Расед

Од Википедија — слободната енциклопедија
Епицентрална карта на раседните структури во Македонија со јачините на потресните појави.

Расед — рамнински лом на карпа, што претставува доказ за постоење на релативно поместување. Големите раседи во Земјината кора се резултат на поместувања на смолкнување, активните раседни зони се вообичаени места на појавување на земјотреси. Земјотресите како што е погоре посочено се резултат на енергијата која се ослободува за време на брзо пролизгување вдолж раседот.[1]

Најдобар пример на раседи се допирните површини на тектонските плочи сепак многу раседи се јавуваат далеку од активните граници на овие плочи. Бидејќи раседите најчесто не се состојат од една јасна линија на ломот, изразот раседна зона се користи за да се опише зоната на сложени деформации кои ја придруживаат рамнината на ломот. Двете страни на невертикалниот расед се нарекуваат „обесен ѕид“ (англиски: hanging wall) и „потпорен ѕид“ (англиски: footwall).[2] По дефиниција обесениот ѕид се наоѓа на раседот, а потпорниот ѕид под раседот. Оваа терминологија потекнува од рударството, кога рударот работи во јама тој стои на потпорен ѕид под неговите нозе а ѕидот што е над него се нарекува обесен ѕид.

Појавата и однесувањето на раседот, и во случај на мал локален расед и во случај на голема раседна зона која ги определува тектонските плочи, се контролирани од релативното движење на карпите од двете страни на раседот. Поради триењето и крутоста на карпите, карпите не можат едноставно да лизгаат една покрај друга. Во таква ситуација доаѓа до акумулација на напрегања во карпите. Кога вредноста на овие напрегања ја достигне граничната вредност акумулираната потенцијална енергија се ослободува во облик на дилатации кои се концентрирани на површината на ломот, т.е. појавата на раседот. Дилатациите се и акумулативни и моментални, зависно од геолошките одлики на карпата. Дуктилниот подлабок дел од Земјината кора постепено акумулира деформации, додека кртиот површински дел од кората реагира со лом или моментално ослободување на напрегањата со што предизвикува движење вдолж раседот.[3]

Видови на раседни линии[уреди | уреди извор]

Раседот во дуктилни почви исто така може моментално да се ослободи кога прирастот на напрегањата е преголем. Енергијата која се ослободува со моментално ослободување на напрегањата е причина за појава на земјотреси, вообичаен феномен вдолж границите на тектонските плочи. Раседите можат да бидат категоризирани во четири групи во зависност од видот на пролизгувањето.

  • нормалниот расед се јавува кога кората се проширува. Обесениот ѕид од раседот се движи надолу во однос на потпорниот ѕид. Кај обратниот расед за разлика од нормалниот, обесениот ѕид се движи нагоре во однос на потпорниот ѕид.
  • обратниот расед е индикација за собирање на кората. Наклонот на обратниот расед е прилично стрмен, поголем од 45°.
  • туркачкиот расед (труст) има ист начин на движење како обратниот расед само што наклонот е помал од 45°.
  • избивачкиот расед има површина која е скоро вертикална и потпорниот ѕид се движи лево, десно или попречно со мала вертикална компонента. Специјален вид на избивачките раседи се трансформирачки раседи кои се облици на тектоника на плочи поврзани со центри на ширење, такви какви што се средишните раседи на океаните.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. USGS (30 април 2003). „Where are the Fault Lines in the United States East of the Rocky Mountains?“. Посетено на 6 март 2010.
  2. USGS. „Hanging wall Foot wall“. Visual Glossary. Архивирано од изворникот на 2009-05-08. Посетено на 2 април 2010.
  3. Tingley, J.V.; Pizarro K.A. (2000). Traveling America's loneliest road: a geologic and natural history tour. Nevada Bureau of Mines and Geology Special Publication. 26. Nevada Bureau of Mines and Geology. стр. 132. ISBN 978-1-888035-05-6. Посетено на 2010-04-02.