Министерство за економија на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Министерство за економија
Лого на Министерството за економија
Податоци за органот
Основан 1991
Надлежност Влада на РМ
Седиште Скопје, Македонија Македонија
Вработени 145[1] (2017)
Надлежен министер Крешник Бектеши
Мрежно место
http://www.economy.gov.mk/

Министерството за економија при Влада на Македонија[2] ги следи состојбата и појавите на пазарот на стоки и услуги и влијанието на мерките на економската политика, како и економските, структурните и техничко-технолошките состојби и предлага мерки за остварување на развојната и тековната економска политика во областа на производството, трговијата, туризмот, угостителството и занаетчиството. Тоа, исто така, ги следи тековните материјални биланси и снабдувањето на граѓаните со основни прехранбени производи и други стоки за широка потрошувачка како и снабдувањето на претпријатијата со суровини и репроматеријали. Покрај ова, Министерството за економија презема мерки против монополската положба и монополското однесување, се грижи за подготвување програми за глобален материјален развој на човечките ресурси, го следи системот и политиката на цени на производи и услуги, како и меѓународните стопански движења и нивното влијание врз економските односи на Македонија. Исто така, утврдено е со закон Министерството за економија да ги врши работите што се однесуваат на индустриската сопственост, заштитата на потрошувачите, малите и средните претпријатија и задругарството, надворешно-трговското работење, геолошките истражувања и експлоатација на минералните суровини, енергетиката, примената на општите и техничките нормативи, прописи и стандарди, метрологијата, и др.

Целите на Министерството за економија[уреди | уреди извор]

Имајќи ги предвид аспирациите на Република Македонија за членство во меѓународните организации точно е да се забележи дека и напорите, целите и активностите на Министерството за економија се движат во оваа насока. Имено, една од најважните цели на Министерството е создавање услови за забрзан економски раст и успешна економска интеграција на Република Македонија во ЕУ и Евроатлантските структури. Исто така, Министерството се стреми и кон зголемување на индустриското производство, зголемување на извозот, подобра бизнис клима и потикнување на инвестиции, како и потикнување на претприемништвото и подобрување на конкурентноста. Не помалку важни цели на Министерството за економија се и порастот на севкупниот туристички промет, зголемувањето на ефикасноста во производството, снабдувањето и користењето на енергија, одржливото искористување на минералните суровини, поблиска соработка со потрошувачите со цел остварување на нивното потрошувачко право и воспоставување на координативен систем со невладини организации со надлежност за претставување на интересите на потрошувачите. Како неопходен сегмент во поглед на погоре споменатите аспирации на Р.Македонија за членство во Европска Унија и Евроатлантските структури се наметнува и позиционирањето на Република Македонија за непречено интегрирање во внатрешниот пазар на ЕУ, усогласувањето на националното законодавство со европското право и воспоставувањето на економски механизми за прифаќање односно преземање на европските стандарди.

Корисници, обврски и услуги[уреди | уреди извор]

Корисници на Министерството за економија може да бидат и се сите физички лица (граѓани), правни лица (домашни и странски) и институции и органи на системот. Заложбите и обврските на Министерството за економија кон граѓаните на Р.Македонија вклучуваат квалитетни, навремени, брзи и точни услуги, комуникација со корисниците, запазување на рокови во давање на услугите, одговорност и давање информации на корисниците.
Некои од многуте услуги кои ги нуди Министерството за економија на своите корисници се следниве: издавање на легитимации за туристички водич - придружник, издавање на лиценци за вршење на туристичка дејност (А,Б и В), издавање на лиценца за продажба на алкохолни пијалаци во прометот на мало, лиценца за вршење на угостителска дејност кабаре, ноќен бар, диско клуб и диско клуб на отворен простор, регистрација на директни инвестиции на нерезиденти во РМ, упис во регистарот на занаетчии каде што нема занаетчиски комори, барање за запишување во Регистерот на производители, извозници и увозници на тутунски производи, итн.

Органи во состав на Министерството[уреди | уреди извор]

Органи во состав на Министерството за економија се државниот инспекторат за техничка инспекција, државниот пазарен инспекторат, бирото за метрологија и управата за наменско производство.

Државен инспекторат за техничка инспекција[уреди | уреди извор]

Инспекторатот[3] врши инспекциски надзор над примената на законите и техничките прописи при користење на техничката опрема во следните области: опрема под притисок, лифтови, жичари, дигалки и транспортери, производи и постројки наменети за работа во експлозивна атмосфера, електроенергетски постројки, електрични производи и уреди и експлоатација на минерални суровини. Во случај на несреќи, хаварии или штети предизвикани од техничкатa опрема, корисникот е должен веднаш да го извести Инспекторатот. Инспекторатот е должен во соработка со другите надлежни државни органи да учествува во утврдување на причините за настанатите несреќи, хаварии и штети.

Државен пазарен инспекторат[уреди | уреди извор]

Инспекторатот[4] врши инспекциски надзор над примената на законите и другите прописи кои се однесуваат на економските активности кои се одвиваат на територијата на Р.Македонија, меѓу кои надзор над пазарот на производи и услуги, безбедност на производи на пазарот, заштита на потрошувачите, прометот на предмети од скапоцени метали, туристичката дејност, угостителската дејност, занаетчиската дејност, заштита на правата од индустриска сопственост на пазарот, заштита на авторското право и другите сродни права на пазарот, итн. Инспекторатот, за одделни прекршоци определени со закон може да води прекршочна постапка и може да изрече прекршочна санкција.

Биро за метрологија[уреди | уреди извор]

Бирото[5] ги извршува работите и задачите од областа на метролошкиот систем на Република Македонија. Меѓу другото, тука се вклучува и надзорот над употребата и начинот на пишувањето на законските мерни единици, обезбедување на следливост, остварување, чување и одржување на националните еталони, надзор над работењето на правните лица овластени за извршување на одделни работи од областа на метрологијата, верификација на мерилата, постапка за регистрација за признавањето на важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло, метролошки надзор над количините и означувањето на пакуваните производи, итн. Бирото членува и ја претставува Република Македонија во меѓународните и регионалните организации од областа на метрологијата, соработува со нив и учествува во нивната работа. Министерот за економија ги пропишува дефинициите, имињата и симболите, подрачјето и начинот на примена, обврската за употреба и начин на пишување на законските мерни единици.

Управа за наменско производство[уреди | уреди извор]

Управата за наменско производство[6] при Министерството за економија ги врши стручните работи во врска со остварувањето на производството и прометот на вооружувањето и воената опрема. Притоа, под производство на ВВО се подразбира истражување и развој, усвојување на технологија за производство на готови производи, полупроизводи, склопови, потсклопови, делови, суровини и репродукциони материјали и други технички средства, модернизација и опремување на капацитетите за производство и одржување и ремонт на средства на ВВО, додека под промет на ВВО се подразбира купување и продавање на ВВО во Републиката и во надворешно - трговското работење. Во Република Македонија е забрането производство и промет на оние средства на ВВО чија употреба е забранета според меѓународните конвенции.

Сектори и одделенија[уреди | уреди извор]

Во склоп на Министерството за економија, како и во склоп на секое друго министерство, функционираат одреден број на сектори и одделенија во рамките на самите сектори. Тука се вбројуваат секторот за општи работи, секторот за правни работи, за европски интеграции, за внатрешен пазар, секторот за надворешно-трговска политика и Светска трговска организација (СТО), за меѓународна трговска соработка, секторот за енергетика, за индустриска политика и инвестиции, за рурален развој, за културно наследство, секторот за туризам и угостителство, секторот за информатика и промоција и секторот за претприемништво и конкурентност.

  • Секторот за правни работи во Министерството за економија работи на хармонизација на законодавството со ЕУ од аспект на предлагање и донесување на сите нови правни прописи од областа на претприемништвото, туризмот и угостителството, заштита на потрошувачите, слободно движење на стоки, трговски друштва, интелектуална способност, конкуренција, индустрија, енергетика и минерални суровини.
  • Секторот за европски интеграции се стреми кон зголемување на конкурентноста, иновациите, претприемништвото во македонската економија, како и кон отворање на можности за соработка со други регионални и светски економии. Тој исто така цели и кон поврзување на јавната администрација на земјите од ЈИЕ.
  • Во рамките на секторот за внатрешен пазар, меѓу другото, спаѓа и донесувањето на решенија за овластување за хомологација, односно пуштање на пазар и ставање во употреба на моторни возила, приклучни возила, опрема и делови кои можат да се вградат и/или да се користат на нив.
  • Секторот за меѓународна трговска соработка ја следи и координира билатералната и мултилатералната трговска соработка на Република Македонија, односно ги води преговорите и ги изготвува билатералните и мултилатералните договори за трговска соработка, како и ги следи и анализира спроведувањето на билатералните и мултилатералните договори за слободна трговија на Р. Македонија, спроведувањето на договорите за трговска и економска соработка на Р. Македонија, надворешно трговската размена и соработка и др.
  • Секторот за енергетика игра улога во областа на инвестиционите проекти во енергетиката, енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, фосилните горива, електроенергетиката, анализата и развојот на енергетиката.
  • Секторот за претприемништво и конкурентност работи во однос на развојот на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија.
  • Секторот за минерални суровини обрнува внимание на условите и начинот за вршење на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини што се наоѓаат во земјата или на нејзината површина, на езерско или речно дно или под него, концесиите за геолошките истражувања и концесиите за експлоатација на минералните суровини, изведбата, одржувањето и користењето на рударските објекти, постројки, машини, инструменти, мерките за заштита при работа, заштитата на животната средина и природата за време на истражувањето и експлоатацијата на зафатените површини и геолошките и рударските мерења и планови.

Поплаки и претставки[уреди | уреди извор]

Љубезна услуга ќе биде обезбедена од страна на сите вработени во Министерство за економија. Доколку корисниците имаат некакви жалби или поплаки во однос на доставувањето на услугите и стандардите кои се погоре споменати постои список на службеници до кои корисниците можат да се пожалат (може да се најде на мрежното место на Министерството). Исто така, во Министерство за економија има поставено сандаче за поплаки/пофалби. Временската рамка за одговарање на жалбите е 15 односно 30 дена од денот на приемот на жалбата. Сите жалби и поплаки ќе бидат разгледани за 15 дена и конечен одговор по нив се добива за 30 дена.

Прочитајте повеќе[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2017 година“ (PDF). Народен правобранител на Република Македонија. јуни 2018. Архивирано од изворникот (PDF) на 2019-04-18. Посетено на 2019-06-09.
  2. http://www.vlada.mk/
  3. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-12-22. Посетено на 2010-05-06.
  4. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-01-28. Посетено на 2010-05-06.
  5. http://www.bom.gov.mk/
  6. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2010-05-06.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]