Ракија
|
|
Оваа статија не наведува никакви извори. (ноември 2009) Ве молиме помогнете со тоа што ќе додадете наводи до веродостојни извори. Непроверливата содржина може да биде изменета или отстранета. |
Ракија ( срп., хрв., бос. ракија / rakija, буг. ракия, унг. pálinka, алб., тур. raki, ром. rachiu (дијал. răchie), сло. žganje, свк. pálenka ) е жесток алкохолен пијалок популарен на Балканот. Се прави речиси исклучиво од овошје, но постојат и ракии кои се прават и од мед или од ореви. Во индустриското производство вообичаено е процентот на алкохол да биде помеѓу 40 и 45 проценти, но во домашното производство овој процент се движи на пати дури и над 60.
Во Македонија традиционалната ракија е лозовата ракија со процент на алкохол помеѓу 40 и 60 проценти. Во другите земји на Балканот, покрај лозовата ракија, многу често се среќава и сливовата ракија (срп. шљивка) која е особено популарна во Србија. Ракија се прави и од кајсии, круши, јаболка, праски, дудинки и други сочни овошја. Покрај чистата ракија, при процесот на производство може да се додадат најразлични зачини. Особено позната и популарна зачинета ракија е мастиката или узо која содржи анасон и има сладок вкус, а е карактеристична за јужните предели на Македонија и Бугарија и Грција. Друга позната зачинета ракија е т.н. пелинковец кој содржи пелин и има горчлив вкус.
Ракијата обично се конзумира во друштво и секогаш со мезе. Не се препорачува пиење ракија „на голо“, т.е. без мезе или само со вода. Како мезе најчесто се користат разни зеленчукови салати (традиционално тоа е шопската салата), иако во Далмација, Црна Гора и Србија неретко како мезе се користат и месни или сувомесни производи (најчесто пршута).
Покрај индустриското производство, ракија се произведува и во рамките на едно домаќинство, за неговите потреби. Многу домаќинства имаат „традиционални“ начини на приготвување на ракијата, специјални места и опрема за чување и складирање на истата кои наводно се пресудни за квалитетот на производот.