Монетарна политика на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Монетарната политика на Република Македонија претставува дел од општата економска политика на Република Македонија, која ја води Народната банка на Република Македонија.[1] Заради тоа, целите што сакаат да се постигнат во одреден период со економската политика претставуваат истовремено и цели на монетарната политика.

Монетарното осамостојување на Република Македонија[уреди | уреди извор]

Една од суштествените задачи при воспоставувањето на монетарна самостојност на Република Македонија било воведувањето национална валута на државата, односно планирањето и организирањето на повлекувањето од оптек на југословенските динари и нивната замена со македонски пари. За таа цел, во Владата на Република Македонија била формирана петчлена Комисија за монетарен систем, во која влегувале претседателот на Владата, Никола Кљусев, министерот за финансии, Методија Тошевски, гувернерот на НБРМ, Борко Станоевски, и професорите Ксенте Богоев и Љубе Трпески.

На 19 декември 1991 година Владата на Република Македонија донела одлука со која ја овластила НБРМ да ја преземе организацијата на печатење транзициско издание на вредносни бонови, како и организацијата на нивното пуштање во оптек.[2] Основната функција на вредносните бонови била да послужат како привремено полновредно платежно средство кое ќе ги спречи натамошните монетарни упади од страна на другите југословенски републики во Република Македонија. По една година требало да биде подготвено и издадено првото стандардизирано издание на македонските банкноти и метални пари. НБРМ успеала да го заврши печатењето на боновите за многу кратко време: на 7 февруари 1992 година во нејзиниот трезор билеа депонирани 27 858 696 парчиња бонови со апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици, во вкупна вредност од 8 433 647 700 единици.

Намерата вредносните бонови да бидат издадени во најбрз временски рок ја ограничила можноста за соодветно планирање и нивно дизајнирање. Тие биле изработени со многу едноставна печатарска техника и без адекватни банкнотни одлики. Сите поседувале унифициран дизајн. Печатницата ,,11 Октомври” од Прилеп била избрана да ги испечати боновите, чии графичари, исто така, ги обликувале ликовните решенија. На предната страна на боновите биле претставени тутуноберачи како алузија на една значајна гранка од македонското стопанство, а воедно и како почит на еден од најпознатите македонски поети, Коста Рацин. На задната страна била ставена претставата на крушевскиотМакедониум“, дело на вајарот Јордан Грабул (1926-1986), како потсетник на илинденската Крушевска Република од 1903 година. Во периодот на изработка на боновите сè уште не била донесена одлука за името на македонската национална валута, така што на транзициското издание не се појавува името на паричната единица, туку само нивната апоенска вредност, заедно со сериските броеви и со потписите на тогашниот гувернер и заменик-гувернер на централната банка.

Непосредно по печатењето на наведените апоени, поради галопирачката инфлација биле изработени и бонови со апоенска вредност од 5 000 и од 10 000 единици. Нивниот дизајн во принцип го следел стилот на претходно изработените номинали, вклучувајќи етнографски фолклорни елементи на номиналата од 10 000 вредносни единици и на технологијата на постмодерното време на номиналата од 5 000 вредносни единици.

На 26 април 1992 година (на Велигден) Собранието на Република Македонија ја усвоило Антиинфлациската програма предложена од страна на Владата на Република Македонија и донело пакет законски и други акти со кои била поставена институционалната рамка на монетарниот систем на Република Македонија. Пакетот мерки што го усвоило Собранието на Република Македонија на 26 април 1992 година содржел:[2]

  • Закон за Народна банка на Република Македонија;
  • Закон за паричната единица на Република Македонија;
  • Закон за употребата на паричната единица на Република Македонија;
  • Одлука за целите и задачите на монетарната политика во 1992 година;
  • Одлука за девизната политика и проекцијата на платниот биланс на Република Македонија за 1992 година;
  • Закон за ограничување на потрошувачката на општите општествени и заеднички потреби во 1992 година;
  • Закон за исплата на плати и други надоместоци и дивиденди во Републиката;
  • Закон за воведување обврска за плаќање при патување во странство;
  • Закон за преземање на дел од обврските по одделни кредити на ,,Стопанска банка” а.д. –Скопје и ,,Југобанка Јубанка” а.д. – Скопје;
  • Закон за преземање на депонираните девизни штедни влогови на граѓаните од страна на Република Македонија (кој, практично, не заживеа).

Со донесувањето на Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 1992 година од страна на Собранието, Република Македонија за првпат ја утврдила својата самостојна монетарна политика. Во согласност со оваа Одлука, монетарно-кредитната политика, заедно со мерките во другите области на економската, особено на фискалната политика и на политиката на личната потрошувачка, требало да влијае врз забавувањето на стапката на зголемувањето на цените на мало. За остварување на оваа цел била предвидена рестриктивна монетарна политика, при што НБРМ била задолжена да го утврди потребниот обем на примарни пари и да го реализира со соодветна примена на инструментите на монетарно регулирање. Како основен инструмент на монетарната политика служело рефинансирањето на кредити на банките за одредени намени со средства од примарната емисија.

Истовремено со утврдувањето на првата монетарно-кредитна политика, Собранието за првпат утврдило и самостојната девизна политика и проекцијата на платниот биланс на Македонија.[3] Оваа политика била насочена кон зголемување на надворешнотрговската размена (преку стимулирање на извозот, поврат на царините и сл.), зголемување на странските вложувања во Македонија (преку даночни ослободувања) и кон преземање активности за регулирање, односно рефинансирање на кредитните обврски кон странство, особено кон Парискиот клуб на кредитори. Посебно место во девизната политика имало зголемувањето на девизните резерви на Македонија, за чија цел била утврдена обврската за издвојување (продавање на НБРМ) на 30% од остваренот девизен прилив на претпријатијата (со одредени исклучоци) за девизните резерви (40% за постојаните девизни резерви и 60% за плаќање на фиксните и на гарантираните обврски кон странство, за увоз на сурова нафта, суровини и на репроматеријали и сл.).

Етапи во монетарната политика[уреди | уреди извор]

Во водењето на стабилизационата политика во Македонија може да се разграничат две основни етапи.[4] Првата етапа започнала со самиот чин на монетарното осамостојување, кога била лансирана првата стабилизациона програма, заснована врз стратегијата на монетарно таргетирање. Наспроти почетните охрабрувачки резултати, оваа програма завршила со целосен крах, бидејќи, на крајот на 1992 година стапката на инфлација изнесувала дури 1 965,3%. Во текот на 1993 и 1994 година немало некоја формална програма за стабилизирање на економијата, но и покрај тоа, бил очигледен напредокот во намалувањето на инфлацијата, која најпрвин била сведена на трицифрено ниво (241,6% во 1993 година), а потоа, на крајот на 1994 година опаднала на 55,4%. Секако, тоа било последица на поголемата макроекономска дисциплина, изразена преку опаѓачките стапки на монетарен растеж, контролата на јавната потрошувачка, стабилизирањето на девизниот курс и ограничувањето на порастот на наемнините. Кон крајот на 1995 година, започнала примената на стратегијата на таргетирање на девизниот курс и, оттогаш, Македонија се одликува со ниски, едноцифрени стапки на инфлација.

Прва етапа – монетарно таргетирање[уреди | уреди извор]

Во основата на стабилизационата програма лежела стратегијата на монетарно таргетирање со која се предвидувало да се изврши дезинфлација преку постепено намалување на монетарниот растеж. Во контекст на овој пристап, монетарната политика ја одредува динамиката на паричната маса со што таа станува егзогена променлива. Притоа, заради непостоењето на најосновните институционални предуслови, каматните стапки во никој случај не можеле да ја играат улогата на индикатор на монетарната политика така што таа улога му припаднала на девизниот курс. Примената на монетарното таргетирање во земјите во транзиција обично се оправдува со тешкотиите во одредувањето на рамнотежниот девизен курс во првичниот период на либерализацијата на пазарите, како и со недоволните девизни резерви, потребни за таргетирање на девизниот курс.[5]

Со стабилизационата програма од 1992 година, монетарната политика била насочена кон контрола на следниве монетарни агрегати:[4] потесната дефиниција на паричната маса М1, нето-домашната актива на банките и порастот на кредитите на деловните банки. Притоа, за сите агрегати било предвидено да растат со интензитет помал од стапката на инфлација. И, навистина, на почетокот на програмата се започнало со остра монетарна рестрикција: месечната стапка на пораст на потесната парична маса – М1 опаднала од 73.3% во април на 13,9% во мај и само 6,7% во јуни.

Но, наспроти ваквиот одлучен почеток, намалувањето на монетарниот растеж траел само два месеца. Веќе во јули, централната банка почнала да отстапува од остриот курс и повторно билеа регистрирани двоцифрени стапки на монетарен растеж. На тој начин, за целата 1992 година бил остварен просечен месечен пораст на М1 од 18,9%. Притоа, во споредба со планираниот монетарен растеж од 755,1%, парите пораснале за 704,5%, т.е. монетарната политика била малку порестриктивна од планираната. Ваквиот исход произлегол од фактот што монетарниот растеж бил проектиран врз основа на годишна стапка на инфлација од 647% (колку што било планирано за 1992 година), додека на крајот на годината, инфлацијата била далеку поголема, така што била остварена висока негативна реална стапка на монетарен растеж.

Во секој случај, монетарниот растеж од 704,5% годишно бил премногу висок за да можело да обезбеди намалување на инфлацијата. Всушност, заради несолвентноста, монетизацијата на парафискалните дефицити и механизмот на примарната емисија, централната банка не можела делотворно да ги контролира парите во овој период[6] Во такви околности, преземањето поголема монетарна рестрикција би предизвикало остри последици врз банкарскиот сектор и врз реалната економија, нешто што носителите на економската политика никако не можеле да си го дозволат. Всушност, примената на монетарното таргетирање во Македонија претставува еден доказ повеќе во прилог на тезата за неприменливост на оваа стратегија во земјите во транзиција (барем во првичната фаза на транзицијата).[4]

Втора етапа – таргетирање на девизниот курс[уреди | уреди извор]

Во годината кога стапката на инфлација конечно била сведена на едноцифрено ниво, стратегијата на монетарно таргетирање била заменета со нова стратегија за водење на монетарната политика. Формално, преминот кон таргетирање на девизниот курс бил направен во октомври 1995 година иако, врз основа на движењето на девизниот курс на германската марка во многу тесни рамки, Македонија започнала со имплицитно таргетирање на девизниот курс уште во текот на 1994 година.

Монетарната политика во овој период била прилично успешна во остварувањето на поставените монетарни таргети, бидејќи годишните стапки на монетарен растеж постојано биле близу до планираните стапки. Меѓутоа, оваа успешност во контролата на монетарните агрегати била само привидна заради две причини:[4]

  • прво, остварувањето на планираниот годишен монетарен растеж билое резултат на ревизијата на монетарните таргети во текот на годината, и
  • второ, во помали периоди во текот на годината се забележувале големи осцилации во движењето на монетарните агрегати.

Сето тоа покажува дека централната банка се соочувала со големи проблеми во контролата на монетарните агрегати во периодот на примената на монетарното таргетирање. Во тој контекст, тешкотиите со кои се соочува стратегијата на монетарно таргетирање во земјите во транзиција обично се наведуваат како аргумент за прифаќањето на таргетирањето на девизниот курс како алтернативна стратегија. Во продолжение, напуштањето на оваа стратегија, веројатно, било предизвикано и од незадоволителните движења во реалната економија, т.е. постојаното опаѓање на производството и вработеноста и упорното опстојување на големите дефицити во тековната сметка. Оттука, била разбирлива потребата да се побара алтернативна стратегија за контрола на инфлацијата која, во исто време, би била ослободена од рецесивните ефекти врз економијата.

Најпосле, усвојувањето на таргетирањето на девизниот курс во подоцнежната фаза од дезинфлацијата обично е поврзано и со потребата да се создадат неопходните услови кои го обезбедуваат кредибилитетот на фиксниот девизен курс:[4]

  • прво, пред воведувањето на девизното сидро, инфлацијата мора да се собори на ниско ниво и да се сигнализира волјата и подготвеноста да се одржува девизниот курс, и
  • второ, девизните резерви треба да бидат доволни за да се издржат пазарните притисоци врз девизниот курс.[7]

Впрочем, некои земји во транзиција избрале токму ваков пристап: прво да спроведат успешна стабилизација со помош на монетарното таргетирање, а потоа, откако ќе ја стабилизираат валутата, да преминат кон врзување на девизниот курс.[8]

Инструменти на монетарното регулирање на НБРМ[уреди | уреди извор]

Веднаш по монетарното осамостојување на Македонија, НБРМ презела мерки за напуштање на старата концепција на монетарната политика.[2] Реформата на монетарниот систем од втората половина на 1992, а особено од 1993 година била во насока на изградба на нов механизам за монетарно регулирање со цел да се оствари ефикасна монетарна политика, како инструмент на долгорочна стабилизациска политика.

Централно место во реформата имало напуштањето на селективните или наменските кредити кои НБРМ, по пат на операции на рефинансирање, тогаш масовно им ги одобрувала на банките и на тој начин вршела насочување на кредитите на банките за финансирање одредени приоритетни активности, пред сè за земјоделството.

За да се овозможи ,,побезболно” воведување нов, поефикасен емисионен механизам и воспоставување цврста контрола врз примарната емисија и врз обемот на паричната маса и на тој начин да се влијае врз намалувањето на инфлацијата, во мај 1993 година НБРМ извршила претворање на краткорочните кредити на банките од примарната емисија во долгорочни кредити. Користењето на селективни кредити како инструмент на монетарната политика во форма на рефинансирање на кредитите на банките за специфични приоритетни активности било укинато на 1 април 1994 година. До почетокот на 1994 година, како инструменти на монетарната политика се применувале и минималната ликвидност и задолжителните благајнички записи.

Минималната ликвидност претставувала обврска на банките на своите жиро-сметки да држат просечно месечно салдо во висина на одреден процент од краткорочните извори на средства на крајот од претходниот месец. Со оглед на едноставната и лесна примена, НБРМ го користела овој инструмент и за прудентни цели, како индикатор за ликвидноста на банките. Со развојот на банкарската супервизија и можноста за континуирано следење на работењето на банките, биле создадени услови за воведување на пософистицирани методи за следење на ликвидноста на банките. Со воведувањето на аукциите на кредитите и благајничките записи, улогата на инструментот минимална ликвидност за монетарни цели била маргинализирана и тој бил целосно напуштен во јануари 2002 година.

Задолжителните благајнички записи имале иста функција како и задолжителната резерва. Улогата на овој инструмент во текот на 1993 година драстично се намалила. Од средината на декември 1993 година, паралелно со воведувањето на аукциите на депозити и на благајнички записи, НБРМ во целост го напуштила овој инструмент.

Непосредно по осамостојувањето, централно место во каматната политика на НБРМ имала есконтната стапка. Таа била основа за формирање на другите каматни стапки на НБРМ, а индиректно и основа на каматните стапки во економијата. Есконтната стака претставувала дисконтна стапка во која НБРМ вршела откуп на меници авалирани од банките. И по напуштањето на есконтот на меници од страна на НБРМ, есконтната стапка продолжила да постои како основица за пресметка на законската казнена камата (во согласност со посебниот Закон за казнена камата) и како каматна стапка на една државна обврзница.

Користењето на задолжителната резерва на банките на инструментариумот на НБРМ било наследено од монетарниот систем на поранешна СФРЈ. Со Одлуката за задолжителна резерва на банките кај НБРМ од 30 април 1992 година биле поставени основните одлики на системот на задолжителна резерва (позициите во пасивата на билансите на банките кои се вклучувале при пресметка на основата за задолжителна резерва, начинот на пресметка и периодот на одржување). Задолжителната резерва била третирана пред сè како гарантен фонд, а не како монетарен инструмент и можела да се користи само за исплата на штедните влогови и на тековните сметки, а не за одржување на дневната ликвидност на банките. Со измените на Законот на НБРМ од мај 1993 година, гаранцијата на НБРМ за денарски штедни влогови била ограничена на 10 000 германски марки во денарска противвредност (наместо поранешната гаранција во неограничен износ). Воедно, била пропишана и обврска за банките и за штедилниците да обезбедат гаранција за депонираните штедни влогови на населението. Оваа обврска на банките и на штедилниците се остварувала со формирање на меѓубанкарскиот фонд за осигурување на депозити. Со тоа биле отстранети причините кои воделе кон користење на задолжителната резерва за немонетарни цели. За средствата издвоени како задолжителна резерва, НБРМ имала обврска да им плаќа надомест на банките.

Почнувајќи од 7 февруари 1994 година, обврската за пресметување и издвојување задолжителна резерва била воведена и за штедилниците. Од 1 март 1995 година средствата на централниот буџет од банките се пренесувале во депозит кај НБРМ, а од 10 ноември 1995 година, во НБРМ започнале да се пренесуваат и депозитите на јавниот сектор. Тоа довело до намалување на депозитната база на банките и значителни повлекување на примарни пари од оптек. Во јуни 2003 година, НБРМ вовела обврска на банките за задолжителна резерва во девизи, која се издвојува на посебни девизни сметки на банките на НБРМ и се исполнува во евра.

Реформите на монетарните инструменти, започнати во 1993 година, биле дефинирани врз основа на генералната ориентација за воведување на пазарно ориентирани и флексибилни инструменти, а со цел да овозможат ефикасно уравување со паричната маса и остварување на целите на монетарната политика. Изборот на инструментите на монетарно регулирање во голема мера бил ограничен и предодреден од степенот на развиеност на финансиските инструменти и институции во Македонија. Непостоењето на државни хартии од вредност, комерцијални хартии на претпријатијата, здрави финансиски институции и длабоки транспарентни развиени финансиски пазари биле клучните фактори кои оневозможуваа централната банка да се потпира исклучително вр индиректните интрументи на монетарното регулирање. Воведувањето нови инструменти за монетарно регулирање се спроведувало паралелно со развојот на финансиските институции и инструменти.

Во транзицискиот период потребен за целосна афирмација на индиректните инструменти на монетарната политика, паралелно со стабилизирањето на финансискиот систем, стабилизирањето на побарувачката на пари и воспоставувањето и развојот на меѓубанкарскиот пазар на пари, биле воведени супервизорски стандарди и била зголемена ефикасноста на супервизорската контрола на работењето на банките. Истовремено се одвивал и процесот на приватизирање и докапитализирање на банките и влегување на стратегиски инвеститори во банкарскиот сектор, со што постепено се намалувала оправданоста и потребата од примена на директни инструменти за монетарно регулирање.

Индиректните инструменти за монетарно регулирање[2] од типот на ,,операции на отворен пазар”, во форма на аукции на депозити (кредити) и аукции на благајнички записи, според првичната концепција, биле воведени како преодно решение до воведувањето вистински операции на отворен пазар како основни инструменти за монетарно регулирање.

Аукциите на депозити биле воведени на 10 ноември 1993 година. Пазарниот атрибут на овој инструмент претпоставувал пазарно формирање на цената (каматната стапка) според која се вршела купопродажбата на депозити. Аукциите на купопродажба на депозити не заживеале во практиката. Во наредниот период, сè до втората половина на 1999 година, централно место меѓу инструментите за емитирање примарни пари имале аукциите на кредити.

Аукциите на благајнички записи за првпат биле воведени на 14 февруари 1994 година, како ефикасен и широко применуван инструмент за стерилизација на вишокот ликвидност во банкарскиот систем на подолгорочна основа. Истовремено, била воведена можност овој инструмент да се користи и во спротивна насока, преку операции на реоткуп на благајнички записи пред нивниот рок на достасување. Од 2000 година, сè до денес, благајничките записи се основен монетарен инструмент кој НБРМ активно го применува. Доминантноста на овој во однос на другите монетарни инструменти произлегува од влијанието на автономните фактори врз ликвидноста на банките. Притоа, преку промена на типовите на тендери и промена на нивото на каматна стапка на благајничките записи, НБРМ ги сигнализира насоките на монетарната политика.

Во 2003 година, НБРМ и Министерството за финансии подготвиле стратегија за развој на пазарот на државни хартии од вредност и ја дефинирале правната рамка за нивно издавање. Првата аукција на државни записи со рок на достасување од три месеци била спроведена во јануари 2004 година. Во април 2005 година НБРМ го промовирала пазарот преку шалтер за државни хартии од вредност. Истовремено, биле донесени правила за тргување и порамнување на трансакциите со државни записи на пазари преку шалтер и било изготвено апликативно решение за вкрстување пораки за порамнување кое ги користи постојните врски помеѓу МИПС (Македонски интербанкарски платен систем), банките и ЦДХВ (Централен депозитар за хартии од вредност). Првата трансакција на пазарите преку шалтер во Македонија била склучена на 18 мај 2005 година.

Со цел да продолжи развојот и да се продлабочи секундарниот пазар на државни хартии од вредност, во 2005 година НБРМ го промовирала Генералниот репо-договор, како правна основа за склучување репо-трансакции со државни хартии од вредност помеѓу пазарните учесници. Во октомври 2005 година НБРМ вовела репо-операции при одобрувањето ломбардни кредити (кредити кои им се на располагање на банките на крајот на работниот ден) и интрадневни кредити (бескаматни кредити кои банките можат да ги користат во текот на денот). Како инструменти за обезбедување на овие кредити се користат благајничките записи на НБРМ и државните записи.

Во април 2006 година биле воведени државни записи за монетарни цели. Целта беше да се стерилизира дел од структурниот вишок на ликвидноста на подолг рок, да се создаде хомоген пазар на хартии од вредност во Македонија, поефикасно да се управува со ликвидноста од страна на НБРМ и да се подобри функционирањето на трансмисиониот механизам на монетарната политика.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Кики Мангова - Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Монетарното осамостојување на Република Македонија, Скопје, 2006.
  3. Кики Мангова - Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Македонија, Монетарното осамостојување на Република Македонија, Скопје, 2006.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Горан Петревски, Монетарна политика: Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005.
  5. Ratna Sahay and Carlos Végh, "Inflation and Stabilization in Transition Economies: A Comparison with Market Economies", WP/95/8, IMF, January 1995, стр. 31.)
  6. Глигор Бишев, "Макроекономската политика во периодот на транзицијата во Македонија." во Економската транзиција во Македонија и Бугарија. Скопје: МАНУ, 1997, стр. 153.
  7. Aerdt C.F.J. Houben, "Exchange Rate Policy and Monetary Strategy Options in the Philippines - The Search for Stability and Sustainability", PPAA/97/4, IMF, May 1997, стр. 30.
  8. Mario I. Blejer et al, eds. Optimum Currency Areas - New Analytical and Policy Developments. Washington D.C.: IMF, 1997, стр. 58.