Небесна сфера
Во астрономијата и морепловството, небесна сфера е замислена сфера (топка) со произволно голем радиус која е концентрична на Земјата и се врти на оска. Сите објекти на небото можат да се сфатат како да се проектирани на оваа небесна сфера. Небесниот екватор и небесните полови се нагорно проектирани од Земјиниот екватор и нејзините полови. Небесната сфера претставува мошне практично помагало во положбената астрономија.
Евдоксиевиот планетарен модел, на кој се засноваат Аристотеловиот и Птоломеевиот модел, е првото геометриско толкување за „скитањето“ на планетите.[1] Се сметало дека на најнадворешната од овие „кристални сфери“ биле сместени неподвижните ѕвезди. Евдокс одговорил на Платоновиот предизвик: „Со какви рамномерни и складни движења можеме да ги протолкуваме привидното движење на планетите?“[2] користејќи се со 27 сферни тела.
Содржина |
[уреди] Ефекти на паралакса
Небесната сфера може да се користи од геоцентрично и топоцентрично гледиште. Во првиот случај во средиштето се наоѓа замислен набљудувач во центарот на Земјата, и затоа не се земаат предвид ефектите на паралакса. Во вториот случај набљудувачот е на површината на земјата, и тогаш хоризонталната паралакса не може секогаш да се занемари, особено кога се работи за Месечината.
[уреди] Небесни полутопки
Небесната сфера се дели на две полутопки (хемисфери): северна и јужна. Располовена е во местото кајшто ја сече екваторот, и на овој начин можеме да ги пронајдеме и северниот и јужниот небесен повратник и северниот и јужниот небесен пол. Положбите и одредниците на разни објекти на небото се утврдуваат со помош на небесен координатен систем.
[уреди] Ѕвездено време
Бидејќи Земјата околу прави едно свртување околу својата оска на секои 24 часа од запад кон исток, нам ни изгледа дека небесната сфера и сите објекти на неа се вртат од исток кон запад околу небесните полови. Ова е дневното движење. Затоа ѕвездите изгреваат на исток, ја достигнуваат врвната точка на линијата север-југ (меридијанот) и заоѓаат на запад (со исклучок на околуполарните т.е. незаоѓачки ѕвезди). Следната ноќ извесна ѕвезда повторно ќе изгрее, но нашите обични чесовници (со 24 часа 0 минути) ќе покажат дека ѕвездата изгреала 4 минути порано. Следната ноќ разликата ќе биде 8 минути, и сè така за секоја следна ноќ (или ден).
Причината за оваа недоследност е фактот што на небесната сфера Сонцето не стои мирно како другите ѕвезди, туку се движи на исток за околу 1° дневно долж голема кружница наречена еклиптика (правејќи 360° или цел круг за една година). Бидејќи аголот од 1° соодветствува на 4 минути време (360° = 24 часа), потребни ни се 4 дополнителни минути дневно движење за да го видиме Сонцето повторно на истото место. Со тоа едно свртување трае точно 24 часа (во просек, занемарувајќи ги ситните сезонски варијации)
Од оваа причина, обичните часовници покажуваат сончево време. Астрономите што го изучуваат движењето на ѕвездите мерат во ѕвездено време, каде објектите се свртуваат еднаш на 23 часа и 56 минути (наше време).
[уреди] Ѕвезден глобус
Небесната сфера може да се претстави и на макета наречена ѕвезден глобус. На топките на ваквите глобуси се исцртани соѕвездијата, отсликувајќи го она што можеме да го видиме од Земјата. Најстариот зачуван примерок е скулптурата Фарнезински Атлас, и копија од II век на постаро вајарско дело од хеленистичкиот период, изработено околу 120 п.н.е.).
[уреди] Поврзано
- Армиларна сфера
- Небесен хоризонт
- Небесен координатен систем
- Рамноденица
- Поларна ѕвезда
- Солстициј
- Зодијак
[уреди] Наводи
- ↑ Mendell, Henry (16 септември 2009). „Евдокс од Книд: Астрономија и хомоцентрични сфери“. http://www.calstatela.edu/faculty/hmendel/Ancient%20Mathematics/Eudoxus/Astronomy/EudoxusHomocentricSpheres.htm. (англиски)
- ↑ Lloyd, G.E.R. (1970). „Early Greek Science: Thales to Aristotle“. New York: W.W. Norton & Co. стр. 84. ISBN 9780393005837. http://books.google.com/books?&id=de0PAQAAMAAJ&q=orderly+motions.
- Bowditch, Nathaniel (2002). „The American Practical Navigator“. Bethesda, MD: National Imagery and Mapping Agency. ISBN 0939837544. http://www.irbs.com/bowditch/.
- MacEwen, William A.; William Hayler; Turpin, Edward A. (1989). „Merchant Marine officers' handbook: based on the original edition by Edward A. Turpin and William A. MacEwen“ (Петто издание). Cambridge, Md: Cornell Maritime Press. стр. 46-51. ISBN 0-87033-379-8.
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Небесна сфера“ |
[уреди] Македонски
- Астроучилница: За небесната сфера и координатните системи - Скопско астрономско друштво (македонски)
[уреди] Англиски
- Месечни ѕвездени карти за секое место на Земјата - Астрономски клуб на Телавивскиот универзитет (англиски)