Марково Кале

Од Википедија — слободната енциклопедија
Реконструкција на Марково Кале

Марково Кале — феудална крепост 1 кмјугозападно од познатиот Марков Манастир покрај Маркова Сушица и 1 км северно од с. Малчиште. Претставува издаден рид во подножјето на планинскиот венец Караџица, што од запад го затвора северниот дел од долгата речна клисура на Маркова Река. Ридот Марково Кале се издига 100 м високо над реката и 530 м н.м. Од ова место се контролира патот долж Маркова Река до нејзиниот извор, што преку планинскиот премин на Караџица продолжува кон соседните области Порече и Азот; денес овој пат има само локално значење. Во северното подножје на Марково Кале лежат антички испиралишта на златоносен песок, кои повремено биле експлоатирани и низ средниот век и турскиот период, до наше време.

Најстари остатоци[уреди | уреди извор]

Во доцната антика на врвот од ридот Марково Кале било изградено обѕидие од камен со малтер. Укрепениот простор имал неправилна правоаголна форма, голема 105 × 85 м, а на него од југозапад се потпирала акропола голема само 60 × 32/22 м. Таа стоела на највисокиот дел од ридот и со челото го надвишувала малото седло југозападно од неа. Нејзиното чело и јужниот ѕид биле двапати целосно уривани и повторно градени, секој пат поместувани погоре на падината. Во рановизантиско време врз урнатата челна правоаголна кула била изградена нова триаголна, а на источниот крај била изградена голема полукружна кула. На југозападниот ѕид на кастелот, широк сега 2,50 м, била изградена голема петоаголна кула и еден предѕид, со издаден потковичест бастион на јужниот крај, за да се отежнее доближувањето на непријателот до главниот ѕид. Во кастелот, во северниот дел, се гледаат темели од бројни куќи поставени долж тесна уличка. На падината стоела една црква.

Средновековни остатоци[уреди | уреди извор]

Во доцното средновековие тврдината била обновена: на акрополата, врз челниот тригон од VI век, сега била изградена нова, петаголна кула со масивна основа. Обѕидието околу кастелот било исто така обновено, но со намалена широчина (до 1,5 м) и зајакнато со 7 потпорки (контрафори). Јужниот агол на крепоста е зајакнат со потпор во форма на мала петоаголна кула. Предѕидот и јужниот бастион останале во урнатини и вон употреба. Движниот археолошки материјал е малуброен, бидејќи целото наоѓалиште е денес густо обраснато со грмушки од бел трн и на тој начин природно конзервиран. На јужната падина, пред челото на крепоста, се среќаваат парчиња од доцносредновековна грнчарија, а најдени се и монети од XIV (А. Гропа) и XIV век (турски акчи).

Најверојатно е дека тврдината била обновена во времето кога е изградена и големата црква кај Маркова Сушица, со цел да ја штити. Црквата била обновена од Волкашин во средината на XIV век. Судејќи по бројните портрети на кралското семејство на Мрњавци и библиските ликови симболично поврзани со нив, црквата требало да послужи како мавзолеј на кралското семејство (Л. Мирковиќ 1933, 181—191).

Наводи[уреди | уреди извор]

  • И. Микулчиќ 1981, 118—120; истиот 1982, 92—95 (под Малчиште)

Поврзано[уреди | уреди извор]