Мозочни нерви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Мозочни нерви или на латински Nervi craniales. Од мозочното стебло тргнуваат дванаесет пара мозочни нерви. Тие покрај својот назив се означени и со римски броеви и тоа според редот на излегувањето одгоре надолу. Мозочните нерви се I мирисните нерви ; II видниот нерв ; III очнодвигателниот нерв ; IV трохлеарниот нерв ; V трогранковиот нерв ; VI очноодводниот нерв ; VII лицевиот нерв ; VIII тремнополшавестиот нерв ; IX јазичноголтниковиот нерв ; X нервот луталник ; XI помошниот нерв и XII подјазичниот нерв.

Мозочните нерви ја напуштаат черепната празнина преку одделни коскени отвори или канали. Од физиолошка гледна точка тие се делат на :

  • сетилни (I, II, VIII)
  • моторни (III, IV, VI, XI, XII)
  • мешовити (V, VII, IX, X)

I Мирисни нерви (n. olfactori)[уреди]

Мирисните нерви се 15-20 снопчиња коишто тргнуваат од мирисната регија на носната лигавица влегувајќи во состав на сетилото за мирис.

II Видниот или оптичкиот нерв (n.opticus)[уреди]

Оптичкиот нерв исто така, е сетилен нерв којшто влегува во состав на сетилото за вид. Оптичкиот нерв се протега од задниот крај на очното јаболко до оптичката крстосница.

III Очнодвигателниот нерв (n.oculomotorius)[уреди]

Очнодвигателниот нерв претставува чисто моторен нерв кој излегува од средниот мозок, а доаѓа во орбитата каде што завршува инервирајќи ги повеќето од мускулите што го движат очното јаболко. Со своите парасимпатички влакна тој инервира и два мазни мускули. Тоа се цилијарниот мускул за акомодација (m. ciliaris) и стеснувачот на зеницата (m. sphincter pupillae).

IV Трохлеарниот нерв (n.trochlearis)[уреди]

Трохлеарниот нерв претставува, исто така, чисто моторен нерв, а инервира еден мускул на очното јаболко што го движи надолу.

V Трогранковиот нерв (n.trigeminus)[уреди]

Трогранковиот нерв претсавува мешовит нерв, сензитивен и моторен. Излегува од бочната страна на мозочниот мост. На сензитивниот дел е придодаден голем полумесечест Gasser-ов ганглион (ganglion trigeminale). Од надворешниот дел на ганглионот се издвојуваат трите гранки на n.trigeminus, а тоа се :

  • Офталмичниот нерв (n.ophtalmicus)- 1
  • Максиларниот нерв (n.mahillaris)- 2
  • Мандибуларниот нерв (n.mandibularis)- 3

1 - Офталмичниот нерв е чисто сензитивна гранка и служи за инервација на кожата од челото и горниот очен капак, а, исто така, го инервира и очното јаболко. 2- Максиларниот нерв, исто така, е чисто сензитивна гранка и ја инервира кожата и лигавицата во пределот на максилата, образот и долниот очен капак, потоа горниот забен лак, лигавицата и непцето и носната празнина. 3- Мандибуларниот нерв е мешовита моторно-сензитивна гранка. Со моторните влакна тој ги инервира мускулите за џвакање, а со сензитивните влакна тој ја инервира кожата и лигавицата на образот, лигавицата на јазикот, долниот забен лак, кожата во пределот од брадата и надворешниот ушен канал.

VI Очниот одводен нерв (n.abducens)[уреди]

Очниот одводен нерв претсавува моторен нерв кој излегува од мозочниот мост и доаѓа во орбитата. Тука тој го инервира латералниот прав мускул на очното јаболко.

VII Лицевиот нерв (n.facialis)[уреди]

Лицевиот нерв е мешовит нерв кој излегува од мозочниот мост, поминува преку пирамидата од слепоочната коска и тоа преку сопствен коскен канал. Напуштајќи ја пирамидата доаѓа во пределот од партоидната жлезда и со своите завршни гранки се распрснува по лицето и вратот. Фацијалниот нерв содржи моторни, сензитивни и секреторни влакна. Со моторните влакна тој ги инервира мимичните мускули на лицето и вратот. Сензитивните влакна пренесуваат импулси од рецепторите за вкус на јазикот, а секреторните (парасимпатички) влакана ги инервираат подјазичната, подвиличната, и солзната жлезда.

VIII Тремнополжавест нерв (n.vestibulocochlearis)[уреди]

Тремнополжавест нерв или осмиот нерв (n.octavus) излегува од мозочниот мост и продолжениот мозок. Тој е сетилен нерв за сетилата на слух и рамнотежа. Осмиот нерв е составен од слушен дел (pars cochlearis), кој го пренесува осетот за слух и дел за рамнотежа (pars vestibularis), кој го пренесува осетот за рамнотежа.

IX Јазичноголтниковиот нерв (n.glossopharyngeus)[уреди]

Јазичноголтниковиот нерв претставува мешовит нерв кој излегува од продолжениот мозок. Тој е составен од моторни, сензитвни и парасимпатички (секреторни) влакна. Со моторните влакана јазичноголтниковот нерв ги инервира мускулите на голтникот и мекото непце. Сензитивните влакна се наменети за непцевиот крајник, потоа за лигавицата и одделни папили на јазикот. Секреторните влакна ја инервираат паротидната плункова жлезда.

X Нервот луталник (n.vagus)[уреди]

Нервот луталник претставува мешовит нерв кој излегува од продолжениот мозок. Се протега од черепот преку вратот и градната празнина доаѓа до обдоменот каде завршува. Во неговиот состав влегуваат моторни, сензитивни и парасимтапички влакна. Со моторните влакна тој ги инервира мускулите од голтникот, гркланот и мекото непце. За истите органи вагусот дава сензитивни влакна. Со прасимпатичките влакна тој ги инервира органите на градниот кош и абдоменот.

XI Помошниот нерв (n.accessorius)[уреди]

Помошниот нерв претставува моторен нерв кој излегува од продолжениот мозок и доаѓа во вратот каде што ги иневира трапезниот и стерноклеидомастоидниот мускул.

XII Подјазичниот нерв (n.hypoglossus)[уреди]

Подјазичниот нерв претставува моторен нерв кој излегува од продолжениот мозок. Потоа доаѓа до јазикот и ги инервира сите негови мускули.

3D рендерирање на кранијалните нерви (инфериорен поглед).