Нова социјалдемократска партија
Нова социјалдемократска партија (НСДП) е партија со социјалдемократска ориентација. Нејзин претседател е Тито Петковски, кој во ноември 2005 се отцепи од СДСМ[1][2].
Своето основачко собрание НСДП го одржа на 30 ноември, а основачкиот конгрес на 17 декември 2005.
Според Петковски НСДП ќе посвети посебно внимание на надминувањето на сиромаштијата во Република Македонија и на заштитата на правата на работниците. Како што тој истакна на Основачкиот конгрес: „Не смее да се случи во држава, која по својот Устав е социјална, правата на работниците да бидат во втор план, а на функционерите во прв.“
На парламентарните избори во 2006 година НСДП настапи самостојно, освојувајќи 6% од гласовите и 7 пратенички мандати, но по изборите влезе во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од пратеничкиот состав на НСДП во текот на мандатот две пратенички, Јагнула Куновска и Мирјана Секуловска, преминаа во ВМРО-ДПМНЕ.
На предвремените парламентарни избори во 2008 година, НСДП настапи во коалиција со СДСМ, освојувајќи 3 мандати. Веднаш по изборите, поради незадоволство од напуштањето на коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, партијата ја напуштија Лазар Еленовски, Веле Митановски, Вера Рафајловска и Живко Јанкуловски. Првите тројца ја формираа Социјалдемократската унија, а Јанкуловски - Партијата на обединетите демократи на Македонија.
НСДП настапи во коалицијата со СДСМ и на парламентарните избори во 2011 година, кога освои 4 мандати.