Народна носија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мариовска женска носија
Мијачка моминска носија
Женска носија од Битолско
Мариовска машка носија

Народна носија – назив за традиционална и историска облека. Носиите вообичаено постојат во рамките на поедини области, држави или членови на некоја група како што се етничките групи.

Традиционалната службена облека главно ја носат членовите на одредена струка од урбаните средини, додека народната носија има свои корени во руралните подрачја. Првите селски народни носии се појавуваат кон крајот на 15 век.

Обично носиите постојат во две верзии: носија за работни денови и свечена носија.

Носијата открива разни информации за лицето кое ја носи:

  • од која област е
  • од кое село е
  • социјалниот статус во заедницата
  • статус (слободен/слободна, женет/мажена, вдовец/вдовица)
  • приказ на жалост за починато лице
  • повод (венчавки, празници, и др.)

Македонски народни носии[уреди | уреди извор]

Според основните типски одлики македонските народни носии можат да се групираат во два основни типа:

  • Западномакедонски тип
  • Источномакедонски тип

Кон првиот тип, во најголема мера припаѓаат носиите од горновардарската, дебарско–реканската и брсјачката етнографска целина со следниве одлики:

  • Горни бели клашнени облеки, со богата декорација од гајтански апликации (црни, црвени, срмени), украси со срмен терзиски вез, со апликација од чоја, со волнени рески и сл.
  • Бели платнени кошули (од лен, коноп, памук) од типот на централнобалканските кошули, богато украсени (посебно женските) со специфична полихромна декорација во геометриски дух, поретко и со бел вез
  • Разновидни појаси (машки и женски) и појасчиња (женски), најразлично украсени (ткаени, плетени)
  • Скутини женски (ретко и машки) во разни димензии (големи и мали) со специфична геометриска орнаментална декорација, со дополнителни украсни елементи рески или без нив
  • Специфични женски покривала за на глава (сокај, гајтан, корпа, дарпна, марама) со богато везена декорација дополнета со рески
  • Богат и масивен женски накит со разни форми на китење и украсување.

Кон источномакедонскиот тип припаѓаат носиите од средновардарската подгрупа, шопско–македонската, струмо–местанската и јужномакедонската етнографска целина, со следниве одлики:

  • Горни облеки (машки и женски) во потемен колорит (од црн, темносин или во сура боја шајак), облеки од пругава лито ткаена волнена ткаенина алаџа и антерија. За разлика од западномакедонскиот тип украсувањето е во поскромен обем, главно со волнени гајтански апликации, индустриски ленти, ширити и др.
  • Горни женски платнени облеки саи, главно бели, како и сино бојосани
  • Долни облеки (машки и женски) од коноп, лен, памук или од платно во пруги со кенари. Во декорацијата на женските кошули и саи важно место има вткаената орнаментална декорација ткаена во техника пребир – шар на разбој или вез на разбој; украсувањето со вез по карактер и везачки техники значително отстапува од геометрискиот дух карактеристичен за везената декорација кај облеките од западномакедонскиот тип; на места отсуството на везена декорација е заменето со украсување од рачно плетени полихромни тантели во турско–ориентален дух
  • Женските скутини, за разлика од западномакедонскиот тип се со поскромна вткаена декорација; во некои пределски целини се застапени скутини со вткаени каро комбинации; застапеност на машките скутини (во делови од средновардарската подгрупа на носии)
  • Во голем број случаи машките чорапи се одликуваат со вплетена орнаментална декорација со карактеристични геометриски мотиви
  • Во китењето и украсувањето доминантно место има монистрениот накит; кај одделни носии тој е придружен и со маркантен накит како што се на пример пафтите.

Примери на традиционални носии[уреди | уреди извор]

Народната носија во бројни делови на светот се смета како дел од културното наследство. Во денешното доба на глобализација во секојдневниот живот, традиционалните носии во голема мерка се потиснати и се носат само за посебни пригоди.

Во некои земји, традиционалната облека сè уште се носи во секојдневниот живот.

Примери за традиционални носии:

  • килт (Шкотска)
  • дирндл (Австрија, Баварија)
  • кимоно (Јапонија)
  • сари (Индија и Непал)
  • тамен (Мјанмар)

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]