Нефертити

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Нефертити (што се изговарало отприлика како нафратита) (1370– 1330 п.н.е.) била Големата Кралска Сопруга (или главна придружничка/сопруга) на египетскиот фараон Акенатен/Акенатон/Ехнатон. Таа била мајка или маштеа на фараонот Тутанкамон. Нефертити веројатно владеела како фараонка според наследно право и тоа под името Нефернеферуатен веднаш по смртта на сопругот и пред доаѓањето на Тутанкамун, иако неговата идентификација е непотврдена според последните истражувања. Нејзиното име грубо преведено значи „убавата (или совршената) жена дојде“. Нејзиното име исто така е име за издолжен златен бисер што се нарекува нефер, со кој често пати е насликана. Таа стана славна заради нејзината биста во Берлинскиот музеј. Таа биста е едно од најкопираните дела на древниот Египет. Припишана е на скулпторот Тутмос и била пронајдена во неговата гробница. Бистата е значајна, бидејќи укажува дека древните Египќани имале познавање за реалистичните фацијални пропорции. Таа имала бројни титули. Така на пример во Карнак има натписи во кои стои; Наследничката, Полна со Доблести, Што поседува Шарм, Која зрачи Радост, Господарка на Милоста, љубената, што го утешува кралското срце во неговата куќа, Господарка на Горниот и Долниот Египет, Големата Кралска Жена, која ја љуби, Божицата на Двете Земји, Нефертити.

Фамилија[уреди]

Родителите на Нефертити не се познати со сигурност, но генерално се смета дека таа била ќерка на Ај, кој подоцна станала фараон. Друга теорија, што наиде на одредена поддршка, ја идентификува Нефертити со митаниската принцеза Тадукипа. Името Нимеритин се споменува во старите свитоци, како алтернативно име, но сепак сѐ уште тоа не е потврдено. Исто така, се сугерира дека Нефертити била ќерка или роднина на Аменхотеп III, или дека потекнува од високо тебанско благородништво. Друга теорија ја смета Нефертите како ќерка на Ситамун, полусестрата на Аменхотеп Трети. Кралицата Јарет била мајката на Ситамун. Јарет имала високи наследни титули кои биле укинати со издигнувањето на Аменхотеп III. Ситамун е издигната до Голема Кралска Жена покрај Тија, но нема навестувања дека таа некогаш имала деца. Постојат некои докази засновани на титулите од двете жени, кои сугерираат дека тие биле поврзани на некој фамилијарен начин.

Нејзиното име значи „убавата“. Нефертити обожувала само еден бог и тоа Атон. Во зависност од тоа која реконструкција на генеалогијата за древните египетски фараони се следи, нејзиниот сопруг Акенатон (Ехнатон) би можел да биде таткото или полубратот на фараонот Тутанкатен (подоцна познат Тутанкамен). Точниот датум на венчавката меѓу Нефертити и Аменхотеп IV не е познат, ниту пак се знае кога е прогласена за Кралица. Во секој случај, тие имале шест познати ќерки. Ова е листата со нивните претпоставени датуми на раѓање;

  • Меритатен (1356 п.н.е.)
  • Мекетатен (1349 п.н.е.).
  • Анкесенпатен (Анкесенамен) подоцна станала кралица на Тутанкамун
  • Нефернеферуатен Ташерит - 6 годишна (1344 п.н.е.)
  • Нефернеферуре: 9 годишна (1341 п.н.е.).
  • Сетепенре: 11 годишна (1339 п.н.е.).


Во четвртата година од неговото владеење (1346 п.н.е) Аменхотеп IV го започна своето обожување на Атен. Кралот, всушност, започна религиозна револуција во која Нефертити играше значајна улога. Се смета дека оваа година го означува почетокот на изградбата од неговиот нов главен град, Акетатен, кој денес е познат како Амарна. Во петтата година, Аменхотеп IV официјално го промени своето име во Акенатен како потврда за новото обожување. Овој настан се проценува дека се случил околу 2 јануари од истата година. Во 7-та година од своето владеење (1343 п.н.е.) главниот град официјално се преместил од Теба во Амарна, иако изградбата на градот изгледа дека се одвивала наредните две години (се до 1341 п.н.е). Новиот град беше посветен на новата религија од кралската двојка. Фамозната биста на Нефертити се смета дека е изработена токму во овој период. Во натпис кој е датиран на 21 ноември од 12-тата година на владеењето (1338 п.н.е), нејзината ќерка Мекетатен се споменува за последен пат; се претпоставува дека таа умрела во тој период. Еден доказ што покажува дека таа умрела пред нејзиниот сопруг, вклучува неколку фрагменти за погребот на Кралицата, кои денес се наоѓаат во музеите Лувр и Бруклин

За време на владеењето од Акенатен (и веројатно потоа) Нефертити уживала невидена моќ. Постои доказ дека таа била издигната до статус на со-владетел; со подеднаков статус како оној на фараонот. Честопати таа била насликана на храмските ѕидови со иста големина како кралот, со што се укажува на нејзината величина и како го обожува Атен сама. Веројатно најимпресивен е приказот на храмот во Амарна (кој сега се наоѓа во Бостонскиот музеј) каде Нефертити пред богот Атен (Атон) удира странски непријател со жезло. Ваквите прикази и слики традиционално биле резервирани само за фараонот, па сепак Нефертити е прикажана баш како фараонка.

Портал „Египтологија