Пелагониска зона

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пелагониската зона ја зафаќа Пелагонија и планините што се издигнуваат источно и северно од неа. Поточно од источната страна таа ги опфаќа планините: Ниџе, Селечка Планина, Бабуна и Караџица, а завршува до долината на реката Треска. Од сите страни е ограничена со раседи и според морфотектонските одлики се дели на два дела. Границата меѓу нив ја чинат мермерите на Плетвар и Сивец. Северниот дел се состои од Бабунската и Голешничката антиклинала и од Караџичката синклинала, додека јужниот дел го сочинуваат Прилепската и Подмолската антиклинала и Моирската синклинала. Во средишниот дел на Пелагониската Котлина, во таканаречената Тополчанска Греда, се јавуваат блокови од стари карпи кои се сметаат како реликти на Пелагонискиот хорстантиклинариум, а тоа покажува дека е извршено тонење на старата маса и на тој начин е формирана денешната котлина.