Марија Шарапова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Марија Шарапова
Марија Шарапова на Индијан Велс во 2006 година
Прекар Маша
Земја  Русија
Место на живеење Бредентон, Флорида, САД
Дата на раѓање 19 април 1987 (возраст 22)
Место на раѓање СССР Њаган, Сибир, Русија (СССР при раѓање)
Висина 1.88m [1]
Тежина 59,1 kg [1]
Професионалец 19 Април 2001
Игра со • десна рака
• дворак бекхенд
Заработка $ 21,012,333
Синглови
Резултат: 540-128
Титули во кариера: 27
Највисок дострел: 1 (22 август 2005)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен П (2008)
Ролан Гарос П (2012, 2014)
Вимблдон П (2004)
УС Опен П (2006)
Двојки
Резултат: 23-17
Титули во кариера: 3
Највисок дострел: 41 (14 јуни 2001)

Инфокутијата е последен пат надоградена на:
11 јуни 2012.

Марија Јуриевна Шарапова (руски: Мария Юрьевна Шарапова) (родена на 19 април 1987) е руска професионална тенисерка. На крајот на 2006 година, таа беше најскапо платената спортистка во светот.[2]

Шарапова има освоено Златен Слем на кариерата-победувајќи на сите четири гренд слем турнири. Во 2004 година, на 17 години, таа стана третата најмлада освојувачка на Вимблдон (зад Лоти Дод и Мартина Хингис) откако во финалето извојува победа над американката Серена Вилијамс. Две години подоцна ја совлада Жастин Анин во финалето на УС Опен од 2006 година. Во 2008 година, по победата над Србинката, Ана Ивановиќ, Шарапова ја освоила и својата трета гренд слем титула, овој пат на Австралијан Опен. Во 2012 година Шарапова ја освоила својата 4-та гренд слем титула, прва на Роланд Гарос, победувајќи ја италијанската тенисерка Сара Ерани.

Биографија[уреди]

Личен живот[уреди]

Родителите на Шарапова се преселуваат од Хомјел, Белорусија во Сибир, Русија после нуклеарната несреќа во Чернобил. Марија се раѓа следната година во Њаган.

Нејзиниот талент е забележан од страна на Мартина Навратилова, а прв пат почнала да тренира тенис со рекетот подарен од таткото на Евгениј Кафелников. На седум години, Шарапова оди во САД заедно со нејзиниот татко - Јури - и станува дел од Тениската Академија Ник Болетиери во Бредентон, Флорида. Нејзината мајка, Јелена, која е оневозможена да дојде поради визниот режим, стигнува во САД неколку години подоцна. Оттогаш Шарапова живее во САД но сѐ уште има руско државјанство.

Во 2002 година, Шарапова купува куќа на плажата Менхетн, Калифорнија во предградие на Лос Анџелес, но најголем дел од годината го минува близу тренинг кампот во Бредентон.

Kариера[уреди]

2004 и 2005: Ран успех[уреди]

Во текот на 2004 Марија станува третата најмлада освојувачка на Вимблдон (зад Лоти Дод и Мартина Хингис). На патот кон титулата ги победува Аи Сугијама во четвртфиналето (5-7, 7-5, 6-1), Линдзи Девенпорт во полуфиналето (2-6, 6-7, 6-1) и двократната освојувачка на турнирот - Серена Вилијамс - во финалето (6-1, 6-4). Така Шарапова станува првата русинка освојувачка на Вимблдон. На крајот на годината, Шарапова го освојува и WTA Шампионатот, повторно победувајќи ја Серена Вилијамс (4-6, 6-2, 6-4).

Од јуни 2004 до полуфиналето на Вимлдон 2005, Шарапова има 22 победи на трева, но таму е поразена од Венус Вилијамс (7-6, 6-1), иако до овој натпревар, Марија нема да загуби ниту еден сет на Вимблдон. Стигнува до полуфилето на Австралијан Опен 2005, кадешто загубува од Серена Вилијамс (2-6, 7-5, 8-6) иако има две меч-топки.

На 22 август 2005 Шарапова се искачува на првото место на WTA листата, но една недела подоцна тоа ѝ е одземено од Линдзи Девенпорт. Шарапова се враќа на првото место после УС Опен, и покрај поразот во полуфиналето на овој турнир. Таму останува шест недели, по што Девенпорт повторно се враќа на врвот.

Во полуфиналето на УС Опен таа е поразена од Ким Клистерс и така 2005 ја завршува без да освои нова титула на Гренд Слем турнирите. На патот кон повторување на успехот од 2004 година, ќе биде спречена од идните шампионки: на Австралијан Опен губи во полуфиналето од Серена Вилијамс, на Ролан Гарос во четвртфиналето од Жастин Анин, на Вимблдон во полуфиналето од Венус Вилијамс, а на УС Опен во полуфиналето од Ким Клистерс.

2006: Втора гренд-слем титула[уреди]

Во 2006 во полуфиналето на Австралијан Опен, Марија Шарапова губи од Жастин Анин со 4-6, 6-1 и 6-4 во единствениот натпревар од годината кој го загубува откако го добива првиот сет.

Марија ја освојува својата прва титула во 2006 и единаесеттата во кариерата на Пацифик Лајф Опен во Индиан Велс, Калифорнија. Шарапова и тогашниот четврти рекет во светот Елена Дементиева се првите две русинки кои стигнуваат во финалето на овој престижен турнир. Шарапова победува со 6-1 и 6-2. Веднаш по овој турнир, Марија е поразена во финалето на турнирот Nasdaq-100 во Мајами од Светлана Кузнецова со 6-4 и 6-3.

Учествува на Ролан Гарос, каде е елиминирана во четвриот круг од Динара Сафина (7-5, 2-6, 7-5). Учествува и на турнирот во Бирмингем, каде загубува во полуфиналето од американката Џамеа Џексон. Втора година по ред Шарапова е елиминирана во полуфиналето на Вимблдон од идната освојувачка Амели Морезмо (6-3, 3-6, 6-2).

Втората титула во 2006 година, Марија ја освојува на турнирот Акура Класик во Сан Диего. Во финалето ја победува Ким Клистерс со 7-5 и 7-5.

Шарапова го започнува УС Опен како трета на ранг-листата на WTA. Bo полуфиналето на турнирот ја поразува Амели Морезмо - тогашниот рекет број 1 - со 6-0, 4-6 и 6-0. Во финалето се сретнува со Жастин Анин. Ја победува со 6-4 и 6-4 и така ја освојува својата втора титула на турнирите од Големата Четворка.

Шарапова го освојува и Цирих Опен после победата над Даниела Хантукова со 6-1, 4-6 и 6-3. Веднаш после тоа победува и во Линц, каде во финалето ја совладува Надја Петрова со 7-5 и 6-2. Тоа е нејзината петта титула во 2006 и вкупно петнаесетта во кариерата.

Годината ја завршува со резултат 59-9 и со најголем број титули на турнирите од прв ранг.

2007: Повреди и осредни резултати[уреди]

Марија ја започнува 2007 со две финалиња: на егзибицискиот турнир Вотсон Вотерс (каде е поразена во финалето од Ким Клистерс со 6-3 и 7-6(8)) и на Австралијан Опен.

Во првиот круг на Австралијан Опен ја победува 62рата на светската ранг-листа, Камиј Пен со 6-3, 4-6 и 9-7 на температура на воздухот од над 40 степени и на теренот од 50 степени. Во четвртиот круг ја победува Вера Ѕвонарева со 7-5 и 6-4. Во четвртфиналето ја победува Ана Чакветадзе, по што ја совладува Ким Клистерс. Во финалето е поразена од повратничката Серена Вилијамс со 6-1 и 6-2.

На Ролан Гарос, по паузата поради повреда на рамото, Шарапова доаѓа со само еден одигран турнир на земја (на кој е поразена во полуфиналето) и иако е второ-рангирана, многумина очекуваат нејзино рано испаѓање. Сепак, Марија, откако спасува неколку меч-топки, ја победува швајцарката Пети Шнидер во четвртфиналето со резултат од 3-6, 6-4 и 9-7 и успева да се пласира во своето прво полуфинале на „Отвореното тениско првенство на Франција“. Таму е поразена од србинката Ана Ивановиќ со 2-6 и 1-6.

На ДФС Класикот во Бирмингем, Велика Британија, Шарапова е поразена во финалето од втората носителка Јелена Јанковиќ со 4-6, 6-3, 7-5. На натпреварот, Шарапова има водство од 3-2 и можност за 4-2 во текот на вториот сет (откако го освојува првиот), а исто така води и со 6-4, 3-6, 3-0 пред да го изгуби натпреварот како резултат на големиот број неизнудени грешки на нејзината форхенд страна.

На Вимблдон, таа ја поразува Јунг-Јан Чан со 6-1 и 7-5 во првото коло. Потоа покажува убедлива игра за да дојде до удобна победа над Северин Бремонд со 6-0, 6-3 без притоа да го испушти својот сервис и освојувајќи ги воведните осум гема на мечот. Во третото коло таа игра со Аи Сугијама (која на истиот турнир ја совладува во за неа триумфалната 2004 година со 5-7, 7-5 и 6-1 во четвртфиналето) и победува со 6-3, 6-3. Во четвртото коло, противник на Шарапова е Венус Вилијамс, дваесет и третата носителка, трикратна освојувачка на Вимблдон. Марија е поразена во два сета 6-1 и 6-3 и по Роланд Гарос 2006 година, за прв пат испаѓа во осминафиналето на еден Гренд Слем.

Шарапова требаше за прв пат да игра за руската тениска репрезентација во полуфиналето на Фед Купот против САД во текот на викендот 14-15 јули. Сепак, таа се откажува неколку денови пред настапот со образложение дека повредата на рамото што ја мачела низ текот на целата година се повратила [3]. На 18 јули, три дена откако Русија го осигура финалниот натпревар против Италија, капитенот на фед селекцијата Шамил Тарпишев објави дека Шарапова нема да игра за Русија во финалето на овогодинешниот турнир [4].

Марија беше гласноговорник и главно рекламно лице во текот на кандидатурата на Сочи за Зимските Олимписки Игри во 2014 година кој на крајот и ја доби организацијата, со тоа станувајќи првиот руски град (по распадот на СССР) со ваква почест.

На ESPY наградите, Шарапова добива две високи признанија - Најдобра странска спортистка и Најдобра тенисерка.

Шарапова учествува и на тенискиот Акура Класик во Сан Диего, каде настапува како прв носител и бранител на титулата. Поради не многу убедливата сезона, Шарапова не се смета за главен фаворит. Сепак, таа одлично го започнува турнирот: откако е слободна во првото коло, во второто игра против својата поранешна партнерка во двојки Тамарин Танасугарн од Тајланд и ја поразува со 6-1 и 6-3. На мечот има 9 аса, вклучувајќи и еден кој достигнува брзина од 181.1 км/ч. Во третото коло ја поразува 13та носителка Татјана Головин од Франција со убедливи 6-0 и 6-3 откако ги добива првите девет гема во натпреварот. Во четвртфиналето, Шарапова лесно се справува со нерангираната Индијка Сања Мирза и ја поразува со резултат 6-2 и 6-1. Потоа го совладува и третиот фаворит на турнирот, својата сонародничка Ана Чакветадзе со 6-3 и 6-2 (Ана претходно, во четвртфиналето, ја поразува Венус Вилијамс со 6-7(5), 7-6(3) и 6-2 и до поразот од Шарапова има серија од 12 победи и два освоени турнири). Во финалето Шарапова се сретнува со Пети Шнидер од Швајцарија и по голема борба во три сета, победува со резултат од 6-2, 3-6 и 6-0, на тој начин освојувајќи ја својата прва титула во сезоната и 16та во кариерата.

Со освојувањето на овој турнир, Марија станува водечка на листата на најдобрите на американската турнеја, позиција која по Акура Класик ѝ овозможува да добие бонус од милион долари покрај парите што ќе ги заработи на УС Опен. Во 2006, Шарапова беше втора на турнејата низ САД и на тој начин успеа, по победата на последниот гренд слем, да добие 1.7 милион долари (1.2 милиони за победата на УС Опен и уште половина милион како бонус). Ова е втората најголема заработка во една вечер во тениската историја, по онаа на Ким Клистерс од 2005 кога таа успеа да заврши како прва на турнејата и да се закити со титулата на Отвореното Првенство на САД, се на се, освојувајќи 2.2 милиони долари.

Шарапова игра и на турнирот во Лос Анџелес, каде по автоматското минување на првото коло (како прва носителка), во второто се среќава со Елени Данилиду, која по 7-6(5) и 3-1 во сетови го предава мечот. Во третото коло наидува на огромен отпор од нерангираната Холанѓанка Михаела Крајичек. Откако го освојува првиот сет, Шарапова губи со 2-4 во вториот но истиот успева да го доведе во тај-брејк. Него го губи со 7-3. Во третиот сет Крајичек на два пати прави брејк, но Шарапова се враќа и конечно победува на дуелот со резултат од 7-6(4), 6-7(3) и 6-4 по 2 часа и 47 минути игра. Сепак, откако во четвртфиналето ја совладува бранителката на титулата Елена Дементиева со 6-3 и 6-4, пред полуфиналниот натпревар со Надја Петрова го предава мечот без борба поради повреда на глуждот. Шарапова го откажува учеството на Роџерс Купот и се соочува со многу непријатна ситуација пред почетокот на УС Опен.

Ждрепката за УС Опен е извлечена на 22 август; Шарапова е втор носител. Уште од почеток таа се вбројува меѓу фаворитите и се прогнозира нејзино учество во финалето. Во натпреварите со Роберта Винчи и Кејси Делаква на противничките им препушта само два гема, на тој начин докажувајќи дека и покрај повредите, е самоуверена и жедна за нова титула. Сепак, изненадувачки, веќе во третото коло, поразена е од 18 годишната полска репрезентативка Агнешка Радванска во три сета. За прв пат по три години Шарапова не успева да влезе во осминафиналето на еден гренд-слем. На мечот прави 12 двојни сервис и повеќе од 49 неизнудени грешки.

На ранкинг листата од 10 септември, Шарапова паѓа на четврто место. По период од две години минати како најдобра Русинка, Марија мора да ѝ го предаде овој примат на својата сонародничка Светлана Кузнецова.

Постојаните проблеми со рамото ја оневозможуваат Шарапова да ја покаже својата вистинска форма - губи од Викторија Азаренка од Белорусија на Кремљ Купот оддржан во нејзината родна земја. На 15ти октомври таа го повлекува и учеството од Отвореното тениско првенство на Цирих.

Како резултат на ова, Шарапова паѓа на деветотто место на ВТА-листата и е оневозможена да учествува на турнирот на најдобрите осум тенисерки кој се одржува во Мадрид. Сепак, откако Венус Вилијамс се откажува поради повреда, Шарапова со задоволство ја прифаќа понудата да се приклучи на најдобрата седумка во шпанскиот главен град.

Токму тука Шарапова (која воопшто не се вбројува меѓу фаворитите пред почетокот на турнирот) ја прикажува својата игра: ја победува Даниела Хантукова во првиот натпревар со резулатат 6-4, 7-5. Следи победата против втората светска тенисерка Светлана Кузнецова. Иако Шарапова губи со 7-5 и 2-1 во вториот сет, успева да освои 5 последователни гема и го зема вториот сет со резулат 6-2. Така завршува и последниот - 5-7, 6-2, 6-2 е конечниот исход. Сервисот на Шарапова и на двата натпревари се покажува како силно и нејзино главно оружје - интересно, ако се земе предвид дека пред почетокот на турнирот Шарапова го променува начинот на сервирање во обид да ги ублажи болките во рамото. Во последниот натпревар од групата, презентирајќи ја старата Шарапова, Марија убедливо ја поразува Ана Ивановиќ со 6-1 и 6-2. Заедно со Србинката Шарапова влегува во полуфиналето. Таму ја поразува и Ана Чакветадзе со 6-2 и 6-2, добивајќи речиси 90% од поените на својот прв сервис.

Во еден од најдобрите тениски натпревари во женска конкуренција одиграни оваа година, Шарапова е поразена во финалниот натпревар од Белгијанката Жастин Анин со резулат 5-7, 7-5 и 6-3 во натпревар кој трае 3 часа и 24 минути.

2008: Третата голема титула[уреди]

По победата над Ана Чакветадзе во пријателски натпревар во Сингапур, Шарапова стигнува во финалето на ЏБ Груп Класик егзибицискиот турнир што се одржува ви Хонг Конг, каде е поразена од Венус Вилијамс во финалето со резултат 6-4 и 6-3.

Марија ја освојува титулата на првиот гренд слем во годината - Австралијан Опен - на 26 јануари 2008 година, учествувајќи во турнирот како петти носител - нејзин најслаб рејтинг на еден гренд слем турнир во поединечна конкуренција уште од УС Опен 2004 година.[се бара извор] На патот кон четвртфиналето, Шарапова ја совладува поранешната најдобра светска тенисерка Линдзи Девенпорт во второто коло [5] и својата сонародничка Елена Дементиева во четвртото. Во четвртфиналето, во дуелот со светскиот рекет број еден Жастин Анин, Марија прикажува страотна игра и со резултат од 6-4 и 6-0,[6] и става крај на серијата од 32 последователни победи на белгијката. Потоа Шарапова победува во своето трето последователно гренд слем полуфинале и стигнува до второто последователно финале на Австралијан Опен по убедливата победа над повредената Јелена Јанковиќ со 6-3 и 6-1. Во финалето се среќава со уште една србинка Ана Ивановиќ која ја победува со 7-5 и 6-3, испуштајќи само 10 поени на свој сервис во текот на целиот натпревар.[7]

Со тоа Шарапова ја освојува првата гренд слем титула во сезоната без изгубен сет и со само 24 изгубени гема. Сега потребна и е само уште титула на Ролан Гарос за да постигне кариерен гренд слем.

Награди[уреди]

Марија Шарапова по победата на Акура Класик на 6 август 2006

2003

  • Прогласена е за дебитант на годината од Женската тениска асоцијација (WTA)
  • Најубава спортистка на годината според списанието Максим

2004

  • WTA играч на годината
  • WTA најнапредната играч на годината
  • WTA најдобар сервис
  • Најубава спортистка на годината според списанието Максим

2005

  • ESPY најдобра тенисерка
  • Наименувана е за најдобра тенисерка на годината од Руската тениска федерација
  • Амбасадор на спортовите во Русија
  • Најубава спортистка на годината според списанието Максим
  • Prix de Citron Ролан Гарос

2006

  • Најубава спортистка на годината според списанието Максим
  • Наименувана е за најдобра тенисерка на годината од Руската тениска федерација

2007

  • ESPY најдобра тенисерка
  • ESPY најдобра странска спортистка
  • ESPN најубава спортистка

2008

  • Именувана е за најдобар женски спортист за месец Јануари по настапот на Австралијан Опен од Американската Спортска Академија
  • ESPY најдобра тенисерка

2010

  • ВТА омилена тенисерка на фановите
  • ВТА хуманитарец на годината
  • ВТА најмодерна тенисерка (на терените)
  • ВТА најмодерна тенисерка (надвор од терените)

Занимливости[уреди]

2009
  • Шарапова стриктно се придржува кон сопствениот ритуал пред да сервира. Додека стои на основната линија, тапнува со топчето четири пати, си ги наместува прамените зад ушите и потоа нежно го тапнува топчето уште два пати.
  • Контроверзен аспект во играњето кај Шарапова е нејзиното "врискање." Таа е можеби најгласната девојка на тениските терени по Моника Селеш. Шарапова тврди дека тоа е дел од нејзината игра и дека само британскиот печат зборува за тоа. Елена Дементиева ќе се пожали на врискањето после четвртфиналето на Вимблдон.[8] Подоцна на УС Опен, Татјана Головин ќе рече: "Врискањето нема да направи топчето да се движи побрзо."[9]
  • Шарапова е добра пријателка со тенисерката Марија Кириленко, како и со американската актерка Ума Турман[10]. Во едно свое неодамнешно интервју, таа ја нарекува актерката Камиј Бел - своја најдобра пријателка.
  • Пријателите и роднините често ја викаат Шарапова - Маша, деминутивна форма на Марија во рускиот јазик.[11] [12]
  • Шарапова ќе го подари рекетот со кој го освои Вимблдон во 2004 на Реџис Филбин за време на снимањето на Во живо со Реџис и Кели.
  • Шарапова четири години со ред е прогласувана за "Најубава спортистка на годината" од списанието Максим.
  • Омилен дизајнер на Шарапова е Марк Јакобс. Понекогаш може да се види на неговите модни ревии.[13]
  • Шарапова е амбидекстрозна. Првобитно играла со лева рака, но подоцна започнала да игра со десна. Понекогаш употребува леворак форхенд на натпреварите.
  • Со висина од 1.88m, заедно со поранешната професионалка Линдзи Девенпорт таа е една од највисоките тенисерки во историјата на играта.

Цитати[уреди]

  • Јас не сум следниот некој. Јас сум првата Марија Шарапова.
  • Најавувачот: И сигурен сум дека сакате да кажете неколку збора (откако ѝ го предава пехарот за второ место на Австралијан Опен 2007)

Марија Шарапова: Малку повеќе отколку што освоив гемови денес.

  • 'Мислите ли дека мојот говор беше подобар од мојата игра денес?' (на прес-конференција по поразот во финалето на Австралијан Опен)
  • 'Играв против постари појаки конкуренти во текот на целиот мој живот. Тоа ме направи подобра тенисерка и ми овозможи да играм на нивно ниво без разлика на нивната сила и искуство.'[14]
  • 'Кога тргнав да го освојувам врвот на женскиот тенис, не реков дека сакам да бидам број 2, туку број 1.'[15]
  • 'Јас сум и спортистка и деловна жена.'

Финалиња на Гренд Слем во сингл[уреди]

Победи (4)[уреди]

Година Шампионат Противник во финале Резултат во финале
2004 Вимблдон САД Серена Вилијамс 6-1, 6-4
2006 УС Опен Белгија Жастин Анин 6-4, 6-4
2008 Австралијан Опен Flag of Serbia.svg Ана Ивановиќ 7-5, 6-3
2012 Роланд Гарос Италија Сара Ерани 6-3, 6-2

Финалист (3)[уреди]

Година Шампионат Противник во финале Резултат во финале
2007 Австралијан Опен САД Серена Вилијамс 6-1, 6-2
2011 Вимблдон Чешка Петра Квитова 6-3, 6-4
2012 Австралијан Опен Белорусија Викторија Азаренка 6-3, 6-0

WTA Шампионат - финалиња[уреди]

Победи (1)[уреди]

Година Место Противник во финале Резултат во финале
2004 Лос Анџелес САД Серена Вилијамс 4-6, 6-2, 6-4

Второ место (1)[уреди]

Година Место Противник во финале Резултат во финале
2007 Мадрид Белгија Жастин Анин 5-7, 7-5, 6-3

WTA Турнеја - титули (22)[уреди]

Синглови (19)[уреди]

Легенда
Гренд Слем (3)
WTA Шампионат (1)
Tурнир од прв ред (6)
WTA Турнеја (9)
WTA Турнеја - титули по подлога
Тврда (14)
Земја (1)
Трева (3)
Тепих (1)
Број Дата Турнир Подлога Противник во финале Резултат
1. 29 септември 2003 Токио, Јапонија Тврда Унгарија Анико Карпош 2-6, 6-2, 7-6(5)
2. 27 октомври 2003 Квебек, Канада Тврда Венецуела Милагрос Секвера 6-2 предадена
3. 7 јуни 2004 Бирмингем, Англија Трева Франција Татјана Головин 4-6, 6-2, 6-1
4. 21 јуни 2004 Вимблдон, Лондон, Англија Трева САД Серена Вилијамс 6-1, 6-4
5. 27 септември 2004 Сеул, Јужна Кореја Тврда Полска Марта Домашовска 6-1, 6-1
6. 4 октомври 2004 Токио, Јапонија Тврда САД Машона Вашингтон 6-0, 6-1
7. 8 ноември 2004 ВТА Шампионат, Лос Анџелес, САД Тврда САД Серена Вилијамс 4-6, 6-2, 6-4
8. 6 февруари 2005 Токио (Пан Пацифик), Јапонија Тепих САД Линдзи Девенпорт 6-1, 3-6, 7-6(5)
9. 21 февруари 2005 Доха, Катар Тврда Австралија Алисиа Молик 4-6, 6-1, 6-4
10. 6 јуни 2005 Бирмингем, Англија Трева Flag of Serbia.svg Јелена Јанковиќ 6-2, 4-6, 6-1
11. 18 март 2006 Индиан Велс, САД Тврда Русија Елена Дементиева 6-1, 6-2
12. 6 август 2006 Сан Диего, САД Тврда Белгија Ким Клистерс 7-5, 7-5
13. 9 септември 2006 УС Опен, Њујорк, САД Тврда Белгија Жастин Анин 6-4, 6-4
14. 22 октомври 2006 Цирих, Швајцарија Тврда Словачка Даниела Хантукова 6-1, 4-6, 6-3
15. 29 октомври 2006 Линц, Австрија Тврда Русија Надја Петрова 7-5, 6-2
16. 5 август 2007 Сан Диего, САД Тврда Швајцарија Пети Шнидер 6-2, 3-6, 6-0
17. 26 јануари 2008 Австралијан Опен, Австралија Тврда Flag of Serbia.svg Ана Ивановиќ 7-5, 6-3
18. 24 февруари 2008 Катар Опен, Доха Тврда Русија Вера Ѕвонарева 6–1, 2–6, 6–0
19. 13 април 2008 Амелија Ајланд, САД Земја Словачка Доминика Цибулкова 7–6(7), 6–3
20. 31 октомври 2009 Токио(Пан Пацифик),Јапонија Тврда Flag of Serbia.svg Јелена Јанковиќ 5-2 предадено
21. 20 февруари 2010 Мемфис,САД Тврда Шведска Софија Арвидсон 6-2 6-1
22. 29 мај 2010 Стразбур,Франција Земја Германија Кристина Бароа 7-5 6-1

Двојки (3)[уреди]

WTA Турнеја - второ место (8)[уреди]

Сингл (7)[уреди]

Број Дата Турнир Подлога Противник во финале Резултат
1. 24 октомври 2004 Цирих, Швајцарија Тепих Австралија Алисиа Молик 4-6, 6-2, 6-3
2. 3 март 2005 Мајами, Флорида Тврда Белгија Ким Клистерс 6-3, 7-5
3. 26 февруари 2006 Дубаи, Обединети Арапски Емирати Тврда Белгија Жастин Анин 7-5, 6-2
4. 2 март 2006 Мајами, Флорида Тврда Русија Светлана Кузнецова 6-4, 6-3
5. 29 јануари 2007 Австралијан Опен Тврда САД Серена Вилијамс 6-1, 6-2
6. 18 јуни 2007 ДФС Класик, Англија Трева Flag of Serbia.svg Јелена Јанковиќ 4-6, 6-3, 7-5
7. 11 ноември 2007 WTA Шампионат, Мадрид, Шпанија Тврда Белгија Жастин Анин 5-7, 7-5, 6-3

Двојки (1)[уреди]

ITF титули (4)[уреди]

Синглови (4)[уреди]

ITF титули по подлога
Тврда (2)
Земја (2)
Трева (0)
Тепих (0)
Број Дата Турнир Подлога Противник во финалето Резултат
1. 21 април 2002 Гунма, Јапонија Глина Јапонија Аико Накамура 6-4, 6-1
2. 4 август 2002 Ванкувер, Канада Тврда САД Лора Гренвил 0-6, 6-3, 6-1
3. 15 септември 2002 Пичтри Сити, САД Тврда САД Кели Мекејн 6-0, 6-1
4. 11 мај 2003 Морски острови, САД Зелена глина Австралија Кристина Вилер 6-4, 6-3

Заработено пари на WTA турнеите[уреди]

Година Големи турнири WTA победи Вкупно победи Заработувачка ($) Рејтинг по заработувачка
2003 0 2 2 222,005 51
2004 1 4 5 2,506,263 1
2005 0 3 3 1,921,283 5
2006 1 4 5 3,799,501 2
2007 0 1 1 1,758,550 7

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Претходник
Линдзи Девенпорт
Линдзи Девенпорт
Жастин Анин
Светски рекет број 1
22 август 2005 - 28 август 2005
12 септември 2005 - 23 октомври 2005
29 јануари 2007 - 18 март 2007
Наследник
Линдзи Девенпорт
Линдзи Девенпорт
Жастин Анин
Претходник
Надја Петрова
WTA најнапреднат играч
2004
Наследник
Ана Ивановиќ
Претходник
Жастин Анин
WTA играч на годината
2004
Наследник
Ким Клајстерс
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Марија Шарапова“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).



Ова е избрана статија. Кликнете тука за повеќе информации.
Одлична статија Статијата Марија Шарапова е избрана статија на порталот за спорт за декември 2008.
Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија.