Прајмер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Прајмер (primer) се нарекува секој краток фрагмент од нуклеинска киселина кој служи како почетна точка при репликацијата на ДНК. Прајмерите се потребни бидејќи ДНК полимеразата, ензим кој ја катализира репликацијата, мора да го започне своето дејство на постоечки фрагмент од ДНК. Полимеразата ја започнува репликацијата од 3‘-крајот од прајмерот, и ја копира спротивната низа.

При повеќето случаи на природна репликација на ДНК, прајмерот за ДНК синтеза и репликација е краток фрагмент на РНК (кој може да се создаде de novo). Оваа РНК се создава од страна на примазата, а подоцна се отстранува и се заменува со ДНК со помош на поправна полимераза.

За многу од лабораториските техники на биохемијата и молекуларната биологија кои вклучуваат ДНК полимераза, како што е процесот на секвенционирање на ДНК и полимеразната верижна реакција (ПВР, PCR), потребни се ДНК прајмери. Овие прајмери се најчесто кратки, хемиски синтетизирани олигонуклеотиди, со должина од околу дваесет бази. Тие се хибридизираат до целна ДНК која подоцна се копира од страна на полимеразата.

In vivo или природен механизам на дејство[уреди]

ДНК репликациска вилушка. РНК прајмерот е означен на врвот.

Неводечката низа е ДНК низата која стои спротивно од водечката низа во репликациската вилушка, одејќи од 3' кон 5' крајот. Бидејќи ДНК полимераза III не може да врши синтеза во насока 3'→5', неводечката низа се синтетизира во кратки сегменти познати како Оказаки фрагменти. Долж неводечката низа, примазата гради РНК прајмери на кратки растојанија. По ова, ДНК полимеразите се во можност да ги искористат слободните 3' OH групи на РНК прајмерите за да извршат синтеза на ДНК во насока 5'→3'.

Потоа РНК фрагментите се отстрануваат од ДНК полимераза I кај прокариотите или ДНК полимераза δ кај еукариотите, по што се додаваат нови деоксирибонуклеотиди за да ги пополнат празнините каде била присутна РНК. ДНК лигазата ги поврзува деоксирибонуклеотидите, со што ја завршува синтезата на неводечката низа.