Малајски јазик

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Малајски
Bahasa Melayu
بهاس ملايو
Застапен во

Индонезија (како индонезиски)
Малезија
Брунеј
Сингапур
Источен Тимор (како индонезиски)
Божиќен Остров

Кокосови Острови (дејуре)
Говорници 40 милиони како мачин, вклуч. 23 милиони индонезиски  [1][2]
~ 180 милиони (вкупно), 90% индонезиски
Јазично семејство
Стандардни облици
Дијалекти
теренгански
келантански
саравачки
патански
други малајски дијалекти
Писмо

малајска азбука (латинична; службена во Малезија, Сингапур и Индонезија и кослужбена во Брунеј)

џави (арабица, кослужбена во Брунеј и Малезија[3]).
Статус
Службен во Индонезија
Малезија
Брунеј
Сингапур
Кокосови Острови (дејуре)
Признаен како малцински во Индонезија (локалниот малајски има статус на регионален јазик во Суматра)
Регулативен орган Совет за јазик и книжевност
Јазичен совет на Малезија, Индонезија и Брунеј
Јазични кодови
ISO 639-1 ms
ISO 639-2 may (B)
msa (T)
ISO 639-3 zlm — опсежен код
Поединечни кодови:
zsm — малезиски
ind — индонезиски
lrt — ларантучки ?
kxd — брунејски ?
meo — кедански ?
zmi — негерисембилански ?
dup — дуано ?
jak — џакунски ?
orn — оранг канак ?
ors — оранг селетар ?
tmw — темуански ?
  Малезија
  Индонезија
  Сингапур и Брунеј, каде стандардниот малајски е службен
  Источен Тимор, каде индонезискиот е работен јазик
  Јужен Тајланд и Кокосовите Острови, кајшто се говорат други малајски наречја

Малајскиот (малај. Bahasa Melayu) е важен јазик во рамките на австронезиското јазично семејство. Тој е државен јазик на Малезија (како малезиски), Индонезија (како индонезиски) и Брунеј, како и еден од четирите службени јазици на Сингапур. Како мајчин го говорат 40 милиони луѓе[4] преку Малачкиот Проток, вклучувајќи ги крајбрежните делови на Малајскиот Полуостров во Малезија, источниот брег на Суматра и островската група Риау во Индонезија, но и на зпадниот брег на Саравак и Западен Калимантан на Борнео. Во јужен Тајланд се говори сродниот „патански малајски“.

Според Ethnologue јазикот има 16 дијалекти, а неколку од нив се сметаат за посебни јазици, како на пример говорите на немалезиското население (погоре во наведени со прашалник до името). Постојат и неколку креолски јазици врз основа на класичниот малајски, како и отмакасарски малајски, кој претставува мешан јазик.

Потекло[уреди]

Постојат разни претпоставки за потеклото на малајскиот јазик. Некои сметаат дека произлегол од островот Суматра поради тоа што во негова близина се најдени најастарите малајски написи (VII век). Старото кралство Малају се наоѓало во денешната покраина Џамби во источна Суматра и се споменува во разни древни текстови.

Со проширувањето на трговските односи и наблегувањето на исламот, муслимнанските кралства доживеале подем, и така малајскиот станал лингва франка ширум Малајскиот Архипелаг. Малачкиот султанат го воспоставил првиот книжевен малајски јазик. По поразот од Португалија во 1511, првенство во книжевноста добил Џохорскиот султанат (Џохор-Риау), чија варијанта е основа за денешниот стандард. Со поделбата на султанатот помеѓу на Британска Малаја (Џохор) и Холандските Источни Инди (Риау), варијантата станала службена во обете територии и како таков се има задржано до денес со негово изгласување за уставен јазик.

Индонезискиот и малезискиот зборовен фонд ги делат повеќе векови посебен развој, делумно поради влијанијата на колонијалните јазици; холандскиот во Индонезија, а англискиот во Малезија, Сингапур и Брунеј. Во 1972, Индонезија и Малезија го усогласиле правописот, и заедно со Брунеј, имаат основано заедничка јазична установа за меѓусебно ускладувањ и развој на научно-технички поими.

Некои малајски дијалекти се само делумно разбирливи за литературните говорници. На пример, келантанскиот и саравачкиот изговор е тешко разбирлив за Малезијците, додека пак индонезискиот содржи многу зборови што не им се познати на малезиските говорници, поради влијанија од јаванскиот, сундскиот и другите локални јазици, како и поради локализми.

Фонологија[уреди]

За разлика од многу околни јазици како тајскиот и виетнамскиот, малајскиот јазик нема тонови.

Согласки[уреди]

Во јазикот има неколку фонеми што се присутни само во заемки (подолу во загради), главно од арапскиот, холандскиот и англискиот. Не сите говорници знаат да ги различат сите овие гласови.

  • Немалајските согласки се напишани во „()“, а дијалектичките се напишани во „/\“.
Согласни фонеми
Двоуснени Уснено-
забни
Венечни Задно-
венечни
Предно-
непчени
Задно-
непчени
Гласилни Уснено-
заднонеп.
Носни       m       n       ɲ       ŋ
Избувни p   b t   d k   ɡ (ʔ)      
Слеани tʃ   dʒ
Струјни (f)   (v) s  (z) (ʃ)       (x)       h      
Приближни      j       w
Странични       l
Трепетни       r

Правописна белешка: Буквите од азбуката ги имаат истите звучни вредности како горенаведените фонетски симболи, освен следниве гласови:

  • /ɲ/ е претставен со „ny“
  • /ŋ/ е претставен со „ng“
  • гласилната избувна /ʔ/ е претставеа со завршно „k“ или апостроф '
  • // е претставен со „c“
  • // е претставен со „j“
  • /ʃ/ е претставен со „sy“
  • /x/ е претставен со „kh“
  • /j/ е претставен со „y“

Фонемите што се јавуваат само во арапски заемки обично се едначат по звучност со малајските фонеми, но се изговораат и изворно од лицата што знаат арапски.

Поврзано: Македонска транскрипција на малајскиот јазик
Согласки позајмени од арапскиот
Изворно Изедначено Пример
/x/ /k/, /h/ khabar, kabar „вест“ (букв. „абер“)
/ð/ /d/, /l/ redha, rela „добра волја“
// /l/, /z/ lohor, zuhur „пладне“ (молитва)
/ɣ/ /ɡ/, /r/ ghaib, raib „скриен“
/ʕ/ /ʔ/ saat, sa'at „време“ (букв. „саат“)

Самогласки[уреди]

Малајскиот изворно имал четири самогласки, но денес многу наречја имаат по шест. Самогласката /ə/ е обично епентетична, но во некои зборови не може да се предвиди (како на пр. enam „шест“). /e, o/ се разликуваат во англиски заемки и многу индонезиски дијалекти. Во некои говори /ai, au/ се изговараат како /e, o/.

Самогласни фонеми
Предни Средни Задни
Затворени i u
Средни e ə o
Отворени a

Правописна белешка: со буквата „e“ се претставуваат гласовите /e/ и /ə/. Ова значи дека постојат извесни хомографи, па така perang може да биде /peraŋ/ („русокос“) или /pəraŋ/ („војна“).

Кај автохтоните малајски зборови, [i, u] и [e, o] се алофони. Може да се разликуваат од место до место, како во случајот на bugil „слечен“ (Индонезија и северна Малаја) наспроти bogel (јужна Малаја).

Кај корените со затворен последен слог, самогласката ⟨i⟩ се изговара како /e/, а ⟨u⟩ како /o/. Отворениот последен слог со самогласка ⟨a⟩ се изговара како /ə/, но се подразбира и во претходниот слог доколку првата буква во последниот слог е ⟨h⟩. Буквата е ⟨e⟩ во голем број на афикси и функционални зборови секогаш се изговара како /ə/.

Низите ai, au, и oi се дифтонзи во отворени слогови. Меѓутоа кај затворените слогови, како air (вода), двете самогласни се изговараат во зев. Со други зборови, pulau „остров“ и laut „море“ имаат секој по два слога. Други самогласни низи како daerah „подрачје“ и siul „свирка“ секогаш се во зев. Во некои индонезиски дијалекти, дифтонзите /ai/ и /au/ се судираат со /e, o/.

Пишаните дифтонзи ⟨ei⟩ и ⟨ey⟩ впрочем се изговараат како /e/, а истото важи и за ⟨ou⟩, што се изговара како /o/

Дифтонзи
Пиш. МФА
ai [ai̯, e]
au [au̯, o]
oi [oi̯, ui̯]

Граматика[уреди]

Малајскиот е аглутинативен јазик, што значи дека новите зборови се создаваат на еден од три начина: со придодавање на афикси на коренот, образување на сложенки, или со повторување на зборови или нивни делови (редупликација). Основни корени можат да бидат именките и глаголите, но честопати тие се образуваат од други зборови по пат на претставки и наставки.

Во јазикот нема граматички род, а само неколку збора имаат природен род; еден ист збор важи за тој и таа или негов и нејзин. Исто така не постои множина; така, orang може да значи и „човек“ и „луѓе“. Глаголите не се менуваат во склад со лицето и бројот, и нема означување за време. Времето се изразува со прилози (на пр. „вчера“) или со други показатели како sudah („веќе“) и belum „сè уште не“. Од друга страна, јазикот има сложен систем на глаголски афикси за изразување на нијанси во значењето и претставување на залог или намерен/случаен глаголски начин.

Во малајскиот исто така не постои подмет како во македонскиот. Кај непреодните исажувања, именката стои пред глаголот. Кога има и вршител и предмет, тие се одделуваат со глагол (ПГВ или ВГП), а разликата се содржи во залогот на глаголот. Најчест распоред е ПГВ.

Заемки[уреди]

Малајскиот има голем број на заемки од повеќе јазици како арапскиот (претежно верски поими), санскрит, тамилскиот, персискиот, португалскиот, холандскиот, извесни кинески дијалекти, а во поново време и од англискиот (особено научни и технички поими).

Основни реченици[уреди]

Предна страница од „Малајскиот летопис“ (XVII век) напишан на писмото џави

Во Малезија и Индонезија речениците „Selamat pagi“ или „Selamat sejahtera“ би биле преформални како поздрав, па затоа познаниците и пријателите се поздравуваат со англиската заемка „Хај“ и се збогуваат со „Бај-бај“. Муслиманите се поздравуваат со изразот „Асаламуалајкум“. За разлика од Индонезија, во Малезија, Сингапур и Брунеј Муслиманите меѓу себе ретко ги користат изразите Selamat Pagi (Добро утро), Selamat Siang (Добро попладне), Selamat Petang/Sore (Добрa приквечерина), Selamat Malam (Добра вечер) и Selamat Tinggal/Jalan (Довидување).

Малајски МФА Македонски
Selamat datang /səlamat dataŋ/ Добредојде
Selamat jalan /səlamat dʒalan/ Среќен пат (како „довидување“ кон оние што си одат)
Selamat tinggal /səlamat tiŋɡal/ Среќен останок (како „довидување“ кон оние што остануваат)
Terima kasih /tərima kasih/ Благодарам
Sama-sama /sama sama/ Нема на што
Selamat pagi /səlamat paɡi/ Добро утро
Selamat petang /səlamat pətaŋ/ Добро попладне/вечер
Selamat sejahtera /səlamat sədʒahtəra/ Здраво (формално). Ова е редок поздрав, практично нечуен во Малезија и Индонезија.
Selamat malam /səlamat malam/ Добра ноќ
Jumpa lagi Се гледаме пак
Siapakah nama awak/kamu?/Nama kamu siapa? Како се викаш?
Nama saya ... Се викам ...
Apa khabar/kabar? Како е? (букв. „Каков абер“)
Khabar/kabar baik Добро (букв. „Добар абер“)
Saya sakit Болен сум
Ya /ja/ Да
Tidak (разг. „tak“) Не
Ibu (Saya) sayang engkau/kamu (awak) Те сакам (семејно)
Aku (Saya) cinta pada mu (awak) Те сакам (романтично)
Saya benci awak/kamu Те мразам
Saya tidak faham/paham (разговорно: „tak faham“) Не разбирам
Saya tidak tahu (разговорно: „tak tau“ или „sik tau“ на саравачки) Не знам
(Minta) maaf Прости (извинување)
Tumpang/numpang tanya „Може ли да Ве прашам...?“
(Minta) tolong Можете ли да ми помогнете (Tolong! е „Помош!“)
Apa Што
Tiada/tidak ada Ништо

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „Извештај за јазичниот код: zlm“. Ethnologue. http://www.ethnologue.com/show_language.asp?code=zlm. конс. 22 декември 2010.  (англиски)
  2. „Извештај за јазичниот код: ind“. Ethnologue. http://www.ethnologue.com/show_language.asp?code=ind. конс. 22 декември 2010.  (англиски)
  3. Кедах МБ ја брани употребата на џави на знаци“, The Star, 26 август 2008. (англиски)
  4. 10 милиони во Малезија, 5 милиони во Индонезија како „малајски“ и 23 милиони како „индонезиски“ и тн.

Надворешни врски[уреди]

Википедија
Издание на Википедија, слободната енциклопедија на малајски јазик