Мртов товар (економија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мртов товар на оданочувањето создаден со воведување на горна ценовна граница. Производствениот вишок се намалува, а потрошувачкиот вишок може, но не мора да се зголеми. Притоа, намалувањето на производствениот вишок мора секогаш да биде поголемо од зголемувањето (доколку постои) во потрошувачкиот вишок.

Мртов товар (познат и како дополнителен товар и алокативна неефикасност) — загуба на економска ефикасност којашто се јавува кога не е постигнато рамнотежното ниво на пазарот на добра и услуги. Причини за појава на мртвиот товар може да бидат: монополско одредување на цена, постоење на екстерналии, оданочување и доделување субвенции, одредување ценовни граници, одредување минимална плата и др. Појавата на мртвиот товар обично се поврзува со ефектите од воведувањето на даноци и политиките за ограничување на монополите, па така се среќава и како „мртов товар на оданочувањето“ или „мртов товар на монополот“.

Харбергеров триаголник[уреди | уреди извор]

Мртвиот товар е претставен со површината на триаголникот сместен десно од правоаголникот обоен во сиво и ограничен со кривите на понудата и побарувачката. Овој триаголник понекогаш се нарекува „Харбергеров триаголник“.

Харбергеровиот триаголник, именуван по американскиот економист Арнолд Харбергер, го претставува мртвиот товар од вмешувањето на државата на пазар на којшто владее совршена конкуренција. Ова може да се случи како резултат на воведување на ценовни граници, даноци, такси и акцизи. Триаголникот исто така го претставува мртвиот товар создаден од страна на неуспешноста на државата да се вмеша на пазар на којшто постојат екстерналии.[1] Површината на триаголникот е ограничена со кривите на понудата и побарувачката и се протега од оптималното количество во рамнотежното ниво пред и по вмешувањето на државата.

Вмешувањето на државата влијае кон намалување на производствениот и потрошувачкиот вишок, така што на графикот на понудата и побарувачката се создава празен простор составен од правоаголник и триаголник. Правоаголникот, којшто се наоѓа меѓу производствениот и потрошувачкиот вишок и се протега од почетното количество на производство, т.е. ценовната оска, до оптималното количество на производство на рамнотежното ниво на понудата и побарувачката по вмешувањето на државата, ги претставува приходите од спроведување на државната политика. Триаголникот, којшто е ограничен со кривите на понудата и побарувачката и се протега од оптималното количество на рамнотежното ниво на понудата и побарувачката по вмешувањето на државата до оптималното количество на рамнотежното ниво на пазарот пред вмешувањето на државата, го претставува мртвиот товар. Вака одредениот мртов товар понекогаш се нарекува „Харбергеров триаголник“.

Некои економисти, меѓу кои и Џејмс Тобин, сметаат дека ваквите триаголници немаат големо влијание врз економијата, одека други, меѓу кои и Мартин Фелдштајн, укажуваат на тоа дека тие можат да имаат сериозни ефекти врз надолното движење на долгорочните економски трендови и со тоа да причинат зголемување на загубите на долг рок.

Хиксов и Маршалов мртов товар[уреди | уреди извор]

Потребно е да се направи разлика меѓу Хиксов (именуван по Џон Хикс) и Маршалов мртов товар (именуван по Алфред Маршал). Маршаловиот мртов товар е поврзан со концептот на потрошувачки вишок и тој има вредност еднаква на нула кога побарувачката е совршено еластична или кога понудата е совршено нееластична. Од друга страна, Хикс ја анализирал состојбата со криви на рамнодушност и забележал дека кога Маршаловата крива на побарувачка се одликува со совршена нееластичност, политиката којашто предизвикува нарушување на нивото на релативни цени ќе има ефект на замена којшто всушност го претставува мртвиот товар.

Во современата економска литература, како мерка на загубата на даночниот платец од нарушувачкиот данок најчесто се применува еквивалентната разлика. Еквивалентна разлика е најголемиот паушален износ којшто даночниот платец би бил подготвен да го плати за да го избегне нарушувачкиот данок. Мртвиот товар во тој случај може да се толкува како разлика меѓу еквивалентната разлика и приходите остварени од данокот. Оваа разлика може да им се припише на промените во однесувањето предизвикани од нарушувачкиот данок коишто се измерени преку ефектот на замена. Сепак, ова не е единственото толкување и некои автори посочуваат дека Артур Пигу не користел данок во паушален износ како појдовна точка при објаснувањето на мртвиот товар (дополнителен товар).[2]

Друга мерка за на загубата е разликата за надоместување, којашто се заснова на Хиксовата крива на побарувачка наместо на Маршаловата. Во однос на нарушувачкиот данок, разликата за надоместување го претставува најмалиот трансфер во паушален износ којшто даночниот платец, кој е рамнодушен меѓу трансферот во паушален износ со данок и почетната состојба без данок, е подготвен да го плати. Мртвиот товар во овој случај случај е најмалиот паушален износ.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Negative Externality“. Посетено на February 11, 2012.
  2. Lind H., Granqvist R.(2010). A Note on the Concept of Excess Burden, in “Economic Analysis & Policy”. Vol. 40, No. 1, March, pp. 63-73.

Литература[уреди | уреди извор]