Милтон Манаки

Од Википедија — слободната енциклопедија
Милтон Манаки
Роден 9 септември 1882
Авдела, Гребенско, Егејска Македонија
Починал 6 март 1964
Битола
Националност Влав
Познат Првиот снимател на Балканот заедно со братот Јанаки Манаки
Занимање фотограф
Сопружник Василики
Татко
Родители Димитри и Луша Карајани
Деца Леонид

Милтон Манаки (Авдела, Гребенско, 9 септември 1882[1] - Битола, 5 март 1964) бил првиот македонски филмски снимател, исто така првиот филмски снимател на Балканот, заедно со неговиот постар брат Јанаки. Првите снимки ги направи во 1905 година. Главни негови трудови се: репортажа за престојот на последниот османлиски султан Решад во Битола во 1911 година, сцени од бесењето на македонските борци за независност на Македонија и епизоди од Балканските војни, како и многу други снимки од историска важност.

Носител е на „Илинденска споменица 1903“, на многубројни награди, како и на наградата за животно дело во Пула во 1963 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Милтон Манаки е роден на 9 септември 1882 година во селото Авдела. По завршувањето на основното образование во родното село, татко му Димитри го запишал во романското трговско училиште во Јанина. Но Милтон по само една година го напуштил школувањето, и на 13 годишна возраст се вратил во селото, минувајќи го времето со другарите. Не покажал интерес ниту за изучување занает.[2] Проблемот со учењето бил решен кога брат му Јанаки го зел во своето фотоателје.

Милтон имал природна дарба за комуникација со луѓето, имал голем круг на пријатели, често седел во кафеаните да игра табла, но и често патувал. Во периодот од 1898 до 1904 година, забележано е дека посетил 41 населено место.[3] Активно учествувал во движењето за осознавање на Власите од асимилаторското влијание на Грчката патријаршиска црква, а според некои сознанија, членувал и во Внатрешната македонска револуционерна организација, воспоставувајќи канал за пренос на оружје од Лариса до Битола.[4]

Во 1904 година се преселил во Битола заедно со брат му, бидејќи таму изградиле фотоателје на главната улица Широк Сокак. Во Битола за првпат видел кинопретстава, и автомобил по градските улици. Во 1906 година купил велосипед и се зачленил во велосипедскиот клуб „Спорт“.[5] Значајно место во неговиот живот заземаат неговите патувања во странство (Цариград, Букурешт, Солун, и др.), при што воспоставувал контакти со високите власти. Особено значаен е престојот во Букурешт во 1906 година, кога заедно со брат му биле примени на аудиција кај романскиот крал Карол I, зеле учество на големата фотографска изложба и добиле златен и сребрен медал.

Во 1914 година Милтон е регрутиран од српската војска, но на интервенција на значајни луѓе, бил ослободен од воениот рок.[6] Со оглед на несигурните воени времиња, браќата склучиле животно осигурување кај познатите осигурителни друштва „Ла викторија“ од Берлин, од 1912 до 1914 година, и потоа во „Ла национал“ од Белград, од 1914 до 1934 година.

За време на Првата светска војна се намалила работата во фотоателјето, а Милтон западнал во лоша финансиска состојба. Позајмувал пари од разни клиенти со камата од 12%, и според сочуваната документација, заклучно со 1916 година, позајмил 11.625 гроша, 2.800 динари, 1.200 лева, 100 француски франци и 400 драхми.[7]

Во периодот од 1916 до 1919 година, Милтон се занимавал со купо-продажба на коњи, хранење на прасиња, продажба на жито и друго. Од 1937 година, Милтон останал сам да работи. Големата презадолженост и особено пожарот на зградата го оставиле без имот.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Милтон Манаки се оженил со Василики Даука од Авдела, а нивниот син Леонид е роден на 10 мај 1935 година во Гребен. Пред почетокот на Втората светска војна, родителите го довеле во Битола, каде син му завршил основно и средно образование, и потоа Шумарски факултет во Скопје.

Милтон Манаки во 1960 година станал пензионер, носител на илинденска пензија. Имзачуван од шеќерна болест, починал во 82 година од животот, на 6 март 1964 година.

Фотографска дејност[уреди | уреди извор]

Милтон бил фасциниран од фотографијата, за него тоа било можност да биде во постојан контакт со видни луѓе, за да ги фотографира или да им ги однесе готовите фотографии. За кратко време станал вистински мајстор на фотографијата. Паралелно со фотографијата, Манаки започнал да изучува и снимање со кинокамерата „Биоскоп 300“. Од посебно значење се нивните 450 фотографии и еден кусометражен филм снимени за време на Младотурската револуција, 1908 и 1909 година, како и ангажманот за посетата на турскиот султан Мехмед Решад V во Битола, во 1911 година. За таа цел, Милтон отпатувал во Солун, каде на пристаништето го снимал доаѓањето на султанот, а потоа и неговото патување со воз на релацијата Солун - Битола, свечениот пречек на железничката станица во Битола, како и манифестациите одржани во чест на султанот.

Во периодот на српската окупација на Битола, за времена Балканските војни, браѓата Манаки направиле околу 200 фотографии, од кои се зачувани негативите, како и оригиналните позитиви. На нив се сликани не само војници и офицери, туку и значајни личности од политичкиот врв на кралството СХС.[8]

Во текот на Првата светска војна, при гранатирање на Битола погодено е ателјето и бил уништен фотоапаратот и друга опрема. Во 1919 година, Јанаки и Манаки со заеднички напори го обновиле фотоателјето и решиле да ја прошират дејноста. Во 1921 година, набавиле кинопроектор, и на 16 август истата година започнало да работи киното „Манаки“, во почеток, како летна кино-бавча. Наредната година се зафатиле со изградба на наменска кино сала, која била готова во 1923 година.

На 4 ноември 1944 година единиците на Седмата битолска бригада на НОВ на Македонија ја ослободиле Битола. Милтон го овековечил историското влегување на македонската војска и пречекот приреден од граѓаните на Битола, како и големиот митинг на 8 ноември истата година. Во овој период, Милтон направил преку 4.500 фотографии, меѓу кои портрет на Лазар Колишевски, како и серија фотографии од престојот на Јосип Броз Тито во Битола, во 1957 година.

Оставнина[уреди | уреди извор]

Во 1955 година, Милтон Манаки ги понудил за откуп филмските материјали на Државниот архив, при што е постигната спогодба за откуп за сума од 1.000.000 динари за 1500 метри филмски материјал. На 9 мај 1961 година, започнал попис и опис на стаклените плочи. Во 1965 година, една година по смртта на Милтон, постигнат е договор меѓу сопругата и синот на Милтон со Собранието на општина Битола за откуп на филмската камера „Биоскоп 300“, проекционен апарат, 8 фотографски апарати, 6.000 негатив плочи, 1000-2000 делови од плочи, поголем број фотонегативи, фотографии од разни формати, преписка, дипломи и друга документација, за сума од 9.000.000 динари.[9]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Во сочуваните документи се среќава и 1884 година како година на неговото раѓање, а во литературата некои автори ја земаат 1880 година. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АК:3, АЕ: 5/6-7.
  2. „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 31.
  3. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, фотодокументи од 1-370.
  4. Павле Константинов: „Браќа Манаки“, Млад борец, Скопје, 1982, стр. 36.
  5. „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 33.
  6. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АЕ:1/1 и 2/2.
  7. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АК:5, АЕ:32 - 52/52.
  8. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АЕ:690.
  9. Собрание на општина Битола, бр. 14 - 19652/1 од 25.12.1965 година.