Ликвидносен ризик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ликвидносен ризик (англиски: liquidity risk) е ризикот од тоа фирмата или банката да не може да обезбеди доволно парични средства за измирување на своите краткорочни обврски во моментот на нивното достасување, или потребните средства да ги обезбеди со многу повисоки трошоци.[1] Ликвидноста на банката може да се дефинира и како нејзина способност во рок да ги подмири сите свои достасани обврски.[2] Базелскиот комитет ја дефинира ликвидноста како способност да се финансира зголемувањето на активата и навременото испалаќање на обврските што треба да достасаат.[3] Според друга дефиниција, ликвидносниот ризик ја претставува опасноста да не се биде способен да се платат обврските, доколку тоа е проследено со неповолни последици.[4]

Принципот на ликвидност во банкарството[уреди | уреди извор]

Банката, по правило, работи и располага со туѓи извори на средства, како што се депозити на претпријатија, штедни влогови на население, понатаму, користени кредити за ликвидност од домашни банки, користени странски кредитни линии, прибрани средства брз основа на издадени сопствени хартии од вредност и сл. Исто така, банката е носител и на платниот промет во земјата и по таа основа ги отвора и води сметките на учесниците во платниот промет и врши плаќања преку сметките. Секако дека вака прибраните средства, банката е должна да ги врати на своите клиенти, според договорените услови. Доколку пак, станува збор за депозити по видување, кои не се орочени и кои, по правило, можат да бидат повлечени од банката во кој било момент, банката треба да биде способна тоа да го стори во целост.[5]

Ликвидносниот ризик е ризикот за профитот или капиталот поврзан со способноста на банката да ги исполни своите обврски кон депонентите и потребите на кредитобарателите преку претворање на средствата во готовина и брзо, без загуби, да бидат способни да позајмуваат средства кога е тоа потребно.[6] За избегнување на проблемите со ликвидноста, банката може да чува ликвидна актива.[7] Според тоа, ако банката поседува поголем износ ликвидни средства, таа е изложена на помал ликвидносен ризик.[8] Меѓутоа, зголемената ликвидност си има своја цена. Постои балансирање меѓу ликвидноста и профитабилноста, бидејќи, колку е поликвидна активата, толку е пониска стапката на поврат. Наместо да чува ликвидни средства, банката може да реализира попрофитабилни заеми.[7] И покрај трошоците, чувањето ликвидна актива е неопходно бидејќи со тоа:[9]

  • кредиторите се уверуваат дека банката е безбедна и способна да ги исполнува своите финансиски обврски;
  • се праќа сигнал до пазарот дека банката е внимателна и дека со нејзе добро се раководи;
  • се гарантира реализација на сите заемни обврзувања;
  • се избегнува принудна продажба на активата на банката;
  • се избегнува принуденоста да се плаќаат прекумерни трошоци за подигање заеми на меѓубанкарските пазари; и
  • се избегнува подигањето заем од централната банка.

Значењето на ликвидноста ги надминува границите на поединечната банка бидејќи кусокот на ликвидност во само една институција може да има реперкусии низ целиот систем.[7]

Видови ликвидносен ризик[уреди | уреди извор]

Вообичаено се прави разлика меѓу два вида ризик поврзан со ликвидноста:[10]

  • секојдневен ризик поврзан со ликвидноста
  • криза со ликвидноста

Секојдневниот ризик поврзан со ликвидноста се однесува на дневните повлекувања. Ова обично е предвидливо бидејќи само мал процент од депозитите на банката ќе се повлече во определен ден.[10] Криза со ликвидноста настанува кога депонентите побаруваат поголеми повлекувања од вообичаеното. Во ваква ситуација, банките се принудени да подигаат заеми во финансиски средства по зголемена каматна стапка, повисока од пазарната стапка што останатите банки ја плаќаат кога подигнуваат заеми. Ова обично е непредвидливо и може да се должи или на недостиг од доверба во конкретна банка или на некоја неочекувана потреба за готови пари. Кризите со ликвидноста во крајна линија можат да ја попречат способноста на банката да ги отплатува сопствените обврски, ситуацијата може да резултира дури и со инсолвентност на банката.[11]

Исто така, ликвидносниот ризик може да се подели на два вида:[12][13]

  • Ликвидносен ризик од финансирање. Тоа е ризикот дека банката нема да биде способна да ги исполни потребите поврзани со сегашните и идни готовински текови и обезбедување колатерал без да изврши влијание врз своите дневни активности или финансиска состојба. Според Меѓународниот монетарен фонд, ликвидносниот ризик од финансирање ја доловува неспособноста на финансискиот посредник да ги сервисира своите обврски како што достасуваат. Останатите дефиниции на ликвидносниот ризик од финансирање вобичаено вклучуват и временски хоризонт, односно веројатност да се стане неликвиден, која вобичаено се мери за однапред одреден период и значително се разликуват во зависниот од должината на тој временски период.
  • Пазарен ликвидносен ризик. Тоа е ризикот дека банката нема да може лесно да надомести или да продаде одредена позиција од својот биланс на состојба без да предизвика загуба, поради несодветна длабочина на пазарот. Со други зборови, пазарниот ликвидносен ризик се однесува на неможноста да се изврши непосредна продажба на средството без поголема загуба во неговата вредност.

Според друга поделба, може да се зборува за четири вида ликвидносен ризик:[14]

  • ризик од отповикување (call liquidity risk) - опасноста од предвремено откажување (повлекување) на депозитите или предвремена отплата на кредитите од страна на клиентите.
  • рочен ликвидносен ризик (term liquidity risk) - отстапување од стварната отплата во однос на договорената, на пример, отплата на кредитите подоцна од договорениот рок.
  • ликвидносен ризик при финансирањето (funding liquidity risk) - ако средството не е соодветно финансирано, неговото натамошно финансирање може да се случи во неповолни услови (на пример, со повисок трошок)
  • пазарен ликвидносен ризик (market liquidity risk) - намалената способност за продажба на средствата на пазарот поради неповолни услови.

Кога се зборува за ликвидносниот ризик треба да се има предвид и ризикот од концентрација на депозитите на клиентите. така, согласно НБРМ, нивото на концентрација го претставува односот помеѓу просечниот износ на депозитите по видување и трансакциските сметки на дваесетте депоненти на банката со најголемо учество во просечниот износ на вкупните депозити.[15] Концентрацијата може да се анализира и следи и преку број на индустрии, земји, старосни групи итн. Поголемиот степен на концентрација може да има сериозни последици врз профитабилноста на банката, доколку портфолиото на одредена категорија има слаби перформанси.

Понуда и побарувачка на ликвидност[уреди | уреди извор]

Притисоците поврзани со ликвидноста можат да настанат на обете страни од билансот на состојба. На страната на пасивата, неочекувано големите повлекувања готови пари може да предизвикаат појава каде што солвентните банки ќе имаат проблеми со ликвидноста. На страната на активата, проблеми со ликвидноста може да бидат предизвикани од неочекувано високи нивоа на неисполнување обврски по заеми и со неочекуваното повлекување кредитни линии од страна на клиентите. Притисоци поврзани со ликвидноста може да произлезат и од вонбилансни активности како на пример, од проблеми во платниот систем.[16]

Секојдневно, банките извршуваат различни трансакции што имаат непосредно влијание врз нивната ликвидност. Притоа, некои трансакции се јавуваат како извори на ликвидност, додека други создаваат потреби од ликвидни средства. Така, како најважни извори на ликвидност кај банките се јавуваат приливот на депозити од страна на депонентите и отплатата на одобрените кредити од страна на должниците. Во продолжение, како извори на ликвидност се јавуваат и приходите што банките ги остваруваат од продажбата на различни недепозитни услуги (платен промет, менувачко работење, брокерски услуги, чување на имот итн.). Најпосле, банките ја обезбедуваат својата ликвидност и преку продажба на своите средства и позајмување на финансиските пазари. Од друга страна, потребите на банката за ликвидност вообичаено произлегуваат од следниве две групи активности: прво, повлекувањето депозити од страна на депонентите и второ, новите кредитни барања од страна на клиентите. Во првиот случај, секое повлекување на депозитите веднаш го намалува расположливиот износ на парични средства на банката. Во вториот случај, кога банката примила барање за одобрување кредит од страна на кредитоспособен клиент, тоа создава потреба од обезбедување парични средства за задоволување на кредитното барање.[17]
Табела број. 1: Извори и употреба на паричните средства во банките[18]

Извори на ликвидност Потреби за ликвидност
Прилив на депозити Повлекување депозити
Наплата на одобрени крeдити Нови кредитни барања
Приходи од недепозитни услуги Отплата на користени кредити
Продажба на средства Обврски врз основа на издадени хартии од вредност
Позајмување на финансиските пазари Исплата на даночни обврски
Исплата на фактури и сметки
Исплата на дивиденди

Ликвидносна состојба на банката[уреди | уреди извор]

Изворите на понуда и побарувачка на ликвидност ја определуваат вкупната ликвидносна состојба на банката.Така, нето-ликвидносната позиција (net liquidity position) претставува разлика меѓу вкупните извори на ликвидност (понуда на ликвидност) и вкупните потреби за ликвидност (побарувачка на ликвидност). Ако понудата на ликвидни средства е поголема од побарувачката за ликвидност, тогаш банката се соочува со вишок на ликвидност (liquidity surplus). Обратно, ако изворите на ликвидност на банката се помали од нејзините потреби за ликвидност, тогаш таа се одликува со недостиг на ликвидност (liquidity deficit).[19]

Управување со ликвидносниот ризик на банките[уреди | уреди извор]

Под управување со ликвидносниот ризик се подразбира управување со активата и пасивата така, што ќе се овозможи навремено и редовно плаќање на обврските, во нормални или во вонредни услови на работење на банката.[20]

Пристапи за процена на ликвидносниот ризик[уреди | уреди извор]

Постојат три основни вида пристапи за процена на излoженоста на ликвидносен ризик:[21]

  • Пристап на ликвидни средства (liquid assets approach) – овие пристапи се фокусират на одржување доволно ниво на ликвидни средства со цел да им се излезе во пресрет на обврските, како што достасуват, во нормални и стресни услови. Како варијација на овој пристап, банката може да одржува портфолио од неоптоварени, незаложени средства (вобичаено државни хартии од вредност), кои може да се користи како колатерал при обезбедено финансирање, преку договори за реоткуп и други обезбедени аранжмани.
  • Пристап на усогласување на готовинските текови (cash flow matching) – овие пристапи го определуват кумулативното несовпаѓање на готовинките текови за одреден временски период и се засноваат на скалила на достасување.
  • Комбиниран пристап (mixed approach) - Овој пристап комбинира елементи од претходните два пристапа. Така, при различни рокови на достасување, банките се обидуваат да извршат усогласување на готовинските одливи со договорените готовински приливи, како и со приливите коишто можат да се генерират преку продажба на средства, договори за реоткуп или друг вид обезбедено (покриено) задолжување.

Процена на ликвидносниот ризик од финансирање[уреди | уреди извор]

При процена на ликвидносниот ризик од финансирање се земаат предвид претходно наведените пристапи. Имено, првиот пристап за процена на ликвидни средства, (уште познат и како пазарен пристап), гледа на ликвидноста како на пазарно добро. Со споредба на билансните ставки се определува способноста на банката да ги надомести своите краткорочни обврски со помош на одредена големина на ликвидни средства, кои брзо и со минимална загуба во вредноста можат да се продадат или, пак да послужат како колатерал за обезбедување на заемите. Најчесто применувани процени што ги опфаќа овој пристап се:[22]

  • стапка на долгорочни извори на финансирање (long-term funding ratio) и
  • готовинска капитална позиција (cash capital position).


Стапката на долгорочни извори на финансирање се пресметува врз основа на профилот на готовинските текови кои произлегуваат од билансните и вонбилансните позици на банката. Таа го покажува делот на средствата со одреден рок на достасување, кои се финансирани преку обврските со ист рок на достасување. На краток рок, овој показател најчесто е помал од 100 проценти, поради несовпаѓањето на достасувањата на средствата и обврските.
Стапка на долгорочни извори на финансирање = Парични приливи (>n години) / Парични одливи (> години)
Готовинската капитална позиција (cash capital position) ја мери способноста на компанијата да ги финансира средствата на целосно обезбедена (покриена) основа, под претпоставка дека е ограничен нејзиниот пристап до необезбедени (непокриени) финансиски средства. Ова мерка има намера да обезбеди неликвидниот дел од билансот на состојба да се финансира со капитал, долгорочен долг, најбезбедните хартии од вредност и депозитите кои банката ги смета за стабилни. Со други зборови, неликвидните средства да се финансираат од стабилни извори , додека ликвидните средства да се финансираат од променливи извори. Готовинската капитална позиција се пресметува како разлика помеѓу вкупните ликвидни средства и збирот на вкупните обртни средства и обврските кон добавувачите.
Втората група за процена на ликвидносниот ризик се однесуваат на усогласување на готовинските текови (cash flow matching), првенствено преку управување со структурата на средствата и обврските од аспект на преостанатите рокови на нивно достасување, со цел генерирање соодветно ниво на нето-готовински текови. За таа цел, банките користат т.н. скалила на достасување со чија помош се споредуваат паричните приливи и одливи во одредени временски периоди. Банката го алоцира секој прилив или одлив на одреден календарски ден. Кога соодветно ќе се распоредат сите готовински текови, може да се согледа несовпаѓањето на нето- готовинските текови (cash flow mismatch) и ликвидносниот јаз (liquidity gap), додека со пресметка на кумулативното несовпаѓање може да се увидат и јазовите за финансирање (funding gaps). Имено кумулативниот износ на потребни извори на финансирање е еднаков на збирот на нето-износот на потребни извори на финансирање, пресметан за секоја временска рамка од скалилата на достасување.
Трета група на модели за процена на ликвидносниот ризик претставува комбиниран пристап (mixed approach) со која банката однапред ги планира и ако е потребно, да примени смеса од техники за управување со ризикот, заради обезбедување на потребното ниво на готовина.

Моделирање на готовинските текови[уреди | уреди извор]

Идната ликвидносна позиција на банката вобичаено е под влијание на фактори кои е невозможно секогаш прецизно да се предвидат, па затоа се неопходни и субјективни процени поврзани со износот и времето на достасување на одредено средство или обврска. Притоа со процена на тековните и идните ликвиносни потреби се врши моделирање на гоговинските текови на постојната и идната изложеност на ликвидносен ризик и проценување како овие готовински текови можат да отстапуват од постојаната шема, во услови на променети делови и пазарни услови.[23]
Пристапите кои вклучуваат моделирање на готовинските текови се комплексни и статистички по природа. Генерално, моделирањето на готовинските текови зависи од опционалноста што ја нуди ликвидноста:[24]

  • Кога не постои опционалност на ликвидноста (no liquidity option), договорната страна и банката морат да ги исполнат своите договорни обврски, онака како што достасуваат. Достасувањето и износите се познати со разумно ниво на веројатност и се врши моделирање на однапред определени готовински текови. Такви се долгорочните кредити и орочените депозити.
  • Кратка (пасивна) опционалност на ликвидноста (short (passive) liquidity option). При определување на очекуваните готовински текови на банкарските позиции за работа со население, банката мора да ја земе предвид и да ја прифати опционалноста што ја поседува договорната страна, а е вградена во банкарсиот производ кој го користи (на пример, повлекување на штедните влогови, активирање на дополнителна кредитна линија).
  • Долга (активна) опционалност на ликвидноста (long (active) liquidity option). Банката прави моделирање на готовинските текови согласно опционалноста што таа ја користи. Имено, за секоја од главните деловни линии на банката се моделираат готовинските текови кои произлегуваат од обновувањето и замената на постојните трансакции и очекуваните идни трансакции за период кој се наблудува.


Ваквото моделирање се прави за секоја валута, деловен субјект и деловна линија при што моделирањето на секој вид изложеност може да вклучува многубројни претпоставки. Една од основните претпоставки е дали износот и времето на појавувавањето на готовинските текови се детерминистички или стохастички. Соодветно на тоа, се разликуват четири категории:[25]

  • Прва категорија. Износот на готовинските текови и времето на појавување на истите се детерминистички. Во ова категорија спаѓаат: фиксните исплати по хипотеки, долгорочни кредити со фиксна каматна стапка, обврзници, готовинските текови кои произлегуваат од обезбедените и необезбедените средства од пазарите на пари и од орочените депозити и слично.
  • Втора категорија. Времето на појавување на готовинските текови е однапред познато, додека износите на истите се стохастичка големина, односно променлива променлива која е под влијание на многубројни комплексни фактори. Тука спаѓаат: фјучерс-договорите со променливи маргини, сите варијабилни исплати по кредити, купонски обврзници, дивиденди, реализација на европските опции итн.
  • Трета категорија. Времето на појавување на готовинските текови е променлива променлива, додека износите на истите однапред сè определини. Тука спаѓаат: патничките чекови, обврзниците со опција за отповикување во кое било време, кредитите со флексибилни амортизациони планови и слично.
  • Четврта категорија. Времето на појавување на готовинските текови и нивните износи се променливи променливи, кои не се однапред познати и неопходни соодветни претпоставкиза да може да се определат со одредена точност. Тука спаѓаат: повлекувањата од револвинг-кредитите, трансакциски сметки, штедните депозити и депозити по видување, реализација на американските опции, средствата кои лесно може да се продадат на пазарот (обврзници, акции, удели) и слично.

Процена на пазарниот ликвидносен ризик[уреди | уреди извор]

Постојат статички и динамички модели за процена на пазарниот ликвидносен ризик. Статичкиот модел се заснова на процена на ликвидносниот ризик преку анализа на одликите на секое средство, независно од временската димензија. Зависно од природата на средствата, при процена на ликвидносниот ризик се земат предвид најразлични одлики, како: кој е издавач на средството и каков е неговиот рејтинг, дали средството котира на берза, на кој пазар се тргува со средството, во коиј износ и во која валута, колкаво е достасувањето, дали нуди опции, каков е рејтингот на самото средство, и слично. За сите овие одлики и уште многу други се прави анализа со помош на вештачки променливи за да се одреди присуството или отсуството на наведената одлика и ефектот што го предизвикува, со цел да се утвди дали едно средство е ливидно или неликвидно.
Динамичките модели за процена на пазарниот ликвидносен ризик се групират, според видот на податоците неопходни за нивна процена, во три групи:[26]

  • Податоци за трансакциите/обемот (transaction data) – ризикот се мери според обемот кој е тргуван на пазарот. Неопходно е обемот кој се тргува на пазарот да биде расположлив во кое било време, во спротивно, станува збор за проблем при функционирање на пазарот;
  • Распон (маргина) меѓу понудата и побарувачката (bid-ask spread) – ризикот зависи од растојанието помеѓу двете вредности. Маргините се под влијание на недостигот на информации и фактот дека тие претставуваат премија за дилерите на пазарите; и
  • Портфолио со лимитирана нарачка (limit order book) – ризикот претставува функција одочекувањата задоцнување при спроведување на нарачката. Во овој случај, неопходна е многу скапа база на податоци, која реално не постои за ниту еден пазар.

Ликвидност изложена на ризик[уреди | уреди извор]

Во поново време, за мерење на степенот на ликвидносниот ризик се применува концептот познат како „Ликвидност изложена на ризик“ (Liquidity at Risk, LaR), кој ја претставува веројатноста да не се надмина максималната загуба на ликвидност во определен временски период при нормални околности. Пресметката на ликвидноста изложена на ризик најчесто се врши врз основа на податоците за ликвидносната состојба на банката во измнатите две години, и тоа на дневна основа. Притоа, дневните јазови во ликвидноста се подредуваат по големина (од најголемиот кон најмалиот) при што, во зависност од избраниот интервал на доверба, еден или два ликвидносни јаза се исклучуваат од пресметката. Пресметката на ликвидноста изложена на ризик се врши само врз основа на податоците што се однесуваат на конкретната банка, т.е. не може да се користат податоци од други банки. За да се постигне поголемо ниво на заштита од ликвидносниот ризик, вообичаено пресметката се врши со примена на три стандардни отстапувања.[27]

Организација на управувањето со ликвидносниот ризик[уреди | уреди извор]

Банката треба да воспостави соодветен процес на управување со ликвидносниот ризик, кој ефикасно ќе ги спроведува политиките, процедурите и ликвидносната стратегија на банката. Разликуваме:[28]

  • Управување со ликвидноста во нормални услови (секојдневно управување со ликвидноста преку планирање, проценки и решавање на ликвидносните тековни потреби на банката)
  • Управување со ликвидноста во вонредни услови (процеси и средства неопходни за процена на потребата за ликвидност при непредвидливи ситуации)

Комитет за управување со средства и обврски[уреди | уреди извор]

Со дневната ликвидност на банката управува Одделот за управување со средствата и обврските (Asset Libality Management, ALM). Во зависност од развојната фаза во која се наоѓа ALM-одделот, разликуваме:[29]

  • ALM оддел кој дејствува како трошочен центар за да постигне минимизирање на оперативните трошоци. Ваков оддел претежно функционира во комерцијалното банкарство кое се грижи за хеџирање на каматната стапка и ликвидносниот ризик.
  • ALM оддел кој е одговорен за минимизирање на трошоците на финансирање. Одделот се изложува кон каматниот ризик во зависност од проценките и очекувањата за идните движења на каматните стапки и поставува лимити во кои може да се движи каматниот ризик.
  • Финалниот стадиум во развојот на овој оддел претставува негово претворање во профитен центар кој е одговорен за управување со целиот финансиски ризик со цел да се заработи поголем принос. Овој оддел се нарекува „активен ALM“, кој го менува ликвидносниот профил на банката и нејзината изложеност на каматен и девизен ризик. Ова претставува високо ризична стратегија која може да ги загрози целокупните годишни финансиски резултати на банката.

Централизирано наспроти децентрализирано управување со ликвидноста[уреди | уреди извор]

Управувањето со ликвидноста се движи од високо централизирано до високо децентрализирано, во зависност од степенот на финансиска независност на филијалите и подружниците на банката во однос на централното финансирање на банкарската групација. Постојат три степени на централизација:[29]

  1. Ниско ниво на централизација или високо децентрализиран модел (врши пренесување на одговорноста за финансирање и управување со ликвидноста врз поединечните локални ентитети. Ентитетите имаат слобода во финансирањето на нивните активности, но во рамките на однапред утврдени лимити).
  2. Средно ниво на централизација (вклучува оддел за управување со ризикот на централно ниво на групацијата и врши надгледување на ликвидноста во секој дел од групацијата. Главните подружницит ги спроведуваат поголемиот број на функции на директно управување со ликвидноста и се подложни на надзорот на централизирани единици).
  3. Високо ниво на централизација (врши концентрација на управување со ликвидноста и финансирање преку централно финансирање на бакарската групација. Ги вклучува највисоките управни органи на групацијата и овој модел подразбира големи трансфери на средства во рамките на групацијата со цел да се одржи ликвидноста на групацијата).

Во реалниот свет на банкарството многу ретко се применуваат моделите на целосна централизираност или целосна децентрализираност, затоа што при извршување на дневните операции неопходно е минимално ниво на независност на филијалите и подружниците на групацијата за успешно управување со локалните готовински текови.

Меѓународна регулација на ликвидносниот ризик[уреди | уреди извор]

Базелски принципи на управувањето со ликвидносниот ризик[уреди | уреди извор]

Во септември 1992 година, Базелскиот комитет го објавил документот „Рамка за мерење и управување со ликвидноста“ (А framework for measuring and managing liquidity), а во февруари 2000 година го објавил ажурираниот документ со наслов „Здрави практики за управување со ликвидноста во банкарските организации“ (Sound Practices for Managing Liquidity in Banking Organizations) кој опфаќа 14 клучни принципи за ефикасно управување со ризикот од неликвидност. Овие 14 принципи се групирани во осум основни начела:[30]

  1. Развивање структура за управување со ликвидноста;
  2. Мерење и следење на нето задолжителните средства;
  3. Управување со пристапот до финансиски пазар;
  4. Алтернативно планирање;
  5. Управување со девизната ликвидност;
  6. Развивање на интерна контрола за управување со ризикот на ликвидност;
  7. Објавување податоци за подобрување на ликвидноста;
  8. Улогата на супервизорите.

Во септември 2008 година, Базелскиот комитет го објавил документот „Принципи за здраво управување и супервизија на ризикот од неликвидност“ (Principles for Sound Liquidity Risk Management and Supervision) со 17 принципи за управување со ликвидносниот ризик, групирани во пет основни начела:[31]

  1. Основен принцип за управување и супервизија со ликвидносниот ризик;
  2. Раководење на управувањето со ликвидносниот ризик;
  3. Мерење и управување со ликвидносниот ризик;
  4. Јавно објавување;
  5. Улогата на супервизорите.

Регулација на ликвидносниот ризик со Базел III[уреди | уреди извор]

Во декември 2010 година, Базелскиот комитет ги објави првите хармонизирани ликвидносни стапки, како клучна компонента на Базел III. Базелскиот комитет предложил две стапки: стапката на покриеност на ликвидноста (Liquidity Coverage Ratio) и стапката на нето-стабилни извори на финансирање (Net Stable Funding Ratio). На 7 јануари 2013 година, Базелскиот комитет го објавил финалниот стандард за стапката на покриеност на ликвидноста наведен во документот „Стапка на покриеност на ликвидноста и алатки за следење на ризикот од неликвидност“ (The Liquidity Coverage Ratio and liquidity risk monitoring tools),[32] а во јануари 2014 година го објавил консултативниот документ за стапката на нето стабилно финансирање, со наслов „Стапка на нето стабилно финансирање“ (Consultative Document: The Net Stable Funding Ratio).[33]

Регулација на ликвидносниот ризик во Македонија[уреди | уреди извор]

Систем на управување со ликвидносниот ризик[уреди | уреди извор]

Банката е должна да воспостави систем за управување со ликвидносниот ризик којшто одговара на природата, обемот и сложеноста на финансиските активности коишто ги врши таа. Системот треба да ги опфати најмалку следниве компоненти:[34]

  1. Организациска структура за управување со ликвидносниот ризик;
  2. Постапки и процедури на внатрешна контрола и ревизија;
  3. Информативен систем;
  4. Стрес-тестирање;
  5. План за управување со ликвидносниот ризик во вонредни услови.

Управниот одбор е одговорен за дефинирање на дозволеното ниво на ликвидносен ризик на кое што банката може да биде изложена во своето работење. Тоа подразбира донесување на политика за управување со ликвидносен ризик и утврдување на линиите на одговорност за ефикасно следење и контрола на ликвидносниот ризик. Управниот одбор треба да врши перманентно следење на ликвидносниот ризичен профил на банката и периодична анализа на информациите врз основа на кои се врши управувањето со ликвидносниот ризик.

Организациска структура за управување со ликвидносниот ризик[уреди | уреди извор]

Соодветна организациска структура за управување со ликвидносниот ризик подразбира јасно дефинирани надлежности и одговорности на органите на банката, како и дефинирање на задачите и одговорностите на соодветните организациски делови во банката што се надлежни за следење на ликвидноста на банката и управување со ликвидносниот ризик.[34]

Постапки и процедури на внатрешна контрола и ревизија[уреди | уреди извор]

Банката е должна да има соодветни постапки на внатрешна контрола коишто ќе овозможат интегрираност на процесот на управување со ликвидносниот ризик во севкупниот процес на управување со сите ризици. Внатрешната контрола на управувањето со ликвидносниот ризик е составен дел на целокупниот систем на внатрешна контрола, воспоставен на ниво на целата банка.[34]

Информативен систем[уреди | уреди извор]

Банката воспоставува информативен систем којшто ќе овозможи навремено и постојано мерење, следење, контрола и известување во процесот на одлучување при управувањето со ликвидносниот ризик.[35] Перманентното следење на ликвидносниот ризик на банката од страна на Управниот одбор може да се врши само во услови на негово навремено и адекватно известување за ликвидносната позиција. Нивото и длабочината на известувањето во голема мера зависи од состојбите во кои се наоѓа банката, од аспект на потребната ликвидност. По правило, банка со изразени проблеми во управувањето со ликвидносниот ризик, треба да практикува почесто известување на Управниот одбор. Така, во услови на проблеми во одржувањето на потребната ликвидност или во услови на негативни пазарни или економски движења, потребно е подетално и почесто известување на Управниот одбор. Од друга страна, во услови на нормално работење кога банката не покажува посебни ликвидносни проблеми, процесот на известување на Управниот одбор може да се состои од најосновните извештаи за ликвидносната позиција на банката. Оттука, мора да постојат процедури за нивото и постапката на известување, кои треба да бидат составен дел на политиката за управување со ликвидносниот ризик.[36]

За да може банката успешно да управува со ликвидносниот ризик, таа мора да воспостави информативен систем којшто ќе овозможи навремено и континуирано мерење, следење и известување за спроведувањето на процесот на управување со ликвидносниот ризик и да обезбеди адекватни информации и податоци за ликвидносната позиција на банката, за изготвување извештајни форми, врз основа на кои органите на управување и лицата вклучени во процесот на управување со ликвидносниот ризик можат да донесуваат адекватни и навремени одлуки поврзани со спроведувањето на овој процес. Процесот на мерење и следење на ликвидноста на банката и на ликвидносниот ризик потребно е да се спроведува на дневна основа и во точно определени временски периоди, и треба да опфати планирање и следење на приливите и одливите на парични средства, воспоставување и одржување на соодветна рочна структура на активата (побарувањата) и пасивата (обврските) на банката, следење на изворите на средства и нивната концентрација, анализа на движењата во депозитната база и следење на стабилноста на истата, како и следење на утврдените интерни ликвидносни показатели и спроведување на стрес-тестирање.[36]

Во функција на управувањето со ликвидносен ризик, информативниот систем треба да овозможи и генерирање на податоци и за други сегменти од работењето на банката коишто можат да имаат влијание врз нејзината ликвидносна позиција, како што се:[36] по

  • датоци за квалитетот на активата, пред сè на кредитното портфолио
  • проекции на профитабилноста
  • ефектите коишто ги имаат новите производи и активности на банката врз нивото на ликвидносен ризик.

Во согласност со методологијата на НБРМ за управување со ликвидносен ризик, банките во Македонија се обврзани на месечна основа да изготвуваат и доставуваат до НБРМ стандардни извештаи за ликвидносен ризик, кои опфаќаат: извештај за договорна резидуална рочноста на активата и пасивата во денари, во девизи и на агрегатно ниво и извештај за очекуваната рочна структура на активата и пасивата, извештај за најголемите депоненти и нивото на концентрација, извештај за стапките на ликвидност до 30 и 180 дена, и извештај за интерните ликвидносни показатели.

Базелскиот одбор за супервизија на банки има пропишано клучни принципи за управување со ликвидноста, а во еден од тие принципи (Принцип 18) (BIS,2008) се нагласува потребата да управниот одбор редовно ги разгледува извештаите за ликвидносната позиција на банката, да биде итно информиран за новите или крупни ликвидносни проблеми, како на пример зголемувањето на трошоците за изворите на финансирање на банката, зголемувањето на концентрацијата на изворите на финансирање, зголемување на ликвидносниот јаз меѓу активата и пасивата на банката, исчезнувањето на алтернативните извори на ликвидност, значително и континуирано прекршување на ликвидносните лимити, пад на високоликвидните средства или промени во пазарните услови кои во иднина може да предизвикаат одредени проблеми. Управниот одбор треба да се осигура дека високиот менаџмент на банката навремено презема корективни акции за да се справи со настанатите проблеми.[37]

Стрес-тестирање[уреди | уреди извор]

Банката е должна, најмалку на годишна основа, да врши тестирање на ликвидноста во различни услови - стрес-сценарија, за да се утврди нивното влијание врз ликвидноста на банката, да се подготви банката за работа во вонредни услови, да се оценат можностите за раст на банката или да се утврди најдобриот извор за финансирање на новите активности/производи. Стрес-тестирањето претставува техника на управување со ризик што се користи за проценка на потенцијалното влијание на еден или повеќе внатрешни или надворешни фактори на ризик врз финансиската состојба и/или ликвидноста на банката. Стрес-тестирањето опфаќа сценарија коишто се специфични за банката (внатрешни фактори) и сценарија коишто произлегуваат од пазарните услови во кои работи банката (надворешни фактори). Покрај стрес-тестирањето на одделните сценарија, банката е должна да врши тестирање на ликвидноста со примена на комбинација на сценаријата.[34]

План за управување со ликвидносниот ризик во вонредни услови[уреди | уреди извор]

Банката е должна да развие План за управување со ликвидносниот ризик во вонредни услови. Банката е должна да врши периодично ревидирање на Планот за да се земат предвид промените во внатрешните и надворешните услови на работењето на банката.[34]

Соодветна ликвидност[уреди | уреди извор]

Заради одржување соодветно ниво на ликвидност, банката е должна најмалку:[20]

  1. да ги планира и да ги следи приливите и одливите на парични средства;
  2. да воспоставува и да одржува соодветна рочна структура на активата (побарувањата) и пасивата (обврските) на банката;
  3. да ги следи изворите на средства и нивната концентрација;
  4. да ги одржува стапките на ликвидност пропишани со оваа одлука; и
  5. да утврди и да следи интерни ликвидносни показатели.

Планирање и следење на приливите и одливите на паричните средства[уреди | уреди извор]

Банката е должна да ги планира и да ги следи приливите и одливите на паричните средства. Планирањето треба да ги вклучи сите видови тековни и идни (очекувани) приливи и одливи на парични средства, вклучувајќи ги и приливите и одливите врз основа на вонбилансните позиции на банката. Како очекувани приливи на парични средства се сметаат приливите врз основа на сите видови депозити, наплата на кредити, продажба на хартии од вредност, користење меѓубанкарски позајмици, приливи врз основа на вонбилансни позиции, приливи врз основа на финансиски деривати, како и сите други приливи со висок степен на сигурност. Како очекувани одливи на парични средства се сметаат одливите врз основа на одобрени кредити, купени хартии од вредност, давање меѓубанкарски позајмици, исплаќање депозити, одливи врз основа на вонбилансни позиции, одливи врз основа на финансиски деривати, како и сите други одливи коишто се очекува да настанат во периодот.[20]

Воспоставување и одржување соодветна рочна структура[уреди | уреди извор]

Банката е должна да ја следи рочната структурана активата и пасивата, од аспект на усогласеноста на активните и пасивните позиции според нивната договорна преостаната рочност. За следење на рочната усогласеност, банката ги распоредува приливите и одливите по одделни активни и пасивни позиции во соодветни временски периоди, и тоа: до седум дена, од седум дена до еден месец, од еден до три месеци, од три до шест месеци и од шест до дванаесет месеци. Во рочната структура се вклучуваат и приливите и одливите на банката врз основа на вонбилансните позиции и на финансиските дериватифинансиските деривати. Под договорна преостаната рочност на поединечните побарувања и обврски се подразбира преостанатиот период до нивната фактичка договорна рочност. Покрај следењето на рочната структура преку договорната преостаната рочност, банката е должна да ја утврдува рочноста на побарувањата и обврските и преку утврдување и следење на нивната очекувана преостаната рочност.[20]

Следење на изворите на средства и нивната концентрација[уреди | уреди извор]

Заради воспоставување соодветен систем за следење на своите извори на средства, банката е должна да го следи учеството на депозитите на најголемите депоненти и лицата поврзани со нив во нејзините вкупни депозити. Како најголеми депоненти се сметаат дваесетте депоненти на банката, коишто имаат најголемо учество на просечниот износ на нивните депозити, во просечниот износ на вкупните депозити на банката. Нивото на концентрација го претставува односот помеѓу просечниот износ на депозитите по видување и трансакциските сметкитрансакциските сметки на дваесетте депоненти на банката со најголемо учество во просечниот износ на вкупните депозити.[20]

Стапки на ликвидност[уреди | уреди извор]

Заради одржување соодветно ниво на ликвидност, банката е должна да ги пресметува и да ги одржува следниве стапки на ликвидност:[20]

  • стапка на ликвидност до 30 дена како однос меѓу средствата и обврските коишто достасуваат во следните 30 дена;
  • стапка на ликвидност до 180 дена како однос меѓу средствата и обврските коишто достасуваат во следните 180 дена.

Утврдување и следење на интерните ликвидносни показатели[уреди | уреди извор]

Банката е должна, во зависност од природата и одликите на финансиските активности коишто ги врши, во рамките на својата политика, да пропише еден или повеќе интерни ликвидносни показатели за следење на нивото на ликвидност и на изложеност на ликвидносен ризик, како и да одреди соодветни граници во кои можат да се движат тие показатели.[20]

Стратегии на управување со ликвидноста[уреди | уреди извор]

Управување со ликвидноста преку средствата[уреди | уреди извор]

Гледано историски, најстар пристап во обезбедувањето на потребите за ликвидност на банките е управувањето со ликвидноста преку средствата (asset liquidity management). Во рамките на оваа стратегија, банките ја обезбедуваат ликвидноста така што држат одреден износ ликвидни средства коишто, по потреба, ги продаваат и така ги претвораат во пари. Притоа, како ликвидни средства се сметаат оние што можат веднаш да се претворат во пари со најмала загуба во цената.[38] Ликвидноста која е управувана преку средствата може да се дефинира како можност брзо, лесно и со најниски трошоци средствата да се претворат во пари.[39]

Категории на ликвидна актива[уреди | уреди извор]

Поаѓајќи од структурата на активата, според степенот на ликвидност, може да се разликуваат следните категории на ликвидна актива:[40]

  • Примарна резерва
  • Секундарна резерва

Примарна резерва (primary reserve) , или уште позната како суперликвидна актива, која се состои од износот на парични средства во благајна и на сметката на банката над обврската за издвојување и користење на задолжителна резерва. Со овие средства, банката е во можност во секое време да одговори на обврската по основа на повлекување на соодветен износ депозити, или пак да ги стави на располагање одобрените кредити на своите клиенти.[40]

Секундарна резерва (secondary reserve), покрај примарната резерва влегуваат и оние позиции од активата кои лесно можат да се претворат во готовина, како што се: депозитите кај кореспондентните банки и хартии од вредност кои лесно можат да се продадат (благајнички записи на централната банка, сертификат за депозит на банките, комерцијални записи).[40]

Управување со ликвидноста преку обврските[уреди | уреди извор]

Пристапот на обезбедување на ликвидноста од позајмени извори е познат како управување со ликвидноста преку обврските (liability liquidity management). Во рамките на оваа стратегија, банката ги покрива проценетите потреби за ликвидност преку различни инструменти на домашниот и на меѓународниот пазар на пари, како што се: издавање потврди за депозити, склучување репо-договори или позајмување од други банки на меѓубанкарскиот пазар. Во продолжение, доколку банката има отежнат пристап на пазарот на пари, или пак, има итна потреба од ликвидност, како крајно решение во рамки на оваа стратегија на управување со ликвидноста се јавува можноста за позајмување од централната банка.[41]

Урамнотежено управување со ликвидноста[уреди | уреди извор]

Имајќи ги предвид недостатоците на претходните две стратегии во управувањето со ликвидноста, разбирливо е што најголем број банки ја применуваат стратегијата на урамнотежено управување со ликвидноста (balanced liquidity management), којашто претставува комбинација на управувањето со ликвидноста преку средствата и управувањето со ликвидноста преку обврските. Во рамките на оваа стратегија позната како управување со паричните средства (funds management), банката ги планира вкупните потреби за ликвидност и нив ги покрива од сите расположливи извори.[42]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. НБРМ, „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  2. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр. 325.
  3. Basel Committee on Banking Supervision (2000), „Sound practices for managing liquidity in banking organizations“, Basel, стр. 1.
  4. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 10.
  5. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр. 325
  6. Benton E. Gup and James W. Kolari, Commercial Banking: the management of risk, John Wiley & Sons, Inc., 2005, стр. 12
  7. 7,0 7,1 7,2 Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр. 296
  8. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 65
  9. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр. 296-297
  10. 10,0 10,1 Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр. 265
  11. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр. 265.
  12. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 15-16.
  13. Drehman, M. and Nikolaou, K. (2010), “Funding liquidity risk: definition and measurement”, BIS Working Papers No. 316.
  14. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 3.
  15. НБРМ, „Одлука за ликвидносниот ризик“
  16. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр. 296.
  17. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 177-178.
  18. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 178.
  19. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 178
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 20,5 20,6 „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  21. The Joint Forum: Basel Committee on Banking Supervision, International Organization of Securities Commissions, International Association of Insurance Supervisors (2006), “The management of liquidity risk in financial groups”, Working Paper, Bank for International Settlements Basel, Switzerland, May, p. 4.
  22. Vento, G.A. and La Ganga, P. (2009), “Bank Liquidity Risk Management and Supervision: which Lessons from Recent Market Turmoil?”, Journal of Money, Investment and Banking, Issue 10, July, pp. 78-125.
  23. Gray T.S. (2008), “Liquidity forecasting,Centre for Central Banking Studies”, Handbook No. 27, Centre for Central Banking Studies, Bank of England.
  24. Vento, G.A. and La Ganga, P. (2009). “Bank Liquidity Risk Management and Supervision: which Lessons from Recent Market Turmoil?”, Journal of Money, Investment and Banking, Issue 10, pp. 89.
  25. Matz, L. and Neu, P. (2007), Liquidity Risk Management. Singapore: John Willey and Sons (Asia).
  26. www.econ-pol.unisi.it (пристапено на 12.1.2017)[мртва врска]
  27. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 71-74.
  28. Basel Committee on Banking Supervision (2012), „Core Priciples for Effective Banking Supervision“. Basel: Bank for International Settlements.
  29. 29,0 29,1 М. Choudhry (2011), An Introduction to Banking, Liquidity Risk and Asset-Liability Management. Singapore: John Wiley and Sons, Ltd.
  30. BCBS, „Sound Practices for Managing Liquidity in Banking Organisations“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2000.
  31. BCBS ,„Principles for Sound Liquidity Risk Management and Supervision“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2008.
  32. BCBS, „Basel III: The Liquidity Coverage Ratio and liquidity risk monitoring tools“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2013.
  33. BCBS, „Consultative Document: Basel III: The Net Stable Funding Ratio“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2014.
  34. 34,0 34,1 34,2 34,3 34,4 „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на Република Македонија, бр. 126/2011.
  35. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр. 126/2011.
  36. 36,0 36,1 36,2 НБРМ, „Супевизорски циркулар бр. 6 - Управување со ликвидносниот ризик“. Скопје, 2004.
  37. Basel Committee on Banking Supervision, Principles for Sound Liquidity Risk Management and Supervision. Basel, 2008.
  38. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 194
  39. Berger & Bouwman, 2008
  40. 40,0 40,1 40,2 Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр. 326
  41. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 195
  42. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 196