МАНАПО

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Македонското Народно Движење (Македонски Народен Покрет) или МАНАПО било левичарско движење формирано во 1936 од страна на прогресивните македонски студенти кои студирале на универзитетите во Белград и Загреб во периодот помеѓу двете светски војни.

Паралелно со комунистичките движења, почнувајќи од 1935 година, започнала и широката политичка активност на македонските студенти во Загреб, Белград и Скопје. Тие во Загреб во 1935 година и наредната година во Белград формирале истоимени културно-просветни друштва „Вардар“, кои активно дејствувале до април 1937, но поради својата национално-културна дејност биле забранети од властите во Кралството Југославија. Обидот такво друштво да се формира и во Скопје не наидел на одобрување од страна на факултетските власти во Скопје, поради што истиот завршил неуспешно.

Членовите на овие друштва, во 1936 година во Охрид одржале нелегален состанок на кој било формирано движењето на македонските студенти наречено Македонски Народен Покрет или Македонско Народно Движење (скратено МАНАПО), со политичка декларација како програмски документ, потпишана од околу 200 македонски студенти.

На илегалниот состанок во Охрид, биле истакнати главните цели на МАНАПО:

  • будење на националната свест кај македонскиот народ и афирмација на македонскиот народен јазик;
  • борба за ликвидирање на монархофашистичката диктатура и големосрпската хегемонија и за демократизација на земјата;
  • борба за федеративно уредување на Југославија, во која вардарскиот дел на Македонија ќе стане одделна единка;
  • соработка со сите политички движења во Југославија кои што на македонскиот народ му го признаваат правото на слободен живот и економски развој;
  • воспоставување на дипломатски односи со СССР и борба против меѓународниот фашизам.[1]

МАНАПО имало обележје на народен фронт и било во непосредна врска со македонските комунисти. Тоа дејствувало во време кога комунистичката партиската организација во Вардарскиот дел на Македонија била десеткувана по големите провали во 1936 и 1937 година. Со зајакнувањето на КП во Вардарскиот дел на Македонија (1939) МАНАПО постепено исчезнало од политичкиот живот.[2]

За време на Народно-Ослободителната Војна најголемиот дел од членовите и’ се придружиле на Комунистичката Партија на Југославија и зеле активно учество во неа.[3]

Референци[уреди | уреди извор]