Развојна банка на Северна Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Развојна банка на Северна Македонија (РБСМ) (порано: Македонска банка за поддршка на развојот) — македонска развојна банка која е во 100% државна сопственост. Основана е во 1998 година со примарна цел поддршка на домашните микро, мали, средни  и извозно ориентирани трговски друштва и зацврстување на конкурентноста на македонското стопанство. Банката ги поддржува домашните компании преку: директно кредитирање и кредитирање преку комерцијалните банки, краткорочно осигурување на извозот на македонски производи и услуги од комерцијални и политички ризици, факторинг во земјата и во странство и издавање гаранции. Седиштето на банката е на ул. Димитрие Чуповски, бр. 26, 1000 Скопје.

Финансирање на банката[уреди | уреди извор]

Основачкиот капитал на РБСМ изнесува 22.4 милиoни евра, при што државата е единствен сопственик на банката. За извршување на задачите и активностите РБСМ обезбедува средства по пат на задолжување во земјата и странство и со издавање на должнички хартии од вредност во согласност со закон.

Функции и активности на РБСМ[уреди | уреди извор]

Работењето на банката се заснова на неколку принципи:

  • неконкурентност, недискриминација и транспарентност во работењето,
  • рентабилност и ефикасност,
  • економска оправданост на инвестициските проекти и инвестициите,
  • примена и унапредување на доброто корпоративно управување во Банката.

РБСМ ги извршува следниве активности:

  • финансирање на развојот на македонското стопанство,
  • финансирање на инфраструктурата,
  • поддршка на развојот на малите и средни претпријатија во РСМ,
  • поттикнување на извозот,
  • поттикнување на заштита на животната средина,
  • осигурување на извозот на македонски производи и услуги од комерцијални и политички ризици,
  • поддршка на регионалниот развој.

При финансирањето на развојните и извозните активности на малите и средни претпријатија, РБСМ тргнува од следниве приоритети:

  • стопански гранки што се од посебно значење за македонската економија,
  • проекти што обезбедуваат нови вработувања,
  • проекти што носат нови технологии,
  • набавка на опрема од домашно производство,
  • проекти што носат нето-девизен прилив,
  • проекти што се засноваат врз користење на домашни суровини,
  • проекти што се во согласност со прописите за заштита на животната средина.

Банката работи според истите законски прописи кои важат за комерцијалните банки и подлежи на супервизијата на Народната банка на Северна Македонија. [1] Министерство за финансии на РСМ [2] Влада на Република Северна Македонија [3]

Кредитирање[уреди | уреди извор]

РБСМ кредитирањето го врши преку банките учеснички (комерцијалните банки) во државата и директно (преку РБСМ).

Кредитни линии преку деловните банки:

  1. Бескаматни кредитни линии,
  2. Кредитни линии на Европската инвестициска банка,
  3. Кредити за агросекторот - ЗКДФ,
  4. Кредити од РБСМ,
  5. Кредити за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија,
  6. Субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки на компании кои ја реинвестирале добивката.

Кредитни линии директно преку РБСМ:

  1. Бескаматни кредитни линии,
  2. Кредити за агросекторот - КФ,
  3. Кредити за општините.

Кредитно осигурување[уреди | уреди извор]

РБСМ врши осигурување на:

  1. Извозни побарувања, по и пред испорака на стоки,
  2. Домашни побарувања, по и пред испорака на стоки.

Факторинг[уреди | уреди извор]

Услугата факторинг подразбира:

  1. Извозен факторинг (откуп на побарувања/фактури од странски купувачи),
  2. Домашен факторинг (откуп на побарувања/фактури од домашни купувачи).

Гаранции[уреди | уреди извор]

РБСМ ги издава следните гаранции:

  1. Портфолио гаранции (Гарантен фонд),
  2. Индивидуални гаранции (Гарантен фонд),
  3. Царински гаранции (Гаранции за царински долг при увоз за облагородување).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје“. www.nbrm.mk (англиски). Посетено на 2022-09-27.
  2. „МФ, ЕИБ и Развојна банка потпишаа договор за нови 100 милиони евра евтини кредити за мали и средни фирми“. finance.gov.mk. Посетено на 2022-09-28.
  3. „Јавен повик за корисниците на Ковид 1 линијата на бескаматни кредити од Развојна Банка на Република Северна Македонија“. Влада на Република Северна Македонија. 2020-10-08. Посетено на 2022-09-28.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]