Миленко Неделковски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Миленко Неделковски
Роден(а)6 јануари 1957
Скопје, Република Македонија
ОбразованиеОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“
СУ „Јосип Броз Тито“
Алма матер„Св. Кирил и Методиј“
Занимањеновинар и телевизиски водител
Активен период1983–сѐ уште
РаботодавачКанал 5
ТВ програм(и)Late Night Show

Миленко Неделковски (р. 6 јануари 1957 во Скопје) — македонски новинар и ТВ-водител. Професионалната кариера ја започнал во 1983 година, како спортски новинар во редакцијата на Радио Телевизија-Скопје. Нешто подоцна се ангажирал како спортски коментатор во директните преноси на Формула 1, мото-спортови, велосипедизам и гимнастика. Учествувал во подготовка на преносите од Светските првенства во фудбал во 1990 и 1994 година, како и на ЛОИ 1992. Во 1990-тите бил организатор на неколку пријателски натпревари во фудбал од меѓународен карактер, а повремено и пишувал во весниците „Македонски Спорт“ и „Фокус“.

Од 2006 година, започнал со емисијата Late Night Show, која се емитува на Канал 5 телевизија. Паралелно со гостувања на личности од политичкиот живот, Неделковски изработувал и „off-road“ емисии. Во 2008 година, со пресуда на Основниот суд 1, тој бил осуден на двегодишна затворска казна за измама на 22 македонски граѓани, издавајќи им непостоечки американски визи. Подоцна оваа казна му била заменета со условна слобода. На приватен план, Миленко е татко на две деца, кои работат и живеат во САД.

Рани години[уреди | уреди извор]

Миленко Неделковски е роден во Скопје, во семејството на познатиот фудбалски судија и прв македонски судија со лиценца на ФИФА, Борче Неделковски. Основно образование завршил во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар, додека матурирал во скопската гимназија Јосип Броз Тито. Со високо образование се стекнал на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирал географија на Природно-математичкиот факултет.

Во студентските денови работел како туристички водич. Како фудбалски судија во пониските рангови има судено на преку 200 натпревари. Повеќе од десет години членува во академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје. Миленко е во составот на овој хор кога во 1982-ра „Мирче Ацев“ победува на светскиот хорски фестивал во Мидлсборо во Англија во конкуренција на 200 хора од цел свет.

Професионална кариера[уреди | уреди извор]

Спортско новинарство[уреди | уреди извор]

Новинарската кариера ја започнува 1983 во Радио Телевизија-Скопје како водител во Радио Скопје. Таму учи дикција, говор и читање од Миле Попов, Љупка Апостолва, Томе Саздов и Нада Булатовиќ. Во 1984-та се префрла во спортската редакција на Телевизија Скопје. Помогнат од спортскиот новинар Никола Солдатов, навлегува во спортското новинарство и телевизиското коментирање. Во текот на ангажманот во спортската редакција, Неделковски остварува повеќе од 1.000 преноси. Миленко прв на македонски јазик коментира спортови што дотогаш исклучиво беа следени на српско-хрватски јазик. Така Формула 1, екевстериан, спортска и ритмичка гимнастика, уметничко лизгање, уметничко пливање, велоспиедизам, веслање, рели, мото трки и други спортови првпат се претставени на македонската публика на македонски јазик.

Миленко Неделковски изработува над 300 преноси од лице место (во живо) вклучително над 60 преноси во Формула 1 од сите писти во Европа. Ги работи директните преноси од Олимпијадата во Барселона вклучително официјалното отворање и затворање. Потоа ги работи преносите од Светското првенство во фудбал во Италија вклучително и последната победа на репрезентацијата на Југославија пред распадот на СФРЈ, натпреварот против Шпанија. Работи серија од светски и европски првенства во ритмичка и спортска гимнастика, уметничко лизгање, пливање.

Посебен сегмент е учеството како новинар и активен учесник во авантурите Камел Трофи. Во овие оф роуд трки во 1991-ва се натпреварува на „1.000 милји“ од Дар Ес Салам во Танзанија до Буџумбура во Бурунди. Во 1992-ра „1.000 милји“ од Манаус во Бразил до Џорџ Таун во Гвајана. Учествува и на најдолгото рели, „Рели Рејд“ од Париз до Пекинг.

По Олимпијадата во Барселона, а на понуда од Аљоша Руси и Предраг Чемерикиќ преминува од Радио Телевизија Скопје во А1 телевизија. За време на престојот во А1 ги следи од лице место следните настани: примањето на Македонскиот Олимписки комитет во фамилијата на Европските Олимписки комитети во Даблин, примањето на ФСМ во УЕФА и ФИФА во Лозана и Светското фудбалско првенство во фудбал во САД во 1994-та. Септември 1994, ја напушта А1 и преминува во независни новинари и пишува за „Пулс“, „Скок“, „Форум“, „Македонски спорт“, „Фокус“, „Форум плус“. Како независен новинар присуствува на Европското првенство во фудбал во Англија 1996-та, Светското првенство во фудбал во Јапонија 2002-ра. Покрај тоа, Миленко Неделковски го организира првиот меѓународен фудбалски натпревар по осамстојувањето на Македонија помеѓу Вардар и Фоџа (1:2) на Градскиот стадион во Скопје пред 11.000 гледачи. Тој го организираше и првиот меѓународен фудбалски натпревар на наша екипа во странство, по осамостојувањето на Република Македонија, натпреварот Перуџа - Вардар (1:4).

Во втората половина на 90-тите и почетокот на новиот милениум, Миленко бил сопственик и претседател на ФК Скопје, потоа директор на ФК Вардар и претседател на ФК Брегалница од Делчево. ФК Скопје го преземал на полусезона и успеал да го спаси од испаѓање во понизок ранг. Следната година клубот бил шампион на Втората лига. Следната година, ФК Скопје бил водач во Првата лига на крајот од полусезоната. Под негово раководство ФК Скопје гостувал на прославата на 100-годишнината на ФК Удинезе на стадионот Фриули. Миленко Неделковски успева да организира и гостување на ФК Вардар во Бразил, Аргентина и Уругвај, земји од Јужна Америка со долга фудбалска традиција. Вардар одиграл 5 натпревари (2 победи, 1 нерешен 2 порази) со Њувел Олд Бојс, Кордоба, Пењарол, Пелотас. Миленко го организира и настапот на првиот македонски фудбалер за тимот на светот. Зоран Јовановски играше за тимот на „божикните звезди“ во Рим во почетната постава.

ТВ емисија и други анганжмани[уреди | уреди извор]

Миленко Неделковски Шоу

Од 2006 година има свое шоу „Миленко Неделковски Late Night Show“ што продукцијата „Wonder International M“ го пласирараше секоја сезона Канал 5 телевизја, а подоцна и на Телевизија Алфа. Во преку 300 емисии гостувале познати личности од областа на политиката, уметноста, науката и новинарството во Македонија. Во исто време, Миленко Неделковски преку својата продукција реализира над 50 документарно-авантуристички „off road“ емисии.

На 27 февруари 2008, Миленко Неделковски со помош на Аристотел Тентов, Борис Дамовски и Горан Стојков организирал митинг против промената на уставното име на Република Македонија на кој присуствувале 35.000 луѓе. Заедно со колегите Мирка Велиновска и Бобан Нонковиќ, во 2011 г. се обратил на европратениците во Брисел, претставувајќи им свое видување за слободата на медиумите во Македонија.

Тој е одгледувач на шарпланици и кози на фармата „Мечкоец“. Миленко Неделковски има ќерка Бона и син Борис кои со своите брачни партнери работат и живеат во САД.

Криминални активности[уреди | уреди извор]

Во 2002 и 2003 година Миленко Неделковски бил раководител на фирмата „Супер-Би“, која посредувала при вадење на работни визи за САД.[1] Во 2006 година, Неделковски бил приведен на 7 месеци во истражниот затвор „Шутка“. Тој, заедно со уште неколкумина соработници, бил обвинет за измама на 22 македонски граѓани, ветувајќи им лажни визи за САД. На 15 мај 2008 г. бил осуден на казна затвор во времетраење од две години, вклучувајќи го и времето од седум месеци поминато во притвор. Подоцна Неделковски бил пуштен на условна слобода, ако во рок од пет години не го повтори делото и ако за една година им ги врати парите, во износ од 160 илјади евра, на оштетените во случајот.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „„Дневник" (18 март 2006)“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2014-04-11.
  2. „„Утрински Весник" (10 март 2014)“. Архивирано од изворникот на 2014-03-15. Посетено на 2014-04-11.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]