Мала рибарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мала рибарка
Возрасна S. a. sinensis со перје во сезона на парење, Австралија
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Рибарки
Род: Мала рибарка
Вид: Мала рибарка
Научен назив
Sternula albifrons
Pallas, 1764
Синоними[2]

Sterna albifrons

Мала рибарка (науч. Sternula albifrons syn. Sterna albifrons) — морска птица од семејството на рибарките (Sternidae) која се среќава во Македонија. Порано беше сместена во родот Sterna, кој сега е ограничен на големите бели рибарки (Bridge et al., 2005). Оваа птица се размножува на крајбрежјата и во копното на умерена и тропска Европа и Азија. Таа е птица преселница, која зимува на крајбрежјата од суптропските и тропските океани, до јужна Африка и Австралија. Има три подвида, номинираниот albifrons кој е распространет во Европа, Северна Африка и западна Азија; guineae кој го има во западна и централна Африка и sinensis во источна Азија и на северните и источните брегови на Австралија (Higgins and Davies, 1996).

Малата рибарка се размножува во колнии на камчињата или песокот на плажите или островите. Гнездото е сместено на земја и во него снесува 2-4 јајца. Како и другите рибарки, таа го брани своето гнездо и малечките и ги напаѓа натрапниците. Слично како другите рибарки, и оваа се храни со риба, нурнувајќи се од лет. Нудењето риба на женката од страна на мажјакот е дел од неговото додворување. Ова е мала рибарка, долга 21-25 см, со распон на крилјата од 41 до 47 см. Тешко ќе се помеша со некоја друга од нејзиното семејство, заради својата големина и белото чело за време на размножувањето. Нејзиниот тенок, остар клун е жолт со црн врв, а нозете, исто така, се жолти. Зимно време, челото е уште поинтензивно бело, клунот црн, а нозете побезбојни. Повикот е гласно, препознатливо крескање.

Мала рибарка (во средина) на Филипините
Вон сезона на парење S. a. sinensis со цуцулести рибарки зад неа
Sternula albifrons albifrons

Малата рибарка на европските реки[уреди | уреди извор]

На почетокот од XIX век, малата рибарка била вообичаена птица на европските брегови, реки и езера, но во XX век популацијата на бреговите се намалила заради загубата на живеалиштата и вознемирувањето од страна на луѓето.

Копнените популации се намалија уште повеќе заради регулацијата на реките, изградбата на браните и сл. што ја намали нивната поранешна животна средина. Популацијата на малата рибарка се намали или исчезна во многу европски земји, и поранешни места за размножување на големите реки како Дунав, Елба и Рајна. Денес, само неколку речни системи имаат соодветна животна средина: Лоара/Алие во Франција, Висла/Одра во Полска, По/Тичино во Италија, Даугава во Латвија, Немен во Литванија, Сава во Хрватска и Драва во Унгарија и Хрватска. Популацијата на Драва е една од најзагрозените. Старомодните практики со регулацијата на водата, каналите за наводнување ги загрозуваат паровите. Само 15 пара сè уште се размножуваат на песоците и чакалот на границата на Хрватска и Унгарија.

На малата рибарка се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици преселници.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Sterna albifrons. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 20 May 2013.
  2. Sternula albifrons на Avibase

Надворешни врски[уреди | уреди извор]