Путбус

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Путбус
Театар во Путбус
Театар во Путбус
Грб на Путбус
Путбус се наоѓа во Германија
Путбус
Управа
Земја Германија
Покраина Мекленбург-Западна Померанија
Округ Западна Померанија-Риген
Градоначалник Харалд Бурвиц
Основни податоци
Површина 66,60 км2
Надм. височина 50 м
Население 4.294 (31 декември 2012)[1]
 - Густина 64 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. RÜG
Пошт. бр. 18581
Повик. бр. 038301
Портал www.putbus.de
Местоположбата на градот Путбус во рамките на округот Западна Померанија-Риген
Карта
Координати 54°20′00″ СГШ 13°29′00″ ИГД / 
Воздушен поглед на Путбус, градот е типичен пример за град кој е целосно изграден во неокласичен стил

Путбус (германски: Putbus) — град на југоисточниот брег на островот Риген во Балтичкото Море, во округот Западна Померанија-Риген, во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, во Германија. Градот претставува значајно туристичко одредиште со бројни приморски одморалишта. Тој е најстаро одморалиште на островот и службено бил признаен од државата како приморски град од 1997.

Путбус бил основан во 1810 од принцот Вилхелм Мате цу Путбус како негова резиденција и го изградил во неокласичен стил, па така градот создава хармонична унија со паркот и замокот (Schloss). Малте исто така го вовел морското капење во Германија кај Лаутербах, кој се наоѓа на околу 2 километри од Путбус. Градот бил наречен како „Бел Град“ (Weiße Stadt) поради неговите бело обоени куќи, но исто така го има и прекарот „Град на розите“ (Rosenstadt) поради многуте рози пред секоја индивидуална куќа. Името Путбус потекнува од словенскиот збор epod boz што означува „зад постариот жбун“.

Географија[уреди]

Градот Путбус се наоѓа на осум километри од Берген на Риген и се наоѓа во рамките на Биосферниот резерват Југоисточен Риген. Земјиштето околу Путбус е брановидно, а брегот на Ригенскиот Залив, на кој се наоѓа, е карактеризиран од наизменично рамни и стрмни делови на брегот. Малиот залив на Врехерското Езеро прави длабок влез во самата крајбрежна линија. Градскиот дел Лаутербах, со неговите 500 жители, има рибарско и едриличарско пристаниште. Близу шумата на Гор, принцот Малте го изградил првото приморско одморалиште на островот. Островот Вилм во Грајфсвалдскиот Залив, 2,5 километри од Риген, исто така припаѓа на Путбус.

Градски единици[уреди]

Градски единици во рамките на самиот град се: Алткамп, Алт-Ланшвиц, Бојхов, Дарсбанд, Долгемост, Думгеневиц, Фрец, Гловиц, Гремин, Грос-Штрезов, Гистелиц, Касневиц, Клајн-Штрезов, Кетелсхаген, Кранзевиц, Краквиц, Кримвиц, Лаутербах, Лонвиц, Муглиц, Наделиц, Нојендорф, Нојкамп, Ној-Ланшвиц, Пастиц, Позевалд, Штрахтиц, Вилмниц, Вобанц, Врехен и островот Вилм.[2]

Соседни општини[уреди]

Путбус се граничи на запад со градот Гарц, на север со Зелен и градот Берген на Риген и на исток со Цирков и Ланкен-Границ.

Земјиште[уреди]

За град, Путбус има необично голем процент на земјоделско земјиште и шума, кои покриваат околу 89% од територијата на градот.[3]

Историја[уреди]

Неокласични објекти околу главниот плоштад
Железничката станица Путбус
Воздушен поглед на познатиот неокласичен „Путбуски Круг“ во 2011 од почетокот на XIX век

До 1326, областа околу Путбус била дел од Кнежевството Риген. За прв пат бил споменат во 1286 како Путбус (Putbus), кога бил седиште на благородничко семејство со словенско потекло. Грофовите од Путбус имале ист статус во поглед на сопственоста на земјата како принцовите на Риген и биле сметана како споредна линија. Подоцна се појавила феудалната зависност. По изумирањето на принцовите од Риген во XIV век, Путбус потпаднал под Војводството Померанија. Со Вестфалскиот мир во 1648, Риген станал шведски. Во 1815, местото и Нова Западна Померанија потпаднале под пруската покраина Померанија.

Од 1808 до 1823, принцот Вилхелм Малте I од Путбус ја изградил неговата резиденција и бањска област во Лаутербах. Поради тоа, во 1816, било отворено првото приморско одморалиште на Риген. Во 1817/18, принцот Малте ги изградил бањите во Гор. Од 1819 до 1821 бил граден театарот и изменет во 1826. Кралските штали, градени од 1821–1824, биле дом на коњите на принцот Малте. На крај, од 1824 до 1853, изградил оранжерија. Преобразувањето на замокот започнало во 1825 и била надополнета во 1844–1846 со Дворската црква. Претворањето на дворскиот парк започнал во 1804; куќата на мајмунот била завршена во 1830, а куќата на фазанот пет години подоцна.

Првите граѓански куќи биле изградени во 1810 како мала пиварница. Резиденциските куќи на „Кругот“ (Circus) биле изградени помеѓу 1815 и 1860. Во 1836 стариот кралски Педагогиум (Pädagogium) бил отворен како образовна институција. Денес е дом на ИТ колеџот (IT-College Putbus).

Во 1889, Путбус добил железничка врска од Берген. Во 1895 бил завршен првиот дел од теснолиниската лесна железница „Побеснетиот Роланд“ до Бинц.

Во 1823, Путбус добил градски права за трговија и економија; меѓутоа, не ги добил целосните права до 2 јули 1960.

Во 1962 поранешниот Замок Путбус (Schloss Putbus) бил трагично уништен од источногерманскиот комунистички режим, кој го сметал како симбол на прускиот империјализам. Меѓутоа, неговите оранжерија и штаблите преживеале во многу убавиот парк.

Во 1818, Путбус станал дел од округот Риген. Од 1952 до 1955 округот бил поделен и Путбус бил центар на истоимениот округ. Од 1952 до 1990, Путбус припаѓал на Округот Росток, а потоа на покраината Мекленбург-Западна Померанија.

По Револуцијата во 1991, историскиот центар на градот со неговиот „Круг“, плоштадот и Градското собрание, оранжеријата и кралските штали, сега театар, биле во голема мера обновени како дел од урбаниот развој и проектите за заштита на наследството во градот. Денес, Путбус поседува необичен униформен бел изглед.

Во 2010 била изградена „Превртена куќа“ (Haus-Kopf-über) на патот кон Лаутербах како туристичка атракција.

Градот е исто така познат по малиот театар и резиденцијата на принцот (сега туристичко биро и музеј). Градот е поврзан со остатокот на Риген преку теснолиниската парна железница позната како „Побеснет Роланд“ (Rasender Roland) и со добри патни и велосипедски рути.

Култура и знаменитости[уреди]

Знаменитости[уреди]

Диви костени во градскиот парк на Путбус
Оранжерија во Путбус
Скулптура на неговиот основач, принцот Вилхелм Малте I
Поранешниот Замок Путбус околу 1900
Неокласичниот Театар Путбус
Куќи на кружен тек и плоштад со обелиск во преден план

Дворски парк[уреди]

Дворскиот парк (Schlosspark) бил поставен во 1804 од Вилхелм Малте I во стил на француска формална градина. Подоцна бил преобразен во пејзажна англиска градина. Поседува бројни воодушевувачки погледи на лагуната или заливот. Градби кои ја преживеале Источна Германија се оранжеријата од 1824, кралските штали градени од 1821 до 1824, мавзолејот од 1867, дворската црква градена од 1844 до 1846, парохиската црква, куќата на мајмунот и птичарникот од 1830/35. Замокот Путбус, кој некогаш бил опкружен од паркот, бил уништен во 1960-тите. Паркот исто така има необични дендролошки видови како огромна и стара секвоја, кедар, жолти диви костени и лалени дрва.

Оранжерија[уреди]

Во XVIII век била создадена градина на иницијатива на грофот Мориц Улрих I од Путбус. Оранжеријата или стаклената куќа била изградена во 1824 на местото на белведере, откажан во 1804/05, и на ледената куќа (1816–1819), заснована на планови од Карл Фридрих Шинкел. Денешната Оранжерија потекнува од 1853 и била изменета од берлискиот архитект, Август Штилер. До 1945, Оранжеријата била главно користена за аклиматизација на странските грмушки наменети за паркот и за чување на саксиите околу замокот во текот на зимата. Покрај тоа, зградата била користена за културни настани. По 1945, дел од собите биле наменети за сместување на раселените семејства. Во 1973 градската библиотека и администрација биле сместени во Оранжеријата. Изложбите започнале во една од галериите. На почетокот на 1996, главната зграда била повторно изградена за само 16 недели и на 24 мај 1996 била предадена да стане уметнички изложбен центар за островот Риген.

Кралски штали[уреди]

Кралските штали биле користени за чување на коњите и за чување на коњските запреги и кочии за семејството на принцот и нивните гости, како и обезбедување сместување на помошниот персонал. Областа на кралските штали во дворскиот парк на Путбус исто така вклучува зона за јавање и стара ковачница. Во 1817 се одиграле првите изведби на театарски претстави за гостите. По уништувањето на старите штали, изградбата на новите штали се одвивала од 1821 до 1824 во класичен стил со 16 засводени прозори и три засводени врати, веројатно според плановите на берлинскиот архитект Јохан Готфрид Штајнмајер. Источните калкани на градбата се украсени од тондо со коњски релјефи.

Дворска црква[уреди]

Црквата на Исус Христос е градба од XIX век, трокорабна црква сместена во дворскиот парк во Путбус.

Мавзолеј[уреди]

Првично, Црквата Св. Богородица во Вилмниц служела како семејна гробница на семејството Фон Путбус. До 1867 денешниот мавзолеј не бил изграден на земјиште во дворскиот парк во неоготски стил. Прв член на семејството кој бил погребан тука била Ванда фон Путбус, жена на принцот Вилхелм Малте II (1833–1907), во 1868.[4]

Поранешен Замок Путбус[уреди]

Замокот Путбус во дворскиот парк била поранешната благородничка резиденција на принцовите од Путбус. Градбата била срушена помеѓу 1960 и 1964. Првичното место на замокот денес е означено со неколку метални плочи.

Театар Путбус[уреди]

Стариот театар, изграден во класичен стил, стои наспроти паркот. Веројатно бил граден од 1819 до 1821 под водство на главниот архитект на принцот, В. Штајнбах. Во 1826 започнала обновата под водство на ученикот на Шинкел, Јохан Готлиб Штајнмајер, со која биле додадени калкани над краевите на градбата и над портик. Била макотрпно обновуван од 1992 до 1998 и е една од најпреовладувачките градби во градот. Историски, театарот бил обично користен само како летен театар. Путбус имал свој театар од 1952 до 1968. Денес, само други театарски куќи изведуваат претстави во театарот со неговите 244 седишта. Секоја година во мај, Фестивалот Путбус привлекува посетители од цела Германија.

Круг[уреди]

Класичниот круг на градби околу кружниот тек, познат како „Круг“ (Circus), на кој се пресретнуваат сите локални патишта. Јасно одделениот парк го пополнува внатрешниот дел на плоштадот, чиј центар е обележан со висок обелиск. Кругот во Путбус е последниот униформно проектиран кружен тек во Германија, кој принцот Вилхелм Малте I го изградил во 1828, во исто време кога го основал Педагогиум, заснован на Кругот во англиското бањско одморалиште Бат (Aquae Sulis) и француските градини. Во 1845 го развил во периодот до 1845 со неокласични куќи. Сите градби кои биле изградени во времето на принцот Малте I се сè уште тука, само нивната употреба се променила. На пример, Кралскиот Педагогиум Путбус, кој бил изграден во периодот 1833-1836 по планови на Јохан Готфрид Штајнмајер. Оваа градба сега е дом на „ИТ Колеџот Путбус“.

Поранешниот Педагогиум[уреди]

Најголемата куќа во Кругот е поранешниот Педагогиум. Целта на принцот Малте била неговото благородничко седиште да има повисока образовна институција и тука да учат децата од неговата територија. Ја изградил куќата со бр. 16 во Кругот во 1833. Педагогиумот на принцот бил изграден со интернат, кантина и гимназија. Во 1836 бил предаден на пруската држава како Кралски Педагогиум (Pädagogium Regium). До Втората светска војна, Педагогиумот бил најважна образовна институција во Западна Померанија по Грајфсвалдскиот универзитет. Од 1941 до 1945 тука се наоѓал Националниот политички институт за образование на Риген. По Втората светска војна, тука биле обучувани учителите од 1946 до 1975. Некогаш имало и по 200 студенти на обука. Од 1975 до 1994 биле подучувани глуви деца во зградата. Во 1994, добротворна организација за глуви, наглуви и глувослепи ја презела градбата. Од 2000 до 2002, историската градба била делумно празна и оставена да пропаѓа, поради тоа што организацијата се преселила во нова зграда во Путбус. Од 2002, Педагогиумот бил дом на ИТ Колеџот Путбус, приватна образовна институција.

Западно од градот е т.н. Приманерлох (Primanerloch), кој исто така бил поврзан со Педагогиумот.

Август Бебел Штрасе[уреди]

На оваа улица се наоѓаат бројни еднокатни трговски куќи од времето на основањето на градот.

Црква во Касневиц

Црква во Касневиц[уреди]

Во селото Касневиц е Црквата Св. Јаков, која потекнува од втората половина на XIV век.

Бања Гор[уреди]

Бањата Гор била изградена помеѓу 1817 и 1818 во класичен стил. Бањата била именувана по блиската шума во природниот резерват Гор-Муглиц, близу Лаутербах.

Споменик на жртвите на фашизмот[уреди]

Споменик од 1978 е поставен пред Хаус Гор кај Лаутербах и е посветен на жртвите на присилната евакуација на концентрацискиот камп Штутхоф во април 1945. Споменикот бил направен од вајарот Вернер Штецер, со напис од чешкиот автор Јулиус Фучик. По уништувањето и кражбата на урбата во 1990, местото било повторно обновено во 1995.

Црква во Вилмниц[уреди]

Црквата Св. Богородица е доцно романескна/готска црква во селото Вилмниц.

Мегалитски гробови[уреди]

Мегалитски гроб близу Лонвиц

Помеѓу Лонвиц и Лаутербах на железничката линија „Побеснет Роланд“ се наоѓа мегалитски гроб од новото камено доба.

Парна теснолиниска железница[уреди]

Денес, Путбус е почеток на теснолиниската железница позната како „Побеснет Роланд“ (големина: 750 мм) која води од Лаутербах преку Бинц до Герен. Оваа постоечка линија работи секој ден, била градена од 1895 до 1899 и денес главно се користи од туристите. Се користат парни локомотиви од класите 99,48 (направени: 1938) и 99,78 (направени: 1953). До 1999 линијата не била продолжена до Лаутербах (Моле). Тука се сретнува стандардната железничка линија од Берген до Лаутербах (Моле) и теснолиниската железница и создаваат двоен колосек.

Во 1999 било изградено современо депо според плановите на архитектот од Штралзунд, Никлас Динебаке.

Редовни настани[уреди]

Во Путбус се случуваат следниве настани:

  • мај: Фестивал Путбус (Putbus Festival) – музички концерти на разни места во Путбус
  • јуни: Ригенски дрвен саем (Rügener Holzmesse) – изложба во Лаутербах за природните сурови материјали и дрва (од 1997)
  • јули: Едриличарски и пристаништен фестивал (Segel- und Hafenfest) - во Лаутербах
  • август: Пливање Вилм (Vilmschwimmen) – традиционален пливачки натпревар на патека помеѓу островот Вилм и пристаништето во Лаутербах
  • септември: Кабаре-Регата Риген (Kabarett-Regatta Rügen) – уметници од германското кабаре во театарот во Путбус (од 1997)

Сообраќај[уреди]

Патен[уреди]

Покраинскиот пат Л29 води низ Путбус, кој, како една од туристичките патишта, е дел од Германската авенија, дел од Риген до Рајнберг. Путбус е исто така поврзан преку Л301 до градот Берген.

Автобуски[уреди]

Регионални автобуси го поврзуваат Путбус со блиските градови, како Штралзунд и Берген. Автобусите се управувани од Rügener Personennahverkehr.[5]

Двоен колосек во станицата во Путбус
Брод за спасување Путбус

Бродски[уреди]

Поранешното рибарско село Лаутербах, кое се наоѓа на бреговите на Ригенскиот Залив е денес село во градот Путбус. Од пристаништето Лаутербах се нудат разни екскурзии во текот на летната сезона, вклучувајќи патувања околу островот Вилм во Биосферниот резерват Југоисточен Риген, како и патување во заливот.

На 7 јуни 1993, брод за спасување на Германската крајбрежна служба за спасување бил крстен со името Путбус и оттогаш е сместен во пристаништето Лаутербах. Бродот бил направен во 1993 од Фасмер во Берн.

Железнички[уреди]

Станицата Путбус е на железницата Берген на Риген-Лаутербах, како и на теснолиниската линија на парниот воз познат како Побеснет Роланд од Лаутербах (Моле) преку Путбус, Бинц, Зелин и Бабе до Герен. Обичниот колосек на двете железнички линии од Путбус до Лаутербах (Моле) била опремена со двоен колосечен систем за 750 мм и 1435 мм.

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]