Маргерит Дирас

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Маргарит Дирас)

Маргерит Дирас (француски: Marguerite Duras) (4 април 1914, Сајгон, Француска Индокина - 3 март 1996, Париз, Франција) — француска писателка, филмска режисерка и сценаристка.

Животопис[уреди | уреди извор]

Табла на хотелот „Roches Noires“ во кој живеела Дирас од 1963 до 1996 г.

Маргерит Дирас е родена како Маргерит Донадје (Marguerite Donnadieu), на 4 април 1914 година во Сајгон, Француска Индокина (денешен Виетнам), каде што нејзините родители работеле како професори. На млада возраст од 17-18 години, Дирас ги напуштила мајка си и двајцата браќа (од кои го сакала само помладиот, додека постариот брат го мразела, изјавувајќи: „посакував да го убијам“) и се преселила во Франција, каде најпрвин студирала математика, но набрзо се префрлила на политичките студии, а потоа на правото.[1][2] Во текстот „Куќа“, Дирас нагласува дека нејзиното прво училиште била мајка ѝ, која ја нарекува „повеќе отколку мајка, таа беше институција“.[3] Инаку, нејзините пријатели од 1930-тите, меѓу кои и Едгар Морен, ја опишуваат како „девојка, може да се каже речиси убава, со кратко истрижена коса, во јакна со војнички крој, секогаш со цигара во устата“. Во тој период, Дирас била многу активна: на улиците на VI арондисман делела партиски материјали и весници, а во нејзиниот стан во улицата Сен Беноа се одржувале состаноците на марксистичкиот кружок. Нејзината соработка со Комунистичката партија на Франција траела од почетокот на 1950-тите, кога ја напуштила како реакција на Сталиновата политика. Меѓутоа, со тоа никако не престанала нејзината борба за правата на „малите“ луѓе („љубовта кон чистачите на чевли“) така што во 1968 година била дел од големите студентски протести.[4]

Во текот на еден период од животот, кој траел десет години, Дирас била алкохоличарка, и тоа до тој степен што имала цироза и повраќала крв. Штом почнала да пие, веднаш станала алкохоличарка: почнала да пие навечер, потоа пиела наутро, па почнала да пие и ноќе за најпосле да пие на секои два часа, дури и во текот на ноќта. Потоа, во следните десет години не пиела, но подоцна уште двапати станувала алкохоличарка и престанувала да пие. Во октомври 1982 година, таа била примена на лекување во Американската болница при што во текот на лечењето, а и по излегувањето од болницата, таа имала чести халуцинации.[5] Исто така, според нејзиното признание, цели 15 години, секој ден се „дрогирала“ со аспирин, но никогаш не пушела опиум или хашиш, и воопшто, никогаш не се дрогирала.[6] Покрај тоа, Дирас боледувала од емфизем, односно се чувствувала сигурна само во затворен простор и не била способна да излезе на отворени јавни простори (улици, плоштади, продавници итн.), така што прошетките низ Париз ги правела возејќи се во автомобил.[7] Покрај во Париз, Дирас живеела и во околината на градот, во малото место Нофл-л-Шато, во куќата која ја добила во 1958 година,[8] а подоцна се преселила во приморското место Трувил,[9] а преселбата ја опишала со зборовите: „Во Трувил го поднесувам животот. А во Париз не.[10] Во 1980 година, на 66-годишна возраст, Дирс започнала врска со младиот хомосексуалец Јан, кого го запознала на Канскиот фестивал. За оваа врска, таа пишува во своите дела „Сини очи, црна коса“ и „Материјален живот“.[11]

Творештво[уреди | уреди извор]

Гробот на Дирас.

Во 1943 година, Дирас го објавила својот прв роман „Бесрамници“ (Les Impudents), а потоа напишала уште неколку дела во стилот на американските реалисти. Во 1950 година излегол нејзиниот трет романБрана против Тихиот Океан (Un barrage contre le Pacifique)“ во кој се раскажува за нејзината младост во Индокина. Романот изобилува со автобиографски елементи и во него првпат се претставени ликовите и настаните кои подоцна ќе бидат дел од нејзиниот најпознат роман „Љубовникот“. „Браната против Тихиот Океан“ остварил огромен успех, а подоцна, врз основа на него бил снимен филм во режија на Рене Клемен (Renè Clement), кој, исто така, постигнал голем успех.[1] Во тој период, во нејзиниот стан на улицата Сен Беаноа редовно ја посетувале големите имиња на француската култура, како: Рејмон Кено, Жорж Батај, Мишел Леирис, Жак Тати итн.[12]
Потоа, Дирас се повлекла надвор од очите на јавноста, по што следувала низа од 17 романи, од кои најголем успех доживеале: „Морнарот од Гибралтар“ (1952), „Сквер“ (Le Square) (1955), „Moderato Cantabile“ (1958), „Попладнето на господинот Андемас“ (L'après-midi de M. Andesmas) (1962), „Занесеноста на Лол В. Стајн“ (Le Ravissement de Lol V. Stein) (1964), „Вицеконзул“ (Le Vice-Consul) (1966) итн. Сите тие означувале чекор напред во нејзината ориентација да навлегува длабокот во психолошката состојба на ликовите. Со објавувањето на романот „Moderato Cantabile“, Дирас започнала да го негува стилот кој во Франција бил познат како „нов роман (le nouveau roman)“. Оваа книга постигнала голем успех кај публиката и се продала во тираж од 500 000 примероци. Истовремено, покрај романите, Дирас пишувала и драми и филмски сценарија, кои постојано постигнувале успех кај публиката и критиката. Во тој поглед, особено се истакнуваат дијалозите што таа ги напишала за познатиот филм „Хирошимо, љубов моја“ (Hiroshima mon amour) на режисерот Alain Resnais. Во 1960 година, издавачката куќа Галимар го објавила сценариото за „Хирошимо, љубов моја“ и таа книга го повторила големиот тираж на „Moderato Cantabile“. Покрај тоа, Дирас е автор на околу петнаесет филмови, од кои најголем успех доживеале „Moderato Cantabile“ и „India Song“.[12][13][14]
Светската слава Дирас ја стекнала со краткиот роман „Љубовникот“, објавен во 1984 година, кој набрзо остварил огромен тираж во Франција, продавајќи се не само во книжарниците, туку и на трафиките по автобуските и железничките станици. Така, во Франција, романот бил продаден во тираж од повеќе од милион примероци, а тој се продавал одлично и во странство: Во САД, пет големи издавачки куќи веднаш започнале борба за правото за превод на англиски јазик, во Италија за кратко време книгата била продадена во 35.000 примероци, а во Германија, Белгија и Холандија бил најчитана книга во текот на две години.[15][16] Покрај големиот комерцијален успех, „Љубовникот“ наишол на одличен прием кај книжевната критика. Така, познатиот критичар, писател и член на Академијата „Гонкур“, порачувал дека „треба наглас да се читаат најубавите делови на „Љубовникот“.“ Како резултат на поволните критики, на 12 ноември 1984 година била објавена веста дека Дирас е добитникот на Гонкуровата награда - највисокото литературно признание во Франција.[17]

По добивањето на наградата, во желбата да избега подалеку од очите на јавноста, Дирас се повлекла во селото Кабур (Cabourg) во Нормандија, во кое еден дел од животот поминал и Марсел Пруст.[18] „Љубовникот“ го означува почетокот на циклусот составен од исповедна проза во кој Дирас пишува за најинтимните настани од својот живот. Истовремено, тој е првата нејзина книга во која таа пишува во прво лице. Во 1985 година, Дирас ја објавила втората книга од овој циклус, „Болка“ (La Douleur) во која се опишуваат последните денови од Втората светска војна; по неа се појавила книгата „Сини очи, црна коса“ која претставува исповед за нејзината врска со младиот хомосексуалец Јан, а во 1987 година збирката „Материјален живот“ (La Vie matérielle).[16]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Улицата „М. Дирас“ во Париз.

Творештвото на Маргерит Дирас е обемно и опфаќа околу 60 дела, вклучувајќи десетина романи, книги со есеи, филмски сценарија и драмски дела.[2] Нејзини најважни дела се:

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 101-102.
  2. 2,0 2,1 Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 146.
  3. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 51-52.
  4. Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 146-147.
  5. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 127, 133 и 137-145.
  6. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 20-21.
  7. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 112-113.
  8. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 47.
  9. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 67.
  10. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 114.
  11. Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 130-131 и 148.
  12. 12,0 12,1 Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 147.
  13. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 102-103.
  14. „Od eksperimenta do dokumenta“, во: Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 194.
  15. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 98-100.
  16. 16,0 16,1 Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 148.
  17. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 99.
  18. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 106.