Меѓународен комитет на Црвениот крст

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) е приватна хуманитарна институција со седиште во Женева, Швајцарија. Земјите кои се дел од Комитетот, потписнички на Четвртата женевска конвенција од 1949 год. и нејзините дополнителни протокли од 1977-2005 год., му доделиле мандат на МКЦК да ги заштитува жртвите од меѓународните и внатрешните воени конфликити. Во таквите жртви спаѓаат ранетите за време на војните, затворениците, бегалците, граѓаните и други. МКЦК е дел од Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина заедно со Меѓународната федерација и 186 национални друштва. Тоа е најстарата и најценета организација во рамките на Движењето и една од најшироко признатите организации во светот, а има добиено и три Нобелови награди за мир во 1917 год, во 1944 год. и во 1963 год.

Историја [уреди]

Солферино, Анри Динан и основање на МКЦК[уреди]

Сè до средината на 19-иот век не постоел организиран и добро воспоставен систем за грижа на војската при несреќни случаи, и немало безбедни и заштитени институции за сместување и лекување на оние кои што биле ранети на бојното поле. Во јуни 1859 год. швајцарскиот бизнисмен Анри Динан патувал кон Италија за да се сретне со францускиот цар Наполен III со намера да дискутира за тешкотиите при извршувањето на своите деловни работи во Алжир, кој во тоа време бил окупиран од Франција. Кога тој пристигнал во малиот град Солферино, вечерта на 24 јуни, бил сведок на Битката во Солферино, која се случила како дел од војната помеѓу Австрија и Сардинија. Во еден ден околу 40.000 војници на двете страни загинале или биле оставени ранети на бојното поле. Анри Динан бил шокиран од ужасните последици од битката и од речиси целосниот недостаток од медицинска помош и основна нега. Тој целосно ја напуштил првичната намера на своето патување и посветил неколку денови на лекување и грижа за ранетите. Во организирање на повеќе помош успеал така што го мотивирал населението да помага без дискриминација. Кога се вратил дома во Женева решил да напише книга под наслов „Сеќавањето на Солферино“, која што ја издал со сопствени средства во 1862 год. Копии од книгата пратил на водечки политички и воени фигури ширум Европа. Освен тоа, за поинтензивно обележувањето на своето искуство во Солферино во 1859 год., јасно ја застапувал идејата за создавање на национални организации за волонтерска помош кои ќе им помагаат на ранетите војници во случај на војна. Притоа, побарал со создавањето на меѓународните договори да обезбеди неутралност и заштита за ранетите на бојното поле, како и лекови и теренски болници.

Оригинален документ од Првата женевска конвенција, 1864год.

На 9 февруари 1863 год. во Женева, Анри Динан го основал ,,Комитетот на петорицата” (заедно со четири други водечки фигури од добро познати женевски фамилии), комисија за истрага на женевското општество за јавно богатство. Нивната цел била да се испита можноста за реализирање на идеите на Динан и да се организира Меѓународна конференција за нивно можно спроведување. Членови на Комитетот, освен Динан, биле и Густав Мојние, адвокат и претседавач на Женевското друтво за јавно богатство, физичарот Луј Апија, кој што имал значително искуство како теренски хирург, Теодор Моноир, пријател и колега на Апија од Женевската комисија за здравје и хигиена, и Анри Дуфор, реномиран генерал од Швајцарската армија. Пет дена подоцна, тие решиле да го преименуваат Комитетот во ,,Меѓународен комитет за помош на ранетите.’’ Во периодот од 26-29 октомври 1863 год., во Женева се одржала Меѓународната конференција организирана од страна на комитетот, со цел да се развијат мерки кои што би можеле да се преземат за подобрување на медицинските услуги на бојното поле. На Конференцијата присуствувале 36 лица, од кои 18 биле официјални пратеници од националните влади, 6 биле делегати од други невладини организации, 7 биле неофицијални странски делегати, како и петте членови на Меѓународниот комитет. Следниве земји и кралстава имале официјални пратеници: Баден, Баварија, Франција, Британија, Хановер, Хесе, Италија, Холандија, Австрија, Прусија, Русија, Саксонија, Шведска и Шпанија. Меѓу предлозите кои биле запишани во конечните резолуции на Конференцијата, усвоени на 29 октомври 1863 год., биле и следниве:

  • основање на национални општества за помош на ранетите војници;
  • неутралност и заштита за ранетите војници;
  • примена на волонтерска помош на бојното поле;
  • организирање на дополнителни конфернции за донесување на овие концепти со легално склучени меѓународни договори и
  • воведување на карактеристичен заеднички симбол за заштита на медицинскиот персонал на терен, главно бела лента со црвен крст.
Споменик во чест на првата употреба на симболот на Црвениот крст при вооружен конфликт за време на Битката во Дубол, Данска во 1864 год., изграден заеднички, во 1989 год., од националните друштва на Црвениот крст на Данска и Германија

Само една година потоа, швајцарската влада ги поканила владите на сите европски земји, како и на САД, Бразил и Мексико, да присуствуваат на официјална дипломатска конференција. Шеснаесет земји испратиле вкупно дваесет и шест делегати во Женева. На 22 август 1864 год., на Конференцијата е усвоена првата Женевска конвенција ,,за подобрување на условите на ранетите војници на бојното поле.’’ Претставници од 12 земји и кралства ја потпишале конвенцијата: Баден, Белгија, Данска, Франција, Хесе, Италија, Холандија, Португалија, Прусија, Швајцарија, Шпанија и Вуртемберг. Конвенцијата имала 10 члена, и со неа за прв пат се воспоставиле легално склучени правила кои гарантирале неутралност и заштита за ранетите војници, медицинскиот персонал на теренот, како и на посебни хуманитарни институции за време на вооружени конфликти. Исто така, со конвенцијата се дефинирале и две посебни барања за националните друштва за помош, за кои се барало да бидат признати од страна на Меѓународниот комитет:

  • националното друштво мора да биде признато од својата сопствена влада како друштвово за помош во согласност со Конвенцијата и
  • националната влада на соодветната земја мора да биде земја-потписничка на Женевската конвенција.

Директно следејќи го воспоставувањето на Женевската конвенција, првите национални друштва биле основани во Белгија, Данска, Франција, Олденбург, Прусија, Шпанија и Вуртемберг. Исто така, во 1864 год. Луј Апија и Чарлс Ван де Велде, капетан на холанската армија, станале првите независни и неутрални делегати кои работеле под симболот на Црвениот крст за време на вооружен конфликт. Три години подоцна, во 1867 год., се случила првата Меѓународна конференција на националните друштва за помош, на тема грижа за ранетите во случај на војна.

Во 1867 год. Анри Динан бил присилен да прогласи банкрот заради пропаѓање на бизнисот во Алжир, делумно поради тоа што ги запуштил своите деловни интереси за време на неговите неуморни активности за Меѓународниот комитет. Контроверзните деловни зделки кои го опкружувале Динан придонеле за негативно јавно мислење, кое комбинирано со актуелниот конфликт со Густав Мојниер, довело до исклучување на Динан од позицијата член и Секретар на МКЦК. Бил обвинет за измама при банкротот и бил издаден налог за негово апсење. Заради тоа бил принуден да ја напушти Женева и никогаш не се вратил во својот роден град. Во следните години, национални друштва биле создадени во речиси сите земји во Европа. Во 1876 год. Комитетот го усвоил името ,,Меѓународен комитет на Црвениот крст’’ (МКЦК), кое и денес е негово официјално име. Пет години пдоцна, со напорите на Клара Бартон е основан и Американскиот Црвен Крст. Сè повеќе земји ја потпишувале Женевската конвенција и ја почитувале и во пракса за време на вооружените конфликти. За многу краток период, Црвениот крст добил огромна сила како меѓународно почитувано движење, а националните друштва станувале се попопуларни како места за волонтерска работа.

Кога во 1901 год. била доделена првата Нобелова награда за мир, Норвешкиот нобелов комитет одлучил да им ја додели заедно на Анри Динан и Фредерик Паси, водечки меѓународен пацифист. Позначајно отколку самата чест која ја носи наградата било официјалното прославување од Меѓународниот комитет на Црвениот крст со кое што се повратил изгубениот углед на Анри Динан и претставувало признание за неговата клучна улога во создавњето на Црвениот крст. Динан починал девет години подоцна во здравстевно одмаралиште во малото гратче Хајден. Само два месеци пред тоа починал и неговиот долгогодишен противник, Густав Мојние, кој оставил белег во историјата на Комитетот како претседател кој најдолго време досега бил на функција.

Во 1906 год., Женевската конвенција од 1864 год. за прв пат била преработена. Една година потоа, Хашката конвенција, усвоена на Втората меѓународна мировна конфернција во Хаг, го проширила предметот на Женевската конвенција и го опфатила и поморското војување. Кратко пред почетокот на Првата светска војна во 1914 год., 50 години по основањето на МКЦК и усвојувањето на првата Женевска конвенција, имало околу 45 национални друштва за помош ширум светот. Движењето се проширило од Европа и Северна Америка до Централна и Јужна Америка (Аргентина, Бразил, Чиле, Куба, Мексико, Перу, Ел Салвадор, Уругвај, Венецуела), Азија (Репулика Кина, Јапонија, Кореја, Сијам) и Африка (Република Јужна Африка).

Првата светска војна[уреди]

Француска разгледница која што ја слави улогата на Црвениот крст за време на Првата светска војна, 1915 год.

Со почетокот на Првата светска војна, МКЦК се соочил со огромни предизвици кои единствено можеле да се решат преку блиска соработка со националните друштва на Црвениот крст. Медицинските сестри на Црвениот крст од целиот свет, вклучувајќи ги и САД и Јапонија, помагале при давањето медицински услуги на вооружените сили на европските земји кои што биле вклучени во војната. На 15 октомври 1914 год., веднаш по почетокот на војната, МКЦК основал Меѓународна агенција за затвореници од војната, која до крајот на 1914 год. имала 1200 членови, од кои најголем дел биле волонтерски персонал. До крајот на војната, Агенцијата предала околу 20 милиони писма и пораки, 1,9 милиони пораки и околу 18 милиони швајцарски франци во донации на Агенцијата, околу 200 000 затвореници биле разменети помеѓу страните кои војувале, ослободени од заложништво и вратени во своите земји. Агенцијата, со организирањето на индекс-картичка, собрала околу 7 милиони записи во периодот од 1914-1923 год., и секоја картичка претставувала посебен затвореник или исчезната личност. Картичката помогнала при идентификацијата на околу 2 милиони лица, како и при овозможувањето на контакт со нивните семејства. Денес, целосниот индекс МКЦК го има дадено на заем на Музејот на Меѓународниот Црвен крст и Црвената полумесечина во Женева. Правото за пристап до индексот сеуште го има само МКЦК.

Во текот на целата војна, МКЦК надгледувал дали страните кои војуваат се раководат во согласност со Женевската конвенција од 1907 год. и потоа праќал жалби за прекршоците до соодветната земја. Кога за време на војната за прв пат било употребено хемиско оружје, МКЦК остро протестирал против овој нов начин на војување. И покрај тоа што МКЦК немал мандат од Женевската конвенција, сепак се обидел да го амелиорира страдањето на цивилното население. На териториите кои официјално биле означени како ,,окупирани територии’’, МКЦК, врз основа на Хашката конвенција од 1907 год., ,,Закони и обичаи при војна на копно’’, можел да му помогне на цивилното население. Оваа конвенција била и права основа за работата на МКЦК со затворениците за време на војната. Како дополнеие на работата на Меѓународната агенција за затворениците од војната, како што и погоре е опишано, тоа вклучувало и посети за преглед на логорите. До крајот на војната, вкупно 524 логори низ Европа биле посетени од страна на 41 делегат од МКЦК.

Во периодот меѓу 1916-1918 год., МКЦК издал одреден број разгледници со сцени од логорите на затворениците. Сликите ги покажувале затворениците во секојдневните активности, како на пр. доставување писма од дома. Намерата на МКЦК била да им даде малку надеж и солидарност на фамилиите, како и да ја ублажи нивната болка. По крајот на војната, МКЦК го организирал враќањето на околу 420 000 затвореници во нивните земји. Во 1920 год., таа задача била предадена на новосоздадената Лига на нации, која го назначила норвешкиот дипломат и научник, Фритјоф Нансен, за ,,Висок комесар одговорен за затворениците при војната’’. Подоцна, кога неговата канцеларија станала канцеларија на Лигата на нациите, неговиот правен мандат бил проширен и за помош и грижа на бегалците од војната и раселените лица и тој станал ,,Висок комесар за бегалци’’. Нансен, кој го измислил Пасошот за бегалци, ја добил Нобеловата награда за мир во 1922 год., и назначил двајца делегати од МКЦК за негови заменици.

Една година пред крајот на војната, МКЦК во 1917 год. ја добил Нобеловата награда за мир за неговата восхитувачка работа за време на војната. Тоа била единствената Нобелова награда за мир која што била доделена во периодот од 1914-1918 год. Во 1923 год., Комитетот усвоил промена во својата политика која што се однесувала на изборот на неговите членови. До тогаш, само граѓаните на Женева можеле да работат во Комитетот. Ова ограничување било проширено за да се вклучат и другите граѓани на Швајцарија. Како директна последица на Првата светска војна, во 1925 год. бил усвоен доплнителен протокол на Женевската конвенција со кој законски се забранувала употребата на отровни гасови или гасови за задушување, како и биолошки агенти како оружје. Четири години подоцна, оригиналната Конвенција била преуредена и била создадена Втората женевска конвенција која што се однесувала на ,,третманот на затворениците од војната’’. Настаните за време на Првата светска војна и соодветните активности на МКЦК значително го зголемиле угледот и авторитетот на Комитетот помеѓу меѓународната заедница и довеле до проширување на неговите надлежности.

Во 1934 год., на Конференцијата на Меѓународниот Црвен крст, бил усвоен нацрт-предлог за дополнителна конвенција за заштита на цивилното население за време на вооружен конфликт. За жал, најголем дел од владите покажале слаб интерес во спроведувањето на оваа конвенција и со тоа се спречило нејзиното стапување на сила пред почетокот на Втората светска војна.

Втората светска војна[уреди]

Порака од Црвениот крст од Полска, 1940 год.

Легалната основа на работата на МКЦК за време на Втората светска војна биле Женевските конвенции во нивното преуредување од 1929 год. Активностите на Комитетот биле слични со тие за време на Првата светска војна: посета и надзор на камповите на затворениците, организирање помош за цивилното население и размена на пораки кои се однесуваат на затвореници и исчезнати лица. До крајот на војната, 179 делегати извршиле 12 750 посети на камповите во 41 земја. Централната агенција за информации за затворениците имала персонал од 3000 лица, индексот на картички за барање на затвореници имал 45 милиони картички и 120 милиони пораки биле разменети од страна на Агенцијата. Голема пречка било тоа што Црвениот крст на Германија, кој што бил контролиран од нацистите, одбил да соработува со статусите на Женева, вклучувајќи прекршувања, како што било и протерувањето на евреите од Германија, како и масовните убиства кои што германската влада ги спроведувала во концентрационите логори. Исто така, две други главни страни на конфликтот, Советскиот сојуз и Јапонија, не биле потписници на Женевската конвенција од 1929 год. и немале правно барање да ги следат правилата на конвенциите.

За време на војната, МКЦК не успеал да постигне договор со нацистичка Германија за третманот на затворените во концентрационите логори. Исто така, МКЦК не успеал да даде одговор и на соодветните информации кои што ги имал зa камповите за екстерминација и масовното убивање на Евреите во Европа. Тое сеуште се смета за најголемиот неуспех на МКЦК во неговата историја. По ноември. 1943 год., МКЦК добил дозвола да испрати пратки во концентрационите логори со познати имиња и локации. Бидејќи пратките најчесто биле потпишувани со други имиња, МКЦК успеал да ги запише идентитетите на околу 105 000 затвореници во концентрационите логори и поделил околу 1,1 милион пратки, првично во логорите: Дахау, Бухенвалд и Саксенхојсен.

Марсел Јунод, претставник на МКЦК, во посета на затвореници во Германија.
(© Benoit Junod, Switzerland)

На 12 март 1945 год. претседателот на МКЦК, Јакоб Бурхарт, добил порака од генералот на СС, Ернст Калтенбрунер, прифаќајќи го барањето на МКЦК да дозволи делегати да ги посетат концентрационите логори. Овој договор бил условен со тоа дека делегатите треба да останат во логорите се до крајот на војната. Десет делегати, меѓу кои Луј Хефлигер (логор Маутхаузен), Пол Динан (логор Терезиенштат) и Виктор Мојрер (логор Дахау), ја прифатиле задачата и ги посетиле овие логори. Луј Хефлигер го спречил насилното иселување или минирање на Матхаузен со тоа што ги известил американските трупи, и така се спасиле животите на околу 60 000 лица. Неговите активности биле, МКЦК ги сметал за неправилни затоа што го ризикувале неговиот сопствен авторитет, а и неутралноста на МКЦК. Во 1990 год., неговиот углед конечно бил повратен од страна на претседателот на МКЦК, Корнело Зомаруга.

Друг пример за голем хуманитарен дух бил Фридрих Борн (1903-1963), делегат на МКЦК во Будимпешта, кој ги спасил животите на околу 11 000-15 000 евреи во Унгарија. Марсел Јунод (1904-1961), физичар од Женева, бил уште еден меѓу делегатите за време на Втората светска војна. Повеќе за неговото искуство, во кое што спаѓа и тоа што бил еден од првите странци кој го посетил Хирошима по фрлањето на атомската бомба, може да се најде во книгата Воин без оружје.

Во 1944 год. МКЦК ја добил својата втора Нобелова награда за мир. Како и за време на Првата светска војна, тој ја добил единствената награда за мир која што била доделена за време на главниот период од војната, од 1939-1945 год. При крајот на војната, МКЦК работел со националните друштва на Црвениот крст за да обезбеди помош на оние земји кои биле најсериозно погодени. Во 1948 год., Комитетот издал извештај кој содржел преглед на своите активности за време на војната, од 1 септември 1939 год. до 30 јуни 1947 год. Од јануари 1996 год., архивата на МКЦК која сега е отворена за академски и јавни истражувања.

По Втората светска војна [уреди]

Седиштето на МКЦК во Женева

На 12 август 1949 год. биле усвоени дополненија на двете постоечки Женевски конвенции. Дополнителна конвенција за ,,амелиорација на условите на ранетите, болните и членови на поморските вооружени сили, сега наречена Втората женевска конвенција, била усвоена под условите на закрилото? на Женевската конвенција како на Хашката конвенција од 1907 год. Женевската конвенција од 1929 год. која се однесувала на третманот на затворениците при војната, можеби била втора Женевска конвенција од историска гледна точка (бидејќи всушност била создадена во Женева), но по 1949 год. почнала да се нарекува Трета женевска конвенција бидејќи по хронолошки ред таа е подоцна од Хашката конвенција. Според искуството од Втората светска војна, Четвртата женевска конвенција, била создадена нова конвенција која се однесувала на заштитата на цивилите за време на војната. Исто така, и дополнителните протокли од 8 јуни 1977 год. биле наменети да овозможат примена на конвенциите во меѓувнатрешните конфликти, како на пр. граѓански војни. Денес, четирите конвенции и нивните дополнителни протокли содржат повеќе од 600 артикли, значителна експанзија во споредба со неколкуте члена во првата конвенција од 1864 год.

На прославувањето на стогодишнината, во 1963 год., МКЦК, заедно со Лигата на друштвата на Црвен крст, ја добил третата Нобелова награда за мир. Од 1993 год., на лица кои не биле од Швајцарија им било дозволено да служат како делегати на Комитетот, задача која што претходно не им била дозволена на швајцарски жители. Оттогаш, бројот на членови на персоналот без швајцарско државјанство се зголемил на околу 35%.

На 16 октомври 1990 год., Генералното собрание на ОН донело одлука да му додели на МКЦК статус на надгледувач за неговите собраниски седници и собранија на подкомитетот и тоа претставувало прв статус на надгледувач кој што бил даден на една организација. Резолуцијата била заеднички предложена од страна на 138 земји-членки и воведена од италјанскиот амбасадор, Виери Трахиер, во знак сеќавање на потеклото на организацијата, битката во Солферино. Договор потпишан со швајцарската влада на 19 март 1993 год., ја афирмирал веќе долговремената политика на целосна независност на Комитетот од било какво можно вмешување од страна на Швајцарија. Договорот го заштитува целиот имот на МКЦК во Швајцарија, вклучувајќи го и неговото седиште и архивата, членовите и правниот имунитет на персоналот, ослободување на МКЦК од сите даноци и такси, гарантира заштитен и безцарински пренос на добра, услуги и пари, го обезбедува МКЦК со безбедни комуникациски привилегии на исто ниво како и странските амбасади, и го поедноставува патот на Комитетот во и надвор од Швајцарија.

МКЦК ги продолжил своите активности и во 90-тите. Ја скршил својата медиумска тишина кога бил објавен геноцидот во Руанда во 1994 год. Се борел за да ги спречи криминалните дејствија кои се случиле во и околу Сребреница во 1995 год., но сепак изјавил: ,,Мораме да признаеме дека и покрај нашите напори да им помогнеме на илјадници цивили насилно избркани од градот и посветеноста на нашите колеги на самото место, влијанието на МКЦК за разоткривање на трагедијата беше екстремно ограничено.’’ Во јавноста повторно се јавил во 2007 год. за да ја осуди ,,злоупотреба на основните човекови права’’ од страна на воената влада на Бурма, вклучувајќи принудна работа, гладување и убивање на мажи, жени и деца.

Несреќи[уреди]

На крајот на Студената војна, работата на МКЦК всушност станал поопасна. Во 1990 год., многу повеќе делегати ги загубиле своите животи за разлика од која било претходен момент во неговата историја, особено кога работел во локални и внатрешни вооружени конфликти. Овие инциденти често демонстрирале недостаток на почит за правилата на Женевските конвенции и нивните заштитни симболи. Меѓу биле:

  • Фредерик Маурис, умрел на 19 мај 1992 год., на 39 год., еден ден по нападот на превозното средство на Црвениот крст кој што тој го придружувал во Сараево, поранешна Југославија.
  • Фернанда Каладо (Шпанија), Ингеборг Фрос (Норвешка), Ненси Малој (Канада), Гунид Миклбуст (Норвешка), Шерил Таер (Нов Зеланд) и Ханс Елкеброт (Холандија). Биле убиени додека спиеле, во раните утрински часови на 17 декември 1996 год. во теренската болница на МКЦК во чеченскиот град Новиј Атаги, близу Грозни. Нивните убијци никогаш не биле фатени, немало ниту некој посебен мотив за нивното убивање.
  • Рита Фокс (Швајцарија), Вероник Саро (Демократска Република Конго) и Жан Молокабонк (Демократска Република Конго). На 26 април 2001 год. биле на пат со две коли и нивната цел била мисија за помош во североисточниот дел на Демократската Република Конго кога им се случил фатален пожар од страна на непознати напаѓачи.
  • Рикардо Мункиjа (Ел Салвадор), работел во Авганистан и патувал со локалните колеги кога нивната кола била запрена од непознат вооружен човек. Тој бил убиен, додека пак на неговите колеги им било дозволено да избегаат. Умрел на 39 год.
  • Ватше Арсланиан (Канада). Од 2001 год, работел како координатор на логистика за мисиите на МКЦК во Ирак. Умрел додека патувал низ Багдад за да се сретне со членови на Црвената полумесечина на Ирак. Во градот нивната кола случајно влегла во крстосан оган .
  • Надиша Јашари Ранмути (Шри Ланка). Бил убиен од непознати напаѓачи на 22 јули 2003 год. кои ја запалиле неговата кола во градот Хила, на југот на Багдад.

Холокаустот[уреди]

Со земање учество во церемонија за комеморација на ослободувањето на коцентрациониот логор Аусшвиц, во 1995 год., Претседателот на МКЦК, Корнело Сомаруга, да покаже дека организацијата целосно била свесна за тежината на Холокаустот и потребата да се зачува сеќавањето за него, со цел да се спречи какво било негово повторување. на сите кои страдале или ги изгубиле животите за време на војната и јавно ги посочил грешките во минатото и недостатоците на Црвениот крст со почит кон жртвите на концентрационите логори.

Во 2002 год., МКЦК официјално заокружил некои од лекциите кои организацијата ги научила од својот неуспех:

  • од правна гледна точка, работата која довела до усвојување на Женевската конвенција поврзана со заштитата на цивилите за време на војна;
  • од етничка гледна точка, усвојувањето на декларацијата за основните принципи на Црвениот крст и Црвената полумесечина, градејќи ја засебната работа на Макс Хубер и Жан Пиктет, за да се спречи и други какви било злоупотреби како оние што се случиле во рамките на Движењето, кога во 1933 год. Хитлер добил сила;
  • на политичко ниво, односот на МКЦК со Швајцарија бил преформулиран со цел да се обезбеди неговата независност;
  • со цел да останат живи сеќавањата, МКЦК, во 1955 год., прифатил да го преземе управувањето на Меѓународниот сервис за барање, каде се чуваат записи од концентрационите логори;
  • и конечно, за да се организираат историските факти за случајот, МКЦК го поканил Жан Клод Фавез да изврши независна истрага за неговите активности во име на жртвите на персекуција од страна на нацистите, и му дал пристап до неговите архиви кои се однесуваат на тој период, без грижа за транспарентност, МКЦК, исто така, решил да им даде пристап на сите други историчари до архивите кои датираат од пред 50 год., заклучоците за работата на Фавез, МКЦК неговите минати неуспеси и го изразил своето жалење во однос на тоа.

Во официјална изјава, на 27 јануари 2005 год., на 60-тата годишнина од ослободувањето на Аусшвиц, МКЦК изјавил:

,,Аусшвиц, исто така, го претставува најголемиот неуспех во историјата на МКЦК, поради неговиот недостаток на одлучност при правењето чекори за помош на жртвите од персекуцијата на Нацистите. Овој неуспех ќе остане дел од сеќавањето на МКЦК, а во исто време и ќе ги охрабри делата на делегатите на МКЦК.”

Војната во Ирак[уреди]

На 17 март 2008 год., Меѓуародниот комитет на Црвениот крст изјавил дека по почетокот на војната во 2003 год., сеуште не престанува хуманитарната криза во Ирак. И покрај ограниченото подобрување на безбедноста во некои области, вооруженото насилство сеуште има катастрофално влијание. Убивањето на цивили во непријателските судири продолжува.

Карактеристики[уреди]

Оригиналното мото на Меѓународниот комитет на Црвениот крст било Inter Arma Caritas (Сред војна-милосрдие). Тој го задржал ова мото, додека пак други организации на Црвениот крст усвоиле други. Поради локацијата на Женева, во делот на Швајцарија каде што се зборува француски јазик, МКЦК е познат и по своето првично француско име: Comité international de la Croix-Rouge (CICR). Сепак, МКЦК има четири официјални јазици (арапски, англиски, француски и шпански). Официјалниот симбол на МКЦК е црвен крст на бела позадина (обратно од швајцарското знаме), со зборовите ,,COMITE INTERNATIONAL GENEVE’’ (Интернационален комитет Женева), напишани околу крстот.

Мисија[уреди]

Официјалната изјава за мисијата вели: ,,Meѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) е независна, неутрална и независна организација, чија што исклучиво хуманитарна мисија е да ги заштити животите и достоинството на жртвите при војна и внатрешно насилство, како и да обезбеди помош за нив.’’ Исто така, МКЦК ја насочува и координира меѓународната помош и работи на промовирање и зајакнување на законот за хуманост и универзалните принципи на хуманост. Јадрото на задачите ма Комитетот, кои потекнуваат од Женевските конвении и нивните сопствени статуси, се следниве:

  • да се надгледува усогласувањето на завоените страни со Женевските конвенции;
  • да се организира нега и медицинска помош за ранетите на бојното поле;
  • да се надгледува третманот на затворениците при војната и да се прават доверливи интервенции со надлежните за притворувањето;
  • да се помогне при барањето на исчезнати лица за време на вооружени конфликти (сервис за барање);
  • да се организира заштита и грижа за цивилното население и
  • да дејствува како неутрален посредник меѓу завоените страни.

МКЦК, во 1965 год, утврдил седум основни принципи кои што биле усвоени од целото Движење на Црвениот крст. Тие се: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, волонтерство, единство и универзлност.

Правен статус[уреди]

МКЦК е единствената институција која што е јасно именувана под меѓународниот закон за хуманост како контролно раководство. Правниот мандат на МКЦК потекнува од четирите Женевски конвенции од 1949 год., како и од нивните сопствени статуси. МКЦК презема и задачи кои што не се посебно ставени под мандат со закон, како посета на политички затвореници надвор од конфликт и обезбедување помош при природни катастрофи.

МКЦК е приватна асоцијација, регистрирана во Швајцарија, која што долг период ужива различни степени на специјални привилегии и правни имунитети во рамките на територијата на Швајцарија, и тие се опишани како de facto sovereignty. На 19 март 1993 год., била создадена правна основа за овој специјален третман преку договор помеѓу швајцарската влада и МКЦК. Со овој договор целосно се заштитува имотот на МКЦК во Швајцарија, вклучувајќи го и неговото седиште и архива, привилегираните членови и правниот имунитет на персоналот, МКЦК е ослободен и од сите даноци и такси, се обезбедува заштитен и бесцарински пренос на добра, услуги и пари, се обезбедува со привилегии за безбедна комуникација на исто ниво како и странските амбасади, и го поедноставува патувањето на Комитетот во и надвор од Швајцарија. Од друга страна, Швајцарија не ги признава пасошите издадени од МКЦК.

Спротивно на популарното верување, МКЦК не е суверено тело како Суверениот воен ред на Малта, а не е ниту меѓународна организација, ниту пак од типпот на невладини или владини организации. Членството на МКЦК е ограничено само на лица со швајцарско државјанство, и за разлика од најоголем дел од невладините организации, МКЦК нема политика на отворено и неограничено членство за поединци, туку неговите нови членови ги избира самиот Комитет. Сепак, од почетокот на 90-тите, МКЦК вработува лица од целиот свет да служат во мисиите на терен и во седиштето. Во 2007 год. речиси половина од персоналот на МКЦК биле лица кои немале швајцарско државјанство. МКЦК има посебни привилегии и правни имунитети во многу земји, врз основа на државните закони во земјите, врз основа на договори меѓу МКЦК и соодветните влади, или, во некои случаи, врз основа на меѓународното право (како правото на делегатите на МКЦК да не учеествуваат во сведочења пред меѓународните судови).

Финансирање[уреди]

Буџетот на МКЦК во 2010 год. изнесувал околу 1 156 милиони швајцарски франци. Сите исплати во МКЦК се волонтерски и примени како донации врз основа на два типа повици/апели издадени од страна на Комитетот: годишен апел на Седиштето да ги покрие своите внатрешни трошоци и апел при итност за индибидуалните мисии на Комитетот. Вкупниот буџет за 2009 год. се состоел од околу 996, 9 милиони швајцарски франци (85% од вкупниот буџет) за теренска работа, а 168,6 милиони швајцарски франци (15%) за внатрешни трошоци. Во 2009 год. буџетот за теренска работа се зголемил за 6,9%, а внатрешниот буџет за 4,4% во споредба со 2008 год., главно заради надпросечните зголемувања на бројот и подрачјето на мисиите во Африка.

Најголем дел од финансирањето на МКЦК доаѓа од Швајцарија и САД, заедно со други европски земји, како и ЕУ близу зад нив. Заедно со Австралија, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, придонесуваат околу 80-85% од буџетот на МКЦК. Околу 3% доаѓаат од приватни подароци, а остатокот од националните друштва на Црвениот крст.

Одговорности во рамките на Движењето[уреди]

МКЦК е одговорен за правно препознавање на друштвата за помош како официјални друштва на Меѓународниот Црвен крст и Црвената полумесечина и со тоа нивно прифаќање во Движењето. Конкретните равила за препознавање се дефинирани во статусите на Движењето. По признавањето од страна на МКЦК, националното друштво е признато како член на Меѓународната федерација на националните друштва на на Црвениот крст и Црвентата полумесечина. МКЦК и Федерацијата соработуваат со посебните национални друштва во нивните меѓународни мисии, особено со човечки, материјални и финансиски ресурси и организирање логистика. Според Севилскиот договор од 1997 год., МКЦК е водечката агенција на Црвениот крст при конфликти, додека пак другите организации во рамките на Движењето, ја имаат водечката улога во невоени ситуации. Националните друштва ја имаат водечката улога кога се случува конфликт во нивната сопствена земја.

Организација[уреди]

МКЦК има седиште во Женева, Швајцарија, а има и надворешни канцеларии, наречени делегации во околу 80 земји. Секоја делегација е под одговорност на лице кое е официјалне претставник на МКЦК во земјата. Од 2000 лица кои се професионално вработени, околу 800 работат во седиштето во Женева, а 1200 работат на терен. Околу половина од тие кои работат на терен служат како делегати кои управиваат со операциите на МКЦК во различни земји, додека пак другата половина се специјалисти, како доктори, агрономисти, инженери или преведувачи. Во делегациите, на меѓународниот персонал му помагаат околу 13.000 вработени државни работници, со што вкупниот персонал кој што е под надлежност на МКЦК изнесува околу 15.000. Делегациите често имаат и тесна соработка со националните друштва на Црвениот крст во земјите каде што се сместени, и на тој начин може и да повикаат волонтери на националниот Црвен крст за помош при некои операции на МКЦК.

Организациската структура на МКЦК не е лесно разбирлива за оние кои не се членови или неупатени. Делумно, така е заради организациската тајност, но и поради тоа што самата структура е променлива и склона кон промени. Собранието и Претседателството се две долгопостоечки институции, но Собранискиот совет и Директоратот се создадени во подоцнежниот период на дваесетиот век. Одлуките најчесто се донесуваат на колективен начин, па надлежноста и моќта не се концентрирани на едно место. Денес, водечките органи се Директоратот и Собранието.

Директорат[уреди]

Директоратот е извршното тело на Комитетот. Негова обврска е секојдневното управување со МКЦК, додека пак Собранието ја утврдува политиката. Директоратот се состои од Генерален директор и пет директори во следниве области: ,,Дејствување’’, ,,Човечки ресурси’’, ,,Финансиски ресурси и логистика’’, ,,Управување со комуникации и информации’’ и ,,Meѓународно право и соработка во рамките на Движењето’’. Членовите на Директоратот се назначени од страна на Собранието за работа во период од четири години. Во последните години Генералниот директор презема полична одговорност, повеќе како извршен директор, додека пак порано имал еднаква одговорност со останатите во Директоратот.

Собрание[уреди]

Собранието (или Комитетот) заседава редовно, и е одговорно за дефинирање на цели, насоки и стратегии, како и за надзор на финансиските прашања на Комитетот. Собранието има максимум 25 членови кои што се швајцарски државјани. Членовите мора да знаат да го зборуваат домашниот јазик, француски, но многумина зборуваат и англиски и германски. Овие членови на Собранието се избрани за период од четири години, и не постои ограничување за тоа колку пати еден член може да служи. Потребно е три-четвртинско мнозинство гласови од сите членови за повторен избор по третиот мандат, што делува како мотивација за членовите да останат активни и продуктивни.

Во раните години, секој член на Комитетот бил од Женева, протестант, од белата раса и машки пол. Првата жена, Рене Маргарит Крамер, била избрана во 1918 год. Оттогаш, неколку жени биле заменик-претседатели, а женската пропорција по Студената војна била околу 15%. Првите кои не бил од Женева биле избрани во 1923 год., а еден Евреин работел во Собранието.

Додека останатиот дел од Движењето на Црвениот крст може да биде повеќенационален, Комитетот верува дека неговата еднонационална природа е предимство, бидејќи во прашање е швајцарската националност. Благодарение на сегашната неутралност на Швајцарија, страните кои се во конфликт можат да бидат сигурни дека ,,непријателот’’ нема да ја одредува политиката во Женева. Француско-Пруската војна, која што се случувала во периодот од 1870-1871 год., покажала дека дури и Црвениот крст ( во овој случај националните друштва) може да биде поврзан со национализам и не може да одржи неутрален хуманитарианизам.

Јакоб Келенбергер, сегашен преседател на МКЦК

Собраниски совет[уреди]

Освен тоа, Собранието избира Собраниски совет од пет члена, кој што го сочинува особено активното јадро на Собранието. Советот се состанува најмалку десет пати годишно и има надлежност да одлучува во име на целото Собрание по однос на одредени прашања. Советот е одговорен и за организирање на состаноците на Собранието, како и за олеснување на комуникацијата помеѓу Собранието и Директоратот. Собранискиот совет вообичаено вклучува претседател, двајца заменик-претседатели и два избрани члена. Додека еден од заменик-претседателите е избран за мандат од 4 години, другиот е назначен веднаш по заврашувањето на неговиот мандат, со повлекување од позицијата заменик-претседател или од Комитетот. Заменик-претседатели сега се: Оливер Водоз и Кристин Берли.

Претседател[уреди]

Исто така, Собранието избира и едно лице за Претседател на МКЦК, кое што ќе работи во период од четири години. Претседателот е член на Собранието, а и лидер на МКЦК, и секогаш бил вклучен во Советот, од неговото создавање. Претседателот автоматски станува член на гореспоменатите групи, веднаш штом е назначен, но не е неопходно да доаѓа од организација во рамките на МКЦК. Постои силен во рамките на Собранието дека сака да постигне организацијата да избере претседател од швајцарската влада или професионални кругови како на пример од полето на банкарството или медицината. Всушност, последните тројца претседатели претходно биле службеници во швајцарската влада. Влијанието на претседателот и неговата улога не се јасно дефинирани, и може да се менуваат во зависност од времето и личниот стил на претседателот. Од 2000 год., претседател на МКЦК е Јакоб Келенбергер, самостоен човек кој ретко прави дипломатски појавувања, но е многу вешт во лични преговори и се усогласува со динамиката на Собранието. Во фервруари, 2007 год., бил назначен од Собранието на уште еден четиригодишен мандат, кој што завршува на крајот на 2011 год.

Претседатели на МКЦК биле:

Персонал[уреди]

Како што МКЦК расте и станува се подиректно вклучен во конфликти, годишно се зголемува и професионалниот персонал. Во 1914 год., МКЦК имал само 12 вработени, а во Втората светска војна 1900, заедно со 1800 волонтери. Бројот на платен персонал се намалил по двете војни, но се зголемил повторно во последните неколку децении, па во 1980 год. просечниот број на персонал кој што работел на терен изнесувал 500, а во 90-тите над илјада. Почнувајќи од 1970 год., МКЦК станал посистематски во обучувањето на попрофесионален персонал. МКЦК е атрактивна кариера за дипломираните, особено во Швајцарија, но работата како вработен во МКЦК бара многу. 15% од персоналот секоја година си заминува, а 75% од вработените остануваат помалку од 3 години. На меѓународниот персонал на МКЦК во својата работа му помагаат околу 13.000 државни работници, ангажирани во земјите каде што се сместени делегациите.

Односи во рамките на Движењето[уреди]

Поради неговиот долг период на постоење, како и местото во меѓународниот закон за хуманост, МКЦК е водечката агенција во Движењето на Црвениот крст, но има преживеано и некои недоразбирања околу распределбата на моќта во рамките на Движењето. МКЦК бил во конфликт со Федерацијата и одредени национални душтва во различни периоди. Американскиот Црвен крст се заканил дека ќе го замени МКЦК со создавање на Федерацијата како ,,вистински меѓународен Црвен крст’’ по Првата светска војна. Елементи на шведскиот Црвен крст сакале да ја отстранат швајцарската надлежност над МКЦК по Втората светска војна. Со текот на времето шведската сентименталност попуштила, па по годините на организациски раздор, Федерацијата почнала да работи поусогласено со МКЦК. Моментално, одделот за соработка на Федерацијата организира интеракција и соработка со МКЦК.

Во 1997 год., МКЦК и Федерацијата го потпишале Севилскиот договор, кој што доплнително ги опишува одговорностите на двете организации во рамките на Движењето. Според Договорот, Федерацијата е водечката агенција на Движењето во каков било итен случај кој што не се случува во рамките на вооружен конфликт.

Прифаќање на Маген Давид Адом[уреди]

Од неговиот зачеток во 1930 год. па се до 2006 год., организацијата Маген Давид Адом, израелски еквивалент на Црвениот крст, не била прифатена како дел од Федерацијата, бидејќи ја употребувала Ѕвездата на Давид, која што МКЦК одбил да ја признае како прифатлив симбол. Во мај 2000 год., Бернадин Хили, претседател на американскиот Црвен крст, напишал: ,,Меѓународниот комитет лист од , употребуван со децении како причина за исклучување на Маген Давид Адам- Ѕвездата на Адам.’’ Тогаш престанал да го финансира МКЦК во знак на протест. Во 2005 год. на состанок на националните потписници на Женевската конвенција, МКЦК го усвоил новиот Црвен кристал. Тогаш Маген Давид Адом, во средината на новоприфатениот симбол го ставил знакот со Ѕвездата на Давид, а во 2006 год. бил прифатен како целосен член.

Односи во рамките на Светскиот ред[уреди]

МКЦК е една од најраспространетите и најпочитуваните хуманитарни и невладини учесници во меѓународниот систем. Со неговите напори и труд, преку еден век, се обезбедуваат помош и заштита за жртвите во вооружените битки во голем број земји.

МКЦК повеќе сака директно да се врзува со земјите и да се потпира на доверливи преговори, да преговара за пристап до војниците за време на војната и да го подобри нивниот третман. Неговите откритија не се достапни за јавноста, туку се споделуваат со соодветната влада. Тоа е спротивно од некои слични организации, како Доктори без граници и Амнести Интернатионал, кои што повеќе работат на потенцирање на злоупотребата и примена на јавен притисок врз владите. МКЦК смета дека овој пристап овозможува поголем пристап и соработка со владите и тоа на подолг период.

Кога се овозможува само делумен пристап, МКЦК ги презема сите неопходни мерки дискретно и преговара за поголем пристап. Во ерата на апартхејдот во Јужна Африка, бил дозволен пристап до затвореници како Нелсон Мендела, но не и на оние кои што биле под истрага или го чекале судењето. По неговото ослободување, Мендела јавно го фалел Црвениот крст.

Некои влади го користат МКЦК како алатка за сопствено промовирање. Присуството на соодветни организации за помош може да направи слабите режими да се појават на полегитимен начин. Фиона Тери тврди дека ,,ова е делумно вистина која што му се случува на МКЦК, чиј мандат, репутација и дискреција го исполнуваат неговото присуство со особено афирмирачки кавлитет. Препознавајќи ја оваа сила, МКЦК може да изврши притисок врз слабите влади да го променат нивното однесување со закана за распуштање. Како што е споменато претходно, Нелсон Мендела потврдил дека МКЦК влијаел за подобар третман на затворениците и имал моќ над јужноафриканските заробувачи заради тоа што ,,избегнувањето на меѓународна осуда било глвната цел на надлежните’’.

Со контроверзен потег МКЦК ја покажал својата посветеност на неутралноста, кога тројца службеници од терористичката група Хамас живееле во канцеларијата на меѓународниот Црвен крст во Ерусалим. Израел верува дека овие тројца законодавци на Хамас имале улога во киднапирањето на израелскиот војник Гилад Шалит, во 2006 год., и имале наредби за нивно депортирање. Сесилија Гоин, портпарол на Црвениот крст, во разговор на вестите на телевизијата CBN, изјавила дека згрижувањето на бараните службеници на Хамас е во согласност со хуманитарната мисија на организцијата.