Марин Држиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Споменик во Дубровник

Марин Држиќ (Marino Darza или Marino Darsa) (1508-1567) бил хрватски ренесансен драмски писател и поет.

Живот и дело[уреди]

Роден е во 1508 година, неколку години по смртта на стрико му Ѓоре Држиќ. За тие неколку години семејните прилики се измениле, па семејството западнало во материјални тешкотии. Семејството Држиќ според старите записи води потекло од Котор, и порано било благородничко семејство. Лозата Држиќ била распространета и поделена. Некои далечни роднини биле сè уште благородници, но Ѓоре и Марин припаѓале на граѓанскиот слој, кој бил поврзан со трговија. Во својата традиција семејството имало и по некој свештеник. Ѓоре бил свештеник, а за оваа работа бил подготвуван и Марин.

Марин Држиќ бил од многудетно семејство. Имал пет браќа и пет сестри, но не биле сите живи. Меѓу браќата, Марин бил најмладиот. За него и неговото семејство има малку записи. Првпат неговото име се споменува кога Марин станува пленик на свои 18 години, во 1526 година. Станал управник-лектор на црквата „Сите свети“ - Домино, и на црквата „Св. Петар“ на островот Колочек. Таа управа му е предадена по семеен пат, по неговиот стрико свештеник Андреја, брат на татко му.

Бидејќи семејството е осиромашено, Марин е принуден да го заработува лебот за себе и за семејството како свирач на органа во црквата „Св. Марија“ во Дубровник. Ова е значајно, затоа што се поврзува и со нешто друго: во семејството имало поет Ѓоре Држиќ, постариот брат на Марин, Влахо, во Венеција се занимава со сликарство, а Марин е талентиран музичар. Од таа 1538 година кога Марин почнува да свири органа во црквата во Дубровник, почнува да живее еден немирен живот на патник, комедијант, поет и драматург, заговорник за државен удар, со еден збор - живот на ренесансен човек кој сака сè да проба, во сè да се замеша.

Годините во Италија[уреди]

Тогаш доаѓа до банкрот на нивната семејна трговска фирма, и Марин иако над 30 годишна возраст, решил да отпатува во Италија на студии. Можеби сакал само да се извлече од семејниот брод што тонел, а можеби навистина го влечела желбата за знаење. Како и да е, Марин Држиќ со малку пари и со продажба на некои свои права, заминува за Италија, каде живее динамичен живот. Најверојатно најмногу престојувал во Сиена. Не се знае точно што студирал ни дали завршил, затоа што на ниеден италијански универзитет не е запишан меѓу дипломираните студенти. Се споменува наводно дека во Италија го доусовршувал музичкото знаење, но тогашните студии по уметност давале можност да се изучува и книжевноста.

Се знае дека Марин станал студентски ректор на студентскиот дом со 200 студенти, но се знае и дека бил приморан на тоа затоа што таа служба била платена, а тој бил сиромашен.

Уште во младоста пишувал поезија, околу 20 лирски песни во стилот на Петрарка и со очигледна почит кон споменот на Ѓоре Држиќ. Во Сиена Марин се запознал со ренесансната книжевност. Една од најголемите творби на тоа време е ренесансната „комедија дел арте“ или таканаречена „плаутовска комедија“. Во Сиена на студентите не им било дозволено да следат или да учествуваат во театарски претстави, затоа што се сметале за народна забава која нема врска со големата наука. Но Марин Држиќ бил фатен токму на еден ваков престап. Тоа сведочи дека тој уште таму се интересирал за театарската уметност.

Театарот во кој е затекнат Марин Држиќ бил слободен, понекогаш со скокотливи теми, сатиричен, и на студентите им донесувал нови сознанија. Во таа претстава Марин ја толкувал главната машка улога, т.е. го играл љубовникот, според полицискиот запис од тоа време. За престојот на Марин во Италија има и други податоци. Се знае дека во Венеција, на почетокот на 1545 година работел како писар во некоја фабрика за волна. Овој факт сведочи за тешкиот и макотрпен живот на Марин Држиќ, кој веќе имал 37 години, а сè уште го немал најдено своето место во животот.

Враќањето во Дубровник[уреди]

Марин Држиќ се вратил во Дубровник со несредена семејна и материјална состојба, но веќе со репутација на човек со жив дух, снаодлив, разговорлив, забавен, шегобиец, и тогаш го добива прекарот Мачка заради својата снаодливост. Веројатно ваквата репутација придонесла на почетокот на 1547 година да го повикаат да биде придружник на грофот Рогендорф, кој од Виена на патување до Истанбул, свратил во Дубровник. Официјалната позиција на Марин кај грофот била - собар. Грофот Рогендорф го зел со себе во Истанбул. Бидејќи едниот негов брат работел во Скопје, во Куршумли-ан, тој наминал и во Скопје. Ова патување му го задоволило немирниот дух, иако дошло до конфликт со грофот: не можеле да се сложат, за што Марин Држиќ ќе му се одмазди за вечни времиња - грофот е протоип на ликот Уго од комедијата „Дундо Марое“.

Марин Држиќ умрел ненадејно во Венеција во 1567 година.

Творештво[уреди]

Неговото книжевно име не го стекнал со поезијата, туку со пасторалите и комедиите. Во својата поезија тој останува на нивото на петрархистичкото пеење. Во речиси сите песни, тој страда од неприфатената љубов, како на пример во песната „Ах, огнот на љубовта го уништи животот мој“, или во „Уживај во убавината и радоста“.

Пасторали[уреди]

Марин Држиќ е еден од најистакнатите автори на еклоги, односно пасторали. Едно такво дело е неговата еклога „Тирена“ како и еклогата „Венера и Адон“. Тирена е самовила во која се вљубиле овчарите, а Венера и Адон се божества од грчката митологија. Фактот што Држиќ како и многумина ренесансни писатели земаат теми од грчката митологија, говори дека таа традиција била жива во тоа време, но и дека ренесансната комедија е блиска до комедијата на Плаут, кој што е голем антички комедиограф. Комичното во Плаутовската комедија се остварува како судир на карактери, но и како чисто сценска комика на низансценот (движењето на артистите низ сцената), а сето тоа со едно постојано темпо, кое на комедијата ѝ дава живост. Честопати се случува пресоблекување, маскирање, бркање. Во еклогите на Марин Држиќ има комика на ситуациите, а особено било смешно за дубровничките граѓани кога во Тирена сите редум ќе се вљубат.

Бил обичај богатите дубровнички граѓани и благородници при свадбена свеченост да нарачуваат специјално напишани комедиографски текстови, кои биле изведувани за разонода на гостите. Марин Држиќ бил многу баран автор за вакви претстави веднаш по појавувањето на неговата еклога „Тирена“, а бил и член на една театарска група која ги изведувала тие претстави. Всушност, денес би го нарекле и режисер. Се знае дека „Тирена“ е изведена во 1550 година на свадбата на една брачна двојка која припаѓала на богатите кругови, и еклогата објавена е таа година.

Комедии[уреди]

Неговата љубов кон комедијата веројатно произлегувала од самиот негов карактер: тој бил шегобиец, весел човек. За жал Марин Држиќ немал обичај да ги печати своите драмски текстови, така што многу од нив се или целосно изгубени, или зачувани само во извадоци, како на пример комедијата „Помет“, според која и дружината се нарекувала: Помет дружина. Она што е денес зачувано од Држиќ е колку една мала книга, но тоа го прави него автор со европско реноме.

Марин Држиќ пишувал комедии и пасторали само во периодот од 10 години. Негови зачувани комедии се: „Дундо Марое“, „Скржавец“ („Скуп“), „Манде“, „Аркулин“, „Пјерин“, „Шега со Станец“ („Новела од Станца“). Направил и превод на „Хекуба“ од Еврипид.

Шега со Станец“ е типична ренесансна комедија. Ја напишал во 1550 година. Станец влегува од дубровничките села во градот, и седнува на плоштадот, сакајќи да продаде јајца и сирење, Тројца дубровнички бадијалџии сакаат да се пошегуваат со него, и му предлагаат да го подмладат за 20 години. Станец се согласува, и останува изигран. Го избричиле и го истрижиле, а токму ваквите сцени во тоа време биле многу смешни. Но момчињата сепак имале мерка во шегата - на крајот му ги плаќаат и јајцата и сирењет поскапо од вообичаеното. Со тоа покажале великодушност.

Во ова дело Држиќ покажал извонредна умешност за комедиографија, како и за водење лесен дијалог. Овде се користи јазикот на дубровничката улица, како и јазикот на простиот народ. Комичните ефекти се постигнати врз основа на една измама и една игра. Поради овие карактеристики „Шега со Станец“ е чиста „комедија дел арте“. Но Држиќ иако го следи жанрот за кој се определил, сепак внесува иновации, пред сè со фактот што на сцена го изнесува народот, во јазикот и во карактерот. Обично во ренесансната комедија за потсмев служи богат стар и измамен маж, а тука е прикажан човек од народот, сиромашен, прост, неук.

Дундо Марое“ е најзначајното дело на Марин Држиќ, или во превод „Чичко Марое“. Ова дело е пишувано во рамките на неговата активност со дружината Помет, и изведено е во 1551 година. Овде Марин Држиќ покажал извонредно мајсторство на ниво на заплет. Марое е богат трговец, кој го праќа својот син Маро во Италија да тргува, и му дава 5000 дукати како почетен капитал. Но тој таму наместо да тргува и да се збогатува, ги троши парите во раскалашно живеење. Има слуга којшто е постојано со него. Кога Дундо Марое по 2-3 години дознава дека син му наместо да работи ги расфрла парите, оди во Италија со својот слуга за да го вразуми. Тука почнува заплетот.

Кога татко му пристигнува во Италија, Маро не знае што да прави, а слугата го советува да се преправа дека не го познава татка си. Така настануваат комичните ситуации. Повторно по совет на слугата, Маро позајмува пари, но татко му му ги зема позајмените пари, и потоа му враќа со тоа што сега тој се преправа дека не го познава. Покрај овие ликови, се појавува и проститутката Лаура, која му ги трошела парите на Маро, потоа слугинката Петруњела, како и ликот на Германецот Уго.

Влијанија[уреди]

  • Во Хрватска се доделува драмска награда „Марин Држиќ.[1]
  • Хрватскиот парламент ја прогласил 2008 година за „Година на Марин Држиќ’, како 500 годишница од неговото раѓање[2]
  • Една авенија во Загреб го носи неговото име.
  • Во 2006 година во Хрватска е снимен филм за Марин Држиќ со наслов „Либертас“, а во режија на Вељко Булајиќ.

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]