Луке

Од Википедија — слободната енциклопедија
Луке

Поглед на селото

Луке во рамките на Македонија
Луке
Местоположба на Луке во Македонија
Луке на карта

Карта

Координати 42°19′24″N 22°16′59″E / 42.32333° СГШ; 22.28306° ИГД / 42.32333; 22.28306Координати: 42°19′24″N 22°16′59″E / 42.32333° СГШ; 22.28306° ИГД / 42.32333; 22.28306
Регион  Североисточен
Општина  Крива Паланка
Област Славиште
Население 220 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1334
Повик. бр. 031
Шифра на КО 15028
Надм. вис. 1.188 м
Луке на општинската карта

Атарот на Луке во рамките на општината
Луке на Ризницата

Луке — село во областа Славиште, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на маала на селото од црквата „Св. Петка“

Селото се наоѓа во областа Славиште, во крајниот северен дел на територијата на Општина Крива Паланка, чиј атар се допира со државната гранична линија со Србија.[2] Селото е планинско и раштркано, чии маала се наоѓаат на надморска височина од 940 до 1.114 метри. Од градот Крива Паланка е оддалечено 17 километри.[2]

Селото се наоѓа во долината на Лучка Река. Околни села се Подржи Коњ, Крстов Дол и Голема Црцорија.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Трлиште, Марков Дол, Лучка Река, Кучиште, Земни Дол, Дуовички Поток, Петин Рид, Осојина, Гнилиште, Става Дрво, Калјана Полјана, Мечит, Отурица, Балчевица, Бела Вода, Орлов Камен, Дијала, Турска Њива, Преслап, Чупино Брдо, Голем Гар, Кочански Рид, Јаловарник, Широка Орница, Орлово Гнездо, Зло Брдо, Зли Дол, Селиште и Бојиште.[3]

Селото е од особен разбиен тип. Постојат осум маала: Папазовско, Колибје, Бошковско, Голем Гар, Јанковско, Долинарско, Караманчинско и Средно. Во секое маало се наоѓаат куќи од еден род.[3]

Селото Луке се наоѓа во областа Славиште, на север од градот Крива Паланка. До селото води асфалтен пат. На исток се граничи со селото Крстов Дол, на југозапад со селото Подржи Коњ, на северозапад со општина Трговиште, Србија и на североисток со општина Босилеград, Србија.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Петка“ изградена на стари темели на средновековна црква

На атарот на селото може да се сретнат старини од стари населби. Тоа се месностите Караманчанци, Селиште и други. Особено биле пронаоѓани стари големи земјени ќупови.[3]

Денешното село било основано во Средно Маало, кога биле направени првите три куќи. Подоцна биле основани и другите маала, кои се преместиле од ова маало и ги основале другите маала.[3]

Селото било основано на почетокот на XIX век од страна на тројца браќа доселени од селото Луково, во близината на Врање. Се верува дека ова е првото населено место во овој дел на Крива Паланка.[3]

Во XIX век, Луке било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство.

Во атарот на селото се наоѓа пределот Чупино Брдо, што претставува тромеѓе помеѓу селата Луке, Подржи Коњ и Сурлица. Таму се случиле две големи битки. Првата биле меѓу српската и бугарската војска во 1913 година за време на Балканските војни, а втората помеѓу народноослободителните единици и бугарската војска во 1943 година за време на бугарската окупација на Македонија. Таму сега се наоѓа споменик за паднатите борци од НОБ.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 22,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 953 хектари, на шумите отпаѓаат 665 хектари, а на пасиштата 553 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита функција.[2]

Атарот на селото нудело подеднакви можности за развој на сточарството и земјоделството, но бидејќи тие занимања не пружале доволно средства за живот, многу мажи од селото работеле како рудари.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948769—    
1953903+17.4%
1961829−8.2%
1971819−1.2%
1981628−23.3%
ГодинаНас.±%
1991405−35.5%
1994416+2.7%
2002338−18.8%
2021220−34.9%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Луке имало 980 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Луке имало 1.080 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

По Првата светска војна селото било дел од општината Подржи Коњ и имало 840 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 900 Македонци.[7]

Луке, поради иселувањето на населението, преминало од големо во средно село по големина. Така, селото во 1961 година броело 829 жители, од кои 812 биле Македонци, а 16 жители Срби, а во 1994 година било преполовено и броело 416 жители, од кои 414 биле Македонци.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Луке живееле 338 жители, од кои 337 Македонци и 1 Србин.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 220 жители, од кои 202 Македонци, 1 Србин и 17 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 980 1.080 769 903 829 819 628 405 416 338 220
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Луке е македонско село, населено со македонски родови, кои потекнуваат од првите тројца браќа, доселеници.[3]

Родови во селото се: Средњомалци (26 к.), Големогарци (24 к.), Колибјани (22 к.), Јанковци (17 к.), Папазовци (14 к.), Долинарци (10 к.), Караманчинци (8 к.) и Бошковци (8 к.). Од родот Папазовци потекнувале селските свештеници.

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Митринци (4 к.) со Тодоровци (1 к.), Баба Станинци (4 к.), Попазовци (4 к.), Велковци (1 к.) и Китинци (4 к.) се со заедничко потекло и сè уште не се одродени; Магдинци (4 к.); Маринковци (3 к.) и Бошковци (4 к.) и они се од исто потекло. Бошко петтиот предок на Златко (жив на 60 г. во 1953 година) се одвоил од својата куќа, и изградил нов и посебен крај во селото; Пампурци (2 к.); Јанковци (9 к.); Манџукинци или Милковци (2 к.); Баба Маринци (1 к.); Дојчиновци или Ивановци (1 к.); Петковци (3 к.); Стамболијци (1 к.); Трочарци или Миљановци или Боровци (3 к.); Миленковци (4 к.); Капалиџинци или Станковци (2 к.) и Камењар (1 к.) се од заедничко потекло. Кај Камењар има посинет од Добровница; Мијаиловци (3 к.); Каравиљковци (1 к.); Делгоњивци или Стојковци (4 к.); Деа Петковци (2 к.); Дупиновци (4 к.); Заирковци (1 к.); Деа Ристинци (5 к.); Трајчинци (2 к.); Нурчинци (3 к.); Караманчанци (12 к.) се делат на Шарковци (2 к.), Скробарци (3 к.), Јанковци (2 к.) и Попазовци или Папазовци (5 к.); Новчинци (2 к.); Ѓоринци (2 к.) и Коњарци со Анѓеловци (3 к.). Се збори дека првиот човек што се доселил во селото бил по потекло од селото Луково кај Врање.
  • Доселеници: Митровци (3 к.) и Долнарци (10 к.) се делат на Пејчиновци (3 к.), Велковци (3 к.), Спасини (2 к.) и Ѓоргинци (2 к.). Доселени се, но не знаат од каде; Соколовци (5 к.) доселени се од селото Пролесје во Горна Пчиња, денес во Србија. Овде се доселени околу 1830 година. Се доселил Сокол, прадедото на Гроздан (жив на 32 г. во 1953 година); Стојановци (2 к.) доселени се од селото Црна Река во Горна Пчиња, денес во Србија. Основачот на родот дошол околу 1855 година; Аврамовци (3 к.) исто така доселени од Црна Река во Горна Пчиња. Овде живеат од 1890 година.[14]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на подрачното основно училиште „Јоаким Крчовски“
Амбулантата и месната заедница на селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Добровница, во која покрај селото Луке, се наоѓале и селата Голема Црцорија, Добровница, Крстов Дол, Мала Црцорија и Подржи Коњ. Селото било седиште на некогашната општина Луке, која постоела во периодот 1950-1952 и тогаш во нејзе се наоѓале селата Луке и Подржи Коњ.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0981 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 252 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[17]
Цркви[18]
Реки[19]
Споменици
  • Спомен-плоча од НОБ на Чупино Брдо
  • Спомен-плоча од НОБ во долниот дел на селото

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Ѓурѓовден — селска слава која се одбележува кај главната селска црква;
  • Илинден — селска слава која се одбележува кај главната селска црква; и
  • Петковден — селска слава која се одбележува кај црквата „Св. Петка“.

Личности[уреди | уреди извор]

Личности починати во Луке:

  • Трајче Арсовски (1925-1944) - македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото имало иселувања и постојат иселеници насекаде. Детално се знае за следниве родови: Калиманци (5 к.), живеат во кривопаланечкото село Киселица; Миленковци (4 к.), живеат во селото Герман; има иселеници и во овчеполските села Горобинци и Дорфулија (3 к.); околу 10 домаќинства живеат во кумановското село Клечевце и 11 домаќинства во селото Стубла, во близината на Лесковац.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 183. Посетено на 29 јуни 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1968). Кривопаланачка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 259–262.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 224.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
  6. „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София, 1917, с. 30“. Архивирано од изворникот на 2014-04-07. Посетено на 2021-08-13.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 јуни 2019.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 јуни 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 29 јуни 2019.
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  19. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 45. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]