Обработка на отпадни води

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Постројка за обработка на отпадна вода во Мадуродам, Холандија.

Обработката на отпадните води е процес на отстранување на загадувачите од отпадната вода. Вклучува физички, хемиски и биолошки процеси за отстранување на физички, хемиски и биолошки загадувачи. Целта на процесот е добивање на обработен ефлуент (отпаден поток) и цврст отпад или тиња погодни за испуштање или повторна употреба назад во животната средина. Овој материјал често е ненамерно загадуван со многу отровни органски и неоргански соединенија.

Тек на процесот[уреди]

Отпадната вода може да се обработи блиску до местото каде се создава (во септички тенкови, биофилтри или системи за аеробна обработка) или собрана и пренесена преку мрежа од цевки и пумпи до општинската постројка за обработка. Собирањето и обработката на отпадната вода обично е предмет на локални, државни и федерални регулативи и стандарди. На индустриските извори на отпадна вода често им се потребни специјализирани процеси на обработка.

При конвенционалната обработка на отпадна вода постојат три чекори: примарен, секундарен и терциерен. Примарната обработка се состои од привремено држење на отпадната вода во мирен басен каде тешките цврсти материи можат да се исталожат на дното, додека маслото, маста и полесните цврсти материи испловуваат на површината. Смирените и пловечките материи се отстрануваат, а преостанатата течност може да се испушти или да подлежи на секундарна обработка. Со секундарната обработка се отстрануваат растворените и суспендирани биолошки материи. Секундарната обработка најчесто се изведува од автохтони, водни микроорганизми. При секундарната обработка може да е потребен сепарациски процес за да се отстранат микроорганизмите од обработената вода пред нејзиното испуштање или терциерна обработка. Терциерната обработка понекогаш се дефинира како нешто повеќе од примарната и секундарната. Обработената вода понекогаш се дезинфицира хемиски или физички (на пример со лагуни и микрофилтрација) пред испуштањето во поток, река, езеро, брег, лагуна или мочуриште, или може да се користи за наводнување на голфски терени или паркови. Доколку е достатно чиста, таа може исто така што се употреби за обнова на подземните води или во земјоделски цели.