Милоска Венера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Милоска Венера е изложена во Лувр во Париз од 1821. год.
3Д-модел на Милоската Венера.

Милоска Венера или „Афродита од Милос“ — античка статуа и едно од најпознатите дела од скулптурата од Стара Грција. Се верува дека ја претставува божицата на љубовта и убавината Афродита (римјаните ја викале Венера). Тоа е мермерна скулптура, висока 203 см. Оригиналната основа и рацете се изгубени. Од инскрипцијата што била на основата се верува дека ја изработил Александар Антиохиски во I век п.н.е. Денес е еден од најпознатите експонати во Лувр во Париз.

Статуата ја откупил Францускиот амбасадор во Истанбул во 1820 година од некој земјоделец на островот Милос кој ја нашол орајќи.

Големата слава од XIX век статуата ја должи на една епизода од воените грабежи на Наполеон Бонапарт: по прогонот на Наполеон во 1814 г. Франција се согласила да ѝ ги врати на Италија опљачканите уметнички предмети, меѓу кои и една позната бронзена статуа на Венера, позната како Венера од Медичи. Загубата на таа статуа, односно нејзиното враќање на Италија во 1815., ги направило Французите свесно да ѝ придадат уште поголемо значење и вредност на новооткриената Милоска Венера. Таа била славена од критичарите како одраз на грациозната женска убавина; иако некои ја отфрлиле, на пример Пјер Огист Реноар изјавил дека му личела на „голем џандар“.

Се смета дека десната рака се спуштала надолу и ја придржувала тогата, а левата држела јаболко во висина на очите. Под десната града има дупка во која била вгнездена метална потпора што ја држела десната рака. Се смета и дека статуата стоела во некоја ниша во гимназија и дека била свртена на десно, бидејќи левата страна е послабо обработена. Како и сите други антички статуи, веројатно била обоена со живи бои од кои не е останата никаква трага. Била и накитена со белегзии, обетки, круна и ѓердан, од кои се останати само дупките за прицврстување.