Могила на незнајниот војник (Москва)
Могилата на незнајниот војник (рус. Могила Неизвестного Солдата) е воен споменик посветен на паднатите советски војници во Големата татковинска војна (1941-1945). Сместен е крај ѕидините на Кремљ во Александровската градина во Москва. Паднатите борци во битката за Москва (1941 г.) најпрвин биле закопани во масовна гробница на 41-виот километар од Ленинградскиот автопат, но во декември 1966 биле преместени под кремљскиот ѕид (по повод 25-годишнината од битката). Могилата била отворена на 8 мај, 1967 г. Факелот со кој е запален вечниот оган е пренесен од ленинградскиот вечен оган на Марсовото поле.
Проектанти на могилата се архитектите Д. И. Бурдин, В. А. Климов и Ј. Р. Рабаев и вајарот Н. В. Томски. Во средината стои платформа од плочи од измазнет црвен гранит. Самата надгробна плоча, вградена во 1975, е украсена со бронзена склуптура на ловорово гранче и шлем врз бајрак.
Пред надгробната плоча, во квадратна вдлабнатина стои петокрака, од која гори Вечниот оган на славата. Пламенот го осветлува натписот: „Твоето име е незнајно, подвигот твој е бесмртен“ (Имя твоё неизвестно, подвиг твой бессмертен).
Лево од могилата стои гранитен ѕид со вградена камена плоча со натпис „1941 - За оние што паднаа за татковината - 1945“. Десно од могилата има гранитна алеја со плочи од порфир во кои се содржи почва од градовите-херои на војната: Ленинград, Киев, Сталинград, Одеса, Севастопол, Минск, Керч, Новоросијск, Тула и Брест. Сè до 2004 г. натписот на Сталинград гласел „Волгоград“[1]
Во 1997 г. со федерален закон на могилата ѝ е вратена Почесната стража (која претходно го чувала Лениновиот мавзолеј).
Наводи [уреди]
- ↑ Распоред на Претседателот на Руската Федерација од 19 јули 2004 г. бр. 320-рп (руски)
Видете исто така [уреди]
Галерија [уреди]
-
Претседателот Димитриј Медведев кај вечниот оган
|
||||||||||||||||||||||