Прочка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Скопски деца сликани во детска облека за Прочка во 1928

Прочка или Велики поклади — ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.

Прочка во Македонија[уреди]

Скопје[уреди]

Во минатото во Скопје често на денот на празникот Прочка се практикувало фотографирање во ателје. Скопските обичаи од кои дел имаале христијанска основа, а дел од нив биле поврзани со паганските верувања, најчесто биле исти како и сите останати од Македонија. По фотографирањето, пресоблечените возрасни и деца оделе на плоштадот во градот и на главните улици Краљ Петар (денешна Македонија) и улицата Војвода Путник (кејот на реката Вардар) каде што изгледало како на пазар на разнобојни костими и тоалети[1]. Празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна. По Втората светска војна празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата според сопствената иницијатива и убедување, а од 60-тите години до денес почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштадот и на Скопското Кале.[2]

Амкање[уреди]

Амкањето бил обичај кој се одржувал вечерта на Поклади, кога потесното семејство се собирало дома. Обичајот се спроведувал така што варено нелупено јајце се врзувало на конопен конец и се обесувало на стапче или на сукало. Потоа, децата седнувале крај трпезата или клечеле на колена, а некој од возрасните го нишал јајцето, доближувајќи го кон устата на секое дете, кое викало "ам, ам" и се обидувало со устата да го фати јајцето. Потоа, јајцето се кршело и највозрасниот член на семејството ја вадел варената жолчка и во половините од белката турал малку вода од која сите учесници во амкањето пиеле по некоја капка. Потоа, конецот го палеле за да видат каква ќе биде иднината на семејството: ако конецот горел силно, тоа значело дека годината ќе биде здрава и среќна. На крајот, сите деца меѓусебно се проштевале, а потоа барале прошка од родителите.[3]

Наводи[уреди]

  1. Весник „Наша стара Србија“, 1927. Скопље
  2. Пандора Шетловска, сеќавања, теренски истражувања во 1995 год.
  3. "Амкањето јајце за Поклади е адет што исчезнува во Прилеп", Дневник, година XVIII, број 5403, петок, 28 февруари 2014, стр. 11.