Имперфект

Од Википедија — слободната енциклопедија

Имперфектот е глаголски облик кој се јавува кај многу јазици. Присутен е и во македонскиот јазик, а во неговата граматика често се нарекува минато определено несвршено време. Самото име ја пренесува и природата на обликот: со имперфект (најопшто) се означува минато време и несвршен глаголски вид. Но, во зависност од јазикот имперфектот може да има и друга улога и да означува поинакви дејствија од најосновните.

Имперфектот во словенските јазици[уреди | уреди извор]

Имперфектот бил присутен во словенските јазици уште од времето на праиндоевропскиот јазик. Присутен е и во најстариот книжевен словенски јазик - старословенскиот. Но, во повеќето современи словенски јазици имперфектот како посебен глаголски облик исчезнал. Единствените словенски јазици кои како посебна форма го зачувале се: македонскиот, бугарскиот (каде тој е сѐ уште во активна, секојдневна употреба), српскиот и хрватскиот (каде тој формално постои, но, само во рамките на книжевните јазици).

Во македонскиот јазик имперфектот го градат сите глаголи и тој првенствено означува:

  • дејство кое се случувало одреден период во минатото (трајност на минатото дејство)
  • дејство кое повеќекратно се повторувало во минатото (повторливост на минатото дејство)

Во обата случаја дејството не нужно мора да завршило до моментот на говорење, т.е. дејството не мора да биде целосно, заокружено (што пак не е случај со аористот!). Специфична нијанса во описот на дејството (а и едноставност во изразувањето) даваат формите на имперфектот од свршени глаголи. Токму при ова се добива фина слика за тоа што е разлика меѓу глаголско време и глаголски вид, односно дека одреден вид не е апсолутно врзан за некое време. Пример:

  • Само да се присетеше на нашиот разговор, сѐ ќе му се разјаснеше.

каде имаме имперфективни форми: присетеше (од сврш. присети) и разјаснеше (од сврш. разјасни). Секако, ова реченица може да се преформулира со употреба на други глаголски форми (кои доследно би ги отсликувале и времето и видот), но тие не би биле во можност да ја пренесат „елоквентноста“. Имперфектот од свршени глаголи е особено чест при градбата на формите од минатото-идно време: ќе дојдев, ќе чуев, ќе скокнев и сл.

Поврзано[уреди | уреди извор]