Македонија и Берлинскиот конгрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

На 3 март 1878 година, со мирот склучен во Сан Стефано, заврши Руско-турската војна. Русија победата се обиде да ја искористи за да ја реши таканаречената Источна криза во своја корист. Русија, всушност, сакаше, користејќи го правото на победник, Балканот да го претвори во зона на свое влијание, притоа, почитувајќи ја австроунгарската заинтересираност за неговиот западен дел. Со одредбите на Санстефанскиот договор Србија, Црна Гора и Романија ги проширија своите територии на штета на Турција: Србија се прошири се до Рашка, Нови Пазар во Санџак и Ситница и Лаба на Косово. Црна Гора ги доби Плав, Подгорица, Никшиќ, Гадско, Жабљак и Бар, а Романија северниот дел на Добруџа. Со договорот во Сан Стефано се создаде сосема нова автономна бугарска држава, со сопствена влада и војска, чии граници ги опфатија териториите на денешната бугарска држава, Врањскиот округ, вклучително и градовите Ниш, Пирот и Врање, преку Шар Планина, Кораб, Црн Дрим, па се до Грамос во денешна Грција, опфаќајќи ги Преспанското и Охридското Езеро, како и подрачјето на градот Корча во денешна Албанија, вклучително и самиот град. Според мировниот договор, замисленото бугарско кнежевство на југ требаше да ги добие териториите северно од границата што беше подвлечена од Грамос до Вардар и продолжуваше понатаму до сливот на Места. Солун и Халхидик останаа турски. Од Места, по Родопите, преку Луле Бургас, границите на кнежевството допреа до Црно Море.

Како што се гледа, огромен дел од етничка и географска Македонија влезе во новоформираното бугарско кнежевство. Руските војски требаше да останат во новата држава за да помогнат во утврдувањето на новосоздадената власт. Австроунгарската монархија и Русија, според договорот, ја обезбедуваа автономијата на Босна и Херцеговина.

Мирот склучен во малото гратче Сан Стефано кај Цариград, предизвика јавно незадоволство кај Англичаните, Австро-Унгарија, Германија, Србија и Грција. Секој од нив имаше свои причини за незадоволство: големите сили од ширењето на руското влијание преку новосоздадената бугарска држава, а Србија и Грција од соседството на Голема Бугарија, која можеше да ја загрози нивната независност. И не само тоа: во рамките на новокомпонираната држава влегоа големи парчиња од нивна територија. Русија беше принудена да се согласи да се ревидираат одредбите на Санстефанскиот договор.

Во меѓувреме, Цариградската патријаршија, силно оружје на грчката влада, преку сите свои канали, организирала протести, декларации, писма и телеграми, против вклучувањето на Македонија во новата бугарска држава. Барањата, главно, се сведувале на тоа Македонија или да биде приклучена кон грчкото кралство или, во најмала рака, да остане во состав на веќе начнатата Турска империја. Нешто слично се случувало и во Белград. Започнала акција ширум Србија, чија цел била организирање протести против вклучувањето на дел од Србија и Македонија во новото соседно кнежевство. Србија, сепак, одела малку понапред: ако не се вклучи Македонија во рамките на српската држава, тогаш таа треба да добие автономна управа со христијански губернатор.

И додека траела оваа потегни-повлечи ситуација околу Македонија, во мај месец во Белград допатувал Димитар Робев, дотогашен пратеник во турскиот парламент од Македонија. Тој ги осудил акциите на соседните земји да ја приграбат за себе македонската територија, притоа искажувајќи го мислењето дека жнајдобро решение е Македонија да остане независна и дека дури и самиот руски пратеник во Цариград, грофот Игнатиев, наводно, му рекол оти „Македонија не може да му припадне на ниеден од трите главни народи на Балканскиот Полуостров“.

Русија, осиромашена од војната, се согласила во Берлин да се организира конгрес на кој ќе се ревидира Санстефанскиот договор. Цел месец (од 13 јуни до 13 јули 1878 година) траело надмудрувањето во Берлин меѓу големите. Основните одлуки на Конгресот се свеле на тоа Македонија и понатаму да остане под турска власт, новоформираната бугарска држава да се протега од Дунав до Стара Планина, а јужно од неа автономната област Источна Румелија. Австро-Унгарија ја окупирала Босна и Херцеговина, а Црна Гора и Србија со проширени територии, сосема се ослободиле од турската власт.

Санстефанската фикција - Голема Бугарија, која никогаш не се реализирала, останувајќи мртво слово на хартија, иако жживеелаж само три месеци, сепак, подоцна ќе биде главен поттикнувач на големобугарските амбиции и сериозен фактор за нестабилноста на Балканот.

Особено важен за Македонија е членот 23 од Берлинскиот договор. Според него: „Високата порта се обврзува на островот Крит грижливо да го применува Органскиот статут од 1868 година, внесувајќи промени што би биле оценети како оправдани. Аналогни статути приспособени кон месните потреби, освен што се однесува до ослободувањето од даноци што му е одобрено на Крит, ќе бидат еднакво воведени во другите делови на Европска Турција, за што во овој Договор, не е предвидено посебно уредување. Високата порта ќе задолжи специјални комисии, во кои месниот елемент ќе биде широко застапен, за да ги разработат деталите на новите статути за секоја провинција. Проектите за организација што ќе произлезат од работата на комисиите ќе се дадат на разгледување на Високата Порта, која, пред да ги донесе актите, ќе го побара мислењето на Европската комисија формирана за Источна Румелија“.

Членот 23 од Берлинскиот договор е еден од двата основни документа, кои го определуваат државно-правниот концепт на Македонија од овој период - вториот е Уставот на Македонските востаници од 1878 година.

Овој член, мошне добро ја открива не само играта на големите сили околу Македонија, туку и компромисите што се правени за неа меѓу големите сили и Турција.

Клучниот член предвидува Македонија, како турска провинција, да добие свој статут, поточно: устав, што значи, да добие посебен државно-правен статус, како оној на Крит, во рамките на Турската империја. Според тоа, Македонија требало да добие свој гувернер и главен командант, кому би му била доверена командата на војската. Применувајќи ги принципите на територијалната поделба на Крит, Турција била задолжена територијата на Македонија да ја подели на санџаци (околии), чиј број би бил дополнително одреден. Со овие територијално-административни единици би управувале мутасарифи, и тоа половината муслимани, а другата половина христијани, меѓутоа и едните и другите требало да бидат службеници на императорската влада. Помошниците на мутасарафите - муслиманите, би биле христијани, а на христијаните - муслимани. Околиите би биле поделени на кази со кои би управувале кајмаками.

Органскиот устав на Крит, што значи и идниот устав на Македонија, предвидувал формирање специјален административен совет во секоја територијално-административна единица, составен од по три члена муслимани и три члена христијани. Бидејќи вакви совети се предвидувало да се формираат и во пониските административно-територијални единици, доколку во нив живее исклучително христијанско - односно муслиманско - население, советот би бил составен од шест христијански претставници, односно муслимански. Со советот би раководел раководителот на територијалната администрација.

Подеталната разработка и анализа на членот 23 од Берлинскиот договор открива дека Македонија, според него, би добила политичка автономија, во која македонскиот народ би имал пошироки можности да го изрази својотнационален индивилуалитет отколку што ги имал дотогаш под турска власт.

Оттогаш па натаму идејата за автономија на Македонија ќе биде водечка идеја што ќе го мотивира национално ослободителното и револуционерното движење во земјата, добивајќи во различни услови и различни облици, меѓутоа, секогаш присутна како барање и настојување македонскиот народ да добие свои државно-правни рамки. Автономијата за Македонецот стана идеал на кој тој му ја посвети својата идна борба за национална и политичка слобода и од простата причина што утврдувањето на автономниот државно-правен статус на Македонија беше зацртан во државно-правен акт од меѓународен карактер. На тој начин, за првпат во политичката историја на Македонија нејзе с се признава автономен статус и таа се третира како посебна етничка заедница и територијална единица. Практично, со членот 23 од Берлинскиот договор Македонија се конституира како автономна област во своите геополитички и етнички граници во рамките на Турската империја. На овој начин Македонија стана субјект во меѓународните односи и се здоби со признавање како жетнички територијална единица со елементи на своја самобитност и самоуправувањеж.

Сето ова значи дека вака поставената автономна Македонија ги урна вештачките конструкции на Санстефанскиот договор, според кој таа беше вклучена во границите на новоформираната бугарска држава, со што сериозно беа загрозени и нејзиниот територијален интегритет и нејзината национална целост. Доколку недоносенчето од Сан Стефано заживееше, практично, Македонија не ќе добиеше ништо - еден господар би го заменила со друг, при што и во првиот и во вториот случај би останала под туѓинска власт.

Потписничките на Берлинскиот договор направија почетничка грешка, оставајќи ѝ на Големата порта, победена и доведена во инфериорна положба, сама да одлучи кога ќе ги формира меѓународните комисии, преку кои реформата на Империјата ќе почне да се реализира. Цариград тоа никогаш не го направи, со што беше елиминирана можноста Македонија да добие автономија, како што тоа го предвидуваше берлинскиот меѓународен акт.

Тоа, пак, не значи дека отпорот против поробувачот во Македонија, и духовен и вооружен, престанал во очекување големите сили да го решат македонското прашање. Кон крајот на 1878 година, Диме Чакре од Прилеп, доброволец во Руско-турската војна, со високо турско одликување за храброст, во Крушево, со тамошните првенци, го започнал договарањето за мерките против турските зулуми. На крушевската средба присуствувале попот Христо и граѓаните Ицо Карев и Никола Ковачот. Било договорено заговорот да се прошири, да се собираат пари, оружје и калаузи, како и да се организираат нови борци. Мрежата брзо се проширила до Кичево, Прилеп, Охрид и Битола. Само крушевскиот заговорнички кружок броел 60-тина души. По поврзувањето на крушевскиот и охридскиот кружок во кој членувале и видни охридски граѓани, како Зафир Белев, Златан, братот на митрополитот Натанаил, Константин Робев, Костадин Нончев и други, договорено било да се побара конкретна помош од рускиот конзул Њага во Битола. Пролетта 1881 година, Турците од Битола ги откриле кружоците во Крушево и Охрид и, по масовните апсења, околу 700 души се нашле по затворите. Биле откриени и браќата Чакрески во Прилеп, кои, не предавајќи се, загинале во борбата со Турците. Новоформираниот суд во Битола имал полни раце работа. По широчината на организирањето, по бројот на луѓето што ги опфатил, заговорот бил на најдобар пат да прерасне во вистинска народна организација.

Ајдутството земало се поголем замав. Тоа бил најдиректниот одговор на обесправеното население. Во Велешко веќе дејствувала четата на војводата Иљо Малешевски, чии акции се протегале дури до Солунско, како и четата на поп Костадин Бувски. Ако треба да им се верува на некои странски извори, бројот на четниците во Македонија се движел околу 6.000 души. Дедо Иљо, како што по свое народот го викал Иља Малешевски, со четниците го нападнал Царево Село (денешно Делчево), каде што бил стациониран еден турски гарнизон, и го освоил. Во Серско, уште во првите месеци на 1878 година дејствувале неколку чети ајдути. Четатата на војводата Бувски, која броела околу 200 души, дејствувала на просторот околу Лерин, Костур и Воден. Во Битолскиот санџак активни биле четите на војводата Алексо Влаот, на Котула, четата на војводата Васил, која се движела по Костурско и Охридско и која броела околу 2.000 души! Од двете страни на реката Струма, покрај ајдутските чети, по селата биле формирани чети на отпорот, кои најавувале револуционерно движење со определена македонска политичка идеологија.

По Берлинскиот конгрес, поради зголемениот терор и постојаните апсења, емигрирањето од Македонија станало зачестена појава. Својата политичка и револуционерна активност некои од емигрантите ја продолжиле во странство, главно во Бугарија, Србија и Грција. Така, група Македонци во Белград, уште за време на Берлинскиот конгрес, на чело со Коста Шуменковиќ, барале од Одборот на Стара Србија и Македонија, што го раководел архимандритот Сава, да интервенира кај големите сили Македонија да добие автономија со гувернер - христијанин, тврдејќи дека Македонците се посебен словенски народ на Балканот. Во молбата на групата Македонци, покрај другото, стоело: „Во овој час, кога се решава судбината на народите на Балканскиот Полуостров, слушаме како Грците работат против соединувањето, на браќата Срби со Македонците, кои се најстари Словени на Балканскиот Полуостров.

Македонците долго живееле заедно со Србите во државна заедница, а под цар Самоил биле самостојни - ги претставуваат за Грци“.

Во молбата тие предлагаат: „Ако, пак, денешните околности не дозволуваат нашата татковина да се соедини во една држава со другите наши браќа, те молиме на Конгресот да ја претставиш нашата желба и топла молба на нашата земја да с се даде автономна управа со христијанин - губернатор, за да нема неправда над народностите“.

На 23 ноември 1878 година Кузман Баџовиќ му пишувал на Натанаил Охридски: „Какво чух да сте приели Богом благословено и народно избавително дело ја у тој мах оставих службата ми и пријах народното свето претпријатие. На брзо распратих посланија по све ослободени краеви српских и внезапно добих с брзојавом известија: у ком варошу да се скупљамо и новац приложимо. Али какво чух втори горко отровни гласови у пола мртвих се. Ја па и цело мое друштво и тогава кроз слзи рекох: О судбино Божја зар оште не се раскидају ланци петсто годишни, које тиште нашег народа! Зар оште клетва Адамова на македонском народу!... А Македонци окусише дух слободе зато е сваки решен умрети за чест златну слободу него живети у ропству азијатско тиранство!“...

На 8 јуни идната година (1879) Ѓорѓи Пулевски му пишуваше на братот на Кузман Баџовиќ, Деспот Баџовиќ: „Преди еден месец видох писмо ут твојот брат Козман и му писах да дојде тука и собери колку се може поголема чета. Тогиз, кога му писах, азе ошче верувах за шчо сме тргнати да се биеме за Македонијата. И не само азет, тук всите верувахме и бехме готови да умреме: или слобода, или смрт - трето нема. Ама не било така. Едно мислел волкот, а друго увчарот... Неколку дена напред дјаду владиката Натанаил ми даде едну твое писмо. Прочитах го. Ти писуеш, Деспоте, ка искаш доброволци и ветиш 1.000-2.000 доброволци. То јет убао и преубао. Ама аз ќе ти реча да не идеш сос луѓе ваму, јер овде има нешчо лошо. Тук Булгарите се подиграваат сос нас и вртат вода на своја воденица заедно со црнокапецот Натанаил, којшто е Македонец, ама поќе тегни на блгарско..“.

И македонската емиграција во Грција, уште за времето на Босанскохерцеговското востание, се определила за општобалканско востание. Во почетокот на 1876 година во Атина е формиран Воен комитет за ослободување на христијаните во Турската империја. Негов раководител станал Леонид Вулгарис, Македонец од источна Македонија. Тој со своите истомисленици, главно членови на македонската печалбарска емиграција во Атина, организирал повеќе акции во Македонија. Нешто подоцна, Вулгарис го формирал Грчко-словенскиот комитет, чија цел била преку востание да се избори за автономија на Македонија.

Во април 1880 година, кај местото Гремен (Острово), се сретнале четите на поп Костадин Бувски и на Леонид Вулгарис. Разгледувајќи ја ситуацијата во Македонија, двајцата војводи констатирале дека за тоа што Македонија се уште е под турско иго најголема вина носат Грците, Бугарија и Србија. Според нивното мислење, „иднината на Македонија лежи во создавањето на самостојна македонска држава“.

Војводите заклучиле дека разнородноста на населението во Македонија е главна причина што не може да се постигне единствено мислење за кревање востание. Самообединувањето на народностите во Македонија може да доведе до општа и успешна борба против Османлиите.

На нивна иницијатива, од 1 мај до 2 јуни 1880 година, пак во Гремен, се собрале 32 делегата, претставници на македонскиот, влашкиот, српскиот и албанскиот народ (не биле повикани претставници на Турците). Ова Национално собрание, разгледувајќи ја платформата на Вулгарис и Бувски, донело заклучоци за мерките како да се постигне „националната цел на Македонците“. Тие, меѓу другото, најпрвин констатирале дека Македонија, која со векови страда од турскиот систем, нема начин по мирен пат да се ослободи од ропството, дека соседните балкански држави го уриваат националното единство на Македонија со своите верско-национални пропаганди и Македонците ги прават анонимни пред европското јавно мислење, дека покренувањето на актуелните причини е единствен начин Македонија да се ослободи од турското ропство.

Согледувајќи ја ситуацијата, Националното собрание констатирало дека турската власт не ги спроведува програмите на големите сили на Берлинскиот конгрес. Затоа, Националното собрание решило да с се стави на знаење на Високата порта дека македонскиот народ бара побрза примена на членот 23 од Договорот во Берлин Собранието да се обрати до сите претставници на големите сили во Македонија, потписнички на Договорот, со молба да се заземат кај Портата за примена на членот 23 од Берлинскиот договор. Ако се случи се да остане по старо, Националното собрание ќе го повика македонскиот народ на оружје под паролата „Македонија на Македонците за воспоставување на древна Македонија!“. Националното собрание притоа во своите редови избрало Привремена влада на Македонија наречена „Единство“.

На 21 мај 1880 година, Привремената влада на Македонија - „Единство“ до генералниот серуски конзул во Солун, Н. Улјанов, испратила Протоколарно решение, во кое, покрај другите констатации, му го пренесува и мислењето дека на „меѓународните конгреси на големите сили Македонија е оставана сирак“, дека „единствено Македонија, која во древното време имала своја цивилизација ѝ го дала Аристотел и Александар Велики, е лишена од секаква помош“, како и тоа дека, доколку Високата порта не стори ништо, „Привремената влада на Македонија ќе го повика македонскиот народ на оружје со паролата: Македонија на Македонците, за Македонија, за воспоставување на древна Македонија!“. Под Протоколарното решение стои потписот на претседателот на Владата, Васил Симон, и на главниот командант на востаничките сили на Македонија, Крамонтов.

Речиси една година подоцна, на 23 март 1881 година, Привремената влада го испратила својот Манифест до сите дипломатски претставници. Во Манифестот, покрај другото, се вели: „Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја заземат нашата земја и да ја уништат нашата народност, која, светејќи со силен сјај, не може и нема никогаш да пропадне“.

Во Манифестот, еден прецизен патриотски и револуционерен документ, се изнесува мислењето оти „со минувањето од еден јарем во друг, регенерацијата на Македонците нема да стане можна и нашата народност ќе пропадне. Моментот за Македонија е критичен: се работи за нејзиниот живот или смрт!“.

Обраќајќи се до Македонците со повикот „Вистински Македонци, верни деца на татковината!“, потписниците на Манифестот, претседателот Васил Симон (овде потпишан: Васил Чомо) и секретарот Никола Трајков, ќе извикаат:

„Направете се на знамето што ќе го кренеме да биде напишано: Единствена и Обединета Македонија!... Потоа, собирајќи се околу знамето на Македонија, како ваш единствен национален белег, дигнете го високо и подгответе го ова славно знаме за потоа да напишете едногласно: да живее македонскиот народ, да живее Македонија!“.

И во Бугарија активна е македонската емиграција. Неа, во еден добар дел, ја сочинувале учесниците во Руско-турската војна, како и учесниците во Македонското востание. Тие и понатаму не се помирувале со ропството на македонскиот народ. Во Софија се здружиле околу 1.800 активни учесници во ослободителните војни против Турската империја. Нивната одлука се свела на тоа борбата да продолжи до конечното ослободување на Македонија. Под лозунгот жСлобода за Македонија или смртж, била формирана Бугарско-македонска лига, чие име подоцна е сведено само на Македонска лига. Лигата се изјаснила за политичко ослободување на Македонија и за создавање македонска држава . За да може да ја реализира оваа висока цел Лигата почнала да организира сопствена војска, како и да разработува сопствена стратегија за водење ослободителна војна на Македонците. Објавувајќи се како народен фронт за ослободување на Македонија, Лигата формирала Привремена управа на Македонија, со единствено политичко и воено раководство се до ослободувањето на Македонија и до создавањето македонска држава. На чело на Привремената управа стоел главен војвода, потоа тројца постари војводи и началник на главниот штаб. Воените единици броеле по 180 војници, на чело со војводи.

Привремената управа на Македонија, како највисоко законодавно тело, изработила Органски устав на Македонија, во кој бил разработен статусот на идната македонска држава. Уставот, кој имал 103 члена, бил сличен на Критскиот устав од 1868 година. Тој предвидувал политичка и културна автономија на Македонија. Според него, Македонија требало и понатаму да остане во вазален однос кон Турција и во Империјата би имала статус на федерална единица. На нејзино чело би бил генерален губернатор, а владата би била составена од 12 ресорни министри. Границите на идната македонска држава би се поклопиле со границите на трите македонски вилаети: Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот (без Косово и Метохија). Седиштето на губернаторот и на владата би било во Солун.

Омеѓувавајќи ја територијата на идната македонска држава, Органскиот устав на Привремената управа на Македонија создал елементи, кои жво борбата на македонскиот народ подолго време ќе играат важна улога во димензионирањето на ослободителните и државотворните настојувања на македонското ослободително движење.

Омеѓувањето, пак, на територијата тргнувало од сознанието за поврзаноста и комплексноста на економските и политичките интереси и од заедништвото што се должело на „сè посилниот процес на економска, политичка и народносна интеграција“. Д-р Владо Поповски ќе забележи дека во такви рамки, се поприсутна ќе биде и „народносната и национална, имплицитно и политичката, историја“ на најмасовното население на оваа територија - Македонските Словени, кои, „именувајќи се со територијалното име како со свое национално име, вршеле влијание на повеќестрано привлекување на другите помалубројни народни групи.“ На тој начин, ќе забележи Поповски, и тие „ја прифаќале и доживувале Македонија како своја заедничка татковина, истовремено и како посебна целина и со тоа како посебна заедница“. Така почнала да се развива, да расте и да се утврдува свеста за посебно „општествено и политичко конституирање на Македонија“, во посебна целина и во идна држава.

Определувајќи ги народните групи кои го сочинуваат населнието на идната македонска држава, Уставот за идното уредување на Македонија „во суштина го определил народносниот и национално-политичкиот опфат на идната држава, како и нејзиниот национално-политички темел, темелот на нејзината организациона и функционална структура“. Со Уставот сите народни групи се прогласени за политички рамноправни. „Нивната рамноправност ја прогласил за главен принцип од кој ќе произлезе структурната и функционалната страна на целата македонска држава“, пак да се повикаме на Поповски. Со определбите на државниот организам на идната македонска држава, Уставот, всушност, ја прогласил основата на државно-правниот субјективитет на македонската заедница, степенот на државно-правната субјективност и видот на државното уредување. Безразлично што со Уставот е предвидено идната федерална единица Македонија да остане во вазален однос кон Империјата, од уставните определби што понатаму следуваат се гледа дека Уставот ја регулира идната македонска држава далеку повеќе како самостојна, отколку како вазална.

Набргу по формирањето на Македонската лига, таа упатила свои оперативни тела и единици преку границата на Бугарското кнежевство, во Македонија, на Пирин Планина. На 23 јуни 1880 година од Пирин е испратен Меморандум до шесте големи сили, потпишан од Привремената управа на Македонија, заедно со Органскиот устав. Во Меморандумот се дава слика на тешката положба на Македонците и Македонија под турското ропство. Во него стои забележано и ова: „Сакаме да ве информираме, Ваши екселенции, дека се лажни информациите што доаѓаат до Вас за некакви македонски стремежи за соединување на Македонија со Бугарија!“. Во Меморандумот посебно се нагласува дека „во случај да не му се посвети нужно внимание на македонското прашање и тоа да не се реши во согласност со желбите на народот на Македонија“, тогаш: „не би сакале да биде доцна кога ќе почне да се лее крв со потоци, кога самите ќе тргнеме да ги остваруваме своите правдини. Нашата крв, крвта на нашите деца, ќе биде на ваша совест!“

За да се организира четничко-востаничкото движење во Македонија на повисок степен, од Гремен, каде што се наоѓало седиштето на Привремената управа (Влада) на Македонија - „Единство“, потекнала идејата да се обединат четничко-востаничките сили. За таа цел делегација на Владата, што ја сочинувале војводата Леонид Вулгарис, претседателот Васил Симон и војводата Таки Влавот, тргнала кон Бугарија. Во Пловдив таа се сретнала со Васил Дијамандиев, претседател на Македонската лига, а на Пирин со главниот војвода на Воениот штаб, Иљо Малешевски. Договорот бил краток: треба да се крене општомакедонско востание! Бидејќи Гремен бил далеку од Пирин, двете страни се согласиле политичкото претставништво на Македонија да остане на Гремен, во рамките на Привремената влада, а военото на Пирин, во рамките на Главниот штаб на македонските војски.

Меѓутоа, овој договор не им одговарал, ниту на Бугарија, ниту на Грција. Солунскиот грчки митрополит ги известил турските власти за одењето на Вулгарис на Пирин. При враќањето војводата бил уапсен, заедно со другите членови на делегацијата. Бугарската влада, пак, го повикала Дијамандиев во Софија и го подложила на посебна полициска истрага. Притоа, владата ги затворила границите за востаничките сили на Пирин, а нешто слично сторила и Атина: дала наредба да се повлечат четите стационирани на Олимп. На тој начин четничкото движење во Македонија пак било разбиено.

Повеќе од сигурно е дека конституирањето на Македонија како автономна, па дури и во рамките на Османлиската империја, го поттикнува развојот на македонската национална мисла. Автономна Македонија - тоа значи победа на чувството кај Македонците за припадност на поширока општочовечка и територијална заедница, независно од другите политичко-административни единици на Балканот. „Изведувајќи реален однос на судбинска поврзаност на македонскиот народ и другите народности во Македонија, во идејата за автономна Македонија е содржана и нивната потреба од интегрираност, врз основа на се повеќе присутни и сфатени заеднички општествени, политички, економски и национални интереси. Врз оваа основа, во различни етапи на отпорот и заедништвото и врз овие сознанија, се развива идејата за заедничка борба на македонскиот народ и другите народности“, ќе заклучи проф. Александар Христов.

Во процесот на интегрирање на населението во Македонија, идејата за автономија ќе биде присутна како конститутивен елемент. Сето ова ќе влијае вооружената борба на македонскиот народ да се поврзува со изградбата на таков облик на политичка организација, која ќе... „гарантира изградба на посебна политичка структура на власт и односи“. А тоа води кон единствениот заклучок: идејата за автономија на Македонија ја содржи во себе и мислата за македонскиот народ како посебен народ, со свои, посебни национални, политички, економски и културни интереси, различни и одделни од оние на другите балкански народи. Тоа, пак, значи дека колку што повеќе се утврдувала идејата за автономна Македонија, во свеста и во политичките барања се повеќе се разграничувала Македонија од другите народи и држави, од соседите, исто така.

Токму развивањето и продлабочувањето на идејата за автономна Македонија ќе создаде нови, сложени односи на Балканот, и ќе доведе дури до институционализирање на таканареченото македонско прашање. Имено, колку што повеќе Македонците, преку идејата за автономност на Македонија, ќе ја афирмираат сопствената национална самобитност и правото на самоопределување, толку повеќе другите земји, соседите на Македонија, особено, ќе се плашат дека на тој начин засекогаш ќе останат нерационализирани нивните големодржавнички апетити. Оттука „задржаното право“ на соседните држави да го оспоруваат легитимитетот на македонското национално-ослободително движење, па и правото на македонскиот народ на своја држава. Потребно е да се нагласи дека од пазувите на идејата за автономна Македонија произлегува и одлуката за вооружена борба на македонскиот народ за свое ослободување, национално и политичко. Оваа идеја доста јасно е афирмирана и во документите на Привремената управа (Влада) на Македонија, како и во документите на Македонската лига. Таа свои посебни контури ќе добие во Програмата на Внатрешната македонска револуционерна организација, 13-тина години подоцна.

Надворешни врски[уреди]