Мртовец (филм)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


„Мртовец“
DeadManPoster.jpg
Сцена од филмот
Режирано од Џим Џармуш
Продуцент Деметра Џ. Мекбрајд
Сценарист Џим Џармуш
Настапуваат Џони Деп
Гари Фармер
Музика Нил Јанг
Кинематографија Роби Милер
Монтажа Џеј Рабинович
Дистрибутер Мирамакс
Премиера 26 мај 1995 (премиера на Канскиот филмски фестивал)
Времетраење 121 минути
Држава САД
Јазик Англиски јазик
Буџет $9,000,000 (est.)
Бруто заработка $1,025,488 (USA)

Мртовец е американски вестерн филм од 1995 година снимен по сценарио и режија на Џим Џармуш. Глумат Џони Деп, Гери Фармер, Били Боб Торнтон, Иги Поп, Криспин Гловер, Џон Харт, Мајкл Винкот, Ленс Хенриксен и Роберт Мичам (ова е негова последна улога). Филмот имал работен наслов „Киселиот вестерн“,[1] и има извртени елементи на жанрот вестерн. Филмот е сниман во црно-бела техника. Некои го сметаат за последен постмодерен вестерн.[2][3]

Содржина[уреди]

Вилијам Блејк (Џони Деп) е сметководител од Кливленд, Охајо. На почеток од филмот, го гледаме во воз, со кој треба да стигне до град во пограничен дел, каде треба да работи како сметководител. Кога стигнува во градот, Блејк дознава дека работното место е пополнето. Фирмата е на локалниот богаташ Џон Диксон (Роберт Мичам), а од таму е избркан со пушка. Без пари и без работа, Блејк седнува на улица и пие алкохол. Во моментот од барот ја фрлаат на улица Тел Расел (Мили Авитал), поранешна проститутка која сега продава цвеќиња од хартија. Таа го замолува да ја испрати до дома, каде завршуваат во кревет. Но во собата на Тел ненајавено влетува нејзиното бившо момче, Чарли (Габриел Бирн), кој пука во Блејк. Куршумот минува низ телото на Тел, која е наместо мртва, и заглавува блиску до срцето на Блејк. Блејк го убива Чарли со пиштолот на Тел кој стои под перницата, и бега од градот на коњот од Чарли. Сопственикот на компанијата каде што требаше да работи Блејк е таткото на Чарли, па ангажира тројца легендарни убијци да го убијат Блејк и да му го вратат скапиот коњ. Исто така праќа и потерница до сите околни шерифи.

Блејк се буди паднат од коњот, и врз себе здогледува дебел Индијанец (Гери Фармер) кој се обидува да му помогне. Индијанецот, кој се нарекува себе си „Никој“, ќе раскаже дека кога бил дете го заробиле Англичаните и го однесле во Лондон да го покажуваат како „ретка ѕверка“. Подоцна го школувале, а тој успеал да избега и да се врати во Америка. Кога ќе дознае дека Блејк се вика Вилијам Блејк, го смета за реинкарнација на славниот поет,[4] чии песни ги сакал додека учел во Лондон. „Никој“ го смета Блејк за „жив мртовец“, но му помага да стигне до океанот. Во меѓувреме, откако „Никој“ ќе забележи дека Блејк го следат, ќе го остави во шумата за да си ја исполни својата „легенда“: да убие колку може повеќе белци. Од тројцата платени убијци, останува само едниот, Кол Вилсон (Ленс Хенриксен), кој ги убива останатите двајца, а едниот го јаде.

Блејк убива двајца шерифи, жали по едно убиено срнче, и на крајот повторно се среќава со „Никој“, па заедно го продолжуваат патувањето кон океанот.

Во продавницата крај реката, продавачот го препознава Блејк и се обидува да го убие, но Блејк го убива него. Сепак Блејк е ранет уште еднаш, па „Никој“ го сместува во чамец и го вози по реката до село со Индијанци, каде ги убедува да му дадат кану за Блејк. Блејк е веќе во многу лоша состојба поради двата куршума во неговото тело, не може ни да оди, и на моменти губи свест. Откако ќе добие индијанско кану, „Никој“ го сместува Блајк внатре и го испраќа од брегот. На збогување, Блејк прашува дали „Никој“ е сигурен дека овој чамец ќе го однесе до Кливленд, а „Никој“ му вели дека овој чамец ќе го однесе во „светот на духовите“, а потоа го турка во водата. Блејк гледа кон брегот, и успева да го види платениот убиец како се прикрадува зад „Никој“. Два истрели, и двајцата на брегот паѓаат мртви. По неколку моменти умира Блејк во чамецот, со поглед кон облаците.

Влијанието на Вилијам Блејк[уреди]

Освен името на главниот лик, кое е Вилијам Блејк, низ филмот се споменува поезијата на Вилијам Блејк. Индијанецот по име Никој рецитира делови од поемите на Блејк. Кога Кол го предупредува својот сопатник да не пие од барата, упатува на стихот „Очекувај отров од непротечна вода“ од поемата Бракот на рајот и пеколот. Името Тел е исто така поврзување со Книгата на Тел. Сцената со Тел во нејзината спална соба се одигрува во поемата на Блејк „Болната роза“. Музиката од филмот и музиката на промотивното видео содржи делови во кои Деп рецитира делови од поезијата на Вилијам Блејк.

Иако приказната во филмот се случува во 19 век, Џармуш вклучил делови од американската култура од 20 век. Ликот Бенмонт Тенч го носи името на Бенмонт Тенч, клавијатуристот на Том Пети и Хартбрејкерс. Ликот Биг Џорџ Дракулиа е наречен така по продуцентот Џорџ Дракулиас. Шерифите кои го бркаат Блејк се викаат Ли Хазлвуд и Марвин Тронбери, по Ли Хазлвуд и Марв Тронбери, а ова е исто така алузија со името на американскиот актер Ли Марвин.[5] Името на Индијанецот Никој („Оној што зборува гласно, а ништо не кажува“) е земено од песната на Џејмс Браун - Зборува гласно и ништо не кажува.[5]

Прикажувањето на Индијанците[уреди]

За овој филм се смета дека Џармуш многу внимателно истражувал во врска со културата на Индијанците.[6]

Мртовец е исто така забележлив како еден од ретките филмови за Индијанците што е режиран од белец (не-Индијанец), а во кој внимателно се дадени деталите на разликите меѓу различните племиња, за разлика од вообичаените стереотипи.[7] Филмот содржи разговори на јазикот на племињата Кри и Блекфут, кои се оставени без превод, како ексклузивност за припадниците на овие племиња.[6]

Музиката[уреди]

Нил Јанг ја составил музиката за филмот така што импровизирал со електрична гитара, акустична гитара, пијано и органа. Откако филмот бил снимен, Јанг седнал сам во студиото и гледајќи го филмот ја компонирал музиката. Албумот со музика од филмот содржи седум инструментални делови на Јанг, дијалози од филмот и делови од поезијата на Вилијам Блејк што ја рецитира Џони Деп.

Наводи[уреди]

  1. Break with the past“, „The Age“, 10 септември 2005.
  2. http://www.emeraldinsight.com/Insight/ViewContentServlet?Filename=/published/emeraldfulltextarticle/pdf/0230150104.pdf
  3. http://www.grin.com/e-book/14783/what-makes-the-films-of-david-lynch-and-jim-jarmusch-postmodern
  4. In an interview Jarmusch states "For Nobody, the journey is a continuing ceremony whose purpose is to deliver Blake back to the spirit-level of the world. To him, Blake's spirit has been misplaced and somehow returned to the physical realm." [1]
  5. 5,0 5,1 http://ccat.sas.upenn.edu/rs/105/Rea2.html
  6. 6,0 6,1 Rosenbaum, Jonathan (2000). Dead Man. London: Cromwell Press. ISBN 0-85170-806-4
  7. Lafrance, J. D. (5 октомври 2003). „Jim Jarmusch“ (на English). „Senses of Cinema“. Victoria Australia: Film Victoria. http://www.sensesofcinema.com/2003/great-directors/jarmusch/. конс. 22 октомври 2011. 

Надворешни врски[уреди]