Партнерство за мир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Членки на Партнерството за мир. Легенда:
  Членки на ПзМ
  Членки на ПзМ кои се придружија на НАТО во 1999
   Членки на ПзМ кои се придружија на НАТО во 2004

Партнерство за мир (ПзМ) е програма на НАТО насочена кон соработка и создавање на доверба помеѓу членките на НАТО и останатите земји од Европа и од поранешниот СССР. ПзМ е процес кој ги здружува НАТО - сојузниците и земјите партнери во широка програма на заедничка одбрана и одбранбени активности, почнувајќи од воена соработка до одбранбена соработка на разни полиња, како што се превенцијата на конфликти, програмите за цивилна помош, раководењето со воздушниот сообраќај или соработка во вооружувањето. ПзМ е отворена и транспарентна програма и нејзините активности се отворени за сите партнери и сојузници.

НАТО го воспостави Партнерството за мир во јануари 1994 со цел да ја зголеми стабилноста и безбедноста низ Европа. Основните цели на ПзМ, објавени во 1994, важат и денес. Тие го подразбираат следново:

  • подобрување на транспарентноста на националната одбраmбена програма и воениот буџет;
  • обезбедување демократска контрола врз националните вооружени сили; и
  • долгорочно развивање на националните сили на партнерите кои можат полесно да станат интероперативни со силите на НАТО-членките.

ПзМ денес е постојана карактеристика на европската одбранбена архитектура. Двегодишната програма во која учествуваат сојузниците и партнерите сега содржи повеќе од 2000 активности, почнувајќи од големи воени вежби до мали работни групи на определени задачи. Фактички, ПзМ навлегува во сите области на активностите на НАТО. Земјите самите избираат кои активности од програмата ПзМ одговараат на нивните специфични потреби, а не се спротивни на нивната државна политика и се во согласност со сопствените финансиски средства, во процесот на "автодиференцијација", кој е еден од клучните принципи на Програмата.

Евроатлантскиот партнерски совет (ЕАПС) дејствува како политичка закрила на ПзМ и им нуди на сојузниците и на партнерите форум за размена на погледи во врска со заедничките безбедносни прашања. Улогата на партнерите доби мошне големо значење со секојдневната работа на ПзМ, посебно со создавањето партнерски елементи во неколку штабови на НАТО, каде што офицерите на НАТО и на партнерите се поставени на меѓународни функции врз трајна основа.

Во 1997, НАТО - сојузниците решија да го зајакнат ПзМ преку доделување на пооперативна улога, нудење на поголема инволвираност на Партнерите во донесувањето на одлуки и во планирањето и зајакнувањето на нивната улога во политичките консултации. Оваа одлука се должеше делумно на искуството од мултинационалната соработка што се создаде преку IFOR (Сили за имплементација) и подоцна SFOR (Сили за стабилизација) за време на мировните мисии во Босна и Херцеговина.

На Вашингтонскиот самит, "Зајакнатото и пооперативно партнерство за мир" беше потврдено од претседателите на држави и од премиерите. До овој чекор се дојде благодарение на дотогашното искуство и нуди насока за оперативното Партнерство во 21 век.

Зајакнатото и пооперативно партнерство за мир се заснива врз следниве три елементи:

  • Политичко-воена рамка за ПзМ операции предводени од НАТО;
  • Проширениот и адаптиран Процес за преглед и планирање (ПАРП); и
  • Зајакнување на практичната воена и одбрамбена соработка со која се покрива целосниот спектар на соработката во ПзМ.

Во центарот на овој трет елемент се наоѓа иницијативата за „Концептот за оперативните способности на ПзМ операциите предводени од НАТО“, која става посебен акцент на зголемувањето на воената ефикасност на мултинационалните сили. Нејзина цел е уште повеќе да се зајакне воената соработка и да се помогне развојот на силите на партнерите заради нивна поголема интероперативност со оние на НАТО - членките при идните операции за превенција на конфликти.

ПзМ продолжува да ја поддржува преобразбата на Алијансата. Повеќе елементи од ПзМ се однесуваат на новата улога и на мисиите на Алијансата и се во согласност со изменетиот Стратешки концепт. ПзМ продолжува да еволуира и Алијансата гледа на тоа како на динамичен процес кој, постепено, сосема ќе ги приближи НАТО и партнерите.

Надворешни врски[уреди]