Монтекристо (марка на пури)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Логото на Монтекристо

Монтекристо (шпан. Montecristo) — име на две марки на висококвалитетни пури, една кубанска (Хабанос СА), а друга доминиканска (Алтадис).

Историја[уреди | уреди извор]

Кутија Монтекристо No. 2
Кутија Монтекристо Robustos Edición Limitada 2006
Кутија Монтекристо Edmundo

Марката „Монтекристо“ е создадена во 1935 од Менендез, Гарсија и Д-р, тогашните сопственици на популарната марка на пури Х. Упман. По купувањето на оваа марка од Ј. Франкау & Д-р, Менендез и Гарсија решиле да почнат со производство на свои пури во рамките на редовната производна линија на Х. Упман, наречени H. Upmann Montecristo Selection.

Марката го добила името од романот на Александар Дима со наслов Гроф Монте Кристо, кој бил доста популарен избор на книга кај виткачите за да им биде читана од лектор додека работат.

На инсистирање на британската фирма Џон Хантер (која подоцна се споила со Ј. Франкау & Д-р и ја формирале фирмата Хантер & Франкау, единствениот увозник на кубански пури во Велика Британија), името на марката се крати само на Монтекристо и се прави ново лого: жолто-црвеното лого со вкрстени мечеви кое го знаеме и денес.

Преку напорите на Алфред Данхил д.о.о., марката Монтекристо станува многу популарна ширум светот, и денес претставува околу 50% од светската потрошувачка на пурите на Хабанос СА; со тоа ова е најпопуларната марка на кубански пури во светот. По Кубанската револуција и национализацијата на стопанството во 1961, Менендез и Гарсија се селат на Канарските Острови, каде одново ја основаат истата марка. Подоцна влегуваат во спор со Кубатабако околу авторските права врз марката, и се приморани да се откажат. Во средината на 1970-тите, производната дејност се преселува во Ла Романа во Доминиканската Република, и марката се пласира во САД, каде правата на Куба врз марката не се признаваат заради ембаргото. Денес Менендез, Гарсија и Д-р е во сопственост на Алтадис, кои го управуваат со пласманот и маркетингот на марката во САД.

Првично марката се состоела само од пет големини наречени со броеви, и останала таква сѐ до национализацијата, со исклучок на додавањето на пура во туба во 1940-тите. Со смената на управата во 1959, еден од врвните виткачи, Хосе Мануел Гонсалес бил унапреден во шеф на одделение, и со тоа марката добила нов карактер. Во 1970-тите и 1980-тите се додадени пет нови големини: A, Especial No. 1 и 2, Joyita и Petit Tubo. Биле воведени и три други големини, No. 6, No. 7 и B, но потоа биле укинати, иако големината B излегува во многу мали количества секоја година во Куба.

Низ 1970-тите и 1980-тите, популарноста на Монтекристо сѐ повеќе расте и марката се зацрврстува како една од најпродаваните кубански марки на пури. Поконкретно, пурата Монтекристо No. 4 е најпопуларната (најпродаваната) пура во светот.

Во 2004 во рамките на редовната производна линија е додаден и моделот Edmundo, голема пура со големина „робусто“, именувана по јунакот на книгата Гроф Монте Кристо, Едмонд Дантес.

Монтекристо исто така редовно е избирана марка во годишните изданија на Хабанос СА наречени Edición Limitada, кои се пури со потемни одлежани омоти, а постојат и бројни „ограничени изданија“ на Монтекристо по посебни прилики, јубилеи, годишниот Хабанос Фестивал, добротворни настани и др.

Монтекристо произведуваат и три машински-изработени цигариљоси: Mini, Club и Purito.

Витоли на кубанскиот Монтекристо[уреди | уреди извор]

Производната линија на Монтекристо
Montecristo Club.

Ова е список на витоли (големини) во рамките на производната линија на Монтекристо со нивните големини во англиски и европски мерни единици, нивните vitolas de galera (фабрички имиња), и конвенционални називи во американскиот жаргон за пури.

Рачно-изработени витоли

  • No. 1 - 6 1/2" x 42 (165 x 16.67 mm) Cervantes, лонсдејл
  • No. 2 - 6 1/8" x 52 (156 x 20.64 mm) Pirámide, пирамида или торпедо
  • No. 3 - 5 5/8" x 42 (142 x 16.67 mm) Corona, корона
  • No. 4 - 5 1/8" x 42 (129 x 16.67 mm) Mareva, пети корона
  • No. 5 - 4" x 40 (102 x 15.87 mm) Perla, тре пети корона
  • A - 9 1/4" x 47 (235 x 18.65 mm) Gran Corona, пресиденте или гигант
  • Especial No. 1 - 7 1/2" x 38 (192 x 15.08 mm) Laguito No. 1, долга панатела
  • Especial No. 2 - 6" x 38 (152 x 15.08 mm) Laguito No. 2, панатела
  • Joyita - 4 1/2" x 26 (115 x 10.32 mm) Laguito No. 3, цигариљо
  • Tubo - 6 1/8" x 42 (155 x 16.67 mm) Corona Grande, долга корона
  • Petit Tubo - 5 1/8" x 42 (129 x 16.67 mm) Mareva, пети корона
  • Edmundo - 5 3/8" x 52 (135 x 20.64 mm) Edmundo, робусто

Edición Limitada

  • Double Corona (2001) - 7 5/8" x 49 (194 x 19.45 mm) Prominente, двојна корона
  • Robusto (2001) - 4 7/8" x 50 (124 x 19.84 mm) Robusto, робусто или ротшилд
  • C (2003) - 5 5/8" x 46 (143 x 18.26 mm) Corona Gorda, торо
  • D (2005) - 6 3/4" x 43 (170 x 17.07 mm) Dalia, лонсдејл
  • Robusto (2006) - 4 7/8" x 50 (124 x 19.84 mm) Robusto, робусто или ротшилд

Специјални изданија

  • Millennium Reserve Robusto - 4 7/8" x 50 (124 x 19.84 mm) Robusto, робусто или ротшилд
  • B - 5 3/8" x 42 (135 x 16.67 mm) Cosaco, корона

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]