Магнус Карлсен
| Цело име | Свен Магнус Јен Карлсен | |
| Земја | ||
| Роден(а) | 30 ноември 1990 Тенсберг, Норвешка |
|
| Титула | велемајстор | |
| FIDE ранг | 2835 (бр. 1 на рејтинг листата на ФИДЕ во мај 2012) |
|
| Врвен ранг | 2835 (јануари, март и мај 2012) | |
Магнус Карлсен, роден Свен Магнус Јен Карлсен (норвешки: Sven Magnus Øen Carlsen) (роден на 30 ноември 1990) е норвешки шаховски велемајстор, кој моментно е најдобриот шахист во светот, со рејтинг од 2835 поени.
На 26 април 2004, Карлсен стана велемајстор на 13 години и 148 дена, со што стана третиот најмлад шахист кој го постигнал тоа. Неговиот оценет рејтинг на шаховскиот турнир во Нанџинг во септември и октомври 2009, кој изнесува 3002 поени е еден од најголемите во историјата, а неговата победа на турнирот беше окарактеризирана како една од најубедливите. Со ова достигнување, на ранг листата според ФИДЕ за месец ноември, тој стана петтиот шахист, а воедно и најмладиот кој ја надмина границата од 2800 поени, заземајќи го второто место на листата со 2801 поен. Истата година, тој стана најмладиот светски првак во брзопотезен шах. На 1 јануари 2010, на новообјавената ранг листа според ФИДЕ, на возраст од 19 години и 32 дена, Магнус стана најмладиот шахист, кој бил светски број еден според ФИДЕ, со рејтинг од 2810 поени.[1] Во јули истата година, тој го достигна врвниот рејтинг кој изнесуваше 2826 поени.
Содржина |
[уреди] Детство
Магнус Карлсен е родeн во Тенсберг, Вестфолд, а моментално живее во Ломедален, Берум, во близината на Осло. Првиот шаховски турнир го играл кога имал осум години. Се запишал во спортско училиште, каде што учител му бил најдобриот норвешки шахист, велемајсторот Симен Адгестејн. Адгестејн го запознал Карлсен со својот соработник интернационалниот мајстор Торбјорн Рингдал Хансен, кој го подучувал Карлсен и неговите најдобри другари еднаш неделно. Кога станал меѓународен мајстор, Карлсен изгубил една година во основно училиште, само за да учествува на меѓународните шаховски турнири, есента 2003. Истата година, тој заврши трет на Европското шаховско првенство за момчиња до 12 години.
[уреди] Шаховска кариера
[уреди] 2004
Карлсен привлече внимание пред меѓународната сцена со победата во групата Ц на шаховски турнир во Вајк ан Зее. Тој оствари резултат 10.5/13, губејќи само една партија (против најдобро рангираниот шахист во групата Ц Душко Павасовиќ).[2] Како резултат на оваа победа, тој ја исполни првата велемајсторска норма, остварувајќи оценет рејтинг од 2702 поени. Од овој турнир, за паметење е и неговата партија против Сипке Ернст во претпоследниот круг, во која со жртва на материјал форсирано победи, матирајќи го противникот во само 29 потези.[3] За оваа партија, Карлсен ја доби наградата од публиката за најдобра партија во кругот на натпревари (вклучувајќи ги и партиите во истиот круг во групите А и Б). Првите 23 потези од партијата, претходно биле одиграни и во партијата меѓу Алмагро Љанас и Густафсон, одиграна во Мадрид во 2003, којашто завршила реми. Но во оваа партија, со воведување на новинка, Карлсен веднаш ја добил партијата. Победата во групата Ц, му овозможи на Магнус да се натпреварува во групата Б на турнирот во 2005. По оваа победа, Лубомир Кавалек во своите записи во Washington Post го нарече Магнус „Моцарт во шахот“. Адгестејн којшто некогаш бил млад велемајстор на 18 години, изјавил дека Карлсен е значително подобар од него на таа возраст. Тој, исто така изјави дека Карлсен има многу добра меморија и има широк спсиок на отворања кои ги игра. Неговото јунаштво го привлече вниманието и на компанијата Microsoft, која стана негов спонзор.[4]
Карлсен ја исполни втората велемајсторска норма на турнирот Аерофлот во Москва во февруари 2004. На 17 март 2004, во партија на турнирот во брзопотезен шах, кој се одржа во Рејкјавик, Исланд, Карлсен го победи поранешниот светски првак во шах Анатолиј Карпов. Овој турнир беше прелиминарно натпреварување, по кој следуваше елиминациски турнир кој започна следниот ден, на кој Магнус ремизираше против најдобриот шахист во светот во тој момент Гари Каспаров, но сепак беше елиминиран, бидејќи во втората партија изгуби во 32 потези.[5]
На шестото издание на шаховскиот турнир во Дубаи, кој се одржа од 18 до 28 април 2004, Магнус ја исполни третата велемајсторска норма, којашто беше доволна за да стане велемајстор. Ова се случи по првите осум круга, во кои тој оствари 4 победи и во останатите 4 партии ремизираше. Како резултат на тоа, во тоа време тој беше најмладиот велемајстор во светот и втор најмлад шахист кој бил одликуван со оваа титула со 13 години и 148 дена, веднаш по Сергеј Карјакин, кој стана велемајстор на 12 години и точно 7 месеци во 2002 година.[6]
Карлсен стана најмладиот шахист кој учествувал на едно светско првенство во шах. На светското првенство во 2004, тој беше елиминиран уште во првиот круг од страна на Левон Аронјан.
Во јули 2004, Магнус Карлсен и Берге Јестенстад (актуелниот норвешки шаховски првак) на турнирот во рамките на шаховското првенство на Норвешка, за прв пат во историјата на првенството ремизираа, освојувајќи по 7 од можни 9 поени. Беше одлучено да се одигра меч од две партии за да се одреди новиот норвешки шаховски првак. Обете партии завршија реми, па Јестенстад ја задржа титулата, поради подобрата серија.
[уреди] 2005
На шаховскиот турнир Смартфиш Мастерс за време на шаховскиот фестивал во Драмен во 2004 и 2005, Карлсен го победи Алексеј Широв, кој во тој момент беше десетти најдобар шахист во светот[7].[8] Во јуни 2005 година во Леон, Карлсен беше поканет да игра на турнир во брзопотезен шах како млад шахист којшто најмногу ветува. Тој стигна до полуфиналето, во кое во мечот од четири партии загуби со 3-1 против Вишванатан Ананд, кој во тој момент беше втор најдобар шахист во светот.
На шаховското првенство на Норвешка во 2005, Карлсен повторно заврши на делба на првото место, но овој пат, заедно со неговиот ментор Симен Адгестејн. Дополнителниот меч се одигра од 7 до 10 ноември. Овој пат, Карлсен имаше подобра серија, но правилото дека при 1-1, шахистот со подобра серија станува првак беше уште пред почетокот на турнирот поништено. Во мечот, првата парија ја доби Адгестејн, а втората Карлсен, по што се одигра меч во брзопоптезен шах, во кој Карлсен победи во првата партија, а Адгестејн во втората. Следните три партии завршија реми, по што Адгештајн ја доби шестата и стана нов шаховски првак на Норвешка.
На крајот од 2005, Карлсен учествуваше на светскиот шаховски куп, кој се одржа во Ханти-Мансијск, Русија. Тоа беше елиминациски турнир, во кој Магнус во првиот круг го победи Грзуиецот Зураб Азмапарашвили со 2-0 во брзопотезните партии, откако регуларниот меч заврши 1-1. Во продолжение на турнирот, тој ги победи Таџикот Фарух Амонатов со 2-0 и Бугаринот Иван Чепаринов (повторно во бзроптезните партии, откако регуларниот меч заврши 1-1) со што обезбеди учество во осминафиналето. Таму, тој загуби во меч против Евгени Бареев со 1½-2½. Потоа, тој ги победи Жоел Лоје со 1½-½ и Владимир Малахов со 3½-2½, обезбедувајќи го десеттото место на турнирот, а со тоа и учеството на турнирот на кандидатите. Со тоа, тој стана најмладиот кандидат за светски првак во шах.
Во октомври 2005, Магнус победи на меморијалот во чест на Арнолд Еикрем во Гаусдал со резултат 8/9 и оценет рејтинг 2792.[9]
[уреди] 2006
На шаховското првенство на Норвешка во 2006, Карлсен беше бликску до освојувањето на титулата, но загуби во последниот круг од Берге Јестенстад, па на крајот повторно заврши на делба на првото место со Симен Адгестејн. Овој пораз го спречи Магнус во тој момент да стане најмладиот норвешки првак, уривајќи го рекордот на Адгестејн. Во дополнителниот меч, кој се одигра од 19 до 21 ноември, тој ремизираше во двете партии, па се играа и две брзопотезни партии, кои ги доби и за прв пат стана шаховски првак на својата земја.
Магнус победи на брзопотезниот шаховски тунир Глитнир[10] во Исланд. Во полуфиналниот меч на турнирот, тој го победи Вишванатан Ананд (светски првак во брзопотезен шах во 2003 и победник на брзопотезниот шаховски турнир Мелоди Амбер во 2004). Со истиот резултат, Карлсен победи и во финалниот меч.[11]
На шаховската олимпијада во 2006, која се одржа во Торино, Магнус оствари резултат 6/8, играјќи против противници со просечен Ело рејтинг од 2627 поени. Со ова, тој оствари оценет рејтинг од 2820 поени, а на следната ранг листа на ФИДЕ, неговиот рејтинг се зголеми за 18 поени. Една од позначајните победи на овој турнир беше неговата победа против англискиот велемајстор Мајкл Адамс.[12]
На шаховскиот турнир Пладневно сонце, Карлсен заврши како втор, губејќи од рускиот велемајстор Сергеј Шипов.
На велемајсторскиот турнир во Бил во 2006 година, тој го совои второто место, откако загуби од победникот на турнирот Александар Морозевич два пати.
Во август 2006, на шаховскиот турнир НХ, кој се одржа во Амстердам, Карлсен учествуваше во мечот меѓу „Искусните“ и „Идните ѕвезди“. „Идните ѕвезди“ победија со 28-22, при што Магнус го оствари најдобриот резултат во својот тим, со резултат 6½/10 и оценет рејтинг од 2700 поени, со што доби право да настапува на шаховскиот турнир Мелоди Амбер.[13]
На светското првенство во брзопотезен шах, кое се одржа во септември 2006 во Ришон Лезион, Израел, Карлсен заврши на осмото место од вкупно 16 учесници, со резултат 7½/15 поени.
На брзопотезниот турнир Rencontres nationales et internationales d'échecs во Кап Агд, Франција, тој стигна до полуфиналето, каде што загуби од Сергеј Карјакин.
Карлсен заврши на делба на осмото место во конкуренција на 10 учесници на меморијалот во чест на Михаил Таљ, кој се одржа во Москва, гбејќи две и ремизирајќи во остаанатите седум партии. На брзопотезниот турнир во рамките на меморијалот, тој освои 17½ од можни 34 поени и го зазеде деветтото место во конкуренција на 18 учесници.
[уреди] 2007
На почетокот на 2007, на шаховскиот турнир во Вајк ан Зее, Карлсен за прв пат учествуваше, играјќи во групата А и го зазеде последното место со 9 реми партии и 4 порази, освојувајќи 4½ поени од 13 одиграни партии.
На престижниот шаховски турнир во Линарес, Карлсен учествуваше во конкуренција на неколку врвни шахисти: Веселин Топалов, Вишванатан Ананд, Петар Свидлер, Александар Морозевич, Левон Аронјан, Петар Леко и Василиј Иванчук (како замена за Тејмур Раџабов). Со значитлно помал Ело рејтинг во однос на своите противници, Магнус турниропт го заврши на делба на второто место со 7½ поени (4 победи, 3 порази и 7 реми партии), колку што имаше и Александар Морозевич кој имаше послаба серија. Со ова тој оствари оценет рејтинг од 2782 поени.
Во март 2007, Карлсен за прв пат настапи на шаховскиот турнир Мелоди Амбер, кој се одржа во Монте Карло. Во единаесетте круга, тој одигра 8 реми партии и загуби 3 во шах на слепо и доби 3, ремизираше во 7 и загуби само една партија во брзопотезен шах. Со ова, тој заврши на делба на деветтото место на турнирот во шах на слепо и на делба на второто место (веднаш зад Ананд) на турнирот во брзпотезен шах, со што вкупно го зазеде осмото место.
Во мај и јуни 2007, Магнус учествуваше на турнирот на кандидатите за учество на светското првенство. Во првиот круг, тој се соочи со најдоброрангираниот шахист Левон Аронјан. Мечот од шест партии заврши со резултат 3-3 (по две победи на обете страни и две реми партии). По овој меч се одигра уште еден меч од четири партии во забрзано темпо, при што повторно победникот не беше познат, бидејќи резултатот беше 2-2 (по еден победа на обете страни и две реми партии). Конечно, по одиграните две брзопотезни партии, Аронјан победи со 2-0 и го елиминираше Карлсен од вториот круг.
Во јули и август 2007, Магнус победи на меѓународниот шаховски турнир во Бил, со успешност од +2 и оценет рејтинг од 2753 поени. Неговиот резултат беше еднаков со оној на Александар Онишчук и според правилата на турнирот, тие одиграа завршен меч за да се одреди победникот на турнирот. Двете партии во забрзано темпо завршија реми, како и двете брзопотезни партии, но Карлсен победи во т.н. „армагедон“ партија, со што стана најмладиот победник на шаховски турнир од 18. категорија.
Веднаш по турнирот во Бил, Карлсен учествуваше на отвореното првенство на Арктикот, кое се оджра во Тромсо, но неговиот резултат од 5 победи и 4 реми партии, заземајќи го четвртото место беше разочарувачки. Во првиот круг, тој одигра изненадувачко реми против неговиот другар Бреде Хаген (со рејтинг 2034)[14], откако во еден момент имаше и загубена позиција.[15] Партија која привлече внимание на турнирот беше онаа од шестиот круг, во кој Магнус се сретна со неговиот татко Хенрик Карлсен.[16]
Во декември 2007, тој се пласираше во полуфиналето на светскиот шаховски куп, кој се одржа од 24 ноември до 16 декември во Ханти-Мансијск, откако во осминафиналето го победи Мајкл Адамс и во четвртфиналето Иван Чепаринов. Во полуфиналниот меч, тој загуби од победникот на турнирот Гата Камски со ½:1½.
[уреди] 2008
Во својот втор настап во групата А на шаховскиот турнир во Вајк ан Зее, Карлсен покажа многу подобра игра и поголем напредок од претходниот настап, притоа освојувајќи 8 поени од 13 партии, со оценет рејтинг од 2830 поени. Тој оствари вкупно 5 победи, меѓу кои и една против поранешниот светски првак Владимир Крамник, загуби 2 и ремизираше во 6 партии. Со тоа, тој заврши на делба на првото место, заедно со Левон Аронјан и стана најмладиот шахист, кој некогаш победил на турнир од 20. категорија.
На турнирот во Линарес идниот месец, Карлсен повторно оствари оценет рејтинг од над 2800 поени. Тој освои 8 од можните 14 поени (5 победи, 3 порази и 6 реми партии), со што заврши на второто место, само ½ поен зад победникот на турнирот и актуелен светски првак Вишванатан Ананд.
Од 15 до 27 март 2008, Магнус учествуваше по втор пат на турнирот Мелоди Амбер, кој овој пат се одржа по прв пат во Ница. Во единаесетте круга, тој доби 4 партии, во исто толку ремизираше и загуби 3 во шах на слепо и доби 3, ремизираше во 6 и загуби две во брзоопотезен шах. Со тоа, тој заврши на делба на петтото место на турнирот во шах на слепо и на делба на второто место на турнирот во брзопотезен шах, односно на делба на второто место во двете конкуренции заедно со оценет рејтинг од 2785 поени.
Магнус Карлсен е еден од вкупно 21 шахист, кои учествуваа на шесте турнири од гран-при серијата во 2008 и 2009, кои претставуваа еден вид на квалификации за учество на светското првенство во 2011. На првиот турнир, кој се одржа во Баку, Азербејџан во мај 2008, тој заврши на делба на првото место, повторно остварувајќи оценет рејтинг над 2800 поени. Карлсен, подоцна се откажа од гран-при серијата, и покрај неговиот почетен успех, повикувајќи се на „драматичните промени... на правилата.“[17]
Карлсен победи во брзопотезниот меч против Петар Леко, кој се одржа во Мишколц, Унгарија со резултат 5-3 (две победи и шест реми партии).[18]
Во јуни 2008, тој победи на годишниот турнир Аеросвит.[19] Ова беше неговиот најдобар турнир во кариерата, на кој остана непоразен, остварувајќи резултат 8/11 (пет победи и шест реми партии) и оценет рејтинг од 2878 поени.
Магнус учествуваше и на турнирот во Бил, кој и во 2008 беше од 18. категорија, на кој го освои третото место со 6 поени од можни 10 (3 победи, 1 пораз и 6 реми партии) и оценет рејтинг од 2741 поен, што беше првиот негов оценет рејтинг под 2800 во 2008 година.
На брзопотезниот шаховски турнир во Мајнц, Магнус заврши на второто место, откако во финалниот меч загуби против светскиот првак Вишванатан Ананд со 3-1 (два пораза и две реми партии).[20] На патот до финалето, тој освои 1½ поен (победа и реми) против Јудит Полгар, 1 поен против Ананд (две реми партии) и исто така 1 поен со две реми партии против Александар Морозевич.
На шаховбскиот турнир во Билбао од 21. категорија, Магнус го освои второто место, со 5 од можни 10 поени (по 3 победи и порази и 4 реми партии) и оценет рејтинг од 2768 поени.
[уреди] 2009
На шаховскиот турнир во Вајк ан Зее, Карлсен играше во групата А и заврши на делабта на петтото место со освоени 7 поени од можни 13 (2 победи, 1 пораз и 10 реми партии) и оценет рејтинг од 2739 поени.[21]
На шаховскиот турнир во Линарес, Карлсен заврши како трет со резултат 7½/14 (3 победи, 2 пораза и 9 реми партии) и оценет рејтинг од 2777 поени. На овој турнир, тој го победи актуелниот светски првак Вишванатан Ананд.[22], а успешен беше и против победникот на турнирот, Александар Гришчук[23].
На шаховскиот турнир од 21. категорија, М-Тел Мастерс, кој традиционално секоја година се одржува во Софија во месец мај, Магнус заврши на делба на второто место, заедно со Веелин Топалов. Тој загуби против победникот на турнирот Алексеј Широв во последниот круг, со што го загуби првото место.[24]
Карлсен учествуваше и на шаховскиот турнир во Нанџинг, кој исто така е од 21. категорија. На турнирот, тој победи убедливо, со дури 2½ поени повеќе од најдобриот шахист во светот тој момемнт Веселин Топалов.[25] Тој оствари резултат 8/10 (6 победи и 4 реми партии), победувајќи во сите партии со бели фигури (против Топалов, Ванг Јуе, Леко, Раџабов и Јаковенко) и победувајќи со црни фигури против Јаковенко. Овој резултат беше опишан како еден од најдорбрите во историјата на шахот.[25] Статистичарот и шахометричар Џеф Сонас, остварувањето на Карлсен на овој турнир го смета за најдобро остварување на еден тинејџер во историјата и 13. најдобар турнирски резултат.[26] На турнирот, Карлсен оствари Ело рејтинг од 3002 поени.[27]
На меморијалниот турнир во чест на Михаил Таљ, кој се одржа од 5 до 14 ноември, Магнус започна со седум последователни реми партии, но ги доби последните две (против Руслан Пономариов и Петар Леко), што се покажа како доволно за делба на второто место, заедно со Иванчук, а веднаш зад победникот Крамник.[28][29]
По меморијалниот турнир во чест на Михаил Таљ, Карлсен настапи на светското првенство во брзопотезен шах, коешто се одржа од 16 до 18 ноември во Москва. Неговиот резултат од 28 победи, 8 порази и 6 реми партии се покажа како доволен за освојување на титулата со предност од 3 поени пред Ананд.[30] Со тоа, тој стана најмладиот светски првак во брзопотезен шах.
Магнус настапи како најдобро рангиран шахист на шаховскиот турнир во Лондон, кој се одржа од 8 до 15 декември 2009. На турнирот учествуваа и Владимир Крамник, Хикару Накамура, Мајкл Адамс, Најџел Шорт, Ни Хуа, Лук МекШејн и Дејвид Хауел. Тој го победи Крамник уште во првиот круг, а во продолжение ја задржа добрата игра и победи на турнирот со освоени 13 од можен 21 поен (за секоја победа се доделуваа по 3 поени, а за секое реми по 1; според класичната пшресметка тој оствари резултат 5/7) и оценет рејтинг 2844. Оваа победа му овозможи да се искачи на врвот на ранг листата според ФИДЕ, надминувајќи го Веселин Топалов.
Просечниот рејтинг на Магнус Карлсен во периодот од јули 2009 до јануари 2010 му овозможи да обезбеди учество на турнирот на кандидатите за светското првенство во шах во 2011.
[уреди] 2010
Пред почетокот на 2010, Карлсен изјави дека во престојната година ќе учествжува на помал број турнири и дека соработката со Каспаров ќе продолжи.[31]
Карлсен победи на шаховскиот турнир во Вајк ан Зее, кој се одржа од 16. до 31 јануари, освојувајќи 8½ поени од 13 партии (5 победи, 1 пораз и 7 реми партии). Неговиот пораз со бели фигури во деветтиот круг, против Владимир Крамник, претставуваше крај на успешната серија од 36 рангирни партии без пораз.[32] Во последниот круг, тој ремизираше со бели фигури против Фабијано Каруана, но ни главните конкуренти, Крамник и Широв не победија, па така тој ја задржа предноста од половина поен, што ја имаше пред нив и во пресрет на последниот круг.[33]
На мартовската ранг листа според ФИДЕ, рејтингот на Карлсен се зголеми на 2813 поени, граница којашто само Каспаров ја има надминато.[34]
На шаховкиот турнир Амбер, Карлсен заврши ан делба на првото место, заедно со Василиј Иванчук. Во шах на слепо, тој освои 6½ поени, а во бропотезен шах 8, а вкупниот резултат 14½/22 се покажа како доволен за делба ан првото место.
Во мај 2010, беше обелоденето дека Карлсен соработувал со Вишванатан Ананд во пресрет на мечот за светски првак против предизвикувачот Веселин Топалов, кој Ананд го доби со резултат 6½-5½ и ја одбрани титулата. Исто така беше обелоденето дека Карлсен соработувал со Ананд и во пресрет на светските првенства во 2007 и 2008 година.[35]
Првиот турнир на кој настапи Магнус по објавувањето на разделбата со Каспаров беше турнирот во Медијаш, Романија, кој се одржа од 14 до 25 јуни. Натпреварите на турнирот беа организирани во Бергеров систем со по две партии против секој противник. Другите учесници беа: Ванг Јуе, Борис Гелфанд, поранешниот светски првак според ФИДЕ Руслан Пономариов,Тејмур Раџабов, и Ливиу Дитер Нисипеану. Откако ремизираше во првите три партии, Магнус ги доби следните четири и во тој момент постави личен моментен рејтинг, кој изнесуваше 2825,1 поен.[36] Со резултат 7½/10 и оценет рејтинг од 2918 поени, тој победи на турнирот со дури два поена предност пред Раџабов и Гелфанд.[37][38] Со оваа победа, беше осигурано првото место на Карлсен на јулската рејтинг листа според ФИДЕ, а неговиот рејтинг на истата се зголеми и изнесуваше 2826 поени.
Од 28 до 30 август, Карлсен настапи на арктичкиот шаховски турнир во брзопотезен шах, кој се одржа во Кристијансунд, Норвешка. На турнирот учествуваа и светскиот првак Вишванатан Ананд, најдобрата шахистка во светот Јудит Полгар и Јон Лудвиг Хамер. Во првиот натпреварувачки дел, Карлсен оствари резултат од 3½ поени од 6 одиграни партии, со што обезбеди учество в завршниот меч на турнирот.[39] Во него, тој се соочи со светскиот првак, Ананд, кого го победи со 1½-0½[40]
На шаховската олимпијада во Ханти-Мансијск, Магнус настапи играјќи на прва табла за репрезентацијата на Норвешка. Од осумте партии кои ги одигра, доби 4 победи, загуби 3 и ремизираше во една.
Како победник на силните шаховски турнири во Нанџинг во 2009, Вајк ан Зее и Базна во 2010, Карлсен автоматски обезбеди учество на завршниот супертурнир во Билбао. Турнирот се одржа од 9 до 15 октомври, а на него учествуваа и светскиот првак, Ананд, Крамник и Широв. На турнирот, Карлсен го зазеде третото место, завршувајќи зад победникот, Владимир Крамник, и Вишванатан Ананд, а пред Алексеј Широв, остварувајќи 1 победа, 2 порази и 3 реми партии.
По завршниот супертурнир, Карлсен учествуваше на шаховскиот турнир во Нанџинг, кој се одржа од 18 до 30 октомври, а на кој учествуваа и Ананд, Топалов, Гашимов, Јуе и Бакро.[41] Тој освои 7 поени од 10 одиграни партии (+4-0=6), што беше доволно за освојување на првото место со поен предност пред светскиот првак, Ананд.[42]
Од 16 до 18 ноември, Карлсен настапи на светското првенство во брзопотезен шах во Москва како бранител на титулата. Во вкупно 38 одиграни партии, тој освои 23½ поени (+19-10=9), што беше доволно за третото место, веднаш зад Раџабов и победникот, Аронјан.[43]
На крајот од годината, тој победи и ја опдбрани титулата на шаховскиот турнир во Лондон, кој се одржа до 8 до 15 декемри, а на кој учествуваа и светскиот првак Ананд, поранешниот светски првак Крамник, Накамура и англиските шахисти: Адамс, Шорт, Хауел и Мекшејн.[44] Слабиот почеток и двата порази со црни фигури против Мекшејн и Ананд во првиот, односно третиот круг, ги надополни со победа со бели фигури против Адамс и Накамура во вториот и четвртиот круг. Водството го презема со победата против Хауел со црни фигури во петтиот, а ја задржа со ремито против Крамник во шестиот и победата против Шорт во последниот натпреварувачки круг. Бидејќи турнирот беше одигран со систем од три поени за победа, неговиот учинок од четири победи, два порази и едно реми беше доволен за победа.
Како резултат на напредокот и успесите постигнати во текот на годината, Карлсен беше одликуван со Шаховски оскар, откако во тесна борба го победи Вишванатан Ананд.[45]
[уреди] 2011
На турнирот Тата стил, кој се одржа од 14 до 30 јануари во Вајк ан Зее, Карлсен настапи во А групата, во обид да ја одбрани титулата освоена минатата година.[46]. На турнирот учествуваа и светскиот првак Вишванатан Ананд, светскиот првак во брзопотезен шах Левон Аронјан, поранешнито светски првак Владимир Крамник, поранешниот светски првак според ФИДЕ Руслан Пономариов, како и Александар Гришчук и Хикару Накамура меѓу останатите. И покрај поразите со бели фигури против Аниш Гири и актуелниот руски првак, Јан Непомниачи, Карлсен турнирот го заврши со резултат 8/13, што беше доволно за делба на третото место. Меѓудругото, тој на турнирот оствари победи против Крамник и победникот на турнирот, Накамура. И покрај тоа што со овој резулт, неговиот рејтинг на мартовската листа се зголеми од 2814 на 2815, Ананд со 2817 успеа да го надмине и смине од врвот.
Правата турнирска победа во 2011, ја оствари на турнирот во Медијаш, кој се одржа до 11 до 21 јуни, освојувајќи 6,5 поени од 10 одиграни партии (+3-0=7), што беше еднакво остварување со она на Сергеј карјакин, но подобро во поглед на одлучувачкиот критериум. Карлсен побед со бели фигури против Накамура, Нисипеану и Иванчук, додека во останатите партии ремизираше.[47] Со овој резултат, неговиот рејтинг достигна 2821 поен, доволно за повторно да стане светски број 1.
По победата во Медијаш, следуваше и неговата победа на турнирот во Бил, каде во конкуренција на Морозевич, Широв, Вашје-Лаграв, Каруана и Пелетје, тој оствари пет победи, еден пораз и ремизираше во четири партии, што се покажа доволно за победа.
На шаховскиот турнир во Билбао, Карлсен настапи во конкуренција на Ананд, Иванчук, Аронјан, Накамура и Ваљехо Понс. По одиграните две партии против секој противник, тој освои 6 од можните 10 поени (+3-1=6), што беше најдобар учинок на турнирот, но поради бодувањето од 3 поени за победа и еден поен за реми, заврши на делба на првото место со Василиј Иванчук. Победникот беше одлучен по одигрување на две брзопотезни партии, во кои првата заврши реми, а втората со победа на Карлсен со црни фигури.
[уреди] Соработка со Каспаров
На почетокот од 2009, Карлсен го ангажирал поранешниот светски првак Гари Каспаров како личен инструктор.[48] Во септември 2009, нивната соработка беше потврдена во норвешкиот печат.[49][50] Во март 2010, беше соопштено дека Карлсен повеќе нема да соработува со Каспаров.[34]
[уреди] Рејтинг
Првиот забележителен прогрес во рејтиногт на Магнус Карлсен е во 2003 година. Така, од 2279 поени, колку што имаше според ранг листата на ФИДЕ во јануари 2003, според ранг листата на ФИДЕ во 2004, тој имаше рејтинг од 2484 поени, односно за 205 поени повеќе.[51] Неговиот рејтинг продолжи да се зголемува и во почетокот од 2004, што се должи на одличните резултати на неколку силни турнири, пред сè победата во групата Ц на шаховскиот турнир во Вајк ан Зее, кои резултираа со исполнување на три велемајсторски норми. На 26 април 2004, денот на којшто стана велемајстор, Карлсен на последната ранг листа според ФИДЕ, објавена на 1 април 2004 имаше 2552 поени, што е за 68 повеќе во период од само три месеци.[51] Сепак во остатокот од 2004, зголемувањето на неговиот рејтинг беше со послаба прогресија, а на почетокот од 2005, имаше дури и тенденција на опаѓање, па така од 2581 во октомври 2004, неговиот рејтинг се намали на 2528 во јули 2005. Но, во втората половина од 2005, Магнус успеа повторно да го зголеми својот рејтинг, на што влијаеше неговото забележитлно учество на светскиот куп, како и одличната игра на меморијалниот турнир во чест на Арнолд Еиркем, на кој оствари оценет рејтинг од 2792 поени. Ова му овозможи, веќе на јануарската ранг листа според ФИДЕ во 2006, за прв пат да ја надмине границата од 2600 поени и со рејтинг од 2625 за прв пат да се најде меѓу најдобрите 100 шахисти во светот, заемајќи го 89. место.[52]
Во текот на 2006, Карлсен оствари одлични резултати, меѓу кои е и неговото забележително учество на шаховската олимпијада во Торино, на која тој оствари оценет рејтинг од 2820, што беше првиот оценет рејтинг над 2800 поени којшто го постигнал во кариерата. Добрите игри во овој период го доведоа до рејтинг од 2698 на октомвриската листа на ФИДЕ, со што се проби на второто место на листата на јуниори (веднаш зад Тејмур Раџабов)[53] и на 21. место на листата на најдобри шахисти.[54] Падот на рејтингот на јануарската листа беше само повремен, бидејќи во 2007, Карлсен на најголем дел од турнирите имаше оценет рејтинг над 2700 поени, што му овозможи за прв пат во својата кариера, на јулската ранг листа да ја надмине границата од 2700 поени и со 2710 поени да се најде меѓу најдобрите 20 шахисти во светот, поточно на 17. место.[55]
Во јануари 2008, по преминувањето на Раџабов во сениорска конкуренција, Магнус со рејтинг од 2733 поени се најде на првото место на листата на јуниори според ФИДЕ.[56] Место меѓу најдобрите 10 шахисти во светот, Магнус обезбеди на априлската ранг листа, на која имаше рејтинг од 2765 поени, што беше доволно за петтото место.[57] Во јуни 2008, Карлсен го достигна својот највисок оценет рејтинг дотогаш од 2878 поени, благодарение на убедливата победа на турнирот Аеросвит. Но, сепак овој негов резултат не беше вклучен во листата за јули 2008, бидејќи денот на завршување на турнирот се поклопувал со крајниот рок за составување на јулската листа, што причини доста контроверзи.[58] Имено, доколку ова негово остварување беше замено предвид при создавањето на ранг листата за месец јули, тој наместо шести ќе беше втор.[59]
На 5 септември 2008, по победата во четвртиот круг на шаховскиот турнир во Билбао, Карлсен стана неофицијално светски број еден, врз основа на моментниот рејтинг.[60][61]
По солидните резултати на турнирите во Вајк ан Зее, Линарес и Софија, во првата половина од 2009, Карлсен го одржуваше својот рејтинг околу 2770.[62] Неговата победа на турнирот во Нанџинг, кој се одржа во септември и октомври прдонесе неговиот рејтинг официјално да се зголеми на 2801 поен, со што стана најмладиот шахист, на само 18 години и 336 дена кој успеал да ја надмине границата од 2800 поени според ФИДЕ.[27] Најмлад шахист, кој го сторил истото пред него беше Владимир Крамник со 25 години.[63] Освен Карлсен, само уште Каспаров, Веселин Топалов, Крамник и Ананд (сите биле светски прваци) достигнале рејтинг над оваа граница.[64] По победата на турнирот, Карлсен изјави дека оваа негова победа е „почеток на една нова ера.“[65]
По меморијалниот турнир во чест на Михаил Таљ, Карлсен стана светски број еден на неофицијалната листа, врз основа на моментниот рејтинг со нов врвен рејтинг од 2805,7 поени, што беше за 0,6 поени повеќе од Веселин Топалов.[66]
Официјалната ранг листа од страна на ФИДЕ беше објавена на 1 јануари 2010 и шеснаесетте партии, кои Магнус ги одигра на меморијалниот турнир во чест на Михаил Таљ и на шаховскиот турнир во Лондон се покажаа како доволни да го зголемат неговиот рејтинг за 8,6 поени, кој на листата изнесуваше 2810.[67] Со ова, Магнус Карлсен, на 19 години и 32 дена стана најмладиот шахист во историјата којшто станал светски број еден, а воедно и првиот шахист од една западна земја, кој станал светски број еден, после Боби Фишер во 1972 година.[68][69] Односите со јавноста заради овој подвиг, вклучија интервју и статија во магазинот Time.[70][71]
На мартовската рејтинг листа во 2010, Карлсен го зголеми својот рејтинг на 2813, останувајќи на првото место.[72] Во следниот период, Крлсен не беше многу активен, па на мајската рејтинг листа го задржа првото место, со истиот рејтинг и официјално без одиграни партии во изминатите два месеца.[73] Одличниот настап на шаховскиот турнир во Медијаш и оценетиот рејтинг од 2918 поени, на Карлсен му донесе моментен рејтинг кој изнесуваше 2825,1 поен, а веќе на јулската рејтинг листа неговиот рејтинг беше зголемен за дури 13 поени и изнесуваше 2826 поени.[51]
Откако го задржа истиот рејтинг на септемвриската листа, следуваа неговите слаби резултати на шаховската олимпијада во Ханти-Мансијск и на супертурнирот во Билбао, што имаше значително влијание на неговиот рејтинг на листата објавена на 1 ноември 2010, на која со рејтинг од 2802 се најде на второто место.[74]
[уреди] Интересно
- Магнус Карлсен во германската шаховска бундеслига игра за шаховскиот клуб Баден-Баден, а во Франција за шаховскиот клуб Клиши.
- Уште во март 2005, Гари Каспаров истакнал дека според неговото мислење Карлсен, заедно со Карјакин и Накамура е шахист којшто најмногу ветува за во иднина.[75]
- На 26 јануари 2008, Карлсен го победи Крамник со црни фигури. Во последните 10 години, Крамник загубил со бели фигури само 9 партии.
- Во декември 2009, Каспаров ги пофали интуицијата и природниот талент на Карлсен, кои му овозможуваат да пресметува позиции многу потези однапред.[76]
- Карлсен живее со своето семејство во Ломедален, а покрај шахот, тој активно игра и фудбал за локалниот фудбалски клуб.[77]
[уреди] Турнирски резултати
| Година | Град | Турнир | + | − | = | Резултат | Место |
|---|---|---|---|---|---|---|---|
| 2001 | Гаусдал | 2 | 5 | 2 | 3 од 9 | 40-45 | |
| Осло | 5 | 3 | 1 | 5½ од 9 | 9-13 | ||
| Гаусдал | 0 | 4 | 5 | 2½ од 9 | 8 | ||
| Берген | 2 | 4 | 3 | 3½ од 9 | 70-79 | ||
| Панормо | 3 | 1 | 3 | 4½ од 7 | |||
| 2002 | Гаусдал | 3 | 3 | 3 | 4½ од 9 | 24-26 | |
| Лисакер | 4 | 0 | 3 | 5½ од 7 | |||
| Гаусдал | 2 | 1 | 6 | 5 од 9 | 8 | ||
| Осло | 3 | 1 | 1 | 3½ од 5 | |||
| Пеларо | 1 | 0 | 4 | 3 од 5 | 9-14 | ||
| Хелсинки | 3 | 6 | 2 | 4 од 11 | 10 | ||
| Берген | 4 | 3 | 2 | 5 од 9 | |||
| Кил | 5 | 2 | 2 | 6 од 9 | 11-24 | ||
| Пенискола | 5 | 2 | 2 | 6 од 9 | |||
| 2003 | Гаусдал | 6 | 2 | 2 | 7 од 10 | 3-6 | |
| Гаусдал | 2 | 5 | 4 | 4 од 11 | 11-12 | ||
| Аскер | 1 | 0 | 4 | 3 од 5 | |||
| Алта | 4 | 0 | 2 | 5 од 6 | |||
| Фредрикштад | 3 | 1 | 5 | 5½ од 9 | |||
| Копенхаген | 6 | 1 | 4 | 8 од 11 | 7-16 | ||
| Салцбург | 5 | 1 | 3 | 6½ од 9 | 2-7 | ||
| Ретимнон | 3 | 3 | 1 | 3½ од 7 | |||
| Халкидики | 7 | 3 | 1 | 7½ од 11 | |||
| Таурмина | 3 | 1 | 5 | 5½ од 9 | 2-5 | ||
| Будимпешта | 5 | 2 | 6 | 8 од 13 | 4-5 | ||
| 2004 | Вајк ан Зее | 9 | 1 | 3 | 10½ од 13 | 1 | |
| Москва | Аерофлот-опен | од 9 | |||||
| Рејкјавик | 4 | 4 | 1 | 4½ од 9 | 33-43 | ||
| Дубаи | 4 | 0 | 5 | 6½ од 9 | |||
| Малме/Копенхаген | 4 | 2 | 3 | 5½ од 9 | 3 | ||
| Триполи | Светско првенство прв круг против Л. Аронјан |
0 | 1 | 3 | 1½ од 4 | ||
| Молде | 6 | 1 | 2 | 7 од 9 | 1-2 | ||
| Копенхаген | 5 | 0 | 5 | 7½ од 10 | 4-13 | ||
| Гаусдал | 4 | 3 | 2 | 5 од 9 | 5 | ||
| Хоговен | 1 | 3 | 2 | 2 од 6 | |||
| Драмен | 1 | 4 | 4 | 3 од 9 | 9-10 | ||
| 2005 | Вајк ан Зее | 3 | 2 | 8 | 7 од 13 | 7 | |
| Гаусдал | 3 | 4 | 2 | 4 од 9 | 6-8 | ||
| Варшава | Шесто европско првенство во шах | 5 | 2 | 6 | 8 од 13 | 16-43 | |
| Саднес | Норвешко првенство | 6 | 1 | 2 | 7 од 9 | 1-2 | |
| Бил | 38. меѓународен турнир | 0 | 2 | 8 | 4 од 10 | 6 | |
| Гаусдал | 7 | 0 | 2 | 8 од 9 | 1 | ||
| Скандерборг | 1 | 2 | 6 | 4 од 9 | 8 | ||
| Ханти-Мансијск | Светски куп против З. Азмапарашвили против Ф. Амонатов против И. Чепаринов против Е. Бареев |
од од од од |
|||||
| 2006 | Бил | 39. меѓународен турнир | 4 | 2 | 4 | 6 од 10 | 2-3 |
| 2007 | Бил | 40. меѓународен турнир | 4 | 2 | 3 | 5½ од 9 | 1-2[а] |
| Ханти Мансијск | Светски куп ФИДЕ: Најдобри 64 Најдобри 32 Најдобри 16 Осминафинале Четвртфинале Полуфинале |
2 од 2[б] 1 од 2 1½ од 2 1½ од 2 1½ од 2 ½ од 2 |
3-4 | ||||
| 2008 | Вајк ан Зее | 70. меѓународен турнир | 5 | 2 | 6 | 8 од 13 | 1-2 |
| Морелија/Линарес | 25. меѓународен турнир | 5 | 3 | 6 | 8 од 14 | 2 | |
| Баку | Гран-при, меѓународен турнир | 4 | 1 | 8 | 8 од 13 | 1-3 | |
| Форос | 3. меѓународен турнир | 5 | 0 | 6 | 8 од 11 | 1 | |
| Бил | 41. меѓународен турнир | 3 | 1 | 6 | 6 од 10 | 3 | |
| 2009 | Вајк ан Зее | 71. меѓународен турнир | 2 | 1 | 10 | 7 од 13 | 5-6 |
| Линарес | 26. меѓународен турнир | 3 | 2 | 9 | 7½ од 14 | 3 | |
| Софија | 5. меѓународен турнир | 3 | 1 | 6 | 6 од 10 | 2 | |
| Дортмунд | 37. меѓународен турнир | 2 | 1 | 7 | 5½ од 10 | 3 | |
| Нанџинг | 2. меѓународен турнир | 6 | 0 | 4 | 8 од 10 | 1 | |
| Москва | 4. меморијален турнир | 2 | 0 | 7 | 5½ од 9 | 2-3 | |
| Лондон | Меѓународен турнир | 3 | 0 | 4 | 5 од 7 | 1 | |
| 2010 | Вајк ан Зее | 72. меѓународен турнир | 5 | 1 | 7 | 8½ од 13 | 1 |
| Медијаш | 4. меѓународен турнир | 5 | 0 | 5 | 7½ од 10 | 1 | |
| Билбао | 3. меѓународен турнир | 1 | 2 | 3 | 6 од 18[в] | 3 | |
| Лондон | 2. меѓународен турнир | 4 | 2 | 1 | 13 од 21[в] | 1 | |
| 2011 | Вајк ан Зее | 72. меѓународен турнир | 5 | 2 | 6 | 8 од 13 | 3-4 |
| Медијаш | 4. меѓународен турнир | 3 | 0 | 7 | 6½ од 10 | 1-2 | |
| Бил | 44. меѓународен турнир | 5 | 1 | 4 | 19 од 30[в] | 1 | |
| Билбао | 4. меѓународен турнир | 3 | 1 | 6 | 15 од 30[в] | 1 |
[уреди] Белешки
- а Според правилата на турнирот, победник е оној кој ќе победи во дополнителниот меч од партии во забрзано темпо. Бидејќи двете партии завршија реми, се одигра нов меч во брзопотезен шах. Повторно двете партии завршија реми, па мораше да се одигра т.н. „армагедон“, во која победи Карлсен.
- б Број на освоени поени во мечот од вкупниот број на можни поени (одиграни партии).
- в За секоја добиена партија се добива по 3, а за секое реми по еден поен.
[уреди] Наводи
- ↑ It's official: Magnus Carlsen is number one!, Chessbase
- ↑ Шаховски турнир во Вајк ан Зее 2004: Crosstable of grandmaster group C
- ↑ Шаховски турнир во Вајк ан Зее 2004: Report of round 12 – CCT 2004: Hiccup for Anand – Carlsen Supreme
- ↑ „The Mozart of Chess“. chessbase.com. 27 јануари 2004. http://chessbase.com/newsdetail.asp?newsid=1447. проверено на 13 ноември 2009.
- ↑ Boy meets Beast in Reykjavik, ChessBase New, 19 март 2004
- ↑ Magnificent Magnus, the world's youngest grandmaster, ChessBase News, 30 април 2004
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players October 2004 – Archive
- ↑ Smartfish sensation: Carlsen defeats Shirov,ChessBase News, 4 јануари 2005
- ↑ Тарјеи Свенсен: 14-year-old Carlsen with 2792 performance, ChessBase News, 20 октомври 2005
- ↑ Nafn. „Skáksamband Íslands – Glitnir blitz 2006“. Skaksamband.is. http://skaksamband.is/index.php?option=content&task=view&id=7&Itemid=32. проверено на 3 јануари 2010.
- ↑ Nafn. „Skáksamband Íslands – Results“. Skaksamband.is. http://skaksamband.is/index.php?option=content&task=view&id=23&Itemid=33. проверено на 3 јануари 2010.
- ↑ „Schachserver der Wiener Zeitung (Austria)“. Schach.wienerzeitung.at. http://schach.wienerzeitung.at/tnr3410.aspx?art=23&lan=1&flag=30&snr=24. проверено на 3 јануари 2010.
- ↑ „The NH Chess Tournament“. Nhchess.quinsy.net. http://nhchess.quinsy.net/. проверено на 3 јануари 2010.
- ↑ „Second Arctic Chess Challenge in Tromsø“, Chessbase news, 7 август 2007. Проверено на 10 октомври 2009.
- ↑ „Brede Hagen vs Magnus Carlsen“. Chessgames.com. http://www.chessgames.com/perl/chessgame?gid=1469361. проверено на 10 октомври 2009.
- ↑ „Carlsen vs Carlsen – Magnus beats his dad“, ChessBase News, 10 август 2007. Проверено на 10 октомври 2007.
- ↑ „Chess News – Magnus Carlsen withdraws from Grand Prix“. ChessBase.com. http://www.chessbase.com/newsdetail.asp?newsid=5053. проверено на 3 јануари 2010.
- ↑ Gyimesi, Zoltán (3 јуни 2008), „Miskolc: Carlsen wins the rapid chess match 5:3“, „ChessBase News“, http://www.chessbase.com/newsdetail.asp?newsid=4672, проверено на 3 јуни 2008
- ↑ Еросвит-2008, официјално мрежно место (англиски)
- ↑ "Vishy Anand and Magnus Carlsen"
- ↑ Sergey Karjakin wins Wijk aan Zee 2009, Chessbase
- ↑ R6: Carlsen defeats Anand, Grischuk leads, ChessBase News, 26 февруари 2009
- ↑ Linares R12: Carlsen defeats Grischuk, lead narrows, ChessBase News, 6 март 2009
- ↑ Highly Ranked Youth Loses Tactical Battle to an Old Pro, New York Times, 30 мај 2009
- ↑ 25,0 25,1 Лубомир Кавалек, CHESS, Washington Post, 12 октомври 2009
- ↑ Facts and figures: Magnus Carlsen's performance in Nanjing, ChessBase.com
- ↑ 27,0 27,1 Magnus "The Red Dragon" dominates Nanjing
- ↑ Kramnik Wins Tal Memorial, Carlsen Claims No. 1 Ranking, New York Times Chess Blog, 15 ноември 2009
- ↑ Norwegian, 18, Is Youngest to Be Ranked No. 1 at Chess, New York Times, 14 ноември 2009
- ↑ „World Blitz Championship – Tournament table“. russiachess.com. http://tal.russiachess.org/results/2009/blitz/tournament_table_acc_places.html. проверено на 18 ноември 2009.
- ↑ „Ny strategi for verdensener Carlsen neste år“, Verdens Gang/NTB, 29 декември 2009. Проверено на 31 јануари 2010. (на Norwegian)
- ↑ Valaker, Ole. „Så tapte Magnus“, Nettavisen, 26 јануари 2010. Проверено на 31 јануари 2010. (на Norwegian)
- ↑ Valaker, Ole. „Magnus vant thrillerfinale“, Nettavisen, 31 јануари 2010. Проверено на 31 јануари 2010. (на Norwegian)
- ↑ 34,0 34,1 Barden, Leonard (13 март 2010). „World No1 Magnus Carlsen parts company with mentor Garry Kasparov“. The Guardian. http://www.guardian.co.uk/sport/2010/mar/13/chess-magnus-carlsen-garry-kasparov. проверено на 14 март 2010.
- ↑ „Chess News - Anand in Playchess - the helpers in Sofia“. Chessbase. 19 мај 2010. http://www.chessbase.com/newsdetail.asp?newsid=6346. проверено на 19 мај 2010.
- ↑ Magnus Carlsen live chess rating history
- ↑ Резултати(англиски)
- ↑ 2010 Bazna Kings Tournament
- ↑ „Arctic Securities Rapid: Carlsen gets 'hammered', reaches final“. Chessbase.com. 29 август 2010. http://www.chessbase.com/newsdetail.asp?newsid=6641. проверено на 30 август 2010.
- ↑ „Carlsen beats Anand, wins Arctic Securities Rapid“. Chessbase.com. 31 август 2010. http://chessbase.com/newsdetail.asp?newsid=6644. проверено на 31 август 2010.
- ↑ Nanjing Super Chess Tournament 2010 (updated)
- ↑ Carlsen wins Pearl Spring 2010, Chessvibes, 29 октомври 2010
- ↑ 2010 World Blitz Chess Championship - Final Standings
- ↑ Anand and Carlsen to star in London Chess Classic 2010
- ↑ And the 2010 Chess Oscar goes... to Magnus Carlsen, ChessVibes
- ↑ „Schedule - Tata Steel Chess (2011)“. Tata Steel Chess Tournamente. http://www.tatasteelchess.com/tournament/schedule/group/1. проверено на 30 мај 2011.
- ↑ „Media Kings Rd10: Carlsen-Karjakin draw, Carlsen wins Medias 2011“, ChessBase, 21 јуни 2011. Проверено на 21 јуни 2011.
- ↑ Magnus Carlsen: "My job is to improve my chess", ChessVibes, 7 септември 2009
- ↑ Carlsen, Kasparov Team Up,The Internet Chess Club, 7 септември 2009
- ↑ Breaking news: Carlsen and Kasparov join forces, ChessBase News, 7 септември 2009
- ↑ 51,0 51,1 51,2 ФИДЕ: Rating Progress Chart Carlsen, Magnus (NOR)
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players January 2006 - Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 20 Juniors October 2006 - Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players October 2006 – Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players July 2007 – Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 20 Juniors January 2008 - Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players April 2008 - Archive
- ↑ Anand tops 1 јули 2008 FIDE ratings, Carlsen sixth, Chessbase, 30 јуни 2008
- ↑ Anand tops 1 јули 2008 FIDE ratings, Carlsen sixth, Chessbase, 30 јуни 2008
- ↑ Bilbao R4: Topalov topples Anand, Carlsen #1 in the world, Chessbase, 5 септември 2008
- ↑ Live Rating, 5 септември 2008
- ↑ ФИДЕ:Rating Progress Chart Carlsen, Magnus (NOR)
- ↑ Dad Carlsen – This has been a dream
- ↑ Andersen, Øystein (9 октомври 2009). „Magnus (18) skrev sjakk-historie i natt“ (на Norwegian). Dagbladet. http://www.dagbladet.no/2009/10/09/sport/sjakk/magnus_carlsen/kina/8496239/. проверено на 9 октомври 2009.
- ↑ Holden, Lillian (9 октомври 2009). „Magnus: – Håper dette er starten på en ny æra“ (на Norwegian). Verdens Gang. http://www.vg.no/sport/artikkel.php?artid=574885. проверено на 9 октомври 2009.
- ↑ Kramnik wins Tal Memorial 2009, Carlsen number one, ChessBase News, 14 ноември 2009
- ↑ ФИДЕ: Magnus Carlsen: Individual Calculations January 2010
- ↑ Norwegian Carlsen is youngest to top chess rankings, AFP
- ↑ Norwegian teenager to be crowned new chess king, Reuters
- ↑ Magnus Carlsen: The 19-Year-Old King of Chess, TIME, Ebden Harell
- ↑ A Bold Opening for Chess Player Magnus Carlsen, TIME, Ebden Harell
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players March 2010 - Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players May 2010 - Archive
- ↑ ФИДЕ: Top 100 Players November 2010 - Archive
- ↑ The Garry Kasparov ChessBase Interview
- ↑ A Bold Opening for Chess Player Magnus Carlsen
- ↑ Томас Лелгеман за derwesten.de: Magnus Carlsen: Frühreif auf dem Schach-Gipfel. 6. Januar 2010
[уреди] Литература
- Simen Agdestein: Wunderjunge: wie Magnus Carlsen der jüngste Schachgroßmeister der Welt wurde. Alkmaar 2004, ISBN 90-5691-134-1
[уреди] Надворешни врски
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Магнус Карлсен“ |
- Податоци за рејтингот (англиски)
- Mega Magnus in Wijk aan Zee
- World's youngest grandmaster
- Magnificent Magnus, the world's youngest grandmaster
- Магнус Карлсен (англиски)
- Блогт на Магнус Карлсен
- magnuschess.com Блог на таткото на Магнус Карлсен, Хенрик
- Time.com Интервју со Магнус Карлсен (англиски)
| Статијата Магнус Карлсен е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |

