Македонски народен сојуз

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонски народен сојуз (МНС) е поранешна прогресивна организација на македонските емигранти во Северна Америка, чија главна цел е борбата за ослободување и обединување на Македонија во независна република, која како рамноправен член ќе се вклучи во идната Балканска федерација на слободни балкански народи.[1]

Темелите на МНС се поставени во куќата на илинденскиот војвода Смиле Војданов, во градот Понтијак (Мичиген), во 1929 год. Тогаш е формирана првата независна македонска група во САД. По формирањето на повеќе вакви групи во други американски градови (Толедо, Детроит, Гери...) на 22 и 23 март 1930 во Толедо (Охајо) е одржана Првата конференција на македонските независни групи. За претседател на централното раководно тело е избран Смиле Војданов [2], а за секретар Георги Пирински.

Со нараснување на бројот на групите и нивното членство се јавува потребата од нивно потесно поврзување за поуспешна соработка во постигнувањето на заедничките цели. Првиот редовен конгрес за обединување на групите е одржан од 24 до 26 април 1931 во Гери (Индијана) и оттогаш сите групи се обединуваат под заедничкото име Македонски народен сојуз (Macedonian People's League). Смиле Војданов е избран за претседател на новоформираниот сојуз, а Георги Пирински за национален секретар.

Веднаш по формирањето, МНС воспоставува соработка со бројни прогресивни организации од левицата во САД и Европа. За време на Шпанската граѓанска војна, МНС ја поддржува републиканската влада во Шпанија и од своите редови испраќа шест доброволци во одбрана на шпанската демократска власт од фашистичката агресија.

Во текот на Втората светска војна организацијата се ангажира за изнаоѓање начини за издејствување на слободата и обединувањето на Македонија. Веднаш по војната, целта му е прибирање помош за настраданите од воените дејствија.

Поради отворената поддршка на левицата во САД и Европа, МНС наидува на пречки во своето дејствување. За да ги избегне етикетирињата како левичарска организација, што е сосема непопуларно, дури и опасно во времето на антикомунистичката хистерија во САД, МНС се прилагодува на новонастанатите околности. Така, во 1938 год. МНС е преименуван во Македонско-американски народен сојуз (Macedonian-American People's League), а од канадскиот дел на МНС е основан Македонско-канадски народен сојуз (МКНС). Соработката меѓу МАНС и МКНС останува иста, а поделбата е чисто формална. Во својата работа МАНС и МКНС се свртуваат повеќе кон решавање на проблемите на своите членови. И покрај преименувањето во МАНС, кое е поради избегнување на притисоците, организацијата и понатаму останува позната како Македонски народен сојуз.

Со започнувањето на Студената војна, во САД се шири антикомунистичка хистерија и илјадници Американци се обвинувани за членство во забранетата Комунистичка партија на САД, или за нејзина поддршка. Тогаш, бројни организации во САД се обвинети за „субверзивност против американското општество“ и „соработка со непријателот“.

Последниот (деветнаесеттиот) редовен Конгрес на МАНС е одржан во септември 1949. Потоа, со решение на државниот обвинител на САД, МАНС е распуштен и со тоа престанува неговата работа.

Во текот на своето постоење, како МНС или МАНС, организацијата непоколебливо стои на јасниот став дека Македонија може и треба да постои како независна држава на македонскиот народ, кој е посебен од соседните балкански народи.

МНС ги издавал весниците „Македонски бјулетин“ (1930), „Балканско сдружение“ (1931-1934), „Трудова Македонија“ (1934-1937) и „Народна волја“ (1938-1944).

Подоцна, традициите на МНС/МАНС ќе ги продолжи организацијата Обединети Македонци, формирана во Торонто во 1959 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „„Националниот дух на македонската дијаспора". Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2010-01-19.
  2. „Илинденско-Преображенското въстание 1903—1968“, Издателство на Националния съвет на Отечествения фронт, София, 1968 г., Спомени на Смиле Войданов

Литература[уреди | уреди извор]

  • Миле Михајлов и Михајло Георгиевски „Политичката активност на Македонскиот народен сојуз во САД и Канада од 1928-1935“, „Гласник ИНИ“, бр. 1, 1971.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]