Мраморец

Од Википедија, слободната енциклопедија
Скокни на: содржини, барај
Мраморец
Поглед на Мраморец.jpg
Панорама на селото Мраморец
Мраморец во рамките на Македонија
Мраморец
Мраморец (Македонија)
Координати41°22′51″N 20°52′31″E / 41.38083°N 20.87528°E / 41.38083; 20.87528Координати: 41°22′51″N 20°52′31″E / 41.38083°N 20.87528°E / 41.38083; 20.87528
Општина Дебарца
Географски регион Дебарца
Население (2002) 8 жители
Поштенски број 6430
Повикувачки број 046
Надморска височина 1038 m
Селска слава  

Мраморец е село кое се наоѓа во Горна Дебарца, сместено на падините на Илинска Планина, на надморска височина од 1038 m. Мраморец граничи со охридските села Сливово, Турје, Арбиново и Слатино, како и со кичевското село Белица. Селото е сместено во клисурата на малата река Турјанка. До него води асфалтен пат и од магистралниот пат Охрид-Скопје, тоа е оддалечено околу 9 km, додека оддалеченоста од Охрид изнесува 46 km.

Содржина

[уреди] Историja

Типична архитектура во Мраморец

Мраморец е старо село, со богато историско наследство: така, во неговата близина се наоѓаат остатоци од доцноантичка населба (во месноста Граишта/Кутлиње), доцноантичка топилница (во месноста Рупи), како и средновековна некропола (во месноста Мрамор). Селото за првпат се споменува во турскиот попис на населението во Охридскиот санџак од 1582 год., и тоа под името Мраморче. Во тоа време, селото имало 11 христијански семејства и 3 самци, т.е. вкупно 58 жители.[1] Постојат повеќе (непотврдени) верзии за настанувањето на селото: според една, него го создале избегани жители од месноста Закамен, според друга, тоа настанало од избеганите жители на селото Белче (кое се наоѓало на оддалеченост од неколку километри), а според трета, создадено е од доселеници од прилепско. Веќе во XIX. век, Мраморец било прилично големо и развиено село, за што сведочат повеќе извори: Така, според француски извори, во 1873 год., селото имало 50 домаќинства, со 135 машки жители.[2] Австрискиот конзул Крал во 1898 год., во статистичкиот преглед испратен до Виена, наведува дека селото имало 444 жители.[3] Во 1900 год., во Мраморец живееле 500 жители[4], а слични се и податоците од 1905 год., според кои селото броело 536 жители.[5]

Пред и за време на Илинденското востание, селото дало активен придонес во борбите против турската војска. Така, на 25 мај 1902 год., војводите Ташко Арсов и Никола Петров Русински дејствувале во селото, каде што го убиле селскиот полјак - Шабан од Песочан. [6] Во март 1903 год., во околината на селото (во месноста Опаленик) дејствувале комитски чети, кои учествувале во познатата Издеглавска афера, при што на 17 и 18 март 1903 год., турската војска ги опседнала сите села во Горна Дебарца. [7] За време на оваа афера, 14 жители на селото биле осудени на робија во Дијар Бекир, Мала Азија и од нив само четворица се вратиле назад.[8] За време на Илинденското востание постоела мраморечка чета под команда на војводата Смиле Војданов, а во околината на селото дејствувале неколку комитски чети, кои на 2 август 1903 год. го нападнале селото Издеглавје.[9] [10] Во текот на август, во околината на Мраморец се воделе големи битки меѓу комитските чети и турската војска, а во знак на одмазда, на 15 септември 1903 год., турската војска го запалила селото. За тоа време, жителите на селото се криеле во шумите околу селото, а на 25 септември 1903 год. била објавена амнестија, по што селаните повторно се вратиле во своите домови. По објавената амнестија, на 28 септември 1903 год., комитите започнале да го собираат оружјето, кое се закопувало во тајни складишта во буките меѓу селата Мраморец и Белица, при што во селото биле собрани 52 пушки. Во април 1905 год., по наредба на Христо Узунов, војводата Ташко Арсов се вратил во Мраморец, каде со помош на селаните го откопале складот со оружјето и муницијата [11]

Во Втората светска војна, селото бил зафатено од борбените дејствија, при што два пати било запалено до темел од балистите. Исто така, селото дало неколку партизани, а во спомен на 13 селани кои загинале во текот на 1943 и 1944 год., на 2 август 1969 год., во близина на селската црква е подигнат споменик.

[уреди] Економија

Традиционална архитектура во Мраморец

Имајќи предвид дека Мраморец е типично планинско село, во минатото неговите жители се занимавале претежно со сточарство, одгледувајќи ситен добиток (овци и кози). Така, според некои кажувања, во златните години на селото (пред Втората светска војна), во него имало неколку илјади грла ситен добиток. Исто така, на планинските падини, селаните саделе житни култури (овес, ‘рж, леќа итн.), како и грашести растенија. За своите потреби, селаните произведувале млечни производи, волна, коноп итн. Благодарение на многуте извори и потоци, селото имало дваесет воденици.

Дури до средината на 1960-тите години, селаните живееле во автархични, натурални стопанства, задоволувајќи ги речиси сите свои потреби од сопствено производство. Најчесто, селаните оделе на пазар во Кичево, а поретко во Охрид и Струга. Помеѓу двете светски војни, голем дел од жителите оделе на печалба во Белград, Софија, Аргентина и САД.

Наспроти сиромаштијата и големата заостанатост, Мраморец се одликува со тоа што е второто село во Дебарца (по Песочан) што добило струја. Имено, уште во 1956/7 год., селото имало мини хидро-централа раководена од руски инженер, која со помош на една малечка турбина произведувала доволно струја за осветлување на домовите. Истата година, во селото била изградена и пилана, во која што биле вработени 20-25 селани, кои произведувале коцки за поплочување, паркет, бочви, штички за гајби итн. Пиланата работела до 1966 год.

[уреди] Демографија

Мраморец е чисто македонско село и во минатото имало околу 120 куќи, а во 1951 год., селото имало 675 жители. Но, во средината на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, жителите почнуваат масовно да се иселуваат во Скопје (околу 100 семејства), Охрид (околу 40 семејства), Битола (околу 30 семејства), Струга (околу 25 семејства) и Кичево (околу 10 семејства). Пресудна улога во иселувањето на жителите имало укинувањето на железничката пруга. Така, денес, селото е речиси празно, со само неколку постојани жители:според пописот на населението од 2002 год., селото имало 91 живеалиште, и само 6 домаќинства со 8 жители.[12]

[уреди] Општествени институции

Во Мраморец, уште во 1905 год., постоело бугарско егзархиско основно училиште, во кое учеле 36 ученици.[13] Исто така, меѓу двете светски војни, во селото имало мало училиште, во кое учениците учеле до четврто одделение. По Втората светска војна, во 1948/9 год. е изградено ново училиште, кое работело до почетокот на 1978 год. Денес, во близина на селото, на надморска височина од 1 145 метри, има РТВ предавател.

[уреди] Администрација и политика

До новата територијална поделба од 2002 год., Мраморец припаѓаше на општината Охрид, а оттогаш е дел од општината Дебарца. Инаку, една улица во скопската населба Влае 2 (дел од општината Карпош) го носи името Мраморец.

[уреди] Култура и спорт

За време на прославата на празникот Илинден, на 2 август 2008 год., во селото се одржа поетската манифестација Родословни извори, со учество на неколку познати македонски поети. Во рамките на поетското читање беше доделено признанието Почесна водарка.

[уреди] Културни и природни знаменитости

Во источниот дел на Мраморец се наоѓа селската црква Св. Никола, која се градела од 1846 до 1886 год., а целосно е завршена во 1909 год. Црквата е со големи димензии, изградена е од кршен и делкан камен, со седумстрана апсида на исток (целата од бигор), со слепи аркади на местото каде што се наоѓала една мала постара црквичка чија старост не е утврдена. До летото 2011 година, црквата се одликуваше со сиромашен фрескопис и иконопис, но тогаш, таа е целосно насликана со фрески. Исто така, во црквата се наоѓа владички престол и амвон, изработен во резба во 1861 год., од страна на Јаким Тодоров од селото Гари, од познатиот копаничарски род Огњановци. Југоисточно од апсидалниот дел на црквата, на само два метри се наоѓаат остатоци од истоимена постара црквичка, градена од камен, со полукружна апсида. Во црквичката може да се забележат неколку стари, но потполно уништени, икони.[14]

Црквата Св. Никола во Мраморец
Старата црквичка во Мраморец

На неколку километри пред селото, во месноста Белче, постои мала црквичка (изградена во 1982 год.), која исто така се вика Св. Никола, подигната на темелите на црква од првата половина на XVII век. Веднаш до црквичката се наоѓаат остатоци од стари надгробни споменици.

Црквата Св. Никола во месноста Белче покрај Мраморец

Во непосредна близина на селската црква се наоѓа едноставен споменик на 13 жители кои загинале за време на Втората светска војна. Во однос на природните карактеристики, селото се наоѓа опкружено со планини и непрегледна дабова и букова шума (во повисоките предели), со безброј благи планински ливади и многу извори и поточиња. Попознати локалитети во близина на селото се: Рамништа, Рамнигос, Мрамор, Присој, Острец, Нишалка, Граишта, Утогла, Белче, Опаленик, Волчоречиште, Црвени клајнци, Темни дол итн.

[уреди] Редовни настани

Традиционална селска слава во Мраморец е празникот Св. Никола летен, кој се празнува на 2 јуни, на денот на Св. Маченик Талалеј. Исто така, во селото се славеле и големите христијански празници - Св. Никола и Водици. Најпосле, секоја година, селото го слави и националниот празник Илинден.

[уреди] Личности

  • Тоде Илиевски (р. 7 март 1952) - македонски поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист, член на ДПМ од 1994 год.[15]
  • М-р Валентина Божиновска (р. 13 април 1967 во Скопје) - македонска драмска актерка и политичарка, поранешен пратеник во Собранието и советник во собранието на Скопје, актуелен претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи[16]
  • проф. д-р Мито Спасовски (р.1952) - македонски поет, член на ДПМ од 1992 год.,професор на Педагошкиот факултет Св. Климент Охридски во Скопје [17] [18]
  • Цветан Николоски - поранешен конзул во Австралија и директор на Матицата на иселениците
  • Ѓенко Андоноски - поранешен судија во Врховниот суд на Македонија
  • проф. д-р Горан Петревски (р. 25 февруари 1970 во Охрид) - македонски економист, професор на Економскиот факултет во Скопје и член на Советот на Народната банка на Македонија[19]
  • Насте Стојкоски (10 јули 1932 - 25 август 1993) - новинар и долгогодишен директор на НИО Студентски збор
  • Максим Стрезов (? - 15 јануари 1930) - војвода на ВМРО меѓу двете светски војни.

[уреди] Наводи

  1. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987, стр. 30.
  2. Етнографија на вилаетите Одрин, Манастир и Солун, Куриер Д'Ориент, Истанбул, 1878 (Ethnographie des Vilayets d'Andrinople, de Monastir et de Salonique, Courrier D'Orient, Constantinople, 1878).
  3. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987,стр. 160-163.
  4. Васил Канчов, Македонија. Етнографија и статистика, Бугарско книжевно друштво, Софија, 1900, стр. 253 (В. Кѫнчовъ, Македония. Етнография и статистика, Българското книжовно дружество, София, 1900).
  5. Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Париз, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163).
  6. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 21
  7. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 25-27
  8. Томо Чалоски, Роднокрајски записи (www.emigration.gov.mk/turizam/mramorec.htm)
  9. Охрид и охридско низ историјата (книга втора), Институт за национална историја-Скопје, Скопје, 1987, стр. 227-228.
  10. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 30
  11. Ташко Арсов, Записки, НИО Студентски збор, Скопје, 1983, стр. 33-36, 79.
  12. Државен завод за статистика, Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2002, книга X, стр. 20
  13. Д.М.Бранков, Македонија и нејзиното христијанско население, Либрери Плон, Парис, 1905, стр. 162-163 (D.M. Brancoff, La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Librairie Plon, Paris, 1905, рp. 162-163).
  14. Гоце Ангеличин - Жура, Христијански храмови и свети места во Охридско, Охрид, 2007
  15. Друштво на писателите на Македонија
  16. Комисија за односи со верските заедници
  17. педагошки факултет Св. Климент Охрдски - Скопје
  18. Друштво на писателите на Македонија
  19. www.eccf.ukim.edu.mk, Економски факултет-Скопје

[уреди] Надворешни врски

Лични алатки
Именски простори

Варијанти
Дејства
Навигација
технички
алатник
Други јазици