Присутност (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Присутност“ (англиски: Being There) е роман од американскиот писател Јежи Кошињски од 1971 година. Романот претставува сатира за односите во американското општество, каде дури и еден идиот може да се вивне високо во политиката, финансиските кругови и медиумите. Според романот, во 1979 година бил снимен филмот „Добредојдовте господине Чонс“, во режија на Хал Ешби, со Питер Селерс во главната улога.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од седум дела во кои се опишуваат доживувањата на Ченс (Chance) во текот на седум дена. Ченс е ментално заостанат човек, роден од мајка која, исто така, била ментално заостаната, додека неговиот татко не е познат. Уште од мал, за него е грижи еден човек, кого Ченс го вика Стариот. Ченс не знае да чита и да пишува, никогаш не излегол од куќата во која живее и никогаш не се сретнал со ниту еден човек, освен собарката која е задолжена да се грижи за него. Целиот живот, Ченс го поминал во средување на градината и во гледање телевизија, од каде потекнуваат сите негови информации за светот и за луѓето. Еден ден, Стариот умира и во куќата доаѓа адвокат кој треба да се погрижи за средување на работите околу наследството. Бидејќи Ченс не постои во ниту еден документ, тој не може да докаже дека целиот живот го поминал заедно со Стариот, така што мора да ја напушти куќата.

Веднаш штом стапнува на улица, Ченс се повредува во сообраќајна несреќа, кога една лимузина го удира во ногата. Жената во лимузината, госпоѓата Ренд (која ја викаат ЕЕ) го носи во својот дом каде на Ченс му се дава лекарска нога, а домаќините го покануваат да остане во куќата додека не закрепне. Кога ЕЕ го прашува за името и за професијата, Ченс кажува дека бил градинар, а таа погрешно заклучува дека се вика Чонси и се презива Гардинер (Gardiner). Оттогаш натаму, сите луѓе кои ги среќава Ченс мислат дека тој се вика Чонси Гардинер. Господинот Ренд е богат и моќен човек, кој има големо влијание во финансискиот свет на САД, но тој е стар и многу болен. Уште на прв поглед, нему му се допаѓа Ченс, кој размислува и зборува просто и јасно.

Еден ден, во посета на господинот Ренд доаѓа претседателот на САД, кој се запознава со Ченс, а потоа во својoт говор во финансискиот институт го споменува Ченс, по што сите медиуми покажуваат интерес за него, мислејќи дека станува збор за многу влијателен финансиски стручњак и близок советник на претседателот. Ченс е поканет да гостува во една многу популарна телевизиска емисија, каде тој повторно го зборува само она што го знае, т.е. за градината, но сите други неговиот говор го сфаќаат метафорички и сите се воодушевени од него. Истовремено, по враќањето во куќата на семејството Ренд, ЕЕ му кажува на Ченс дека го сака и му се подава. Ченс не прави ништо, бидејќи не знае како да постапи, а таквото однесување госпоѓата Ренд погрешно го толкува како израз на врвно достоинство и благороден карактер.

По гостувањето на телевизија, Ченс се стекнува со голема популарност во јавноста и ги освојува симпатиите на сите луѓе со кои тој се среќава. Ченс ја придружува ЕЕ на една прослава во Обединетите нации, каде се среќава со генералниот секретар и со амбасадорите на Франција, Германија и СССР, при што, сите зборуваат со восхит за него. Амбасадорот на СССР во еден говор се повикува на Ченс, по што неговата популарност уште повеќе расте. Во меѓувреме, советскиот амбасадор и американскиот претседател ги ангажираат тајните агенти да дознаат нешто за Ченс, но неговото потекло и минато остануваат тајна за сите. Советската тајна служба дури мисли дека Ченс е дел од американската елита, која планира да изврши државен удар. По приемот во Обединетите нации, ЕЕ го води Ченс на една забава, каде нему му приоѓа еден хомосексуалец, кој мастурбира пред очите на збунетиот Ченс, кој не знае како да се однесува во таква ситуација. Вечерта, по забавата, ЕЕ доаѓа во собата на Ченс и сака да води љубов со него, но тој е неспособен за сексуален однос.

Романот завршува така што Ченс и ЕЕ присуствуваат на забава во Белата куќа. Таму, Ченс излегува надвор во градината, каде се чувствува спокојно. Истовремено, во една соба, група моќни луѓе разговараат за можните кандидати за висока позиција и тогаш еден од нив го посочува Ченс како идеален кандидат.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Jirži Kosinski, Prisutnost, Algoritam, Zemun, 2005.