Пјер де Кубертен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Пјер де Кубертен

Пјер де Фреди Кубертен или попознат како барон Пјер де Кубертен (француски: Pierre de Frédy, Baron de Coubertin; 1 јануари 1863 - 2 септември 1937) бил француски педагог и историчар којшто е светски познат како обновувач на античките Олимписки игри и основоположник на современите Олимписки игри.

Биографија[уреди]

Пјер де Кубертен се родил во Париз во аристократското семејство на Шарл Луј де Фреди и Агата- Габриел де Мирвел како нивен трет син. Де Кубертен бил инспириран од англиските и американските училишта, но образованието го започнал во Франција. Тој сметал дека спортските активности се неопходни во образовниот систем и дека тие се корисни за секој млад човек. Тој се смета и за основоположник на спортот рагби, а бил и судија на финалето на првиот француски рагби турнир на 20 март 1892 година.

Олимписки игри[уреди]

За возобновувањето на овие игри Кубертен бил инспириран од традиционалните Горски игри во Шкотска на кои присуствувал. Друга инспирација му претставувал од д-р Вилијам Пени Брукс којшто бил организатрор на првите национални Олимписки игри во Кристалната палата, Обединето Кралство во 1866 година и којшто ја поддржувал идејата на Евангелис Запас за обнова на античките Олимписки игри. Де Кубертен ги развил Бруксовите идеи за одржување на меѓународни атлетски натпревари, а работел и на зголемување на олимпискиот интерес во Грција и Обединетото Кралство како и врз основа на новопронајдените археолошки остатоци во Олимпија. Пјер де Кубертен го основал и Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

Статуата во Лозана

За да ги оствари своите идеи, на 23 јуни 1894 година барон Пјер де Кубертен одржал конгрес во просториите на универзитетот Сорбона во Париз. На конгресот било одлучено античките Олимписки игри да се обноват, а првите современи Олимписки игри да се одржат во Атина, Грција. Традицијата на одржување на Олимписките игри била според античката, на секои 4 години. На конгресот бил избран Деметриос Викелас за прв претседател на МОК, а за прв секретар бил назначен Пјер де Кубертен. По одржувањето на првите современи Олимписки игри во Атина во 1896 година, Деметриос Викелас се повлекол од функцијата претседател на ИОК, а на негово место бил избран токму Пјер де Кубертен. По Олимписките игри во Атина, во 1900 година биле одржани вторите Олимписки игри во Париз, родниот град на баронот. Во првата деценија на XX век, Пјер де Кубертен продолжил со афирмацијата на олимпискиот интерес, а со секои наредни Олимписки игри растел бројот на спортисти и на нови земји- учеснички. За Олимписките игри во Стокхолм во 1912 година де Кубертен ја претставил и дисциплината современ петобој како комбинација на олимписките спортови: атлетика, пливање, коњички спортови, мечување и стрелаштво. Во 1913 година де Кубертен ја дал и идејата за создавање на Олимпиското знаме со 5 кругови на него коишто ги симболизираат петте котиненти.

За време на претседателството на де Кубертен со МОК се одржани и првите Зимски олимписки игри во Шамони, Франција. По Летните олимписки игри во Париз истата година, Пјер де Кубертен се повлекол од функцијата претседател на ИОК, а на негово место бил избран Анри де Баилет-Латур. Оттогаш Пјер де Кубертен станал почесен претседател на Интернационалниот олимписки комитет.

Пјер де Кубертен починал во Женева на 2 септември 1937 година, а бил погребан во Лозана, градот седиште на Интернационалниот олимписки комитет. Но неговото срце било закопано во древната Олимпија.

Личен успех на игрите[уреди]

На Летните олимписки игри 1912 освоил златен медал во натпреварот по литература, со делото „Ода за спортот“ (француски: Ode to Sport).

Филателија и нумизматика[уреди]

Литература[уреди]

  • Pierre de Coubertin, Olympism: selected writings, edited by Norbert Muller, Lausanne, IOC, 2000
  • John J Macaloon, This Great Symbol. Pierre de Coubertin and the Origins of the Modern Olympic Games, Univ. of Chicago Press, 1981, New Edition: Routledge 2007
  • International Journal of the History of Sport, Volume 23 Issue 3 & 4 2006 -This Great Symbol: Pierre de Coubertin and the Origins of the Modern Olympic Games
  • Michael Llewellyn Smith. Olympics in Athens 1896: The Invention of the Modern Olympic Games. Profile Books Ltd, London: 2004

Надворешни врски[уреди]


Претседатели на МОК

Деметриос Викелас (1894–1896) | Пјер де Кубертен (1896–1925) | Годфроа де Блонеј (1916–1919) | Анри де Баилет-Латур (1925–1942) | Зигфрид Едстром (1942–1952) | Ејвори Брендиџ (1952–1972) | Лорд Киланин (1972–1980) | Хуан Антонио Самаранч (1980–2001) | Жак Рог (2001–2013) | Томас Бах (2013–сè уште)