Острово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Острово
Άρνισσα
Острово is located in Грција
Острово
Острово
Местоположба во областа
Острово во рамките на Воден (општина)
Острово
Местоположба на Острово во општината Воден и областа Централна Македонија
Координати: 40°47.68′N 21°50.06′E / 40.79467° СГШ; 21.83433° ИГД / 40.79467; 21.83433Координати: 40°47.68′N 21°50.06′E / 40.79467° СГШ; 21.83433° ИГД / 40.79467; 21.83433
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругПостол
ОпштинаВоден
Општ. единицаОстровско Езеро
Надм. вис.&10000000000000580000000580 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно1.557
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Острово (грчки: Άρνισσα - Арниса, до 1926 г. Όστροβο, Острово[2]) — гратче во Воденско, Егејска Македонија, денес во општината Воден на Постолскиот округ во Централна Македонија, Грција. Населението брои 1.557 жители (2011).

Во минатото било населено исклучиво со Македонци, но подоцна се доселиле и турски семејства, па местото добило мешан етнички карактер.[3] Овие се иселиле со размената на населението во 1920-тите, а на нивно место дошле грчки бегалци од Турција. Денес сепак во голема мера преовладува македонското население.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на североисточниот брег на Островското Езеро, 25 км западно од градот Воден, на надморска височина од 580 м. Низ гратчето поминува железничката линија Солун - Лерин - Битола.[3] и претставува своевиден сообраќаен и економски центар, со разни управни установи, амбуланта, гимназија итн.[3]

Непосредно на југ од Острово е изграден тунел кој ја пренесува водата од езерото во реката Вода за снабдување на вештачката акумулација Владовско Езеро наменета за производство на струја. Затоа денес водата е донекаде повлечена и не доаѓа до самото гратче (или само до периферијата).

Историја[уреди | уреди извор]

Во антиката и средниот век[уреди | уреди извор]

Викиншката (Варјашка) царска гарда на Харалд во состав на византиската војска, единствено поради која Византијците успеале да ги победат македонските војски

На североисток од Острово во антиката се наоѓал градот Целе, центар на долномакедонската област Еордеја. Во римско време во близина поминувал патот Вија Егнација[4].

Во 1019 г. Острово се спомнува како дел од Мегленската епархија на Охридската архиепископија[5].

Познато е дека во XI век на островот Свети Пантелејмон во езерото се наоѓал царскиот замок[6]. Таму, во 1041 г. се одиграла Островската битка, во која македонскиот цар Петар Делјан е поразен од византиската војска, во голема мера помогната од викиншка платеничка војска на чело со идниот норвешки крал Харалд III. Овие подвизи на Харалд кај Острово се опишани во норвешка сага за неговите дела.

Османлиско време[уреди | уреди извор]

Во османлиско време Острово станало седиште на мудурлук), а во Островската нахија влегле селата Друшка, Русилово, Ослово, Нисија, Патичино, Жерви, Чеган и Кадрево.[4]

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и Островската џамија датираат пред 1571 г.[7] Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович го опишува Острово како:

забележително село, сместено крај планинско езеро и населено од Македонци[8] и Турци. Во него има црква, изградена на местото на постара црква уништена од Турците[9]

Околу 1840 г. имотите на селаните биле насилно приграбени од Илјаз-паша (родум Албанец од Дебар) и селото со тоа станало чифлигарско. Подоцна жителите успеале да ги го откупат селото.[10] Околу 1850 г. е изградена новата црква „Света Троица“.[4]

Околу 1858-1860 г. водите на Островското Езеро се надигнале, потопувајќи го теснецот на полуостровот, на кој се наоѓало селото Старо Острово, по што жителите биле приморани да се раселат во Воден, Битола и околните села.[11]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Острово (Ostrovo) е гратче со 389 домаќинства, со вкупно 1.400 жители Македонци-христијани и 450 Македонци-муслимани.[12][13]

Рушевините на Старо Острово и стрчнатото минаре на џамијата во езерото на разгледница од Првата светска војна

Во летото 1879 г. селото претрпело напад од разбојничка банда.[14]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Острово имало 750 жители Македонци[12] и 450 Турци.[15]

Во селото работел комитет на Македонската револуционерна организација, кој во 1902 г. бил откриен, а раководителите биле уапсени, но на патот за Воден биле спасени од четата на војводата Аргир Манасиев и испратени да пребегаат во Бугарија.[16] За време на Илинденското востание во 1903 г. во борбите како доброволци на МРО учествувале дури 40 жители на Острово.[4].

На почетокот на XX век во гратчето функционирале дури три странски пропагандибугарскata, грчкata и српскata. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Острово живееле 1.040 Македонци[12], од кои 768 под Бугарската егзархија и 272 Цариградската патријаршија. Во гратчето работеле бугарско, грчко и српско училиште.[17]

Во 1912 г. во Острово имало 233 куќи со вкупно 1.243 жители, разделени на македонско и турско маало. Од нив 908 биле Македонци, 320 Турци и 15 Роми[4].

Припојување кон Грција[уреди | уреди извор]

Острово со езерото на почетокот на XX век.

Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото е припоено кон грчката држава, кога имало 1.498 жители. Во 1917-18 г. Боривое Милоевиќ евидентирал 160 македонски и 95 турски куќи.[3] Во 1920 г. Острово е заведено со 1.276 жители.[3] Во 1924 г. турските жители на Острово се иселени во Турција и на нивно место се доведени 305 Грци-бегалци од Мала Азија и Понд. Во 1926 г. селото е преименувано во Арниса.[18] Во 1928 г. во Острово се евидентирани 1.289 жители[3], од кои 357 (80 семејства) биле доселеници.[19] Во Втората светска војна селото е окупирано од Бугарија и создадена е чета на бугарската паравоена организција „Охрана“.[20]

Население[уреди | уреди извор]

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 1669 1730 1827 1396 1464 1530 1550 1557
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Родови[уреди | уреди извор]

Како македонски родови според истражувањата од почетокот на XX век се забележуваат:

  • Поп-Трајковци (3 к.) староседелци.
  • Лимба (6 к.) староседелци.
  • Бојевци (9 к.) доселени се од некое село Цетине во Егејска Македонија во средината на XVIII век.
  • Бојне (15 к.) доселени се од селото Чеган на почетокот на XIX век.
  • Харишевци (4 к.) доселени се од селото Загоричани кај Костур, во почетокот на XIX век.
  • Куришевци (6 к.), Илковци (5 к.), Геловци (3 к.), Чаневци (3 к.), Тодоровци (18 к.) и Шепаковци (6 к.) сите овие родови се доселени на почетокот од XIX век од селото Бегна. Имале роднини во Долно Граматиково. А сите заедно имаат уште прастаро потекло од селото Чепелово кај Јанина во Епир. Од каде пребегнале поради насилствата кои ги вршел Али Паша Јанински.
  • Кулиши (10 к.) доселени се на почетокот од XIX век од некое село во битолско.
  • Дупкаревци (4 к.) доселени се во 1872 година од селото Горничево кај Лерин.
  • Берукуќа (1 к.) доселени се од селото Чеган во 1902 година.[21]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Гратчето припаѓа на општинската единица Островско Езеро со седиште во Острово, која припаѓа на поголемата општина Воден, во округот Постол. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Острово, каде спаѓаат и селата Друшка, Кадрево, Ново Русилово и Русилово.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Главно занимање на населението е земјоделството, но застапени се и трговијата занаетчиството и риболовот.[3] Главни производи се житото, сточните култури, грозјето, а во поново време и овоштарството, и тоа на површините ослободени од поивлекувањето на Островското Езеро со доведувањето на водата за потребите на ХЕЦ „Владово“.[3]

Личности[уреди | уреди извор]

Атанас Караташов (лево) и Григор Цоцев (десно)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Όστροβον -- Άρνισσα
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 54.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Македонски Алманах, издава ЦК на МПО, уредник Петар Ацев, издание на „The Macedonian Tribune“, Indianapolis, 1940, стр. 37
  5. Снегаров, Иван (1995) [1924]. История на Охридската архиепископия, т.1 (Второ фототипно издание. изд.). София: Академично издателство „Марин Дринов“. стр. 171–172.
  6. Иван Петрински, Къде е погребан цар Петър Делян? - „Сега“, 2 септември 2010 г.
  7. Δήμος Βεγορίτιδας. Ιστορικά & Θρησκευτικά Μνημεία[мртва врска]
  8. наречени „Бугари“, под влијание на бугарската политика
  9. Григорович, Виктор. Очерк путешествия по европейской Турции, 1877, стр. 93-94.
  10. Дебърски глас, година 2, брой 32, 22 февруари 1911, стр. 2.
  11. Дедијер, Јевто (1913). „Нова Србија“. Београд: Штампарија „Доситеје Обрадовић“. стр. 39–40. Посетено на 23 февруари 2013.
  12. 12,0 12,1 12,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  13. Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 158-159.
  14. Кирил патриарх Български. Българската екзархия в Одринско и Македония след Освободителната война 1877-1878. Том първи, книга първа, стр. 310.
  15. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 149.
  16. Известия на Института за българска литература. Т. 7, 1958, стр. 373.
  17. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 190-191.
  18. „Λιθοξόου, Δημήτρης. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  19. „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  20. Мичев, Добрин. Българското национално дело в Югозападна Македония (1941 – 1944 г.)
  21. Милојевиќ, Боривоје. Јужна Македонија.