијата може да се забележи кај религиозното верување и емпириската наука. Верувањето дека Господ го создал светот, а со тоа и луѓето, може да води до гледиштето според кое тој направил луѓето да можат да го спознаат светот. Со ова е поврзана доктрината Imago Dei („слика на Господ“).

Многу добро познати историски фигури кои влијаеле на западната наука се сметале себеси за христијани, како Коперник, Галилео, Кеплер и Бојл.

Интеграција[уреди]

Раните обиди за помирување на христијанството со Њутновата механика се наизглед многу поразлични од подоцнежните обиди за помирување со поновите идеи за еволуција или релативност.

Еволуциона теологија (Тејар де Шарден)[уреди]

Пјер Тејар де Шарден создава целосен светогледен систем во кој се обидува да направи „помирување“ користејќи го методот на феноменологијата, научните и религиозните погледи на светот. Според Тејар де Шарден, конфликтот меѓу научните и религиозните догми е вештачки и тој не може да биде решен врз основа на елиминацијата на една од овие две страни на човечкото познание, туку по пат на нивна синтеза.

Тејар де Шарден создава еволуциона теорија (мошне различна од дарвиновата) која тој ја разбира во смислата на телеологијата. Според оваа теорија, Божествениот почеток е скриен во „срцето на материјата“ и го насочува нејзиниот развиток. Како целонасочен космички процес, еволуцијата претставува развиток на материјата и енергијата при кој тие сè повеќе се усовршуваат и одухотворуваат. Вака никнува поимот „ноосфера“ (сфера на умот - Тејар де Шарден не е автор на поимот, но го разработува подетално) која ги надрастува понижите сфери на мртвата материја (предбиосфера) и биосферата. Понатамошниот развиток е можен само на колективна основа. Техничкиот и стопанскиот прогрес се важен услов за понатамошниот развиток, но решавачки е духовниот фактор.

Алфред Норт Вајтхед[уреди]

Во својата книга Науката и современиот свет, Алфред Норт Вајтхед забележува дека човечките интуиции и искусувања на науката, естетиката, етиката и религијата влијаат на светогледот на заедницата, но во последните неколку векови науката доминира во западната култура. Вајтхед барал холистичка, разбирлива космологија која дава систематска описна теорија на светот која може да се користи за различни човечки интуиции здобиени преку етичко, естетско, религиско и научно искуство, а не само со научно.

Наводи[уреди]

  1. John Polkinghorne Science and Theology SPCK/Fortress Press, 1998. ISBN 0-8006-3153-6 pp20-22, following Ian Barbour
  2. Lawson, Russell M. (2004). „Science in the ancient world: an encyclopedia“. ABC-CLIO. стр. 29–30. ISBN 1-85109-534-9. http://books.google.com/?id=1AY1ALzh9V0C&pg=PA30&lpg=PA30&dq=ancient+China+geocentric+astronomy#v=onepage&q=ancient%20China%20geocentric%20astronomy&f=false. конс. 2 октомври 2009. 
  3. Benson H; Dusek JA; Sherwood JB; Lam, P; Bethea, C; Carpenter, W; Levitsky, S; Hill, P; и др. (2006). „Study of the Therapeutic Effects of Intercessory Prayer (STEP) in cardiac bypass patients: a multicenter randomized trial of uncertainty and certainty of receiving intercessory prayer“. „Am. Heart J.“ 151 (4): 934–42. doi:10.1016/j.ahj.2005.05.028. PMID 16569567. http://linkinghub.elsevier.com/retrieve/pii/S0002-8703(05)00649-6. 
  4. http://www.edge.org/3rd_culture/coyne09/coyne09_index.html
  5. http://www.haydenplanetarium.org/tyson/read/1999/10/01/holy-wars
  6. W. T. Stace, Time and Eternity: an Essay in the Philosophy of Religion, Princeton University Press, Princeton, NJ, 1952.
  7. 7,0 7,1 Religion and Science, John Habgood, Mills & Brown, 1964, pp., 11, 14-16, 48-55, 68-69, 90-91, 87