Националните паркови во Нов Зеланд (обележани со зелено)
Нов Зеланд има четиринаесет национални паркови под управа на Службата за заштита на природата на Нов Зеланд. (англиски: Department of Conservation)[1]
По Законот за национални паркови од 1980 г., национални паркови и резервати се создаваат во области каде пределите и пејзажите се од карактеристичен квалитет, или пак природните карактеристики или еколошките системи се од таква научна важност, што се смета дека нивното запазување е од национален интерес. Законот и овозможува на јавноста слобода на влез и пристап во парковите, но со услови и ограничувања кои се неопходни за зачувувањето на автохтоните растенија и животни, или воопшто за благосостојбата на паркот. Постојат и особено заштитени подрачја (550 км²) во кои може да се влезе само со писмена дозвола.
Законот налага националните паркови да се одржуваат во што поприродна состојба, со што би се одржала нивната вредност како почва, вода и шуми. Автохтоните растенија и животни се заштитени, додека донесените растенија и животни се отстрануваат доколку нивното присуство ги пореметува пропишаните цели. Градежништвото во дивите предели е ограничено на планинарски патеки и колиби кои се од суштинска важност за контролирање на дивите животни и вршење на научни истражувања. Законот ѝ дозволува на Службата за заштита на природата да гради планинарски домови, колиби, кампови, жичарници и слични објекти, како и паркинзи, патишта и патеки. Сместувањето, транспортот и други услужни дејности на влезните места во парковите го овозможува службата, други владини установи, доброволни организации и приватни фирми. Некои услуги во парковите, како обиколки со водич и обука по скијање, ги овозможуваат приватни фирми со концесии од службата.
Список на национални паркови [уреди]
Од север кон југ, националните паркови во Нов Зеланд се следниве:
- Национален парк Тонгариро
- (796 км², основан 1887) Првиот национален парк во Нов Зеланд. Има три активни вулкани, Руапеху, Нгаурухое и Тонгариро.
- Национален парк Те Уревера
- (2127 км², основан 1954) Заедно со соседниот шумски парк Фиринаки, Те Уревера е најголемиот сочуван предел со автохтони шуми на Северниот Остров. Езерото Ваикаремоана во паркот е познато по неговото живописно крајбрежје.
- Национален парк Егмонт
- (335 км², основан 1900) Го опфаќа целото земјиште во радиус од околу девет километри, од планината Таранаки/Егмонт и некои погранични предели на север. Симетричниот конус на заспаниот вулкан е провинцијално обележје.
- Национален парк Фангануи
- (742 км², основан 1986) Се граничи со реката Фангануи. Сочинет е од крунска земја, поранешна државна шума и разни поранешни резервати. Самата река не претставува дел од паркот.
- Национален парк Кахуранги
- (4,520 км², основан 1996) Се наоѓа северозападиот дел од Јужниот Остров. Полн со спектакуларни и изолирани предели. Има прастари релјефни форми и уникатна флора и фауна. Овој национален парк е втор по големина во земјата.
- Национален парк Абел Тасман
- (225 км², основан 1942) Има многубројни приливни мореузи и плажи со златен песок долж крајбрежјето на Тасмановиот Залив. Ова е најмалиот национален парк во Нов Зеланд.
- Национален парк Нелсонски Езера
- (1.018 км², основан 1956) Дива и нерамна планинска област во регионот Нелсон. Се протега на југ од пошумените брегови на езерата Ротоити и Роторуа па сè до Национален резерват Луисов Премин.
- Национален парк Папароа
- (306 км², основан 1987) На Западниот Брег на Јужниот Остров помеѓу Вестпорт и Грејмаут. Во паркот се наоѓаат прочуените „Карпи-Палачинки“ (Pancake Rocks) кај Пунакаики.
- Национален парк Артуров Премин
- (1,144 км², основан 1929) Дива планинска област која се протега напреку главната делница на Јужните Алпи.
- Национален парк Вестленд Таи Поутини
- (1,175 км², основан 1960) Се протега од највисоките врвови на Јужните Алпи до диво изолирано крајбрежје. Во паркот има глечери, живописни езера и густа дождовна шума, како и остатоци од рударски населби долж крајбрежјето.
- Национален парк Аораки/Кукова Планина
- (707 км², основан 1953) Алпски парк, со највисоката планина во земјата: Кукова Планина (3.754 м) и најдолгиот глечер, Тасмановиот Глечер (29 км). Областа е мошне популарна за планинарство, скијање и туристичко надлетување. Овој парк има предели со извонредна природна убавина. Овој нацинален парк, заедно со националниот парк Вестланд се прогласени за светско наследство.
- Национален парк Маунт Аспајринг
- (3.555 км², основан 1964) Комплекс од импресивно глацијализирани планиниски пејзажи распределени околу планината Маунт Аспајринг/Тититеа (3.036 м).
- Национален парк Фјордленд
- (12.519 км², основан 1952) Најголемиот национален парк во Нов Зеланд и еден од најголемите во светот. Со неговите величествени пејзажи со длабоките фјордови, глечерски езера, планини и водопади, паркот се стекнал со светска слава како светско природно наследство.
- Национален парк Ракиура
- (1.500 км², основан 2002) На Стјуартовиот Остров/Ракиура.
Видете исто така [уреди]
Надворешни врски [уреди]