ОМО Илинден

Од Википедија — слободната енциклопедија

Оваа страница е заштитена од понатамошни измени на анонимни корисници, поради сомнителни придонеси на анонимни корисници што треба да се разгледуваат на разговорната страница.
За да ги видите претходните верзии, стиснете на врската историја.

За други значења на поимот Илинден воидете на појаснителната страница
Знаме на ОМО Илинден

ОМО „Илинден“ е една од неколкуте македонски организации во Република Бугарија, во Пиринска Македонија.

Создавање и развој

На 14 април 1990 во градот Сандански, во домот на Вихрен Запрев се собираат 38 претставници на четири македонски организации со основна задача создавање на една обединета македонска организација во Бугарија. Преку обединување на постоечките македонски организации во составот на новата организација тогаш влегуваат: „Комитетот за заштита на правата на Македонците“ од Благоевград, „Македонско културно-просветното друштво „Јане Сандански““ од село Микрево, „ВМРО 89" од Благоевград и ВМРО Илинден" од Петрич.[1][2] Сократ Маркилов и Атанас Кирјаков предлагаат новата организација да се вика ВМРО, но мнозинството го отфрла тој предлог со мотив дека името на михајловистичката ВМРО предизвикува многу негативни асоциации меѓу населението во Пиринска Македонија. Мнозинството го прифаќа името Обединета македонска организација „Илинден“.

На обединувачкиот состанок се избира првото раководство: Стојан Георгиев Томовичин за претседател, Сократ Маркилов (Почесен претседател), Јордан Костадинов за потпретседател, Петар Марчев секретар, Атанас Кирјаков главен координатор, Кирил Иванов (касиер). За членови на Координативниот совет се избрани Красимир Илиев од Дамјаница, Јордан Бербатов од Благоевград, Теодосиј Попов од Симитли, Красимир Тупареев од Катунци, Георги Сухаров од Петрич, Костадин Златинов од Микрево и Димитар Карамачев од Петрич.

По падот на комунизмот, во Бугарија завладува голема еуфорија, а кај Македонците се раѓа надеж дека конечно ќе можат да ги повратат националните права од времето на комунистичкиот режим на Георги Димитров. До 10 мај 1990 година, ОМО „Илинден“ во своите редови има околу седум илјади членови, меѓу кои се и познатите активисти Сократ Маркилов, Илија Кочев, Георги Сухарев, Панде Илиев, Иван Тимчев, Кирил Богов, Иван Тасев и Атанас Доганов.

Саботирање од страна на бугарските тајни служби

Од самиот почеток ОМО „Илинден“ се соочува со големи потешкотии во својата дејност. Првиот голем удар организацијата го добива одвнатре, со предавството на Красимир Илиев кој работи за Бугарските безбедносни органи. Бугарските судови и натаму одбиваат да ја регистрираат, додека политичарите и медиумите ја прогласуваат за „сепаратистичка и антибугарска организација, а нејзините членови за „платеници на странските тајни служби“. Честопати нејзините членови се апсени и физички малтретирани.[3]

Весници

Организацијата ги издавала весниците „Скорнување“ и „Независима Македонија“ (Независна Македонија), кои повеќепати се одземани од бугарската полиција, а сега нивното печатање е запрено поради недостиг на финансиско обезбедување.

Судски процеси пред Европскиот суд за човекови права

На судските процеси на ОМО „Илинден“ против Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, бугарската држава беше неколкупати осудувана за кршењето на правата на Македонците, со препорака бугарските судови да ја регистрираат организацијата. Вкупно досега организацијата има добиени пет дела за периодот од 2005 година до 2011, но бугарскиот суд и држава одбиваат да ги изполнат пресудите на судот во Стразбур.

На својата пета национална конференција, одржана на 21 септември 2010 година во градот Сандански, во присуство на 98 делегати од Пиринска Македонија организацијата избра нов управувачки совет од 9 лица. Во него влегуваат претседателот Јордан Костадинов, Иван Хаџиев, Славчо Бараков, инж. Јордан Бербатов, Александар Манчев, Дарина Иванова, Божидар Кирјанов и Георги Андонов. Избрана е и ревизиска комисија во состав Петар Мирчев, инж. Тодор Арнаудов и Кирил Иванов. Донесена е одлука да се направи обид да биде регистрирана како невладина организација, како и да дејствува заедно со ОМО Илинден - Пирин за остварување човековите права на Македонците во Бугарија.[1][мртва врска]

Поврзано

Наводи

  1. Владимир Коцелов, Спомени на един Македонец от Пирина,Благоевград 2006, 63 стр.
  2. Борис Павлов, По трагите на вистината (спомени за една голема љубов – Македонија), Прилеп 2015, 74 - 77 стр.
  3. Б’лгарска работа[мртва врска]

Надворешни врски