Парменид

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Парменид (околу 504 год. п.н.е.) е најзначајниот претставник на Елејската школа. Се смета за дедуктивен философ, прв рационалист во антиката. Тој ги применува со сета строгост формално-логичките закони на идентитетот и непротивречноста и во своите философски расудувања. Основен поим за него е битието, а основна поставка битието е. За да се каже дека „битието е“, тоа е идентично со исказот „битието бидува“, т.е. тоа е еден пример на формално-логичкиот закон на идентитетот „Ако р, тогаш р“ или во неговата предикативна примена „За секоја ствар, ако таа ствар е А, тогаш таа ствар е А“ или упростено „А е А“. Според тоа „битието е“, е формално логички вистинито. Понатаму од „битието е“ следи „небитието не е“, т.е. „небитието не бидува“. Пармедид смета дека небитието дури не може ни да се мисли. Понатаму, Парменид докажува дека битието не е создадено, т.е. нема почеток, а и не пропаѓа, т.е. нема крај. Доказот го изведува со сведување на спротивното тврдење на апсурд. Тоа значи, ако се порекнува дека битието нема почеток, тогаш логички нужно мора да се тврди дека битието има почеток. Но тогаш, битието ќе потекнува или од небитие, што е невозможно, зашто од ништо - ништо. Или битието произлегува од битие, а тоа значи дека битието потекнало од себе самото, значи не потекнало воопшто! Слично се докажува и поставката дека битието не пропаѓа, нема крај. И така битието постои. Тоа ниту се раѓа ниту пропаѓа, туку е еднородно и вечно. Пармедид сметал дека битието е неподвижно. Имено, ако е деливо, тогаш треба да се оддели со нешто што не е битие, т.е. со небитие, а ние веќе докажавме дека небитието не постои. Штом небитието не постои, тогаш следува уште еден неминовен заклучок: битието е неподвижно, т.е. битието се' исполнува и, според тоа нема каде да се движи. И така, според Пармедид, битието постои, тоа е вечно, без почеток и крај, неделиво, неподвижно и еднородно, тоа е во секој сегмент едно и исто.