Охридска книжевна школа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Codex Assemanianus

Најстарата средновековна македонска книжевна школа е Охридската книжевна школа формирана во 886 година од Климент Охридски, а од 893 година му се придружил и Наум Охридски. Остатоците од оваа школа не се зачувани, но се лоцира во охридската месност Имарет. Како обележје на оваа школа е што ја зачувала кирилометодиевската глаголска традиција. Во Охридската школа кирилицата ќе почне да се применува дури по XII век.

Во рамките на оваа школа се подготвувал образовен кадар кој бил испраќан во учителска, проповедничка и свештеничка дејност во сите делови на Западна Македонија, во денешна Албанија и во другите делови на средновековна Бугарија.

Во најстарите зачувани ракописи се вбројуваат глаголските ракописи како: Асеманово евангелие, Синајски псалтир, Синајски еухологиј. Од понов период се ракописите со кирилско писмо како што се: Добромирово евангелие, Битолски триод, Охридски апостол, Болоњски псалтир.[1]

По смртта на свети Климент и свети Наум книжевната школа ја продолжиле нивните ученици. Тие главно се занимавале со препишување на творбите на светите учители. Многумина од нив од смирение, понизност и почит пред нивното големо дело останале анонимни и непознати. Меѓу непознатите автори се и составувачите на нивните житија. Ова експлицитно е наведено од анонимниот биограф на свети Наум, кој вели дека по наредба на Деволскиот епископ Марко, се зафатил со пишување на житијата на охидските светители и просветители. По повод годишнината од смртта на свети Климент еден друг анонимен автор составил Служба, мошне поетска, која претставува ретко убав споменик на македонската книжевност од овој ран период.

Меѓу непосредните ученици на свети Климент и на свети Наум е и Константин Презвитер, подоцна епископ Преславски. Тој е познат по неговите творби Азбучна молитва и Проглас кон Светото Евангелие. Негови се и делата Поучно Евангелие и преводите на Четирите слова против аријанството од свети Атанасиј Велики и Катехизисот на св. Кирил Ерусалимски и многу други.

Црноризец Храбар, чие вистинско име е непознато е исто така продолжувач на делото на свети Климент и на свети Наум. Негови дела се: О писменех, кое е апологија на македонската писменост и тој овде ја брани македонската азбука и го заштитува македонското културно дело од страна на горделивите грчки асимилатори. Тој во ова дело напишал: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек, а грчките ги создале Елините, кои биле пагани и незнабошци“.

Почетоци на Охридската книжевна школа[уреди]

Историските податоци и современите анализи извршени врз старословенскиот јазик утврдуваат факти што погледот кон природата на старословенскиот јазик е насочен кон сосема друг правец. Едено од прашањата што биле важни за понатамошно истражување на јазикот било утврдувањето на кој јазик или дијалект се засновал старословенскиот јазик. Бидејќи старословенскиот јазик бил главниот јазик во Охридската книжевна школа било од исклучителна значајност да се утврди ова прашање. Светските и македонските слависти сосема ја отфрлиле панонаската теорија за потеклото на старословенскиот јазик и со тоа се потврдила теријата за јужномакедонските говори. Така, славистите утврдиле дека старословенскиот јазик се базирал на говорите од Јужна Македонија особено врз говорите од Сухо и Високо.

Тесно поврзана со Охридската школа е и појавата на првата словенска азбука - глаголицата. Таа е создадена со цел да се преведуваат светите книги и различни литературни творби на јазикот кој народот би ги разбрал. Пред создавањето на македонската и сѐсловенската азбука, македонските словени и словенските народи што биле во близина на Грција и Апенинскиот Полуостров користеле грчки и латински букви за запишување на своите мисли. За ваквата ситуација сведочат и записите на монахот Црноризец Храбар, според кој таквата ситација имало сѐ додека не Свети Кирил не ја создал глаголицата.

Ракописите од Охридската и од Кратовската школа се совпаѓаат едни со други според повеќе правописни и јазични особености, и ја претставуваат македонската варијанта на црковнословенскиот јазик.

Наводи[уреди]

  1. Група автори: „Македонски јазик и литература“, Просветно дело, Скопје, 2006 година, стр. 32.