Мордред

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Сер Мордред“ (1902 год.) од Х.Џ.Форд

Мордред или Модред (Велшки: Medraut, Medrod, итн.) е личност од легендата за Артур, познат како главниот предавник што се борел против кралот Артур во битката кај Камлан, каде што бил убиен, а Артур сериозно ранет. Историјата кажува различно за неговиот однос со Артур, но тој денес е најпознат како незаконски син на Артур со неговата полусестра Моргоз. Во раната литература, тој бил сметан за законски син на Моргоз, позната и под името Ана, со нејзиниот сопруг Лот, крал на Оркни. Негови браќа или полубраќа се Гвејн, Агравејн, Гаерис и Гарет. Името (од старо-велшкото Medraut, корнското Modred или старо-бретонското Modrot) веројатно доаѓа од латинското Moderātus.

Мордред во легендата за Артур[уреди]

Мордред се појавува многу рано во литературата за Артур. Неговото прво спомнување, како Медрот, е во воведот на Annales Cambriae за годината 537:

Gueith Camlann in qua Arthur et Medraut corruerunt.
„Борбата кај Камлан, во која Артур и Медрот паднаа.“


Аналите биле комплетирани помеѓу 960 год. и 970 год., иако нивните автори користеле постари материјали. Мордред бил поврзуван со Камлан дури и во тоа рано време, но, како што Лесли Алкок истакнува, овој краток вовед не дава никакви податоци за тоа дали тој го убил или бил убиен од Артур, или пак, дали воопшто се борел против него; читателот го претпоставува ова од подоцнежната историја. Но, Мордред дури и да не бил познатиот непријател тој подоцна би станал, неговото присуство во велшките тријади и генеологии покажуваат дека тој бил барем доста позната личност.

Првата целосна приказна за Мордред се наоѓа во Historia Regum Britanniae од Џефри од Монмаут, каде што тој, за првпат во литературата, ја игра улогата на предавник на Артур. Џефри го претставил ликот на Мордред (кој го нарекува Modredus) на светот надвор од Велс, додавајќи дека Артур го назначил Мордред да биде одговорен за тронот додека тој го поминувал Англискиот канал за да се бори против Луциј, императорот на Рим. За време на отсуството на Артур, Мордред се прогласува за крал и се жени со Гвиневир, принудувајќи го Артур да се врати назад во Британија. Битката кај Камлан е завршена, а Мордред умира додека Артур е однесен до Авалон. Наследникот на Артур, Константин III од Британија, мора да се погрижи за останатиот дел од армијата на Мордред, која е предводена од неговите два сина.

Голем број на велшки извори исто така го поврзуваат со Медрот, обично поврзан со Камлан. Една тријада, создадена врз основа на Historia од Џефри, дава една приказна за неговото предавство кон Артур; во друга, тој е опишан како автор на една од „Трите диви пустошења на островот Британија“- тој дошол во дворецот на Артур во Келивик, Кронвол, ја потрошил целата храна и пиење и дури ја отргнал Gwenhwyfar (Гвиневир) од тронот и ја претепал. Медрот никогаш не бил сметан за син на Артур во велшките текстови, туку само за негов внук, иако во Сонот на Ронабви се спомнува дека кралот бил негов отец. Сепак, подоцнежното опишување на Мордред како злобниот кралски син потекнува од ликот Амр, син на Артур познат од само два текстови. Уште поважно од ова, додаток на Historia Britonum го опишува неговиот чудесен гроб кој се наоѓа зад изворот Хирфордшајр каде што тој бил убиен од неговиот сопствен татко. Каква поврзаност постои меѓу приказните на Амр и Мордред, ако воопшто има некаква, никогаш не било доволно објаснето.

Во изворите на Џефри и одредени други како што се Alliterative Morte Arthure, Мордред се жени со Гвиневир, веројатно со нејзина согласност, откако го краде тронот. Сепак, во наредните записи како што е Кругот на Ланселот-Грал и Смртта на Артур од Томас Малори, Гвиневир не е прикажана како предавник и ја одбива понудата на Мордред и се сокрива во Лондонската кула. Во наредните романси повторно е прикажана нејзината прељуба, но Мордред е заменет со Ланселот.
Џефри и Кругот на Ланселот-Грал го опишуваат наследувањето на Мордред од неговите два сина. Во делото на Џефри, наследникот на Артур, Константин ги следи и ги убива во нивните прибежишта; во Ланселот-Грал, постариот син, Мелеан, е убиен од Борс, додека пак Ланселот го убива својот брат.

Минатото на Мордред[уреди]

Незаконитоста првпат била спомната во Кругот на Ланселот-Грал (Вулгата), а подоцна била пренесена и во наредните верзии. Во тие верзии, инцестот обично е случаен; учесниците не се свесни за својата сродност. Во една верзија Моргоз мисли дека Артур е нејзиниот сопруг кој ја посетува во текот на ноќта. Во друга, Артур ја силува својата полусестра, обземен од страста што ја чувствува кон неа. Во секој случај, откривањето на инцестот најчесто е страшно; откако Артур ќе слушне за предвидувањето за дете родено на мајски ден, како што бил Мордред, што ќе го уништи и него и неговото кралство, тој ги собира сите благородни бебиња родени во мај и ги испраќа со еден стар брод. Бродот потонува, а единственото преживеано дете е Мордред, кој е спасен и на крајот вратен на своите родители.

Мордред во подоцнежните дела[уреди]

Речиси секаде каде што Мордред се појавува, неговото име е поврзано со предавство. Тој се појавува во Пеколот од Данте во најдолниот круг од пеколот, наменет за предавниците: „тој кому, од еден удар, му затрепереа и градите и сенката од раката на Артур;“ (Канто XXXII).


Сепак, неколку дела од средниот век и ден денес го прикажуваат Мордред помалку како предавник, а повеќе како конфликтен опортунист, или дури и жртва на судбината. Шкотскиот хроничар од 14-тиот век, Џон од Фордун дури тврдел дека Мордред бил заслужниот наследник на тронот на Британија, бидејќи Артур бил незаконско дете (во неговата приказна, Мордред бил законски син на Лот и Ана.) Ова мислење било објаснето од Волтер Бауер и од Хектор Бис, кој во неговото дело Historia Gentis Scotorum оди дотаму што кажува дека Артур и Гвејн биле предавници и злосторници што го украле тронот од Мордред. Дури и Малори, кој го опишува Мордред како злосторник, забележува дека Англичаните дошле до него бидејќи, „со Артур имаше само војни и борби, а со Сер Мордред бевме среќни и благословени “.


Мордред е значаен лик во популарни текстови за Артур од денешно време, особено во научната фантастика, филмовите и телевизијата, и стриповите. Одредени денешни дела за Артур како што се Маглите на Авалон од Мерион Цимер Бредли ја заменуваат Моргоз како мајка на Мордред со Морган ле Феј (нејзината сестра). Мордред останува главен злосторник во многу модерни верзии на легендата, вклучувајќи ги филмот Екскалибур од Џон Бурмен, новелата Единствениот иден крал од Т.Х. Вајт (каде што Мордред ја игра улогата на суров, но успешен популист и лажен Болшевик) и мјузиклот создаден врз основа на неа, Камелот, и популарниот комичен стрип Принц Валијант од Хал Фостер. Во 2008 год., во епизодата „Почетокот на крајот“ од БиБиСи серијата Мерлин, паралелно на и преработка на легендите за Артур, Мордред се појавува како младо момче што е Друид кого Мерлин го штити и покрај тоа што е предупреден дека еден ден ќе го убие Артур. Во петтата сезона од Мерлин, постариот и многу повеќе зрел Мордред се враќа и откако ќе го спаси Артур од Моргана тој станува витез. 24-годишниот Александер Влахос сега ја има улогата на Друидот чија судбина е да го убие Артур.


Во Chronicles of the Imaginarium Geographica од Џејмс А. Овен, Мордред е главниот злосторник. Во третата книга, Индиго кралот, се открива дека Мордред е роден како Мадок во едно место наречено Архипелаг на соништа, од каде што бил исфрлен бидејќи се обидел да ги искористи своите моќи за претскажување за да ја измени иднината. Тој и неговиот брат-близнак, Мирдин, биле синови на Улисес. Мордред бил протеран од страна на неговиот брат сè додека не му било дозволено да се врати за да се бори со Големиот крал, земајќи го името Мордред. Тој се бори со Мирдин, кој сега е Мерлин, го поразува, но потоа губи од Артур, синот на Мерлин и внукот на Мордред.


Други дела ја опишуваат оваа личност поинаку. Викторијанскиот поет Џорџ Август Симкокс напишал поема насловена како „Мордред, мојот господар“ од гледна точка на кучето на Мордред. Описот на „Медрот“ во Меч на зајдисонце од Розмари Сатклиф е прифатлив, но малку двосмислен, прикажувајќи го како производ на омразата од неговата мајка, неизбежлива за неговата судбина. Злобниот ден од Мери Стјуарт е напишан од негова перспектива и го прикажува како посочувствителен од обично, како жртва на судбината и сплетките на неговата мајка, која Стјуарт ја нарекува Моргоз, незаконска ќерка на Утер. Зимскиот принц од Елизабет Вејн го прикажува на сличен начин, млад бунтовник, несреќен поради манипулациите на својата мајка и неговата сопствена љубомора на неговиот законски полубрат Лу. Во Хрониките на воениот командант од Бернард Корнвел, Мордред е сакатиот, законски внук и наследник на Утер Пендрагон, а Артур служи како регент додека тој не стане полнолетен. Во Кругот на Пендрагон од Стивен Р. Лохед, Медрот дури е полу-Атлантијан (како и Мирдин), бидејќи Лохед ја става како негова мајка Моргиан (овде тетка на Мирдин) бегалка од Атлантис. Во Книгата на Мордред од Вивијан Венд Велд, Мордред е прикажан како главен лик во приказната, убивајќи еден злобен маѓепсник и заштитувајќи девојка која чита мисли, нејзината мајка, и вештерка наречена Нимуе, којашто ја подучувал Мерлин. Слично на ова, во Мордред, копилето од Даглас Клег, оваа личност е опишана не само сочувствителна, туку и херојска ( тој и Ланселот ја спасуваат Гвиневир од заговор за убиство), а во наредниот пресврт, тој е љубовник на Ланселот. Една приказна, насловена како Јас сум Мордред од Ненси Спрингер исто така го нарекува Мордред син на Артур. Мордред го мрази Артур бидејќи се обидел да го убие кога бил дете. Мордред пораснал надвор од Камелот, близу до морето. Исто така, Моргоз се спомнува како негова мајка. Тој имал куче кое се викало Гал. Сè што сакал било да биде сакан од својот татко.