Меѓународно друштво за свесност на Кришна
Меѓународното друштво за свесност на Кришна (англиски: ISKCON — International Society for Krishna Consciousness), исто така познато како „Харе Кришна“ е една од многуте вајшнавски групи.[1] Друштвото е основано во 1965 година во градот Њујорк од страна на А. Ч. Бхактиведанта Свами Прабхупада.[2] Денес, друштвото брои повеќе од 500 храмови, заедници и училишта ширум светот, повеќе од 3 милиони членови на Запад и околу 50 милиони ширум светот. Шрила Прабхупада превел повеќе од 50 книги за свесноста за Кришна, кои денес се достапни на повеќе од 65 светски јазици. Пред да замине од светот во 1977 година, уредил за движењето да се грижат некои од неговите поискусни ученици.
Додека некои го класифицираат како ново религиозно движење, сржта на нивната философија се заснова врз свети книги како Шримад Бхагаватам и Бхагавад-гита[3] кои, според приврзаниците, датираат од пред 5.200 години. Карактеристичниот изглед на движењето и неговата култура потекнува од гаудија-вајшнавската традиција на хиндуизмот. Друштвото е основано со цел да се прошири праксата на бхакти-јога (почитување на Бога).
Содржина |
[уреди] Философија и историја
Иако Кришна е опишуван како осмиот аватар на Вишну, некои хиндуси веруваат дека тој е аватарито, или изворот на сите други аватари.[4] На тој начин, приврзаниците на друштвото го почитуваат Кришна како врховна манифестација на Господ — свајам-бхагаван. Приврзаниците ја сметаат Радха за божествениот женски двојник на Кришна, овоплотување на љубовта.
Членовите на „Меѓународното друштво за свесност на Кришна“ ја следат древната ведска книжевност, особено „Бхагавад-гита" и „Шримад-Бхагаватам". Овие учења се стари повеќе од 5000 години и денес ги практикуваат околу 900 милиони луѓе ширум светот.
Mантрата Харе Кришна е духовна звучна вибрација. Се смета дека ја прочистува свесноста и ја буди љубовта кон Бог. Пеењето на Харе Кришна мантрата - Харе Кришна Харе Кришна Кришна Кришна Харе Харе, Харе Рама Харе Рама Рама Рама Харе Харе - е препорачано во ведската книжевност како најлесниот метод за достигнување духовно спознание во денешно време. Кришна е санскритско име за Бог со значење „сепривлечен", a Рама е друго име на Бог кое значи „извор на сето задоволство". Харе се однесува на божествената енергија на Господ. Според тоа, Харе Кришна мантрата значи, „О сепривлечен Господе, о извору на сето задоволство, о Божја енергијо, ве молам вклучете ме во Вашата служба“. Постојат два начини на пеење на оваа мантра: заедничко пеење (киртана) и засебно пеење на бројаница (џапа). He постојат никакви правила за пеење на оваа мантра и може да се пее во било кое време.
Ведските списи го воспоставуваат ненасилството, наречено ахимса, како етичка основа на вегетаријанството и како предуслов за спокојно општество. Според ведите, бог е севишниот татко на сите суштества, a нe само на луѓето. Затоа, колењето на невините животни се смета за исто што и убивање на сопствените браќа или сестри. Посветениците на Кришна се лакто-вегетаријанци, т.е. не јадат месо, риба и јајца. Подготвуваат вегетаријанска храна и со посветеност му ја нудат на Господ (Кришна). Таа храна се нарекува прасадам (духовна храна) и се вели дека во неа може потполно да се ужива без страв од некаква кармичка последица.
„Бхагавад-гита" за реинкарнацијата, вели: „Како што втеловената душа во ова тело минува од детство во младост и од младост во старост, на сличен начин пo смртта душата преминува во друго тело. Самоосознаената душа не е збунета од ваквата промена." Понатаму, ведите објаснуваат дека душата во материјалниот свет се сели во кругот на постојаното раѓање и умирање во еден од 8.400.000 видови на живот. Mеѓутоа, само човечкиот облик ја дава можноста за духовно осознавање. Ведите велат дека целта на животот е да се научи како правилно да се служи Бог, да се оживее љубовта за него и на крајот од животот душата да се врати во духовниот свет каде вечно ќе живее со бога.
Во древната ведска култура човекот се облекувал во склад со неговата друштвена и духовна положба. Следејќи ја оваа традиција, жените кои живеат во храмовите носат сари, a мажите доти. Оженетите мажи носат бело, a неоженетите портокалово. Мажите кои живеат како монаси ги бричат своите глави, a одзади оставаат прамен коса наречен сикха. Ова се прави како знак на одвоеност и посветеност на Кришна, како и поради одржување чистота и едноставност. Сикхата е и знак на прифаќање на Бог како личност, a не како некоја безлична сила. Знакот од глина на челото означува дека телото е божји храм. Глината потекнува од светите реки во Индија.
[уреди] Харе Кришна во Р. Македонија
Друштвото е законски регистрирано и признато како религиозно малцинство во Република Македонија. Главниот центар се наоѓа на ул. Борка Талески бр. 43, Скопје, со друг центар во Битола и симпатизери во сите делови на земјата.
[уреди] Белешки
- ↑ Gibson 2002, стр. 4
- ↑ Gibson 2002, стр. 6
- ↑ Klostermaier, Klaus (1998), „A Concise Encyclopedia of Hinduism“, Oxford: Oneworld Publications, ISBN 1-85168-175-2
- ↑ Gibson 2002, стр. 18
[уреди] Наводи
- Lynne Gibson (2002). „Modern World Religions: Hinduism - Pupil Book Core (Modern World Religions)“. Oxford (England): Heinemann Educational Publishers. ISBN 0-435-33619-3.
- Klostermaier, Klaus K. (2000), „Hinduism: A Short History“, Oxford: Oneworld Publications, ISBN 1-85168-213-9

