Пеколот (Божествена комедија)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Оваа статија е за дело од Данте Алигиери. За религиозниот поим видете пекол.
Мапа на Пеколот

Пеколот (италијански: Inferno) е првиот дел од Божествената комедија на Данте Алигиери, проследен од Чистилиштето и Рајот. Поемата е напишана во раниот XIV век. Делото е алегориско раскажување на патувањето на Данте низ средновековен концепт на пеколот, предводен од римскиот поет Вергилиј. Во поемата, Пеколот е прикажан низ девет круга на страдањето, лоцирани во Земјата. Алегорично, Божествената комедија го претставува патувањето на една душа до Господ, во Пеколот опишувајќи го признавањето и одбивањето на гревот.[1]

Предворје на Пеколот[уреди]

Гравура на Гистав Доре илустрирана во Божествената комедија (1861–1868); Данте изгубен во шумата во првата песна од Пеколот.

На средина од мојот живот земен
го изгубив јас така својот пат:
се најдов в шума сам, сред густеж темен.

А таа шума, дива, чуден кат,
зарастена во трње, в буеж сета,
сред срце раѓа спомен, страв и лад.

Погорчлива одвај е смртта клета!
Но, за блаженството што сум го пил,
ќе раскажам за сè што таму сретнав.[2]

Средба со пантерот (симбол на зависта и на Фиренца); илустрација од Гистав Доре
Средба со лавот (симбол на гордоста и Франција); илустрација од Гистав Доре
Волчицата (симбол на среброљубието и папите; Средба со Вергилиј); илустрација од Гистав Доре

Поемата започнува на ден пред Велики петок во 1300 година. Нараторот, самиот Данте Алигиери, има триесет и пет години и е „на средина на мојот живот земен“ (Nel mezzo del cammin di nostra vita)—половина од веројатноста на еден библиски живот од седумдесет (Псалм 90:10). Тој е изгубен во мрачна шума, што ја симболизира тогашната Фиренца, односно нејзината општествено-политичка положба (политичките борби во кои Данте ќе се вклучи и кои ќе го принудат да ја напушти) и се качува по рид - што треба да му донесе мир и блаженство. Но, качувањето е тешко и на тој пат му се препречуваат трите ѕверки: пантерот, лавот и волчицата, на кои не може да им избега, не можејќи да го најде „вистинскиот пат“ (diritta via) за спас. Пантерот ја симболизира зависта, но и самата Фиренца; лавот, пак, е симбол на гордоста, како и на Франција која се мешала во политиката на Италија и не ѝ дозволувала самостоен напредок; а волчицата е симбол на алчноста и среброљубието преку која ги претставил папите[3].

Алегорично, Пеколот ја претставува христијанската душа која го гледа гревот каков што е, а трите ѕверки претставуваат три вида грев: хедонистички, насилни и злонамерни.[4] Овие три вида грев служат и како трите главни оддели на Пеколот на Данте: горен пекол (првите 5 круга) за хедонистичките гревови; шестиот и седмиот круг за насилните гревови; и осмиот и деветтиот круг за злонамерните гревови.

...
Да тргнам горе смелост собрав, клет,

но ниту надеж остана, ни сила.
Ко трговец што чука глава в ѕид
(галијата ја скрши морска спила!)

се мрачи сè пред очниот му вид, —
ме стресе така ѕверон и ме столчи,
следејќи ме од оној стрмен рид

во катон кај што сонцето си молчи.
Бегајќи јас низ рид пред ѕвера три,
пред Лав, пред Пантер и пред поглед волчи,

— пред мене човек никна чии дни
изгаснале пред не знам колку века. [5]
...

Свесен дека се турка себеси кон „дното“ (basso loco) „каде што сонцето молчи“ (l sol tace), Данте конечно е спасен од римскиот поет Вергилиј и заедно го започнуваат патувањето во подземјето. Секоја казна на еден грев во Пеколот е contrapasso, симболичен пример за заслужeната казна; на пример, гатачките мораат да одат напред со главите свртени назад, не можејќи да гледаат напред, бидејќи се имаат обидено преку разни нешта, да гледаат напред во иднината на животот. Вакви contrapasso се во „фукција, не како облик на божествена одмазда, туку повеќе како исполнетоста на судбината и слобдна одбрана од секоја душа за време на нејзиниот или неговиот живот.“[6]

Проколнатите души во чамецот на Харон го преоѓаат Ахерон; илустрација на Гистав Доре

Данте ја преминува портата за Пеколот, каде наоѓа натпис, деветтиот (и последен) ред од познатата фраза, Lasciate ogne speranza, voi ch'intrate - „Вие што влегувате, откажете се од секоја надеж“, или според препевот на Георги Сталев:

Но, ти, што ќе го стапнеш овој праг
ЗАСЕКОГАШ ОТКАЖИ СЕ ОД НАДЕЖ![7]

Во англиските препеви постојат бројни варијанти на овие стихови.[8]

Пред конечно да влезат во Пеколот, Данте и Вергилиј ги гледаат Неодлучните, души на луѓе кои ништо не направиле во својот живот, ниту добро ниту зло (помеѓу нив Данте го препознава или Папа Целестин V или Понтиј Пилат; текстот е двосмислен). Помешани со нив се прогонети луѓе кои не заземале страна во Бунтот на ангелите. Овие души не се ниту во Пеколот ниту надвор од него, туку опстојуваат на бреговите на реката Ахерон, нивна казна е вечно да бркаат знаме што се вее (т.е. себичност, користољубие), а патем ги прогонуваат оси и стршлени, додека црви и други слични инсекти ја пијат нивната крв и солзи. Ова ја симболизира нивната грижа на совест и одвратноста на гревот. Како и Чистилиштето и Рајот, така и Пеколот ја содржи структурата 9+1=10, со ова „предворје“ различно по природа од деветте круга на Пеколот, а разделено од нив со Ахерон.

Откако го поминуваат „предворјето“, Данте и Вергилиј досегнуваат чамец кој ги носи низ реката Ахерон до самиот Пекол. Чамецот го управува Харон, кој не сака да го пушти Данте да влезе, бидејќи е човечко суштество. Вергилиј го натерува Харон да попушти со уште еден познат стих Vuolsi così colà ove si puote, кој се преведува како „So it is wanted there where the power lies“, однесувајќи се на фактот дека Данте е тука врз основа на божествени нешта. Плачот, викотниците и богохулењето на проколнатите души додека се наоѓа на бродот на Харон се контраст на радосното пеење на благословените души за време на пристигнувањето со чамец во Чистилиштето. Како и да е, вистинскиот премин низ Ахерон не е опишан бидејќи Данте (нараторот), се онесвестува и се буди дури на другата страна.

Потоа Вергилиј го води Данте низ деветте круга. Круговите се концентрични, претставувајќи постепен раст на чудност, кулминирајќи во центарот на земјата, каде Сатаната е во ропство. Грешниците на секој круг се казнуваат соодветно со нивните злодела: секој грешник е вечно потиштен од главниот грев кој го извршил. Луѓе кои грешеле, но молеле за прошка пред нивната смрт не се наоѓаат во Пеколот туку во Чистилиштето, каде се обидуваат да бидат ослободени од гревот. Во Пеколот се наоѓаат луѓе кои се обиделе да ги оправдаат своите гревови и не се каат за истите.

Деветте круга на Пеколот[уреди]

Првиот круг[уреди]

Данте е прифатен за еднаков со античките поети

Во првиот круг од Пеколот Данте ги сместува многубошците, односно некрстените, доблесни пагани, кои иако не биле грешници, сепак, не го прифатиле Христа.

И плач и воздив, стон се креваше сред воздухот
без ѕвезда ниту една.
Низ образ солза ми се слеваше.
. . .
И души гледаш ангелски пред пекол
што пасивни останале до крај:
ни против, ни со бога минел векот!

Ги прогнал бог: Тој сака пречист рај,
но нејќе да ги прими нив ни адот.
подлабоко, да не зрачат, пак, сјај! [9]

Во овој круг има зелени полиња и замок со седум порти кои ги претставуваат седумте доблести. Замокот е живеалиште на најмудрите мажи на антиката, вклучувајќи го Вергилиј, и поетите Хомер, Хорациј, Овидиј и Лукан. Малку нескромно, но Данте самиот се вклучува во ова друштво, тој станува шестиот меѓу големите („Ме прифатија/ со чест во кругот: шести јас се сторив“[10]). Освен поетите, тука се наоѓаат и амазонската кралица Пентесилеја (убиена од Ахил под Троја), математичарот Евклид; научникот Диоскорид; државникот Цицерон; првиот доктор Хипократ и други научници како Гален, Анаксагор; филозофите Сократ, Платон, Демокрит, Емпедокле, Зенон, Хераклит, Диоген, Сенека, Талес, Ависен, Аристотел и Аврој, историските личности Лукреција, Луциј Јуниј Брут и Јулиј Цезар; како и митолошките ликови: Хектор (заштитник на Троја), Електра (ќерка на Атлант, основач на Троја), Камила (од „Енеида“, паѓа во борбата против Тројанците), Латин (крал на Лација), Орфеј и многу други.

Вториот круг[уреди]

Минос, со опашката го определува кругот во кој ќе влезе грешникот

На влезот од вториот, потесен круг, грешниците ги дочекува демонот Минос[11].

Го видов Минос: грев тој бара, зол;
со заби чкрта, правда тој им дели
и суди сам со својот опаш долг.

Штом кутра душа наваму се сели
— за исповед пред Минос стасува:
го мери гревот. Потоа ѝ вели:

за колку грешна ја огласува:
колкупати ќе се обвитка со опаш
— од тој круг таа не се спасува![12]

Во овој круг се сместени прељубниците „тие што се подале на сласт / на кои страсти умот им го зеле“. Тука се наоѓаат: Семирамида, Дидо, Клеопатра, Елена од Троја, Тристан, Ахил, Франческа, Ланчелот итн. Сите овие историски и митолошки ликови во својот живот дозволиле страста и прељубата да надвдеат. Нивните приказни се различни, и претежно трагични. За вавилонската кралица Семирамида се зборувало дека живеела во недозволена љубов со својот син, а таа своја постапка ја озаконила со посебен закон[13]; картагинската кралица Дидо, пак, извршила самоубиство откако Енеј, во кој се вљубила, ја оставил. Таа ја заборавила клетвата од починатиот маж Сихеј да остане верна по неговата смрт[14]. Египетската кралица Клеопатра, љубовницата на Цезар и Антониј, кога била заробена од Октавијан пуштила змија-отровница да ја касне и така се самоубила[15], Елена, жената на Менелај, била грабната од Парис и поради неа избила Тројанската војна[16], Тристан, бил љубовник на Изолда и убиен од нејзиниот маж[17], Ахил, непобеден на бојното поле, се вљубил во Поликсена, сестрата на Парис и бил убиен на денот на венчавката[18].

Данте во виорот на вториот круг во Пеколот

Во петтата песна, двојката што се одвојува и разговара со поетот се Франческа ди Римини и Паоло Малатеста, нејзин девер и љубовник. Франческа била позната по својата убавина, а нејзиниот маж, Ланчјото Малатеста бил многу грд и куц. Таа уште како девојка се вљубила во убавиот Паоло и кога дошле стројниците, таа мислела дека ќе ја мажат за него. Подоцна, во една прилика двајцата вљубени седеле заедно и го читале познатиот дредновековен роман „Ланчелот ди Лак“, во кој се раскажува како Ланчелот се вљубил во кралицата Жинерва. Паоло ја бакнал Франческа и оттогаш односите им станале грешни. Ланчјото разбрал за нивната врска и ги убил обајцата[19]. Данте сочувствува со нивната љубов и трагичен крај.

Казната што ја трпат грешниците во овој круг е виорна како и нивниот грев:

Низ крај без светлост води овој пат:
на море личи лулано од ветер,
и шуми виор носи грозен лад.

Тој адски виор што без престан мете
ги влече, врти душите без жал,
ги мачи, шиба, в нозе им се плете.

Крај темна бездна виоров го збрал
и тука слушаш болен викот, лелек:
го колнат бога што на свет ги дал![20]

Третиот круг[уреди]

Грешниците под вечен дожд во третиот круг од пеколот

Студена, дождлива атмосфера и страшното троглаво куче Цербер го дочекуваат Данте на почетокот од третиот круг:

Троглавото куче Цербер, чувар на пеколот

Во кругот трет сме, кај што створови
под вечен дожд, под леден град се збрале
и исто пиштат клети хорови.

Од века гадни водни нив ги прале
и градот силен ги засипува
па смрди сè во овој простор жален.

На дождов Цербер, глеј, подрипува
— со трите грла ѕверов чуден лае,
а страдна душа в страв залипува.[21]

Во третиот круг се сместени лакомите, алчните, завидливите.

Тука Данте разговара со Чако на актуелни политички теми. Самиот Данте бил вклучен во политичките настани во Фиренца во тој период. Партијата на гвелфите (кои биле за обединување на италијанските градови под власт на римскиот папа) се поделила на бели и црни. Данте бил на страната на белите. Во 1301 година некои водачи на црните биле прогонети од градот поради заговор, што им дало надеж на белите за победа, но подоцна со помош на папата Бонифациј VIII црните победиле, а Данте бил осуден на смрт, па избегал од градот на доживотно прогонство. Умрел во Равена. Во разговорот со Чако се предвидува победа на белите, но таа нема да се случи.

Четвртиот круг[уреди]

Казнетите во четвртиот круг туркаат камења (вреќи со богатство)

На влезот од четвртиот круг (песна седма) ги дочекува Плутон (бог на богатствата) овде претставен како страшен демон. Во кругот на скржавците, злобните, горделивите, расипниците - овој демон се глода самиот себе.

Демонот Плутон од злоба самиот себе се глода

Главни претставници на овие гревови се поповите, папите и кардиналите. Нивната казна е да туркаат огромни камења (кои го замениле нивното богатство) додека бранови вода се кршат врз нивните голи тела. Тие се поделени во две групи кои се спротивставени една кон друга.

Ко над Харибда што се крши бран,
од двете страни удира, се вие —
и овдека се крши овој џган.

Јас не знам каде толку свет се крие!
И вреска толпа — еден спроти друг,
и карпа турка, гради што му бие.

Се судира и веднаш прави круг
и оној товар назад пак го тера,
викајќи „Скржло!’, „Расипник од Југ!“[22]
...

Петтиот круг[уреди]

Грешниците се валкаат во калта како свињи
Преоѓање на реката Стикс пред градот Дис

Откако го одминуваат четвртиот круг, Данте и Вергилиј се симнуваат подолу и навлегуваат во каллива, мочурлива атмосфера пред портите на градот Дис (градот на Луцифер, сатаната).

Ќе тажам в тиња кога таков бев...
Ја слушаш тука таа нивна песна
што клокоти од грлото, за грев!

Во лак, крај кал, поминавме по тесно
— по тука суво — тло. А вјасавме,
гледајќи како кал се џвака бесно.

Под една кула така стасавме...[23]

Во петтиот круг се наоѓаат гневните и злобни властољупци. Во тињата „во својот бес тој фирентинец глуп/се гризе сам...“; Данте го сместил и својот противник Филип Арџенти, пропадник на црните. Казната на сите злобни, што никому не направиле добро дело, што се бореле само за власт, за висока позиција - тука се казнети да бидат најдолу, легнати во калта:

Тој душа бил на сè озловена,
без добро дело некому да сторил,
а злобата му е подновена!

Тој, горе што за круна, трон се бори
— на свиња личи среде таа кал
и само лошо за него се збори.

Преку гнасната кал, Данте и Вергилиј, со чамец ги пренесува Флегиј до ѕидините на Дис. (Флегиј, за да му се одмазди на Аполон ја обесчестил ќерка му и го запалил храмот во Делфи. Данте го претворил во превозник на душите.)

Шестиот круг[уреди]

Трите еринии во градот Дис

Во градот Дис, двајцата посетители ги дочекува необична глетка, од кулата кон нив долетуваат три фурии, трите еринии (Тизифона, Мегера и Алекта) кои ја повикуваат горгоната Медуза да ги претвора грешниците во камен:

Со женски тела, целите во крв,
опашани со смокови, со змиен
во коси сплет, а полн со јад и стрв.
...
Во средето е Тизифона зла;
Мегера — лево, а Алекта — десно:
ги гледаш:плачат тие створа два

Од градите си кинат месо бесно,
се тепаат, и слушнав страшен вој:
до мојат водач јас се припив тесно.

— Медузо, дојди! Нека стане тој
во мигов - камен!...
...

Тука, доаѓа Ангелот како гласник од Рајот кој ги предочува грешките на казнетите: тоа се еретиците. Тие за време на животот биле глуви за Бога, па тука ја добиваат соодветната казна — да лежат во вжештени гробови!

Седмиот круг[уреди]

Единаесеттата песна е вовед во седмиот круг. Накратко тука е претставено кои се грешниците и какви се нивните казни, пред уште да влезат во него. Составен е од три ката:

...

Пеколот, илустрација на Сандро Ботичели

Тој кат се вика уште трижниот,
бидејќи зло на тројца им се прави:

на Бога, себе и на ближниот,
на сè што ним им припаѓа. Но, сине
ќе чуеш сè до душегрижниот!

Од насилство не еден ближен гине
и страда, а пак, имотот без траг
во оган гори, в туѓи раце мине.

И, ете зошто, туѓ кој пљачка праг
ил убива — за одмазда ил така—
во катов прв заеднички е пак.

Во катот втор е оној којшто сакал
да плиска имот и на себе сам
предвремено да крене клета рака.

Но, најгрешен е оној, добро знам,
што растура и, кај ќе стаса, Бога
го пцуе, хули и ни збори нам

за презирот кон светоста му строга.
Го плука в образ, и добрината
на Татко ни ја фрла тој под нога.
...

Минотаурот на влезот од седмиот круг

Заштитник на седмиот круг е минотаурот. Овој круг е поделен на 3 ката:

  • Во првиот кат се наоѓаат оние што сториле грев врз ближните: измамници, крадци и убијци на ближните.
Кентаурите

...
Но, гледај долу: онде поток врел
од крвје тече! Во него се капи
оној што над ближни да се зили зел.
...
Во долот ги дочекуваат кентаурите кои со стрели ги напаѓаат сите нови лица. Во овој кат се наоѓаат разни измамници, како: Нес (од старогрчката митологија. Откако Херкул се оженил за Дејанира, Нес се понудил да ја пренесе преку река. Но, тогаш тој се вљубил во невестата и се обидел да ја открадне. Херкул го забележал и смртно го ранил со својата отровна стрела. Нес, за да му се одмазди, ѝ ја дал на Дејанира кошулата натопена со затруена крв и ѝ рекол дека ако Херкул ја облече ќе ѝ остане верен засекогаш. Лековерната Дејанира го послушала и кога Херкул ја облекол кошулата умрел во ужасни маки) кој „умрел, смрт давајќи му на друг“; Фоло (познат насилник што ги напаѓал жените на Лапит); Александар Тесалиски (ги закопувал живи своите непријатели); Дионис; Ечелино (ди Романо, зет на Фридрих II, столб на царската партија во северна Италија, голем тиранин против кого сите се кренале); Обицо (за кого се мисли дека е убиен од својот син) - и сите овие се наоѓаат во плиткото, а оттука започнува крв да тече во вирови кои ги влечат надолу тираните како: Атила (поради своите свирепости наречен и „камшик божји“); Сест (односно Секстус Помпејус, помладиот син на Помпеј, кој по смртта на својот татко го продолжил непријателството кон Цезар, пиратствувајќи по морето); Рињеро Паца и Рињер Корнет (познати разбојници кои го малтретирале населението, едниот крај реката Арно, другиот крај Марем).[24]

  • Во вториот кат се наоѓаат насилниците кон сами себе, самоубијците, тие се престорени во сува шума каде гнездат харпиите:
Шумата од самоубијци

Не зелен лист, но темен. Полн со јад
е плодот што на дрвјата се родил;
не здрави гранки, туку глужд и трат...

Штом пружив рака — скршив гранка мека:
— Ох, што ме кршиш? — писна коренот.
Ме стресе оној трн со жална ека.

И бликна црна крв... Изгорено
тој писна повтор: — Зошто ти ме скина?
Зар имаш срце ти затворено

за жал?... А бевме луѓе! Тоа мина,
а сега трн сме пред скапување...
Па и да бевме змиски души, чинам,

заслужуваме бар сожалување...

  • Во третиот кат во жар и под огнен дожд се печат богохулителите, лихварите и содомитите. Богохулителите лежат на грб, лихварите седат згрбавени, а содомитите трчаат наоколу:
Насилниците под дожд од оган

Цел куп од голи души тука е
а расплакан од јадови што тежат,
но не трпат по закон ист, о не!

На плеќи едни видов како лежат;
згрбавени, пак, други седат,
а третите - во спомен ќе се врежат

по долги шедби: безброј гредеа.
Легнатите, пак, сосем малку беа,
но тие в голем плач се ледеа.

Врз сета песок видов да се леат
дожд-пламења од широк оган жив,
ко алпси снег без ветер што се вее.

Во четиринаесеттата песна се издвојува гордиот џин. Тоа е џинот Капанео кој ги презира и Бога и пеколот. Тој рекол дека „Стравот прв ги создал боговите на светот“. Според митот, Зевс го убил со молња под Троја.

Осмиот круг[уреди]

На грбот од Герион кон осмиот круг

Последните два круга од пеколот вклучуваат грешници - свесни измамамници и предавници. На влезот од осмиот круг се наоѓа митолошкото чудовиште Герион кое е со три глави и со три тела, но Данте го претставил поинаку. Тука, Герион е со едно тело, со човечки лик, змиско тело, канџи и крилја. Всушност, во него се споени три суштества: човечко, ѕверско и влекачко. Влезот на осмиот круг е длабока јама во која не може да се влезе, па во тоа им помага Герион пренеувајќи ги на својот грб. Осмиот круг или злите јами се опкружени со огромни карпи. Дното е поделено на десет тркалезни полјани или долини кои се сè помали и помали, а на средето има бунар (влезот во деветтиот круг).

Болка од камшикот што жари по грбот на грешникот
  • Прва полјана

Во првата полјана се сместени лакомите сводници и заводници. Нивната казна е голи, поделени во две групо редици да ги трпат камшиците врз нивниот грб:

На дното — чета, голи грешни, трча:
од средето накај нас еден ред,
а другиот — со нас, но тие фрчат.
...
Од сите страни никне рогат сој
од карпиве, и грбот им го шари
со камшик долг на тие што се в строј.

И скокаат пред камшикот што жари
за првпат спуштен: кој би трпел бол
по втор или третпат по грб да го дари!
...

Ласкателите со кал и измет извалкани се удираат сами себе
  • Втора полјана

Во втората полјана ги дочекува ужасен смрад и грешници извалкани со измет кои се удираат сами себе со цврстите дланки.

...А тука свет со грсти
си фрла кал и збревта, реди пцост,
тепајќи се со својте дланки цврсти.
...
Од таму, пак, пред поглед не се скри
гнасотија и куп од луѓе, беден,
што излегле од нужник мислиш ти!

Во третата полјана кај симонистите

Со поглед барајќи, видов еден
со глава полна измет како стои...

Овие грешници се ласкателите кои со лажни зборови заведувале за да стигнат до целта. На пример Јазон, кој ја измамил Медеја и ја натерал да се вљуби во него и да му помогне да го најде руното. А кога тоа се случило, тој ја напуштил.


  • Трета полјана

... сал нозе видов пред нас:
ој, грешна душа со нив преташе,
а в земи беше главата ѝ бедна!

На четвртата полјана со свртени глави кон тилот шетаат гатачите, пророците и волшебниците

Во третата полјана се наоѓаат симонистите, луѓето што ги купувале своите позиции во црковната хиерархија. Данте разговара со папата Никола III кој ја трпи ужасната казна во пеколот закопан со главата во калта, а само нозете надвор.


  • Четврта полјана

Грешниците на четвртата полјана се измамниците кои за пари ја предвидувале иднината, гатачите, пророците, волшебниците. Нивната казна е во склад со гревот, сакајќи да ја видат иднината (напред), тука се свртени со главите назад:

Се загледав подлабоко во нив:
нагрдени, сè слепо, криво, штрбо;
од брадата до трупот — изглед див!

Со лице беа свртени кон грбот,
назаднички чекореа, без збор,
а гледаа не напред, ами в ’рбет!
...
Читателу мој, Бог те имал в рака!
Ти речи како пред клетниците
би останал без плач пред таа мака,

гледајќи луѓе — со предниците
извртени, а солзите им капат,
паѓајќи в процеп на задниците!

Петта полјана, прогон


  • Петта полјана

Корумпираните политичари, слични на симонистите се сместени во петтата полјана на осмиот круг. Нивната казна е да вријат во жешка смола, а ако излезат надвор ги чекаат ѓаволи со своите вили:

Во петтата полјана ѓаволите со вили ги враќаат грешниците во зовриен катран да се варат
Во шестата полјана се наоѓаат лицемерите

Во сиот дол ни траг од душа гола:
сал меури се креваат, и пак
се спуштаат одозгора до долу.
...
Јас видов ѓавол: трча црн и вика,
се качува по ридон, збревтан, див.

Ух! Тоа беше една дива слика:
со крилјата во широк лет се вдал,
а лесни нозе носат грозна лика:

на рамото тој долга вила клал,
а грешникот на запците му виснал:
за жилите го закачил, за жал!

Крадците малтретирани од змии во седмата полјана од осмиот круг


  • Шеста полјана
Каиф распнат на патот како Исус

На шестата полјана се лицемерите кои блескаат во своите позлатени оловни мантии. Ова е симбол на нивното лицемерие, однадвор сјајно и златно, а всушност оловно и тешко. По патот гледаат и распнат човек, закован со три клина како лежи на земјата. Тоа е големиот свештеник Каиф чии зборови се запишани во Јовановото евангелие: „Вие не знаете ништо, и не мислите дека подобро ќе ни биде ако умре еден човек за народот отколку целиот народ да пропадне“. Неговиот дедо (тест) свештеникот Ана соучествувал во решението да се распне Христос, па и тој ја има истата казна. Двајцата, директно вклучени во осудата на Христос, во пеколот се казнети исто - распнати, за да ја почувствуваат врз себе одлуката донесена за друг.

Преобразба во човек-змија, песна 25


  • Седма полјана

Следните две песни (24 и 25) се посветени на крадците. Нив ги чува кентаурот Како. Всушност, во митологијата Како е син на Вулкан и Вергилиј го опишал како полу-чвек полу-животно, а Данте го претвора во кентаур. Тој бил голем крадец. Опеан е во „Енеида“, каде што се вели дека живеел во некоја пештера и кога Херкул се враќал од Шпанија со голем плен, големо стадо, запрел недалеку од пештерата на Како. Крадецот го начекал моментот на неговото невнимание и целото стадо го одвел во својата пештера, збришувајќи ги трагите. Херкул се досетил и отишол во пештерата каде го претепал и убил Како.[25] Влезот во оваа полјана е опишан како снежен, замрзнат амбиент, без звук и движење. Но, по спуштањето во јамата Данте го здогледува ужасниот призор: клопчиња од змии лазат врз грешниците, им ги врзуваат рацете назад, а со опашката и главата им ријат по стомакот. Тука се случува една од неколкуте метаморфози (преобразби) опишани во делото:

Ги гледавме. И одеднаш врз еден
шестонога се спушти змија грда,
се зачипчи, го грабна в преграб леден.

Со нозете не му даде да мрда:
го обвитка преку гради со двете,
со средните — прегратката ѝ тврда —

му врза раце, и го гризна, ете,
сред образи. Со задните го стегна
за нозете, а опашот го сплете

меѓу нив, па на крстот така легна.
Ни бршлени на дрво не се вијат
ко ѕверот страшен него што го стегна.

А потоа, ко восоци што вријат,
— се стопија, се смешаа по боја
и станаа — ни човек, ниту змија.[26]

Злите советници, во осмата полјана на осмиот круг

Симболиката на преобразбата е одземање (крадење) на телото и душата на грешникот. Како што тој крадел во животот, казнет е со крадење, преобразување на телото во друго. Претставници на крадците се: Вани Фучи, кој според политичката определба му бил противник на Данте, но бил познат по прогонствата на своите политички непријатели и осудуван за грабеж и насилство, во пеколот тој е претворен во пепел и станува од неа; фирентинецот Канфо, водачот на Црните, противниците на Данте, чија преобразба е опишана во претходниот извадок; Ањело Брунелски, кој бил од позната фамилија, но како дете го ограбил својот татко, а подоцна извршил и други кражби, па дури маскирајќи се како просјак, тој е претворен во споено неоформено тело со друг, во маса со две нозе, две раце, и две глави кои се како една[27] итн.


  • Осма полјана

Следните две песни се посветени на подлите или злите советници. Овие не се луѓе што го даваат лажни совети, туку луѓе кои ја користат својата позиција за да ги советуваат другите да се вклучат во измама. Одисеј и Диомед тука се осудени за измамата со Тројанскиот коњ. Одисеј ја раскажува приказната за неговото фатално конечно патување (изум на Данте), каде што тој го напуштил својот дом и семејството за да отплови до крајот на Земјата, до самото Чистилиште; тој, исто така, ја споменува средбата со Кирка, кој ги претварала луѓето во животни, а него го магепсала да верува дека е жена му Пенелопа, па таму останал цела година.

Следна е приказната на атинскиот скулптор Перило, кој му понудил еден свој изум на тиранот Фаларид. Тој направил бакарен бик со шуплива утроба во која требале да бидат измачувани осудените на смрт. Нивниот пискот, надвор би се слушал како рикање на бикот. Фаларид го прифатил изумот, но го испробал на неговиот пронаоѓач!

Гвидо ди Монтефелтро, пак, раскажува како тој го советувал папата Бонифациј VIII, да му понуди на семејството Колона лажна амнестија и да ги засолни во тврдината Палестрина, а откако тие се предале, го разурнал местото.

Во деветтата полјана луѓето се со распарчени тела

Казнетите во оваа полјана ги мачат пламени јазици, нивното тело постојано гори.


  • Деветта полјана

Во деветтата полјана на осмиот круг се наоѓаат сејачите на раздор, расколниците кои ги делеле луѓето на две спротивставени страни. Затоа и нивната казна е таква, како што ги делеле луѓето, така сега и нивното тело се дели, се расчеречува:

Бертан де Борн со главата како фенер

Ко бочва без дно или пак со зевот
јас видов еден — таков носи рез
од грлото до чмарот, преку мевот

со цревата што в нозе прават вез...
Го гледаш дробот, таа торба гадна
што прави лајна од сè што ќе влезе.

Ја раствори тој грешник градта страдна
и рече, беден: — „Гледај тука, клет,
што лоша среќа мене ми се падна,

И какви рани има Мухамед!
Крај мене плаче Али, кому образ
му расекле, и трча така блед.

Во десеттата полјана измамниците страдаат од разни болести

Данте го осудува Мухамед зашто сметал дека тој со новата вера ги раздвоил луѓето, а Али, пак, го осудува за поделба на сунитите и шиитите. Тука Данте го среќава и Бертан де Борн, познат провансалски поет, кој ја носи својата глава како фенер. Данте верувал дека тој го наговорил најстариот син на англискиот крал Хенрик II да го убие татка си.


  • Десетта полјана

Во последната полјана на осмиот круг се наоѓаат разни измамници: кривоклетници, фалсификатори, алхемичари. Тие, според Данте, се болест на општеството, па затоа тука страдаат од разни болести.

Јас затнав уши крикот да го згаснам.
...
ко овде каде што од лути рани
се шири грозна смрдеа од тие
што скапани во гној, на сите страни

се јазат...

Се чешаат со таква болна лика,
разбеснети на сврбежот, а надеж
за друг лек нема, само болот блика.

Со нокти, како нож, по оној јадеж
застругале и лупат красти полно,
та небарем од риби лушпи вадат!

Тука се: аретинецот Грифолино, алхемичар; Капочо, алхемичар, кој ковел лажни пари; цела измамничка дружина од Сиена; измамникот Џани Скика и др.

Деветтиот круг[уреди]

Гигантите околу влезот во деветтиот круг

Последниот, деветти круг на пеколот се наоѓа во центарот на земјата. Во него се влегува низ бунарот крај кој, до половина закопани, стојат класични и библиски гиганти. Нимрод (бил ловец, па можеби затоа преку него има префрлено рог; според Библијата тој ја градел вавилонската кула и ги измешал јазиците и така ги поделил луѓето), Фиалт (бил син на Нептун, а со својот брат го кревале ридот Осу за да стасаат до небото), Бријар (син на Уран и Реја, имал сто раце), Антеј (син на Нептун и Реја, мајка му го заштитувала и тој црпел сили од неа, затоа Херкул не можел поинаку да го победи, па го кренал во воздух и го удавил. Тој уште не бил роден кога била борбата меѓу гигантите и Бога), Тициј (син на Јупитер, бил убиен од Аполон зашто се обидел да ја обесчести Латона) и Тифиј (загинал од Јупитер кој го казнил поради бунтарство). Единствен гигант кој не е заврзан со синџири е Антеј и тој ќе ги симне Данте и Вергилиј во деветтиот круг.

Во деветтиот круг се наоѓаат предавниците. Има четири концентрични зони (или „појаси“) со предавници. Првите се предавниците на семејството, на својот род; вторите се предавници на татковината; третите на пријателите (гостите) и четвртите на врховните господари (Бога и Исус). За разлика од популарната слика на пеколот, како огнен, жежок, тука предавниците се замрзнати во езеро на мраз познат како Коцит, а секоја група е спакувана во мраз сè подлабоко и подлабоко.

  • Прв појас

Првиот појас е наречен Каин, според Каин, библискиот братоубиец. Тука се наоѓаат и други грешници што убивале свој род: синовите на Алберт - Александар и Наполеон, современици на Данте, кои биле политички противници (едниот гвелф другиот гибелин) и од омраза која постоела и претходно се убиле еден со друг, како синовите на Едип; Сасол Маскерони го убил својот братучед за да го добие наследството од стрикото; Камичон де Паци, исто така, убил свој роднина, итн.

  • Втор појас

Вториот појас се нарекува и Антенора, според Антенор од Троја кој го дал предлогот да ја вратат Елена на Грцте и да се склучи мир. Веројатно заради ова подоцна го сметаат за предавник на татковината. Тука се наоѓаат разни предавници на татковината, претежно современици на Данте и негови политички противници, но и жителите на Пиза, која тој ја нарекува „нова Тива“ зашто градот го раскинувале граѓански судири и убиства како и стариот град Тива (Теба).

  • Трет појас

Третиот појас е уште наречен и Птоломејев, според библиската личност Птоломеј, кој ги викнал на гости Шимун Макавеецот и неговите двајца синови, а потоа, по прославата наредил да се убијат. Овој е катот на предавниците на пријателите. Овие грешници се закопани уште подлабоко во мразот и само лицата им се гледаат.

  • Четврт појас

Последниот, четвртиот појас е наречен Јудин, според Јуда Искариотски, библискиот предавник на Исус Христос. Тука се предавниците на своите господари и добродетели. Казнетите се целосно вкопани во мразот, искривени во сите можни позиции. Бидејќи нема со кого да разговара тука, Данте и Виргилиј брзо се движат кон центарот на пеколот. А, таму, најдлабоко, во центарот на пеколот се наоѓа предавникот на Господ — Сатаната или Луцифер, поголем од сите џинови, со три лица:

Сè е замрзнато во деветтиот круг на пеколот
Луцифер во деветтиот круг на пеколот

И очите зачудени ми беа
од трите лица сред висината:
од предното — сè бои-ал се леат;

тој двете други од средината
во правец ист со рамото ги слеал:
ја прават сите три целината.

Од десно ликот беше жолто-бледен,
од лево, како луѓето од Нил
водопаден. Под секој лик свој леден

чифт крилја спрострел, сиот рид го скрил...
Му личат ко на птица од сој реден
Со такви едра кој ли кораб бил!

Од лилјак чиниш...голи беа тие,
а мафташе со таква сила, што
три ветра прави кога ќе ги свие,

носејќи му на Коцит мраз и зло...
Шест очи плачат; в три бради се крие
од солзи поток крвав, лигав...Но,

во устите по еден грешник кине,
дробејќи го ко лен со забите
и в еден миг на тројца бол им чинел!

Тој бол им беше од послабите
во споредба со оној кога мине
со остар нокт по грбот, градите...

Двајцата поети ќе избегаат од пеколот од спуштајќи се низ грбот на Сатаната. Тие ќе поминат низ центарот на Земјата (во обратен правец од гравитацијата, предизвикувајќи Данте првично да помисли дека се враќа во пеколот). Тие се појавуваат во другата хемисфера (што е опишано во Чистилиштето) пред зори во неделата на Велигден, под небо со многу ѕвезди.

Наводи[уреди]

  1. Dorothy L. Sayers, Hell, notes on page 19.
  2. Данте Алигиери „Пеколот“, песна прва (стих 1-9), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  3. Билјана Богданоска - Воведна песна на „Пеколот“
  4. Dorothy L. Sayers, Hell, notes on page 75.
  5. Данте Алигиери „Пеколот“, песна прва (стих 54-65), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  6. Peter Brand and Lino Pertile, The Cambridge History of Italian Literature, 2nd ed, Cambridge University Press, 1999, ISBN 0521666228, pp. 63-64.
  7. Данте Алигиери „Пеколот“, песна трета (стих 8-9), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  8. There are many English translations of this famous line. Some examples include
    • All hope abandon, ye who enter here - Henry Francis Cary (1805–1814)
    • All hope abandon, ye who enter in! - Henry Wadsworth Longfellow (1882)
    • Leave every hope, ye who enter! - Charles Eliot Norton (1891)
    • Leave all hope, ye that enter - Carlyle-Wicksteed (1932)
    • Lay down all hope, you that go in by me. - Dorothy L. Sayers (1949)
    • Abandon every hope, you who enter. - Charles S. Singleton (1970)
    • Abandon all hope, ye who enter here - John Ciardi (1977)
    • No room for hope, when you enter this place - C. H. Sisson (1980)
    • Abandon every hope, who enter here. - Allen Mandelbaum (1982)
    • Abandon all hope, you who enter here. - Robert Pinsky (1993)
    • Abandon every hope, all you who enter - Mark Musa (1995)
    • Abandon every hope, you who enter. - Robert M. Durling (1996)
    • All hope abandon, you who enter here. - James Finn Cotter (2000) [1]
    • Abandon all hope upon entering here! - Marcus Saunders (2004)
    • All hope is lost when you pass through this portal. - Colm Ryan (2008) [2]
    Verbatim, the line translates as "Leave (lasciate) every (ogne) hope (speranza), ye (voi) that (ch') enter (intrate)."
  9. Данте Алигиери „Пеколот“, песна трета (стих 22-24; 37-42), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  10. Данте Алигиери „Пеколот“, песна четврта (стих 100-101), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  11. Минос е син на Зевс и Европа, критски цар и законодател, справедлив и мудар човек. Поетите го направиле судија во пеколот. Вергилиј го сместил во подземјето како еден од тројцата судии („Енеида“ VI), додека Данте од него прави демон кој суди на влезот од вистинскиот пекол
  12. Данте Алигиери „Пеколот“, песна петта (стих 4-12), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  13. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  14. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  15. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  16. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  17. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  18. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  19. Данте Алигиери „Пеколот“, белешка на уредувачот стр.37,38, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  20. Данте Алигиери „Пеколот“, песна петта (28-36), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  21. Данте Алигиери „Пеколот“, песна шеста (7-15), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  22. Данте Алигиери „Пеколот“, песна седма (25-30), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  23. Данте Алигиери „Пеколот“, песна седма (124-130), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  24. Данте Алигиери „Пеколот“, белешки од уредувачот стр. 77-78, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  25. Данте Алигиери „Пеколот“, белешки од уредувачот стр. 157, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  26. Данте Алигиери „Пеколот“, песна 25 (49-63), препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982
  27. Данте Алигиери „Пеколот“, белешки на уредникот стр.157, препев Георги Сталев; Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Скопје, 1982

Надворешни врски[уреди]